9.1. Живот на вечна радост
„Оној кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“
Лука 10,15
„Јас дојдов да имаат живот“, рекол Христос. Животот ги прави сите други дарови вредни и стварни. Што значат генијалноста, образованието, успехот, богатството и моќта без животот? Животот не може да се процени со пари или со имот. Сегашниот живот, колку и да ни се чини драгоцен, Исус дошол да го издигне на уште еден повисок степен – не само да го продолжи во биолошка смисла во вечност, туку да ни дарува живот што се наоѓа во самиот него. „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10,10). Тоа била причината за доаѓањето на Бога во тело, или отелотворувањето на Исуса Христа.
За мнозина животот не е ништо друго освен бесцелно постоење, мачно движење во круг, секојдневно повторување на едно и исто. Уморни и болни од сè, мнозина се обидуваат да се отиснат во свет на соништа со помош на дроги, на алкохолни пијалаци или со пилули за смирување.
Кога Христос ја почнал својата мисија на Земјата, ја проповедаше радосната вест за Божјето царство (Марко 1,14.15). Тоа била идеја водилка што пламтела и зрачела од целата негова личност. Најголем дел од неговите поуки и слики од природата се вртел околу зборот царство. Идејата за „царството“ не им била непозната на луѓето во негово време, зашто учењето за Божјата врховна власт било неразделен дел на учењето на рабините. Тие времето го делеле на два дела: сегашно и идно. Сегашното, зборувале тие, е време на зло и затоа треба да се очекува доаѓањето на Месија како крај на злото. Сиот народ треба да ѝ се потчини на врховната власт на Месија. Подготвувајќи се за тој ден, фарисеите строго ги држеле правилата и верските церемонии. Според нив, Бог бил неумолив, строг, одмаздлив и љубоморен судија.
Но новиот Учител донел сосема поинакво сфаќање за Бога и за животот. Повеќе од сто пати Исус во евангелието го споменал „небесното царство“ или „Божјето царство“, и го илустрирал со прекрасни раскази или со слики од природата. Со таа метода Тој ги освојувал срцата на оние што се опкружиле со ѕид на предрасуди и отстранувал сè она што ја засенчувало вистината. Секое срце можело да биде трогнато со неговите поуки. На тој начин Исус го привлекувал вниманието на старите и младите, на учените и неуките. Вистината вткаена во расказ можела да влезе и низ најтесната врата на срцето.
Исус бил Цар на небесното царство и самиот дошол да ни го покаже. Тоа го сторил повеќе со дела отколку со зборови. Неговото учење го опфаќало не само царството на славата што ќе дојде, туку и царството на добрите односи меѓу луѓето уште денеска – царството на милоста.
Тој царството го опишувал како семејна заедница. Единствен начин некој да стане член на едно семејство е да биде роден во него или законски посвоен. Така и секој што сака да влезе во Божјето царство мора да биде „по вторпат роден“, зашто царството значи нов однос кон сè што е земно како и кон сè што е небесно. Тоа царство се наоѓа во срцата на оние што со радост се согласуваат да ја исполнуваат Божјата волја.
Исус со своите споредувања или параболи ги објаснил длабоките вистини со разбирливи слики од природата. Божествените тајни Тој ги објаснувал со едноставно толкување. Луѓето, чијшто цел систем на успех се сведувал само на материјално богатство или на општествена положба, не можеле да не му се зачудат на Оној што рекол: „Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо!“ (Лука 6, 20). Положбата и парите за фарисеите значеле сè! Според нив, ако некој бил сиромашен, тоа непобитно докажувало дека Бог го укорува поради некој грев, додека богатството го сметале за знак на Божјата милост.
Меѓутоа, Исус по еден разговор со еден богат младич рекол: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“ (Марко 10,23). Младичот дошол да го праша големиот Учител за совет. Во длабината на душата чувствувал немир. Видел дека лицата околу Христа се осветлени со мир и со радост. Затоа искрено прашал: „Што треба да направам, за да наследам живот вечен?“ (Марко 10,17).
Прво што требало да научи овој младич било дека самиот не може да стори ништо за да добие вечен живот. Вечниот живот не можел ниту да го купи ниту да го заслужи ниту да го освои, зашто тој е дар од Бога. Ние не можеме да го заработиме вечниот живот, ниту да го стекнеме Божјето царство со добри дела, зашто тоа царство не е резултат на човечките дела, туку на Божјата милост. Иако парите се клуч што отвора многу врати, сите пари на овој свет не можат да ја отворат вратата на Божјето царство. Уште повеќе, парите можат да бидат пречка за влегување во царството ако човекот се потпре врз нив.
Продолжувајќи го разговорот со младичот, Исус објаснил дека ако сакаме да бидеме во Божјето царство, треба да ги држиме Божјите заповеди. Заедницата со Бога значи согласување со неговата волја. Исус ги изедначил посветениот живот и царството; да се има едното значи да се има другото.
Кога Исус ги учел своите ученици да се молат: „Да дојде царството твое“, Тој не мислел само на доаѓањето на царството на славата еднаш во иднина, туку и на основањето на царството на милоста уште сега, овде на Земјава. Во идното царство на славата ќе се исполнува Божјата волја; но неговата волја треба да биде мерило на животот уште денеска во нашите односи со ближните.
Земајќи едно дете на скут, Исус им рекол на своите ученици: „Оној кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“ (Лука 10,15). Влегувањето во Божјето царство значи влегување во царското семејство каде што Отецот истовремено е и управител на царството. Царството на милоста е отворено за грешниците додека се уште грешни, но тоа не значи дека Бог гревот го смета за неважен, зашто гревот е најодвратна појава во вселената. За да го сфатиме тоа, мораме да гледаме во страшната темнина на Голгота и во јасната светлина на Божјето присуство на неа во лицето на Исуса Христа.
Бог не сака ништо толку колку што сака да ги проштава гревовите. Од првата до последната книга на Библијата ние слушаме непрекинат повик: „Дојди!“ Исус кажува: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве одморам“ (Матеј 11, 28). За Исуса животот и царството претставуваат еден ист збор, зашто царството за кое зборува Тој значи живот и љубов, пријателство и мир. Апостол Павле исто така кажува: „Оти царството Божјо не е јадење и пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Римјаните 14,17). Со влегувањето во царството на милоста, простени од гревот и слободни од неговата разорна моќ, ние почнуваме да живееме живот изобилен со радост и мир.
Исус денеска не е повеќе на крст, Тој е на својот престол, готов да го излее својот Свети Дух во нашите срца. Преку него ние се соединуваме со царството на љубовта и радоста – во заедница на доверба и добри одлуки.