7. Целосна апстиненција
ДВЕТЕ СТРАНИ НА МЕДАЛОТ
Докторот Марковски добил повик за итен случај. На одделението била донесена седумдесетгодишна госпоѓа во несвесна состојба. Кога стигнал лекарот, таа лежела во длабок сон. По краткиот преглед, лекарот сфатил дека нејзината состојба не е критична. Но, без оглед на тоа, таа не можела свесно да зборува. Лекарот морал да побара информации од некој друг. Во чекалницата се запознал со семејството на госпоѓа Марија. Откако влегле во амбулантата, нејзиниот син ја започнал трагичната приказна. Госпоѓа Марија била во добра здравствена состојба до пред неколку години. Тогаш почнала да го губи апетитот и да слабее, иако имала ситна градба. Нејзиниот лекар ѝ предложил секој ден пред јадење да испие по еден мал аперитив, кој ќе ѝ го стимулира апетитот. Марија никогаш порано во животот не пиела алкохол, но го послушала неговиот совет. Лекот бил многу успешен! Нејзиниот апетит се подобрил, но, за жал, на виделина излегол друг проблем. Всушност, апетитот кој најмногу го стимулирал аперитивот, бил апетит за алкохол. Во моментот кога е донесена во болница, госпоѓа Марија била во акутна пијана состојба.
АЛКОХОЛИЗМОТ ДЕНЕС
Според извештајот на институтот за јавно здравје на Р. Македонија, за 2017 г. искуство со алкохол во животот имале 65% лица на возраст од 15-64 години, како и 76% од лицата на возраст од 15-34 години. Највисок процент на лица кои користеле алкохол во текот на животот е кај возрасната група од 25-34 години (76,9%). 70,4% од мажите и 56,6% жени на возраст од 15-64 години користеле алкохол во текот на животот. Статистичките податоци за 2015 и 2016 г. откриваат дека над 60.000 луѓе се алкохоличари, а 300.000 имаат проблеми со алкохолот и покажуваат знаци на алкохолна зависност.
Според податоците на Европскиот проект за истражување на употребата на алкохол и дроги во училиштата (ЕСПАД), 57 отсто од учениците во Македонија имале искуство со алкохол во животот. Во текот на последните 12 месеци, кај возрасната група 15-64 години 53,1% пијат 1-3 пијалаци во една прилика, 25,3% пијат 4-6 пијалаци во една прилика, додека 9% пијат 7-10 пијалаци во една прилика.
Годишната потрошувачка на алкохол во Европа е 12,1 литар, а според извештајот на Светската здравствена организација од 2015г. во Македонија годишно се пијат 5,7 литри алкохол – 50% од тоа отпаѓа на пиво, 40% на вино, а 10% на жестоки пијалаци.
Очекуваниот живот на алкохоличарот е 10-12 години пократок од остатокот на населението.
Поимот „умерена употреба на алкохол“ го означува дневното внесување на количеството, кое за мажите до 65 години е до еден дефиниран пијалак.
МИТОВИ ВО ОДНОС НА УПОТРЕБАТА НА АЛКОХОЛОТ
Различните совети, верувања и митови врзани се за употребата на алкохолните пијалаци. Некои се стари и по илјадници години, а многу од нив се актуелни и денес. Познати ни се уметничките прикази на грчките прослави и оргии во чест на Дионис, богот на виното. Хамураби во својот законик го одредува начинот на производството на пиво. Хиероглифските записи на пирамидите укажуваат на потребно внимание при консумирањето пиво и можноста од опијанување. Три илјади и петстотини години стариот библиски запис содржи совети од мудриот Соломон: „Кому: оф? Кому: леле? Кому расправија? Кому викање? Кому рани низашто? Кој е црвен во очите? Кои седат крај виното, кои одат и бараат растворено вино. Не гледај во виното кога се румени, кога чашата го покажува своето вистинско лице и сега излегува. На крајот, како змија ќе те гризне и како аспида ќе те испече. Очите твои ќе гледаат на туѓи жени, и срцето твое ќе зборува наопаку“ (Мудри изреки Соломонови 23,29-33).
Познатиот руски книжевник Лав. Н. Толстој држи до тоа дека „причината за многу несреќи лежи на дното од винската чаша“.
Меѓутоа, во поново време, се воспостави мислењето дека употребата на виното и пивото не е ни одблиску толку штетно како што е консумирањето на жестоките пијалаци. Меѓутоа, тоа не мора да биде вистина. Стариот Соломон бил наполно во право – и најобичното вино може да биде како „змија“!
Всушност, штетните последици од алкохолот повеќе зависат од количеството на самиот етанол (алкохолот) кој е внесен во телото отколку од видот на пијалакот кој е испиен. Поради тоа, денес во научните кругови воопштено го изразуваме внесувањето на алкохолот со бројот на испиени „пијалаци“, со тоа што еден пијалак содржи 12-15 мл чист алкохол. Еден пијалак е мерка за 3,6 дл пиво; 1,5 дл вино; 0,45 дл жесток пијалак. Значи, ефектот на употребата на алкохолните пијалаци се мери со количеството на внесениот етанол, а не со видот на пијалакот.
Оние кои пијат алкохолни пијалаци секогаш тврдат дека нема ништо лошо во таквата навика бидејќи „одвреме-навреме пијат во мали количини“. Меѓутоа, негативните последици од консумирањето алкохол по здравјето не се појавуваат само кај тешките алкохоличари, туку многу почесто се јавуваат кај лицата кои одвреме-навреме ќе испијат некоја чашка повеќе алкохол, бидејќи такви лица има многу повеќе од оние од првата група.Иако постои поим „умерена“ употреба на алкохол, со напредокот на науката сè повеќе сме свесни колку е тешко да се дефинира острата граница меѓу безопасното и штетното.
ПРИВЛЕЧНОСТ И ГЛАМУР?
Доколку им се верува на рекламите, различните видови алкохол го прават корисникот попривлечен за спротивниот пол, го подобрува неговиот општествен статус и му внесува магија и сјај во и онака здодевниот живот. И какво и да е нашето мислење за алкохолот, со него се прославува доаѓањето на новороденото дете на свет, сите важни настани и моменти во текот на неговиот понатамошен живот, како и искажување почит кон умрените.
Друга, не толку мила и помалку нагласувана страна на истиот медал покажува наполно поинаква слика. Имено, алкохолот е одговорен за околу 50% од убиствата, 25% од силувањата, 80% за криминал, 78% за напади и 83% за ситуации во кои се нарушува мирот. Истовремено, 8,4% од сите болести во Европа се директна последица од консумирањето алкохолни пијалаци.
Иако, денес сме повеќе од секогаш бомбардирани со слики од елегантни чашки како симбол на префинетост и општествен статус, од научна страна ни е наполно јасно дека уживањето на алкохолни пијалаци е многу штетно, особено во поголеми количини. Листата на можни штетни последици од таквата навика е долга, а секојдневно се вршат нови истражувања кои ја продолжуваат таа листа.
ШТЕТНИТЕ ДЕЈСТВА И МОЖНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД УПОТРЕБАТА НА АЛКОХОЛОТ
Зависноста од алкохол предизвикува неброени социјални проблеми: неадекватно извршување на родителските должности, брачни проблеми, развод, насилство и различни видови злоупотреби внатре и надвор од семејството, отсуство од работа, напуштање на децата, вонбрачни деца, убиства и самоубиства…
Физичките и психичките болести и состојбите кои се поврзани со употребата на алкохолот се следните: цироза на црниот дроб, варикозитети на хранопроводот, гастроезофагеален рефлукс, алкохолен хепатитис, воспаление на панреас, гастритис, чир на желудникот, опаѓање на имунитетот, поголем ризик од заболување од сида и многу видови тумор, туберкулоза, зачестени воспаленија на бели дробови, зголемен крвен притисок, зачестени мозочни удари и срцеви заболувања, зголемување на холестеролот и триглециридите, намалени витамини и минерали, хроничен замор, кетоацидоза, остеопороза, гихт, анемија, болни менструации, намалување на тромбоцитите, слабеење на сексуалните функции, дебелеење, опаѓање на критичноста и моралноста, можен ступор и кома, труење и смрт, периферна невропатија, атрофија на мозокот, пропаѓање на малиот мозок, разни душевни болести, повреди како резултат на сообраќајни несреќи, епилептични напади, делириум тременс, слабеење на меморијата, намалување на способностите за учење, оштетување на фетусот…
Да се осврнеме сега накратко кон некои од болестите чие настанување можеме да го намалиме по пат на оваа дописна школа- на кардиоваскуларните и канцерогените болести. Ајде да погледнеме колку важен фактор е воздржувањето од алкохол на патот кон процутот на нашето здравје.
АЛКОХОЛОТ И КАРДИОВАСКУЛАРНИТЕ БОЛЕСТИ
Употребата на алкохолни пијалаци го зголемува ризикот од хипертензија. Колку повеќе алкохол внесувате, вашиот крвен притисок се стреми кон поголеми вредности. Високиот притисок сам по себе е важен фактор за ризик од инфаркт на срцето и мозочен удар. Меѓутоа, кога би го занемариле тоа дејство, алкохолот и преку другите механизми во нашето тело го зголемува ризикот од доживување на такви смртоносни состојби. Алкохолот и при умерена употреба го зголемува количеството на триглицеридите (видови маснотии) во крвта, а тоа е уште еден фактор на ризик од заболување од атеросклероза и нејзините споменати последици.
До неодамна се зборуваше за тоа како алкохолот го зголемува ризикот од добивање хеморагичен мозочен удар, додека умереното внесување на алкохолот го намалува ризикот од исхемискиот мозочен удар. Денес со сигурност знаеме дека лицата кои се воздржуваат од употреба на алкохол се многу позаштитени од двата вида мозочен удар.
Алкохолот е непосредно поврзан и со настанокот на неколку тешки срцеви болести, како што се кардиомиопатија (20-30% од случаите на кардиомиопатија во САД се предизвикани од употребата на алкохол) и некои срцеви аритмии.
По анализата на сите докажани фактори во врска со алкохолот и кардиоваскуларните болести, заедничкиот став на стручњаците од Светската здравствена организација и Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации гласи:
„Иако редовната употреба на алкохол во мали количини во некои случаи може да биде заштита од коронарните болести на срцето, останатите кардиоваскуларни и здравствени ризици до кои води таквата навика не дозволуваат општа препорака тој да се консумира“.
АЛКОХОЛОТ И РАКОТ
Алкохолот на уште погубен начин влијае во нашиот организам. Многу испитувања укажале на тоа како умерената употреба на алкохолот го оштетува имунолошкиот систем. Доколку испиете и само два пијалака дневно, дури и тоа количество етанол може да го оштети дејствувањето на Б-лимфоцитите и способноста за создавање антитела. Но, уште поштетно во оваа приказна е тоа што алкохолот го отежнува дејствувањето на НК-клетките кои, според денешните сознанија, се најзначаен дел од имунолошкиот систем во борбата против ракот. Истражувањата спроведени врз животните покажале дека нивното подложување на внесување алкохол влијае за зголемено метастазирање (ширење на болестите на ракот во организмот). Тоа се случува затоа што алкохолот во нив ги оштетува НК клетките.
Кај луѓето научно е докажана поврзаноста меѓу употребата на алкохолот и зголемениот ризик за добивање рак на устата, ждрелото, гркланот, хранопроводот, црниот дроб, дојките и дебелото црево. Освен тоа, студиите покажуваат дека умереното консумирање алкохол само со речиси 3-4 чаши пиво или вино неделно може да ја зголеми можноста за добивање рак на дојка и дебело црево.
ДАЛИ „УМЕРЕНОТО“ Е ПРЕПОРАЧЛИВО?
Иако алкохолот прерано на луѓето им ги одзема годините и квалитетот на животот, и без оглед на тоа што примерот на госпоѓа Марија не е осамен, сè уште е популарно да се зборува за „умерената“ употреба на алкохолните пијалаци како корисна навика. Верувам дека и самите многупати сте слушнале или сте читале изјави дека треба умерено да се пие црно вино, и дека тоа е здраво за срцето.
Претпоставуваме дека тогаш сте се запрашале дали тоа може да биде вистина кога истовремено поради алкохолот настануваат толку големи проблеми? Што да се каже за пиењето вино во „умерени количини“? Дали тоа е, навистина здрава, безопасна и корисна навика? И од каде е идејата за таквата изјава?
ФРАНЦУСКИ ПАРАДОКС
Пред десетина години група епидемиолози од САД во своите истражувања уочиле занимливост која набргу потоа е наречена француски парадокс. Споредувајќи ги статистичките податоци од различни народи, дошле до заклучок дека Французите заболуваат од коронарни болести значително помалку од жителите на нивната земја, иако позачестено консумираат некои нездрави прехранбени продукти.
Во споредба со Американците, Французите јадат 3,8 пати повеќе путер, 2,8 пати повеќе свинска маст, имаат повисоко ниво на холестерол во крвта, повисок крвен притисок, пијат повеќе црно вино и имаат ист процент на лица кои пушат и лица со преголема тежина меѓу популацијата. А, од друга страна, консумираат сразмерно мали количини млеко и млечни производи, јадат многу овошје и зеленчук и како резултат на сето тоа многу малку умираат од инфаркт на срце.
Поголемата потрошувачка на маснотии, високиот крвен притисок, како и холестеролот во крвта кај Французите наведува на заклучок дека тие треба да имаат и поголем процент на смртност од срцев инфаркт. Но, како што веќе кажавме, вистината е спротивна. Французите умираат многу помалку од Американците од таа болест. Бидејќи и двете нации имаат приближно еднаков процент на дебелина и пушење, истражувачите заклучиле дека црното вино кое Французите го пијат во обилни количини дејствува заштитно на нивните крвни садови и на срцето.
ПОДЕТАЛЕН ПОГЛЕД
Ако ја погледнеме малку подетално таа студија, ќе сфатиме дека Французите имаат и некои други карактеристики во исхраната кои се разликуваат од американските. Тоа се должи, пред сè, на употребата на мали количини млеко и млечни производи. Тој податок во медиумите главно се премолчува. Но, сепак, потребата од тие производи е важен фактор кога се во прашање срцевите болести. Иако во четвртата лекција споменавме дека, доколку ја споредиме потрошувачката на млечните производи со умирањето од кардиоваскуларни болести, можеме да заклучиме дека стапката од тие болести е толку поголема колку што е поголема и нивната потрошувачка!
Тоа важи и за Франција со помала потрошувачка на млеко, помала е и смртноста од срцевиот инфаркт.
Пред малку споменавме уште една особеност во исхраната на Французите: нивната сразмерно висока потрошувачка на овошје и зеленчук. Тие производи изобилуваат со заштитни фактори против споменатата болест и таа нивна навика многу позитивно влијае на нивното здравје. И тој важен податок инаку не се наведува.
А постои и трет фактор за кој ретко се зборува во овој контекст – научните податоци добиени од опсежните истражувања спроведени во Калифорнија, а се извршени на верниците од Црквата на адвентистите на седмиот ден. Тоа луѓе се по свој избор непушачи, во голем дел вегетаријанци, а освен тоа не пијат ниту вино, ниту пак каков било друг алкохол. Со таков здрав начин на живот и исхрана, тие имаат далеку помал процент на заболувања од инфаркт на срцето не само во однос на американскиот просек, туку и од самите Французи.
ЦРНОТО ВИНО И СРЦЕТО
Сепак, мораме да се вратиме на претходно поставеното прашање – дали црното вино, кое Французите толку го пијат, има одредено влијание врз здравјето на срцето?
По деталните истражувања, одговорот е потврден. Постои одредено заштитно дејство на црното вино. Но, пред да донесеме конечен заклучок, да го слушнеме и продолжението! Освен алкохолот, виното во себе содржи и многу други состојки. Имајќи го тоа предвид, д-р Демроу со колегите од Универзитетот Висконсин се решил на изведување опит кој директно ќе му одговори на прашањето која состојка во црното вино има заштитно дејство. Неговите резултати го расветлиле значењето на францускиот парадокс. Тие научници зеле 47 кучиња и ги подложиле на операции при што вештачки им ја оштетиле и скратиле срцевата артерија и на тој начин создале состојба слична на оние лица кои страдаат од ангина пекторис. Кај тие кучиња во одреден момент, кога ќе се создаде згрутчување во оштетените крвни садови, доживувале благи срцеви инфаркти.
На првата група кучиња, покрај класичната храна, им давале црно вино, а на другата бело вино, а на третата група и давале сок од грозје. Количината на пијалаците што им е давана била еднаква на еквивалентот на една просечна чаша. Мерејќи го протокот на крвта кај кучињата, заклучено е дека црното вино и сокот од грозје содржат одредени состојки кои го подобруваат протокот на крв, за разлика од белото вино кај кое таквото дејство изостанало. Сфатено е дека алкохолот сам по себе не може да биде таа заштитна материја, бидејќи кај белото вино, кое исто така содржи алкохол, тој позитивен фактор изостанал, додека безалкохолниот сок од грозје ја подобрувал циркулацијата на крвта.
Со денешните истражувања е докажано дека фитохемикалиите од групата флавоноиди го заштитуваат срцето. Меѓу нив посебно се истакнува кварцетинот. Тој вид флавоноид го среќаваме во црното грозје, црниот сок од грозје и црното вино. Меѓутоа, постојат и други производи кои исто така ги содржат тие скапоцени материи: јаболката, вишните, јагодите, боровинките, целерот, коренестиот зеленчук, лукот и житата. Дејството на флавоноидите е повеќекратно: тие ја спречуваат оксидацијата на ЛДЛ холестеролот, тие се посилни оксиданси дури и од витаминот Е, го намалуваат соединувањето на тромбоцитите и како резултат на сето тоа го намалуваат ризикот од заболување и умирање од коронарни болести.
Значи, црното вино заштитно влијае на срцето поради состојките во самото грозје од кое се прави виното. Истите состојки, во уште поздрав облик, можеме да ги добиеме од оригиналните плодови (во свеж или сув облик) или од безалкохолниот сок.
ПОДОЦНЕЖНИ СТУДИИ
По овие студии уследиле и многу други истражувања. Пронајдени се заштитни материи со поинакво дејство за заштита на срцето, како што е резвератрол што го има во белото грозје. Одредени студии го застапуваат ставот за заштитното дејство на самиот етанол. Германците во своите истражувања им се спротивставуваат на Французите со ставовите дека консумирањето пиво е подобра заштита за срцето отколку консумирањето црно вино.
Од друга страна, сè повеќе се докажува дека умереното внесување на етанолот придонесува за развој на многу од претходно споменатите болести.
Но, без оглед на сите тие научни резултати, мораме да бидеме свесни на фактот дека вистинските животни искуства, какво што е на Марија, сведочат дека умерената употреба на алкохолните пијалаци често и лесно може да премине во претерана употреба! Се проценува дека околу 15% од лицата кои консумираат мали количества алкохол, кога-тогаш ќе станат алкохоличари, со сите проблеми кои ги предизвикува таквата состојба.
Кога научниците ќе го земат предвид данокот што го плаќаат корисниците на алкохол, тие не можат лесно да ја препорачаат неговата умерена употреба, дури ни ако е во прашање благотворното дејство на срцето. Всушност, доколку се точни тие истражувања кои тврдат дека и самиот етанол има одредено благотворно влијание на срцето, тогаш како можат да се оправдаат препораките за консумирање на какви било количества од таа материја кога знаеме дека таа потенцијално може да создаде силна зависност и да им нанесе големи оштетувања на другите органи.
СТАВОТ НА НАЈГОЛЕМИТЕ
Многу водечки светски организации кои се занимаваат со здравјето чувствуваат потреба за јасно определување на ставовите за тоа прашање.
Американскиот национален институт за злоупотреба на алкохолот и алкохолизмот вели: И најмало количество алкохол не е наполно безбедно за употреба ниту во еден момент, ниту за кој било поединец.
Американскиот совет за наука и здравје вели: Постојат ситуации при кои е строго забрането консумирањето алкохол во организмот: пред управување со какво било возило или машина, пред пливање, нуркање, скијање и слични активности во кои е потребна голема концентрација и внимание. Освен тоа, постојат и здравствени причини кои бараат целосно воздржување: лицата кои порано биле зависници од алкохол или имаат таков случај во семејството, лицата кои не можат да се воздржат и да бидат умерени; трудниците и жените кои планираат да забременат, како и лицата кои земаат лекови чие дејство се менува под влијание на алкохол.
Потенцијалното „благотворно“ дејство на алкохолот кај средовечните и постарите лица може да се постигне при внесување на половина од стандардниот пијалак (0,7 дл вино или 1,8 дл пиво) дневно. Поголемите количини воопшто не обезбедуваат подобра заштита, туку заштитното дејство на алкохолот притоа исчезнува!
Кај мажите помлади од 40 години и кај жените до менопауза не е докажано никакво заштитно дејство на алкохолот.
Секако, евентуалното благотворно и заштитно дејство се однесува само на коронарна болест! Но, бидејќи умереното консумирање алкохол предизвикува други здравствени ризици, никој не би требало да користи алкохол од здравствени причини. Оние кои ќе се одлучат за најдобриот избор – целосна апстиненција – можат уште подобро да го заштитат своето срце на многу поздрави начини.
СЕПАК, ФРАНЦУЗИТЕ СЕ ДОБАР ПРИМЕР
Доктор Ранкин и Ешли, кои во текот на своите испитувања ја споредувале потрошувачката на алкохол во дваесет и четири земји на Северна Америка и Европа, дошле до едно интересно откритие. За временски период од 1950 до 1985 година во тие земји потрошувачката на алкохол речиси двојно се зголемила. Всушност, до зголемување на потрошувачката на алкохол дошло во сите земји, освен во една. Погодете која е исклучок? Да, токму Франција, земјата чиј пример најчесто се зема како оправдание за употребата на алкохолните пијалаци. Но, таа е и земја чии жители ја сфатиле тежината на проблемот што им го носи алкохолот и земја во која се спроведени енергични мерки за намалување на потрошувачката на алкохол. И тоа се тие мерки кои довеле до толку успешен резултат.
Впрочем, иронично е како оние лица кои од прва рака се соочуваат со дејството на етанолот го сметаат алкохолот за проклетство, додека оние кои гледаат оддалеку ги идеализираат неговите благодети.
НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК…
Замислете си како еден татко влегува со својот петгодишен син во продавница со домашни миленици и егзотични животни. Бидејќи тоа му е син единец кој одвреме навреме се чувствува осамено, татко му решава да го изненади со нов пријател по негов избор. Детето веднаш се одушевило. Тоа ќе биде најдобриот роденденски подарок што некогаш го добил! Поминувајќи покрај кафезите со различни животни, детето нерешително се загледувало во мачките, кучињата, папагалите и рипчињата… Тогаш, во делот со егзотични животни здогледува жапче со прекрасни бои. Веднаш се заљубува! Но, за жал, продавачот почнал да објаснува дека тоа не е милениче за деца. „Амазонката е навистина убава, но доколку ова отровно жапче те гризне, може да биде премногу опасно. Парализа… гангрена…“ Детето веќе ништо не слушало. Го сака жапчето и само него! Му се допаѓа и само тоа го сака. „Тато, те моооооолам…“ Татко му останал затекнат. Што да стори сега? Но, детето не попушта. И на крајот размислувајќи само за тоа како на неговиот син му е потребно друштво, на големо изненадување на продавачот, тој ја купува шарената жаба.
Што би кажале за таков татко? Не сме ли и ние некогаш како него? За да ја задоволиме својата желба за вино или пиво, правдајќи се дека тоа ќе биде „здраво за срцето“, смирувајќи ја на тој начин својата совест и не размислувајќи за другите, често кобни последици, се препуштаме на краткорочното уживање.
Но, зар не би било попаметно да се избере маче, куче, рипчиња наместо опасна жаба? Нели е подобро да се усвојат здравите навики како што е правилната исхрана, вежбањето и пиењето чиста вода, кои би ни донеле поголема полза без никакви опасности? Зошто со потенцијално опасниот етанол се обидуваме да ја поправиме штетата која често ја правиме со консумирање на тешки мрсни оброци или со состојките на цигарите? Дали изразот „добро за срце“ е само израз на незнаење, оправдување и смирување на совеста поради премногу милата навика од која тешко можеме да се откажеме?
Да се потсетиме: никој никогаш не докажал дека лицето кое живее здраво има каква било полза и од најмало количество алкохол! Научниците воопштено се согласуваат дека никој не треба да почне да пие алкохол во каков било облик за да има поздраво срце. Постојат многу поефикасни начини да го заштитиме својот кардиоваскуларен систем, а истовремено и сите останати органи на телото.
Затоа, паметно да бираме и да го отфрлиме она што е штетно за нас и она што не било првобитно наменето за нашата исхрана.
Од друга страна, да уживаме во вкусните и здрави плодови на природата кои се создадени за наше добро и кои нè водат кон процутот на нашето здравје. Донесете добра одлука во текот на овој курс и намалете го, или уште подобро, изоставете го пиењето алкохолни пијалаци. Размислете за тоа, храбро поставете си висока цел, решете се и тргнете. Вашата добивка ќе биде многу поголема од откажувањето! Многумина пред вас успеале! И вие можете тоа да го сторите!
ИЗВОРИ
Министерство за здравство, Национална стратегија на Република Македонија за превенција и контрола на незаразните болести, Скопје 2009 г.
Prof. dr. sci. V. Thaler i sar. „Како да бидеш мудар и да одлучиш да не пиеш?“
WHO; Food and Health in Europe, стр. 9,12
Dr. Neil Nedley, „Proof Positive“, стр. 430, 432,442
WHO Geneva 2003: „Diet, Nutrition and the Prevention of Cronic Diseases“; Report of a Joint WHO/FAO expert consultation; стр. 90,101
Dr. M. Irwin et al. „Major Depressive Disorder, Alcoholism, and Reduced Natural Killer Cell Cytotoxicity“, Archives of General Psychiatry, кн. 47, br. 8
Phillips R. L. et al. „Coronary Heart Disease Mortality Among Seventh-day Adventist With Differing Dietary Habits:a Preliminary Report“, AJCN; 1978. стр. 191-198.
Dr. Demrow, H. S. et al. „Administration of Wine and Grape Juice Inhibits in Vivo Platelet Activity and Thrombosis in Stenosed Canine Coronary, Circulation“,15.1995. 91:1182-1188.
American Council on Science and Health, „Moderate Alcohol Consumption and Health“, стр 6, 22.