8.5. Бог за своето царство
„Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените.“
Лука 4,18
Изразот „Божје царство“ или „небесно царство“ бил постојано на Исусовите усни. Тоа царство станало лозинка на неговиот живот и служба. Во својот прв јавен настан Христос рекол: „Времето се исполни и царството Божјо наближи“ (Марко 1,15). Неговите последни зборови исто така биле „за царството Божје“ (Дела на апостолите 1,3).
Книжевниците и фарисеите исто така често зборувале за доаѓањето на царството на славата, но Исус изјавувал дека тоа царство веќе дошло. Тоа веќе почнало да владее со Исусовото доаѓање во човечките срца. Тоа настапило со Христовата милост и љубов што ги покажал Тој кон луѓето. Тоа царство на љубезниот дух и на доброто срце ќе станат еднаш славно царство кога „царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите векови“ (Откровение 11,15).
За тоа царство и за неговото основање на Земјата зборувал Исус една сабота во своето родно место Назарет. „Според својот обичај, влезе еден саботен ден во синагогата (црква)“ (Лука 4,16). Очигледно е дека месниот рабин добро го познавал Исуса, зашто го повикал да учествува во богослужението и да одржи проповед. Исус ја одбрал книгата на пророкот Исаија и почнал да чита: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените“ (Лука 4,18).
Потоа Исус ја затворил книгата и во проповедта рекол: „Денес се исполни ова Писмо, што го чувте“ (Лука 4,21). Сите го слушале со најголемо внимание, зашто неговите зборови имале надземна сила. Но, пред да заврши проповедта, се обвистинила Христовата забелешка дека пророкот нема чест во своето родно место. Неговите нови идеи се судриле со погрешните сфаќања на Назареќаните. Нивните претстави за доаѓањето на Месија и на Божјето царство биле спротивни на Христовите зборови. Затоа го повеле на една блиска карпа со цел да го фрлат во провалија, „но Тој си помина меѓу нив и си отиде“ (Лука 4,30). Во Христа живеел дух на толеранција што неговите сограѓани го немале. На Исуса му била туѓа верската нетрпеливост. Тој на необјаснив начин поминал меѓу нив и отишол.
Божествениот Учител и Откупител со години бил скромен дрводелец во Назарет. Одеднаш станал проповедник на нови идеи за Божјето царство. За кратко време се судрил со општоприфатените верувања на своето време. „Правоверните“ рабини себеси се сметале за единствени толкувачи на израелската религија. Исус не доаѓал од ниедна верска школа и тоа било доволно да не го прифатат новиот Учител од Назарет. Биле присилени да ја признаат длабината на неговото учење, но чувствувале дека Тој со своето присуство ги загрозува нивните интереси.
Еврејските свештеници, книжевници и фарисеи се плашеле од новите идеи и од свежите мисли што струеле од Исусовото толкување на Библијата. Големите вистини најчесто се раѓале во зафрлени места и секогаш биле дочекувани со недоверба. Тукушто родената Божја Вистина во човечко тело Ирод се обидел да ја погуби во општиот колеж на невините деца во Витлеем и во околината; довчерашните Исусови сограѓани се обиделе новиот Учител да го фрлат од карпа во понор.
Многу големи вистини секогаш наоѓале некој синедрион да ги осуди, некој Пилат да нареди да се шибаат оние што ги следат. Но вистината секогаш воскреснувала под тешките мермерни плочи на верувањето во човечко предание, а не во Божјата реч.
Уште од самиот почеток на својата јавна служба Исус се судрил со огорченото непријателство на самоуверениот формализам на мнозинството еврејски свештеници. Тие не можеле да го поднесат неговото учење и неговиот пример на применета побожност. Јазот меѓу нивното студено учење за спасение со дела и Христовата топла практична примена на верата станувал сѐ поголем и поширок. Стремежот на фарисеите за власт и за влијание бил пречка да ги разберат Исусовите нови идеи за Божјето царство на Земјата.
Во тоа време меѓу Палестинците постоеле високи прегради на горделивост, стремежи за власт и нечовечен национализам. Евреите ги мразеле Римјаните, а Римјаните Евреите. Евреите не ги поднесувале Самарјаните, а Самарјаните Евреите, додека и едните и другите подеднакво ги мразеле царинските и римските собирачи на данок. Фарисеите ги презирале сите нив.
Во еден таков лавиринт на меѓусебна омраза и подвоеност Исус не ѝ се поклонил на ниедна групација; Тој му припаѓал на цел свет. Тој не признавал никакви поделби меѓу луѓето. Тој луѓето ги гледал како луѓе, а сите нив заедно како браќа.
Исусовото учење за небесното царство значело дека мора коренито да се менуваат традиционалните сфаќања на односите меѓу кастите, класите, сталежите, племињата, народите, расите и верувањата. За некои Исусовото учење за Божјето царство на Земјата изгледало како недозволена ерес. Но неговото учење ги скршило обрачите на општествената затегнатост што произлегувала од обичаите и од поделеноста што се фалела со потеклото, со бојата на кожата и со положбата на општествената скала.
Христовото царство го опфаќало целиот свет. Семејните врски и племенските односи не смееле да бидат пречка за царството на љубовта и милоста според небесниот пример. Во срцата на оние што се стремат кон Христовото царство на милоста не смее да постои национализам, расизам и јазична нетрпеливост.
Религијата на фарисеите и нивното учење за доаѓањето на Божјето царство тврделе дека тоа се добива со помош на добри дела (легализам), но „Исусовата вера“ била вера во Божјата љубов и спасение со милоста. Христовата религија на грешникот гледала како на човек кој треба да се спасува и да се сака.
Христовите современици требало да сфатат дека Божјето царство сите луѓе ги прави браќа. Секој од нас треба да разбере дека „Исусовата вера“ е одговор на сите проблеми на сите времиња. Да се сфати природата на Божјето царство значи да се сфати природата на Божјиот Син и големината на Божјата љубов кон нас.
Драги пријатели, дали сме готови да го запознаеме Божјето царство во неговата вистинска светлина? Дали „Исусовата вера“ и неговото учење за Божјето царство ќе влезат во нашите срца? – Исусовото учење за Божјето царство е учење за Божјата љубов кон нас. Затоа Исус ги учел своите ученици на молитвата со која треба и ние да се молиме: „Да дојде царството твое!“