3. Исхраната во служба на здравјето – 1. дел

3. Исхраната во служба на здравјето – 1. дел

ВАЖНОСТА НА ПРАВИЛНИОТ ИЗБОР

Храната е тема за која многу се пишува и зборува, и која речиси на сите ни е драг и значаен составен дел од животот. Секој ден весниците, списанијата, радиоемисиите и телевизиските програми нè бомбардираат со шарени слики на јадења и пијалаци кои нè привлекуваат, како што се пици, колачи, чоколади, газирани и алокохолни пијалаци, или нè информираат за најновите научни откритија во врска со стекнувањето прехранбени навики во служба на убавината и здравјето.

Неколкупати дневно секој од нас чувствува глад и престанува со останатите активности со кои се занимава во моментот, за да ја задоволи својата потреба за храна. Повеќето луѓе одвреме-навреме си го поставуваат прашањето: „Дали храната што ја јадам е корисна за мојот организам?“ или пак се прекорувате: „Тоа не ми требаше, подобро да не го изедев тоа!“

Ако сте доживеале 65 години и сте живееле во донекаде нормални животни услови, вие во текот на својот живот сте изеле повеќе од 70000 оброци или повеќе од 50 тони храна. Последиците од земањето на тие огромни количества различни продукти, кои вашето тело ги преработило, неизбежно ќе се јават порано или подоцна. Доколку знаете на што треба да обрнете внимание, сигурно ќе ги почувствувате многу пред да ја доживеете пензијата.

Правилниот избор на продукти за секој човек е од непроценлива важност. Би било многу тешко ако се претера во нагласувањето на значењето за мудро испланирана исхрана. Доколку сакате да уживате во здравјето, една од најдобрите одлуки која можете да ја донесете, секако, е освојувањето на првокласни прехранбени навики.

ЗОШТО ЈАДЕМЕ?

ХРАНАТА КАКО ПРЕВЕНЦИЈА ОД БОЛЕСТИТЕ

Здравата исхрана е мошне значајна и од неа зависи доброто здравје и долговечноста на човекот. Бидејќи во составот на овој курс го обработуваме спречувањето на кардиоваскуларните и канцерогените болести, ќе се задржиме на значењето на правилната исхрана и постигнувањето на оваа цел.

Според заклучоците што ги изнеле експертите на Светската здравствена организација врз основа на низа научно докажани факти, правилниот начин на исхрана може да го спречи развојот на кардиоваскуларните болести (инфаркт на срце, мозочен удар) во најмалку од една третина случаи, а најмалку толку случаи за појава на рак сигурно се предизвикани од неправилна исхрана.

Во 2004 година СЗО ги објавила следниве податоци: „Се проценува дека 30-40% од сите причинители на рак се поврзани со прехранбените навики. Научните факти докажуваат дека исхраната сигурно е важна при развојот на ракот на белите дробови, дебелото црево, ждрелото и желудникот. Постои и значајна поврзаност со појавата на рак на дојката, а резултатите на некои истражувања укажуваат дека и појавата на ракот на црниот дроб и на грлото на матката зависат од начинот на исхрана“.

Освен споменатите болести, погрешниот избор на прехранбени производи влијаат и на многу други состојби кои го нарушуваат доброто здравје. Затоа улогата на правилната исхрана и одржувањето на здравјето е мошне значајна!

Сепак, причините според кои ние се раководиме при изборот на прехранбени производи главно се од поинаква природа.

Пред да продолжите со читањето, обидете се за момент да одговорите на прашањето: „Зошто јадеме?“

Постојат различни одговори на тоа прашање, но кој одговор вам прво ви падна напамет? Дали е: Затоа што на моето тело му е потребно? За да имаме доволно енергија или за да го зачуваме здравјето?

Не, најчестиот одговор е: „Затоа што уживам во тоа“. А уживањето е толку големо што малкумина би биле подготвени да се откажат од храната кога би можеле да живеат без таа навика.

Една португалска поговорка вели: „Каде владее умот, апетитот слуша“. Или, сакам да живеам само за да го задоволувам својот апетит, туку ќе пронајдам поголеми цели во животот, а ќе јадам за да можам поквалитетно да живеам. Ќе го научам моето тело да ужива во она што е здраво.

Колку е убаво што сме создадени со способноста да можеме да чувствуваме вкусови и мириси и што нашата храна е толку вкусна и ароматична и ни пружа големо задоволство во животот. Но, и кога не би уживале во храната, пак би требало да јадеме бидејќи улогата на исхраната е многу поширока и позначајна од самото задоволување на нашиот апетит.

УЛОГАТА НА ИСХРАНАТА

Разновидноста на составните делови на нашите прехранбени производи ни овозможува разновидни улоги на самата исхрана. Храната која ја земаме, го гради нашиот организам и ни служи како извор на енергија за сите активности со кои се занимаваме. Нашето тело од околината зема воздух, вода и храна, но преку храната се остварува најсилното заемно дејство меѓу нас и природата. Што се случува со сите оние тони производи што ги внесуваме во нашиот организам?

Додека животот поминува, ние од година во година го задржуваме приближно истиот изглед (не земајќи ги предвид постепените промени кои настануваат со стареењето). Но, иако не сме свесни за тоа, на секои неколку години, градбата на нашето тело целосно се менува. Ако не ги сметате одредените клетки кои се рециклираат или други кои се фатени во стапица со фиброза или со работата на нашиот одбранбен систем, вие најверојатно во себе немате ниту една клетка која има еднаков состав на молекули од пред неколку години. Се проценува дека во период од околу седум години се менува целокупната телесна маса – а тоа чудо се случува благодарение на храната што ја јадеме и механизмите на нашето тело кои знаат да ги искористат нејзините состојки на вистински начин.

Покрај тоа, сите телесни функции – размислувањето, помнењето, движењето и сите други сложени функции на нашиот организам се одвиваат благодарение на различните споеви во нас – ензимите, хормоните, гените, невротрансмитерите и илјадниците други чудесни материи – а сите тие, пак, се произведени од состојките на храната што ќе ја изедеме!

ПРИЧИНИ СО КОИ ИСПИТАНИЦИТЕ ГИ ОБЈАСНУВААТ СВОИТЕ НАВИКИ ВО ИСХРАНАТА

  • Лично задоволство – Ја јадам храната која ја сакам.
  • Навика – Го јадам она што ми е познато и кое отсекогаш сум го јадел.
  • Tрадиција – Тоа е храната што ја јаделе моите дедовци и баби.
  • Општествен притисок – Не можам да го одбијам тоа што ми се нуди.
  • Достапност – Немам голем избор.
  • Исплатливост – Брзо и лесно се спрема.
  • Економичност – Евтина е, и одговара на моите финансиски можности.
  • Позитивни асоцијации – Луѓето кои ги ценам го јадат тоа, таа храна укажува на одреден статус или ме потсетува на моментите на забава.
  • Емоционални потреби – Се чувствувам подобро кога ја јадам таа храна.
  • Вредност или вреднување – Производите кои се вклопуваат во мојата религија, политички ставови или со кои ја почитувам етиката на околината.
  • Хранливи вредности – Мислам дека таа храна е здрава за мене и ги задоволува моите потреби.

ПОВЕЌЕ ОД ТОА

Познатите хранливи состојки и споменатите улоги во нашето тело се навистина бројни. Меѓутоа, ние преку исхраната добиваме многу повеќе отколку само протеини (белковини) и витамини, енергија за живот и градежен материјал за раст. Уште во 1986 година, д-р Мур објавил статија во стручното списание на Американското диететско здружение за девојче, кое поради тешките цревни проблеми е хрането со инфузија. Иако на тој начин на девојчето му е давана најдобрата позната смеса хранливи материи, кај неа се развивале различни дефициентни состојби. Од медицинска страна е направено сè за да се надоместат недостатоците. Но, девојчето и понатаму не било добро – едноставно сакало да јаде. Бидејќи поради болеста на цревата храната не смеела да поминува низ нив, единствен начин за да се задоволи таа нејзина желба било вградување на цевче во дигестивниот систем над заболениот дел. Низ тоа цевче излегувала целата храна што ја јадела во устата. Со таквата „исхрана“, за чудо, нејзината состојба се подобрила. Очигледно е дека храната имала необјасниво позитивно влијание врз нејзиното емоционално и психичко здравје – ѝ се вратиле не само насмевката и задоволството туку и изгледот на кожата и косата, како и румената боја на образите покажувале дека нејзината состојба навистина се подобрила. Причината за таквата реакција дотогаш била сосем необјаснива за лекарите. Нешто подоцна истражувањата покажале дека слузницата на дигестивниот тракт, кога е стимулирана со присуството на храна, лачи одредени хормони. Тие, пак, го регулираат одржувањето на телесните процеси и дејствуваат на мозокот поттикнувајќи ги чувството на ситост и задоволството кое се јавува по оброкот.

Но, тука не е крајот на приказната. Храната не ни ги пружа само важните состојки, чувството на задоволство, ситост, а понекогаш и утеха, туку е и израз на нашата култура, на нашата животна филозофија и верувањата.

Проучувањата на правилата за здрава исхрана можат да го подобрат не само нашето телесно, туку и психичкото здравје. Кога човек ќе сфати кои состојки се најдобри за консумирање, тој може да го испланира начинот на исхрана, оброците и изборот на прехранбени продукти. Тоа секако ќе го подобри неговото телесно здравје, но таквиот мудар избор едновремено ќе ги отфрли неговите стравови во врска со исхраната, како и чувството на загриженост и грижа на совеста поради евентуални грешки. Со самото тоа, личноста која постапува така ќе може повеќе да ужива во своите оброци и сето тоа ќе ја услови и нејзината психичка благосостојба.

ИЗБОР ВО ПРАКТИКА…

Прехранбените производи што ќе ги избереме, мораат донекаде да одговараат на нашиот вкус, на нашата особеност, семејството, културната традиција, начинот на живот, но и на нашиот паричник. Во најдобар случај, оброците во кои уживаме истовремено го градат нашето тело и здравјето на најдобар начин.

Знаете ли како сево ова практично да го задоволиме? Веројатно во минатите векови сето тоа било многу полесно. Ајде да се сетиме како луѓето се хранеле во минатото. Не е потребно да одиме многу далеку – во Стариот Египет, Стара Грција или во средниот век. Ако го погледнеме не толку далечниот живот на нашите баби и дедовци, верувам дека би се согласиле дека основата на нивната храна се состоела од житарици, кои ги вареле или од нив печеле црн или пченкарен леб; мешунки, овошје, зеленчук, јаткасти плодови, млеко и млечни производи во ограничени количини и понекогаш месо или риба. Сето тоа во целост се интегрални, нерафинирани продукти.

Меѓутоа, храната што му е достапна на современиот човек денес е сосем поинаква. На недоброј полици во разни продавници можеме да најдеме многу различни кутии полни со преработени основни продукти. Така современата домаќинка повеќе не подготвува здрав леб од цело зрно, туку купува различни печива кои мораат да бидат што побели и помеки (со самото тоа и посиромашни со хранливи состојки, а побогати со вештачки додатоци). И колку поголема разновидност на прехранбени продукти има на пазарот, сè потешко е да се изберат оние кои навистина ќе ги задоволат потребите на нашето тело, без попатни можни штети по нашето здравје.

Нема да живеам само за да го задоволам својот апетит, туку ќе поставам повисоки цели во животот, а ќе јадам на таков начин што ќе можам најквалитетно да живеам. Ќе го научам моето тело да ужива во она што е здраво.

ПИРАМИДА НА ИСХРАНАТА

За да можеме практично што полесно во секојдневниот живот правилно да ги избереме продуктите и најдобриот начин на исхрана, нутриционистите се обидуваат тоа да ни го претстават на различни начини. Еден од најприфатените начини е илустрацијата на пирамидата на урамнотежена исхрана.

Изгледот на пирамидата сликовито го прикажува влијанието на различните прехранбени продукти во секојдневната исхрана. Дното, основата и базата на пирамидата го заземаат интегралните жита и нивните производи. Бидејќи овој дел на пирамидата е најголем по површина, продуктите кои се сместени во него треба количински да бидат најзастапени во исхраната на поединецот, без разлика на возраста и полот. Следниот кат го делат овошјето и зеленчукот, за кои исто така е важно да се внесуваат во поголеми количества.

Млекото и месото и нивните преработки се важни, иако не и незаменливи извори на одредени хранливи материи, како што се протеините, некои минерали и одредени витамини. Тие се сместени на третиот кат на пирамидата, која по својата површина е доста тесна, што нè доведува до заклучок дека е потребно да се ограничи количеството на нивната употреба. Иако сфаќањето на значењето на тие производи за човечкото здравје многу се менувало низ историјата, денес ги сметаме за „пребогати“ не само со нездрави маснотии и со холестерол, туку и со самите протеини. Тие две групи се доста флексибилни, што значи дека доколку некој реши да стане вегетаријанец, млекото и млечните производи може да ги замени со соја и други растителни производи (соино млеко, пченкарно млеко, тофу сирење…) збогатени со калциум и витамин Б1; месото може да се замени со поздрава алтернатива и извори на протеини како што се мешунките (грав, леќа, соја…), јаткастите производи (ореви, лешници, бадеми, ф‘стаци…) и семките (сончоглед, лен, семки од тиква…).

Сите останати производи се сместени на врвот од пирамидата, чија површина е најмала. Тоа се производи кои во себе содржат малку вредни хранливи материи бидејќи се разредени со голем дел на маснотии, шеќери, алкохол или вода. Употребата на овие производи би требало да биде многу оскудна.

 

 

 

УШТЕ НЕКОЛКУ ДЕТАЛИ…

Независно дали човекот консумира производи од животинско потекло или е вегетаријанец, многу е важно во својот организам да внесува што е можно повеќе различни производи од секоја група!

Зависно од телесната тежина на поединецот, можно е внатре во групата да се бираат калориски посиромашни или побогати производи. Ако човекот што се храни според препораката на пирамидата, почне да губи од телесната тежина (треба да се има предвид дека тоа најчесто зависи од физичката активност), треба да го зголеми внесувањето на производи од групата житарици, овошје и зеленчук.

Со правилен избор на количеството и видовите прехранбени продукти, секако е важно и времето кога јадеме. Најдобро е кај возрасните здрави лица сите тие производи да се консумираат во три главни оброци, без меѓуоброци – никако во облик на грицки. И потсетете се на добро познатата изрека: 

„Појадувај како цар, ручај како богаташ, а вечерај како сиромав“.

Меѓу оброците пијте вода во поголеми количества. 

ПРОЦЕНТУАЛНО ГУБЕЊЕ НА НУТРИТИВНИТЕ СВОЈСТВА ПРИ РАФИНИРАЊЕ НА ПЧЕНИЦАТА

Тиамин (B1)

86%

Рибофлавин (B2)

70%.

Ниацин

80%

 Железо

84%

Mangan

71%

Фолна киселина

70%

Хром

87%

Калциум

50%

Фосфор

78%

Бакар

75%

Магнезиум

72%

Биотин

90%

Цинк

71%

Влакна

68%

OСТВАРЛИВО?

Како ви изгледа сево ова? Можете ли да замислите таква исхрана? Дали и досега се храневте слично или вашите прехранбени навики беа поинакви?

Во секој случај немојте сега да се обесхрабрувате! Многу луѓе кои, кога го дознале сево ова, заклучиле дека здравата исхрана не е за нив. Но, по подлабоко размислување и со вредните мотиви кои ги пронашле, тие сепак направиле многу за себе и за своите мили благодарение на промените што ги вовеле во својот живот. Многумина од нив дури одлучиле да станат вегетаријанци!

Иако можеби за почеток не е потребно да се преземаат такви ненадејни и драстични промени доколку досега сте се хранеле поинаку, поставете си себеси одредена цел што сакате да ја постигнете со помош на нашите работни материјали – а секоја таква постигната цел е голем и значаен чекор кој е вреден за пофалба, чекор напред кон идеалната исхрана и процутот на вашето здравје.

ИЗВОРИ

WHO: “Food and Health in Europe“- a new basis for action, WHO Regional Publications. European Series, No.96. p10. 32. 2004.
Foster VW, MD. New Start, Woodbridge Press, California, 1988.
Dr. Moore F. D. “Current Thoughts on Malabsorption: Parenteral, Enteral and Oral Feeding“; Jour Amer Diet Assoc, 86 (1986): 1169-70

 

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.