2. Здравствена криза кај современиот човек

2. Здравствена криза кај современиот човек

СУДБИНА ИЛИ СОПСТВЕН ИЗБОР?

Нејзината ситуација беше сериозна. Татко ѝ пред неполни девет месеци починал од рак на дебело црево. Сега Драгана се наоѓа на столот за ендоскопија. Ја подготвуваа за зафат кој дефинитивно ќе одговори на прашањето дали и таа боледува од истата болест. Кажа со помалку треперлив глас: „Што биде, нека биде. И онака не можам ништо против судбината“.

Дали навистина не можеме? Дали навистина сè е „запишано во ѕвездите“? Или така предодредил Бог? Колку малку Драгана била запознаена со најновите медицински сознанија и односот меѓу начинот на живеење и самото здравје! Што би рекла таа за самоубиството? Дали за неа тоа би било дело на судбината? Или насилен крај на животот, кој според Божјето провидение треба да трае подолго? Верувам дека и таа и ние без долго размислување би го пронашле вистинскиот одговор на ова прашање.

Меѓутоа, поголемиот дел од нашите секојдневни одлуки непосредно влијаат врз нашето здравје, па со самото тоа и на должината на нашиот живот. Ние секако, со намерен и смислен чин нема да го доведеме до крај својот живот, но со внесувањето на штетни материи во своето тело можеме сигурно да го скратиме или, во најмала рака, да го намалиме неговиот квалитет.

ЗДРАВЈЕТО НАЈМНОГУ ЗАВИСИ ОД НАЧИНОТ НА КОЈ ЖИВЕЕМЕ

Дали станува збор за судбина? Дали е тоа предодреденост? Mногу луѓе погрешно веруваат дека квалитетот и должината на нечиј живот првенствено се одредени од наследните особини, односно од генетскиот фактор.  Меѓутоа, кај поголем број луѓе, здравствената состојба најмногу зависи од два фактора: од она што го внесуваме во своето тело и од тоа како постапуваме со него. Сознанието дека, иако не можеме да ги измениме своите гени, на мнозина им носи охрабрување дека можеме да влијаеме на начинот на кој го живееме својот живот, а со тоа и на нашата здравствена состојба. Со изборот на начинот на живот можеме да го спречиме или да го одложиме настанувањето на многу болести, па и за некои за кои сме генетски предодредени. Доктор Ламонт Мердок, од Медицинскиот факултет „Лома Линда“ во Калифорнија, сликовито го опишал ова со зборовите:

„Лошото наследство го полни оружјето, а лошиот начин на живот го повлекува чкрапалото“.

ХРОНИЧНИ ДЕГЕНЕРАТИВНИ БОЛЕСТИ

ПРОМЕНА НА ГЛОБАЛНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ

Пред стотина години, а и во поранешната историја на човештвото, главните здравствени проблеми на луѓето сосем се разликуваат од проблемите со кои денес се соочуваме во развиениот свет. Поради специфичниот начин на живот во тогашното време, други фактори предизвикувале поразлични болести. Хигиената била на многу ниско ниво, куќите биле пренаселени, главно владеела тешка сиромаштија и прегладнетост и поради сето тоа масовно се ширеле болестите како туберкулоза, цревни и други заразни болести. Во дваесеттиот век, науката, медицината и службата за јавно здравје остварија големи достигнувања. Тие имаат многу со што можат да се гордеат, особено ако го земеме предвид фактот дека првите микроби се откриени пред околу сто и педесет години. Од моментот кога Луј Пастер ја поставил теоријата за микроорганизмите, направен е голем напредок на полето на медицинската наука. Неговите откритија ја отвориле вратата на асептичките хируршки зафати, подобрена е хигиената, водата и храната се побезбедни, а поставени се и темелите за вакцинирањето. Сето тоа заедно наголемо влијаело не само на сузбивањето на туберкулозата, туку и на другите заразни болести како колерата, детската парализа, сипаниците и сл. Овие заразни болести, од кои некогаш масовно се умирало, денес во развиените земји се многу ретки, се држат под контрола или се целосно искоренети. Тие се ставени во сенка од пустошењето на новите современи болести: срцеви заболувања, висок крвен притисок, дијабетес, многу видови рак, мозочни удари, артритис… Тие се таканаречени хронични дегенеративни болести, болести на современиот западен свет, болести на луѓето кои живеат во развиените земји.

НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК НА МЕДИЦИНАТА ВО 21. ВЕК

Според извештајот на Светската здравствена организација, кардиоваскуларните болести, кои во најголем дел се јавуваат како последица на атеросклерозата (особено инфарктот на срцето и мозочниот удар), заедно со повеќе други лоши болести се предизвикувачи речиси на две третини од смртните случаи во европските земји.

Каква е ситуацијата во нашата земја? Статистичките податоци добиени од документите од Светската здравствена организација покажуваат дека во 2017 г. кај нас 55,0% од смртните случаи биле предизвикани од кардиоваскуларни болести, а 18,3% од лоши болести. Грубо кажано, преку 2/3 од жителите на нашата земја умираат од инфаркт на срцето, мозочен удар или рак!

Морталитетот од исхемични болести на срцето од 2010 до 2017 година кај мажите изнесува 80,8, а кај жените 56,6 на 100 000 (ИЈЗ). 

Во периодот 2010-2016 година во Р. Македонија акутниот миокарден инфаркт учествувал со околу 93,0% во исхемичните болести на срцето, а церебралниот инфаркт и шлогот, неозначен како крвавење или инфаркт со околу 87,0% во цереброваскуларните болести.

Кај мажите најчеста причина за смрт од малигни неоплазми во периодот 2010-2017 година е малигната неоплазма на белите дробови со стапка на морталитет која се движи од 64,8 во 2010 г. до 66,9 во 2014 г. и 58,2 на 100 000 мажи во 2017 г. додека кај жените најчеста причина за смрт е малигната неоплазма на дојка. Стапката на морталитет се движи од 30,0 во 2010 г. до 26,9 во 2017 г. на 100 000 жени.

Слични статистички податоци важат и за останатиот развиен свет. Затоа не е ни чудо што превенцијата и контролата на споменативе болести СЗО ја смета за најголем предизвик кој е поставен во медицината во 21. век.

ПРИЧИНИ

КОЛКУ ПОНАПРЕДНИ, ТОЛКУ ПОНЕМОЌНИ?

Како дошло до ваквата состојба во современиот свет? По малку чудно, по сите тие големи достигнувања во дваесеттиот век, зар не?

Освен веќе споменатиот напредок на полето на јавното здравство, само во последните сто години многу се усовршени и хируршките техники, подобрена е анестезијата и можноста за ублажување на болката, побезбедна е трансфузијата на крв. Откриени се антибиотици
кои спасуваат милиони животи. Дијагностичките методи и техники извонредно се унапредени и овозможуваат прецизен увид и поглед на работата на внатрешните органи на човековото тело, до микроскопско ниво. Молекуларната биологија и генетика отвораат врата на нов приод во дијагностиката и лекувањето. Се јавуваат извонредни можности за откривање на многу вродени дефекти и мани, а зафатите врз нив некогаш се вршат уште и во мајчината утроба. Откриена е дури и можност за технички запис на нашите мисли и чувства додека патуваат низ мозочните клетки.

Зошто сме тогаш толку немоќни пред епидемијата на кардиоваскуларните болести, канцерогените и другите хронични болести кои го тероризираат развиениот свет?

ФАКТОРИ НА РИЗИК ЗА ЗАПУШУВАЊЕ НА КРВНИТЕ САДОВИ

Маснотии во крвта 

Најважен фактор на ризик е зголемената концентрација на масти во крвта (холестерол и масни киселини). Кога холестеролот се зголемува за 1%, ризикот од појава на срцев удар се зголемува за 2%.

Зголемен крвен притисок

Луѓето со висок крвен притисок имаат пет пати поголеми шанси за развој на коронарна срцева болест.

Прекумерна телесна тежина

Факторот на ризик е и за 10% зголемена телесната тежина во однос на идеалната. Кај луѓето кои имаат 20% поголема тежина од вообичаената, ризикот од коронарна срцева болест е поголем за 50%.

Премалку движење

Кај оние што не се физички активни, ризикот од коронарна срцева болест е двојно повисок отколку кај активните луѓе.

Дијабетес

И дијабетесот е двојно поголем ризик за појава на коронарни болести.

Никотин

Кај пушачите на цигари ризикот од развој на болести на срцето и на крвните садови е двојно повисок отколку кај непушачите, а ризикот од ненадејна срцева болест е дури трипати поголем.

Животната доба

Настанувањето наслаги на ѕидовите на крвните садови е дел од природниот процес на стареење и затоа веројатноста за појава на коронарна срцева болест се зголемува со возраста.

Полот

Сè повеќе истражувања покажуваат дека заболувања на коронарните крвни садови и на срцевиот мускул се појавуваат подеднакво и кај мажите и кај жените.

Наследниот фактор

Ако вашите родители, браќа или сестри имале коронарна срцева болест пред својата 55. година од животот, ризикот и кај вас е два до пет пати повисок.

ПРОДОЛЖЕН ЖИВОТЕН ВЕК?

Еден од можните одговори би бил: благодарение на сите тие медицински откритија човекот денес живее подолго отколку во минатите векови. Со самото тоа, доаѓа до стареење на популацијата и луѓето живеат доволно долго за таквите дегенеративни болести да не успеат да се развијат.

За среќа, иако раширено, ова верување не е точно. Еве како настанало тоа. Статистичките податоци добиени во САД, на пример, покажуваат дека просечниот животен век во оваа земја бил продолжен за дваесет и седум години во текот на минатиот век. Со години се мислело дека за тоа можеме да му се заблагодариме на претходно опишаниот развој на медицинската наука. Меѓутоа, со малку подетална анализа, се дошло до заклучок дека причината за привидното и толку значајно продолжување на животот лежи во нешто сосем друго.

Всушност, во почетокот на дваесеттиот век смртноста на доенчињата речиси на целата планета била многу висока. Во САД – секое шесто доенче подлегнувало на некоја заразна болест. Таквата висока смртност на доенчињата многу го скратувала просечно очекуваниот животен тек на денешниот човек. Денес, меѓутоа, умирањето на бебињата е сведено на навистина минимални вредности во развиените земји. Кога статистички се пресметува просечното преживување на сите родени жители на одредена земја, во денешно време се добива слика на големо продолжување на животот. Меѓутоа, личноста која денес ќе доживее шеесет и пет години има пред себе скоро еднаков просечен број години на живот како човек кој во почетокот на минатиот век успеал да ги преживее првите критични години и достигнал зрелост. Вистинското продолжување на очекуваниот животен век изнесува само неколку години, а тоа може да биде и објаснување за разгорувањето на хроничните болести.

Освен тоа, стареењето на населението во развиените земји денес е условено со уште еден факт – идеалот за големо семејство е значајно помал од бројот на членовите во потесното семејство од времето на нашите баби и дедовци. Бројот на новородените деца во западниот свет значајно е намален, додека ние ја гледаме сликата на стареење на комплетното општество, што не значи автоматски и значајно продолжување на очекуваната долговечност на поединецот.

НУЖНА ПОСЛЕДИЦА ОД СТАРЕЕЊЕТО

Тогаш, зошто денес се соочуваме со толкав пораст на хронични дегенеративни болести кога тоа не е последица на стареењето на населението? Кога знаеме дека нашите предци не умирале премлади за да доживуваат слични проблеми, како тогаш да ја објасниме таквата појава?

Иако веќе повеќе години го прифаќаме фактот дека со стареењето настануваат болестите како што се артеросклероза и рак и дека треба да ги прифатиме како неизбежен дел од процесот на стареење и самиот живот, денес знаеме дека тоа не е вистина! Всушност, само пред стотина години западниот свет не ги познавал тие болести. Иако имало доволно стари луѓе, дегенеративните болести биле многу ретки. Првиот опис на коронарните болести и срцевиот удар во медицинската литература е објавен во 1910 година. Денес таа болест е одговорна за над 20 отсто смртни случаи во нашата земја. Карциномот пред тоа бил скоро непознат, додека денес речиси секој петти жител умира од некој вид рак.

Затоа, многу е важно да се сфати фактот дека сите болести во суштина не се „дегенеративни“ во вистинската смисла на зборот, т.е. дека не се нужна последица од стареењето и пропаѓањето на телото! Денес, сè поголем е бројот на младите луѓе кои заболуваат од рак и доживуваат инфаркт на срцето.

Тогаш, за што станува збор?

ВИСТИНСКИ ОДГОВОР

Модерната епидемиологија која ги проучува разликите на заболувањето кај различните популации ширум светот ни го дава одговорот на таа загатка – најголемиот дел од денешните смртоносни болести е тесно поврзан со начинот на живот на самите луѓе. Тоа, во основа, се болести на животот во изобилство, со премногу храна и пијалак, премногу цигари и алкохол, а премалку физичка активност.

За разлика од заразните болести, кај овие современи болести не е можно да се препознаат причинителите под микроскоп, да им се даде точно име и презиме, да се пронајде антибиотик или друг лек кој ќе ги уништи и со тоа ќе се реши работата! Медицината храбро се бори против симптомите или знаците на хроничните дегенеративни болести, се ублажуваат болките на пациентите, се одложуваат последиците, но примарните причинители главно не се решаваат. Како да се сосече коренот на тие проблеми?

Доброто здравје зависи од она што сме подготвени да го направиме за себе.

ФАКТОРИ НА РИЗИК

Секој човек има одредени навики кои во одреден временски период можат многу да го зголемат ризикот да заболи од некои современи хронични незаразни болести. Тие навики се нарекуваат фактори на ризик и влијаејќи на нив можеме „да го задржиме чкрапецот, иако оружјето е наполнето“, да се спречи настанувањето на многу смртоносни болести и да се продолжи животот.

Уште далечната 1972 година, д-р Нерда Белок и д-р Лестер Брезлоу (Breslow) меѓу првите се обиделе да одговорат на прашањето кои се тие навики и дошле до зачудувачки резултати. Своите испитувања ги извршиле на 7000 средновечни и постари луѓе од Аламеда Каунти во Калифорнија и многу лесно сфатиле дека постојат одредени фактори кои влијаат многу на должината на животот. Како главни животни навики тие ги издвоиле:

  • Секојдневно спиење од 7 до 8 часа
  • Одржување на телесната тежина во границите на нормала
  • Редовен и обилен појадок
  • Редовна физичка активност
  • Непушење
  • Апстиненција од алкохол
  • Ретки меѓуоброци

Испитаниците од оваа студија кои ги следеле сите, или речиси сите наброени навики, навистина, вкупно земено, подобро и поздраво живеат од своите сонародници. Статистички е пресметано дека мажите на четириесет и петгодишна возраст кои се придржуваат кон шест или седум од претходно споменатите навики, за разлика од мажите на исти години кои применуваат помалку од четирите споменати фактори, живеат просечно единаесет години подолго. Жените над четириесет години кои се придржуваат кон шест или седум од горенаведените точки, ќе живеат просечно седум години подолго од своите сограѓанки со лоши здравствени навики.

Многу подоцна, истражувањата ги потврдиле тие заклучоци. Со напредокот на науката секојдневно се откриваат и други, исто така важни фактори на ризик. Сè повеќе се сфаќа значењето на тие сознанија. Се воодушевуваме на сознанијата кои укажуваат на тоа дека здравиот начин на живот во голем број случаи може да спречи настанок на болест, а понекогаш дури и да влијае на болестите кои се во напредна фаза кои тогаш почнуваат да се повлекуваат! Денис Беркит (Burkitt) – лекар од Велика Британија по кого Беркитовиот лимфом го добил името – во една пригода изјавил:

„Најзначајното откритие на дваесеттиот век е разбирањето на фактот дека болестите на западната цивилизација се условени од начинот на живот, и дека со самото тоа главно можат да се спречат, како и тоа дека се потенцијално реверзибилни“.

Во рамките на овој курс, секако не може да се обработат сите познати фактори и затоа ќе се задржиме само на најпознатите.

На нашиот пат кон подобро здравје, ќе зборуваме за важноста на правилната исхрана, за важноста за растоварувањето од различни стресови и важноста на одморот, за целокупноста на здравјето и самиот човек, за употребата на водата, благодетите од апстиненцијата од пушењето и алкохолот, како и благодатите на едноставната телесна активност, посебно на утринското и вечерното сонце и свежиот воздух.

Каква врска имаат овие едноставни работи со факторите за ризик и смртност во нашата земја?

Со начинот на живот што ќе го избереме, во голема мера можеме да го спречиме или да го одложиме настанувањето на многу болести.

Најпознатиот фактор за ризик од заболување од атеросклероза и нејзините последици се пушењето, дебелината, покачениот крвен притисок, зголемениот холестерол во крвта, шеќерната болест, телесна неактивност, стрес, употреба на алкохолни пијалаци, зголемени триглицериди, таблети за контрацепција, старост, пол и наследство. Класични фактори на ризикот од малигни болести се пушењето, алкохолот, нeправилната исхрана (консумирање на многу мали количества овошје и зеленчук, а преголеми количества на заситени маснотии), телесна неактивност, зрачење, загаден воздух, карциногени на работното место, вируси и наследство.

На здравиот начин на живот, на кој ќе ви укажеме во текот на овој курс, непосредно ќе можете да влијаете речиси на сите фактори освен на староста, полот и наследството.

Секој поединец може многу да направи за одржувањето и унапредувањето на сопственото здравје!

Според податоците на СЗО, разболувањето и умирањето од кардиоваскуларните болести на тој начин би можеле да се намалат барем за 50%! Според зборовите на д-р Гро Х. Брантленд, долгогодишна главна директорка на СЗО (1998-2003), со здрава исхрана и вежбање би можеле да се спречат најмалку третина од случаите со канцерогени болести, додека со непушењето би можела да се спречи следната третина.

А ова се само најконзервативните предвидувања! Восхитувачки, зар не?

ЗОШТО ТОГАШ ТОА ДА НЕ СТАНЕ СТВАРНОСТ?

Или, сликовито кажано, зошто луѓето повеќе се грижат за својот автомобил отколку за сопственото тело? Никој никогаш нема да каже: „Кога мојот автомобил ќе се расипе, тоа е работа на судбината. Јас за тоа не се грижам. Не менувам масло во моторот, ниту пак додавам вода. Не ми требаат повремени контроли, ниту пак поправка. Воопшто не е важно какво гориво трошам. Како му е пишано…“ На сите ни е сосем јасно дека нашиот автомобил подолго ќе трае и подолго ќе работи ако се грижиме повеќе за него.

Зошто тогаш е толку тешко да се сфати дека грижата за сопственото тело носи слични резултати? Дали тоа навистина е помалку вредно од нашиот автомобил?

Секако дека не е! Како што и порано се согласивте, нашето тело и неговото здравје спаѓаат во највредното нешто што го имаме во животот. Зошто тогаш толку тешко ги менуваме своите лоши навики, дури и тогаш кога сфаќаме дека мораме тоа да го направиме?

Затоа што усогласеноста на нашите мисли, одлуки, чувства, желби и акции не доаѓа сама од себе! Не е лесно да се изгубат десетина килограми, да се престане со пушење, да се биде телесно активен и да се пие чиста вода само затоа што сме слушнале дека тоа треба да го правиме.

Со одлуката и желбата да промениме некоја навика во својот живот, понекогаш подобрувањето доаѓа само по себе. Меѓутоа, другите промени ги постигнуваме многу потешко, иако тоа силно го посакуваме и безброј пати сме се одлучиле на таков чекор. За промена на таквите вкоренети навики, а тука спаѓа и здравственото однесување, понекогаш треба да се научат вистински мали вештини.

Личноста која сака да ги усвои таквите вештини ќе може постапно да воведува позитивни промени во својот живот, и ќе биде способна да влијае на своето однесување и со самото тоа ќе стекне чувство на здраво самопочитување и достоинство!

Преку работните материјали на овој курс сакаме да ви помогнеме да почнете да владеете и со своето здравствено однесување да воведете мали, но значајни навики, кои со наша помош ќе можете да ги усвоите за време на овој курс.

Затоа, побрзо преминете на првиот чекор – на анализа на состојбата во која се наоѓате. Решете го првиот дел од „Тестот за ризик од инфаркт на срцето, мозочниот удар“ и испратете ни го. Следниот пат, кога ќе го решите и вториот дел, ќе добиете процена на вашиот ризик и препораки за понатамошните чекори.

Ви посакуваме многу успех!

ДЕСЕТ ЗНАЦИ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

кои можат да укажуваат на рак и кои бараат медицински преглед

  • Промени поврзани со мокрењето или столицата кои не можат да се објаснет со други причини
  • Рана која подолго не се зацелува на слузницата или на кожата
  • Необјасниво крвавење или исцедок
  • Задебелувања или грутки на градата или на друго место на телото
  • Отежнато голтање на храната и долготрајни дигестивни пречки
  • Јасно видливи промени на бемките или брадавиците
  • Кашлица или засипнатост која трае долго време и не престанува
  • Нагло губење на телесната тежина
  • Необјасниви и долготрајни главоболки или болки во стомакот

ЗНАЦИ ЗА СРЦЕВ УДАР

  • Непријатност во градниот кош (притисок, бодење, болка) што трае повеќе од неколку минути или е повратна.
  • Болка во левата, а понекогаш во десната рака, вратот, стомакот, грбот,
  • Тешкотии со дишењето,
  • Студена пот, мачнина, гадење, замор.
  • Ако забележите вакви симптоми, важно е да се одморите и итно да побарате медицинска помош.

ЗНАЦИ ЗА МОЗОЧЕН УДАР

ИСХЕМИЧЕН УДАР

  • Нагло намалување на видот до слепило
  • Нагло оштетување на слухот
  • Вртоглавица, нерамнотежа
  • Гадење, повраќање
  • Слабост или одземеност на едната страна од телото
  • Отежнати движења, лоша координација
  • Силна главоболка
  • Потешкотии во говорот
  • Неразбирање на туѓиот говор

ХЕМОРАГИЧЕН УДАР

  • Збунетост
  • Гадење, повраќање
  • Тешка главоболка

Ако почувствувате такви симптоми, важно е да мирувате и итно да побарате медицинска помош.

КЛАСИЧНИ ФАКТОРИ НА РИЗИК ЗА АТЕРОСКЛЕРОЗА

  • ПУШЕЊЕ
  • ВИШОК ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА
  • ПОВИШЕН КРВЕН ПРИТИСОК
  • ЗГОЛЕМЕН ХОЛЕСТЕРОЛ ВО КРВТА
  • ШЕЌЕРНА БОЛЕСТ
  • ФИЗИЧКА НЕАКТИВНОСТ
  • СТРЕС
  • УПОТРЕБА НА АЛКОХОЛ
  • ЗГОЛЕМЕНИ ТРИГЛИЦЕРИДИ ВО КРВТА
  • ТАБЛЕТИ ЗА КОНТРАЦЕПЦИЈА
  • СТАРОСТ
  • ПОЛ
  • НАСЛЕДНИ ФАКТОРИ

КЛАСИЧНИ ФАКТОРИ НА РИЗИК ЗА МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА

  • ПУШЕЊЕ
  • УПОТРЕБА НА АЛКОХОЛ
  • НЕПРАВИЛНА ИСХРАНА
  • ФИЗИЧКА НЕАКТИВНОСТ
  • ЗРАЧЕЊЕ
  • ЗАГАДЕН ВОЗДУХ
  • КАНЦЕРОГЕНИ МАТЕРИИ НА РАБОТНОТО МЕСТО
  • ОДРЕДЕНИ ВИРУСИ
  • НАСЛЕДНИ ФАКТОРИ

ЗАКЛУЧОК

Решението на најголемите здравствени проблеми на развиениот свет, денес, не зависи од лекарот, технолошкиот напредок или опременоста на здравствените установи. Нашето здравје, во најголема мера е одредено со изборот на навиките и начинот на живот, а многу малку со физиолошкото наследство и влијанието на околината во која живееме. Доброто здравје зависи од она што сакаме да го направиме за себе – од тоа на кој начин сме решиле да живееме, каква исхрана сме избрале, дали сме телесно активни, дали се воздржуваме од пушење и од други зависности.

Жителите на Западот стануваат сè посвесни за тие фактори и сами преземаат сè поголема одговорност за сопственото здравје.  Тоа се гледа и од опаѓањето на бројот заболувања и умирања од хронични незаразни болести во многу развиени земји.

Нашата земја со големи чекори тргнала кон освојување на бројните богатства на современата наука и напреднатата технологија. Со тоа животот многу ни е олеснет, но нам, таквиот современ начин на живот нè доведе до истите болести од кои страда и богатиот Запад. Време е и ние да го земеме сопственото здравје во свои раце и да се позанимаваме со причините за таквата состојба.

Со овој курс сакаме да ви помогнеме тоа да го направите за себе, за членовите на своето семејство и за пријателите. Како ќе го постигнете тоа? Што конкретно да сторите? Ве очекуваат бројни едноставни, но и драгоцени практични совети кои можеби ќе ве водат низ мали, но многу значајни и пресудни промени во вашиот живот, насочени кон процутот на вашето здравје.

„Употребата на природни лекови (престојот на чист воздух и сонце, умереност и релаксација, физички вежби, правилна исхрана и консумирање вода, градење внатрешен мир), тоа бара многу трпеливост и голем напор, за што мнозина не се подготвени … Но, оние што истрајно ќе ги почитуваат природните закони, ќе ја пожнеат наградата – здраво тело и здрав ум.“
Eлена Г. Вајт

ИЗВОРИ

D-r N. Nedley: „Proof Positive“, стр. 1, 3-8
WHO: „Food and Health in Europe“- a new basis for action, WHO Regional Publications. European Series, No.96. p10. 2004.
WHO: Highlihgts on Health in Serbia and Montenegro, стр. 11
Институт за јавно здравје на Република Македонија, Извештај за здравјето на населението на Р. Македонија за 2017 г.
WHO: „The European health report 2002“, стр. 31.
Breslow, L. „A Life in Public Health“ 2004 Springer Publishing Co. NY, NY
Diehl HA, Ludington AL. „Health Power: Healthy by Choice, Not by Chance!” Review & Herald Pub. Assn., Hagerstown, MD. r. 9, 2011.
D-r L. Baroni: „Decidi di stare bene“, Edizioni Sonda. r 11, 13. Novembre 2004.WHO, www.who.int/cancer/media/en/788.pdf

 

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.