9.2. „Него послушајте го“
„Дојде часот да се прослави Синот Човечки.“
Јован 12,23
Ерусалим се наоѓал на еден од најважните трговски патишта на стариот Исток. Патниците од големите центри на цивилизацијата поминувале низ Палестина одејќи во сите краишта на светот. Така вистината за правиот Бог е пренесувана од континент на континент. Но на пресвртницата на вековите, во почетокот на новата ера, Исус ги надвишил сите најпрочуени учители на светот и со својата сопствена светлина го осветлил и минатото и иднината на човештвото.
„Што е извор на мудроста на овој човек? Од каде му е таква ученост кога Тој никогаш не ги посетувал школите на рабините и книжевниците, на свештениците и фарисеите?“ – тоа било прашање што го поставувала целата еврејска нација. Со силата на својата логика и со убедливоста на своите неодоливи вистини Исус го надминувал сè она што можело да се чуе и види до тогаш. Неговото влијание среде народот било премногу силно за еврејските поглавари да можат да го потценат. Тој црпел од изворот на мудроста – од самиот Бог.
Гласот за Христа ги преминувал границите на Палестина. Три пати годишно Ерусалим бил полн со поклоници од сите краишта на светот – на празниците Пасха, Педесетница и Сеница. Кога овие поклоници се враќале во своите земји, ги објавувале вистините што ги слушнале од Христа.
Во една таква прилика, за време на последната голема Пасха на која присуствувал Исус, меѓу тоа големо мноштво се наоѓала и група Грци. Најверојатно дошле од Декаполис, источниот дел на централна Палестина кој бил населен со Грци. Она што го слушнале за време на неколкуте претпразнични денови ги уверило дека Исус е најголемиот Учител на сите времиња. Сепак, имало и противречни гласови за него. Едни биле готови да му се клањаат како на Бог, а други се сомневале. Овие Грци веројатно слушале за заговорот на еврејските водачи и за нивниот план да го убијат. Веднаш заклучиле дека Палестина не е сигурно место за Исуса.
Скоро можеме да ги чуеме како се договараат: „Мораме да го одведеме тој човек во Грција. Таму ќе го пречекаат со раширени раце“. Му пристапиле на Христовиот ученик Филип кој знаел грчки и побарале средба со Исуса велејќи: „Господине, сакаме да го видиме Исуса“ (Јован 12,21). Веднаш дошло до средба.
Пристапувајќи му како пријатели, му кажале што му се подготвува: „Господине, вие можеби не знаете, но вашиот живот е во опасност. Ако останете овде, ќе ве убијат. Вие немате повеќе од триесет години и ви се отвора сјајна иднина. Евреите не се вредни за вашата обдареност. Зошто не појдете со нас во земјата каде што бргу ќе стекнете слава и признание?“
Секој учител сака учениците да го слават. Меѓутоа, Исусовиот одговор покажува дека Тој својата слава ќе ја постигне на еден друг начин и дека затоа без колебање оди во пресрет на завршните настани од својата мисија на Земјата. Одговорил: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки“ (Јован 12,23).
„Но“, го уверувале Грците, „ако останете, овде вас не ве чека слава туку смрт!“
Да остане или да си замине! Но Исус не дошол од небото заради земна слава и почит. Тој дошол да го спаси загубениот свет а не себеси. Се откажал дури и од славата што ја имал од вечноста и „сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга“ (Филипјаните 2,7). Немало друг начин да ја избави Земјата.
Грците му нуделе живот наместо смрт. Тоа било љубезно од нив, но Исус им одговорил: „Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод“ (Јован 12,24).
Кога Исус би сакал да се спаси себеси, никогаш не би го спасил нашиот загубен свет. Можел да го спаси само со својата смрт, но можел и да отиде препуштајќи го на неговата загубеност. Исус сè уште можел да бира, и сега го повторил својот избор што го направил од вечноста. Сакал да им помогне на своите посетители да сфатат дека Божјата слава не е човечка слава. Им ги рекол овие пресудни зборови: „Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен“ (Јован 12,25).
За миг разговорот бил прекинат. Спасителот замолчил размислувајќи за своето големо дело од неговиот почеток па сè до крајот. Рекол болно повеќе за себе: „Душата сега Ми се пожали, и што кажам? Оче, избави Ме од овој час!“ (12,27). Исус веќе почнал да ја пие горчливата чаша. Тоа била последна седмица од неговиот живот на Земјата. Веќе почнал да се грози од овој час кога неговиот Отец ќе биде приморан да го сврти своето лице од него. Веќе се видел себеси „дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога“ (Исаија 53,4). Тоа било само миг на стравување, зашто Исус веднаш ја изразил својата согласност со Божјата волја додавајќи: „Но, заради тоа и дојдов на овој час. Оче прослави го името Свое!“ (Јован 12,27.28).
Отецот можел да биде прославен само со Исусовата послушност. Од небото дошол одговор: „Го прославив и пак ќе го прославам!“ (Јован 12,28). Некои мислеле дека тоа е гром од облаците, но тоа бил одговор од Отецот на одлуката на Синот. Блесокот на славата и татнежот на громот за Грците бил непобитен доказ дека Христос е Божји Син. Укажувајќи на својата смрт за спасение на светот, Исус им го објавил и начинот на својата смрт: „И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе“ (Јован 12,32). Славата не била во смртта, туку во послушноста кон Отецот и во љубовта кон луѓето.
Кога Исус рекол дека сè ќе привлече кон себе, не мислел само на луѓето од сите бои и раси, народности и јазици, на жителите на овој малечок свет во вселената. Неговиот видокруг бил бескрајно поширок од земните видици. Со својата љубов кон паднатиот човек Тој ја привлекувал кон себе целата вселена, а ја освоил со послушноста кон својот Отец.
Ова било третпат Отецот со сопствен глас јавно Христа да го нарече свој Син. При неговото крштавање рекол: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Матеј 3,17). На Гората на преобразувањето: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ (Матеј 17,5). А сега рекол: „Го прославив, и пак ќе Го прославам“ (Јован 12,28) Божјиот Син се прославил со послушноста на Божјата волја, а не со извршувањето на својата волја. Овој глас од небото не се слушнал заради него, туку заради неговите слушатели. Тоа бил небесен печат на повелбата на Исусовото божество.
Исус не рекол дека ќе биде подигнат во песни или во проповеди, туку дека ќе стои на крст меѓу земјата и небото. Крстот се видел во целата вселена. Крстот бил Христов одговор на барањето на Грците да го видат Исуса.
Драги пријатели, да се гледа во Христа значи да се гледа во него распнат на крст и да се оди по неговите стапки. Да бараме да го видиме Исуса во светлината на неговата послушност на Божјата волја!