8.4. Враќањето на светлината
„Првиот човек Адам стана жива душа, а последниот Адам – животворен дух.“
1. Коринќаните 15,45
Првиот човек, Адам, бил создаден според Божјиот лик. Како круна на создавањето и прв владетел на Земјата, стоел под висока божествена заштита. Како Божји син бил во Божјата градина Едем: „И, земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го постави во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази“ (1. Мојсеева 2,15). Како владетел на Земјата стоел меѓу своите четириножни и крилни поданици со величествена става и со совршена градба.
Окружен со слава и со мир, Адам имал можност да го изгради својот карактер. Бог му бил првиот учител. Неговиот карактер допрва требало да се формира. Создаден како слободно морално суштество, Адам уште од самиот свој почеток бил одговорен за своите постапки. Иако многу христијани извештајот за создавањето и за паѓањето во грев го сметаа само за симболична претстава, целата Библија за тоа зборува како за стварност.
Немало ништо во рајската градина што би можело првиот човек да го повреди или да го уништи. Меѓу сите Божји созданија владеела слога. Имајќи власт над рибите во морето, над птиците во воздухот и над целото животинско царство, Адам бил признат владетел на новосоздадениот свет. Посматрајќи го завршеното дело на создавањето, Бог можел да каже: „многу добро“ (1. Мојсеева 1,31).
Библијата зборува за Исуса како за друг и последен Адам: „Првиот човек Адам стана жива душа, а последниот Адам – животворен дух“ (1. Коринќаните 15,45). Кога излегол од рацете на својот Творец, првиот Адам бил чисто, безгрешно суштество. Имал сила на совршено суштество и полна контрола над својот ум и тело. Убавината на Божјата градина Едем, и секојдневните средби со небесните суштества го упатувале кон Творецот. Во него немало наклоност кон злото, зашто бил создаден според Божјиот лик. Меѓутоа, Адам можел да згреши, и згрешил. Библијата вели: „Смртта дојде преку човекот“ (1. Коринќаните 15,21).
Како втор Адам, Исус пошол од истото место од кое пошол и првиот Адам; доброволно тргнал по истата патека на која Адам паднал. Но да размислиме малку за околностите во кои се нашол Христос како втор Адам. Околностите во кои се искушувани скоро и не можат да се споредат. Адам бил окружен со цветна градина, а Исус со сурова пустина; Адам со безгрешна природа и со ангели, а Исус со камена почва и со самотија. Адам бил свеж и сит, а Христос гладен и жеден. Кога сатаната дошол да го искуша во пустината, Исус лесно можел да го претвори камењето во лебови, но Тој никогаш не ја употребил својата божествена сила за да ги задоволи своите сопствени потреби.
Кога Исус се родил како втор Адам, човечкиот род бил на најнизок физички, морален и духовен степен. По својот физички раст луѓето во Христово време ја немале ниту половината висина на првиот човек, а по својот духовен и душевен раст биле уште помалечки. Не смееме да заборавиме дека Исус своето детство го поминал во еден озлогласен град. Познати се зборовите на Натанаил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ (Јован 1,46). Наспроти толку лошата околина, Исус секогаш бил чист, не само во делата туку и во мислите – со целото свое суштество.
Штом првиот Адам згрешил, ја загубил Божјата слава и власта над Земјата. Кога бил создаден, Адам бил безгрешен и имал удел во Божјата природа. Кога згрешил, ја загубил безгрешноста, славата и честа, светлината и достоинството. Му дозволил на искушувачот да го наговори да згреши. Се откажал од послушноста и му се потчинил на влијанието на сатаната. Со тоа го загубил своето небесно граѓанство.
Од времето кога Адам последен пат се свртел уште еднаш да ја погледне светлината на својот загубен дом, до Исусовото раѓање, поминале четири илјади години. Исус како втор Адам зел природа на грешен човек, но не зел ниту најмалечок удел во нејзината грешност. За да го откупи човекот, сам Бог во лицето на Божјиот Син, станал човек. Но, земајќи човечка природа, Тој не ја примил и склоноста кон злото.
Во Христа божественото не го истиснало човечкото, ниту пак човечкото ја презело улогата на божественото. Двете природи, секоја за себе, никогаш не дошле во судир една со друга. Во Христа Бог и човекот повторно се нашле во совршена слога и единство. Во тоа таинствено соединување на божествената и човечката природа лежела тајната на Христовиот победоносен живот.
Исус можел да биде искушуван, и навистина бил искушуван пожестоко од кој и да е пред него. Можел и да се одвои од Бога. За да го постигне токму тоа, сатаната го напаѓал со сите свои средства. Исус се судрил со многу посилни искушенија отколку Адам во Едемската градина. Среде расипаноста и гревот живеел безгрешен живот. Од пустината, во која бил искушуван, па сѐ до Голгота, околу Исуса беснеела бура на сатанскиот грев. Но, колку понемилосрдно беснеела, сѐ поцврсто Божјиот Син ја држел раката на својот Отец.
Исус дошол на нашиот свет како втор Адам да му се спротивстави на тврдењето на сатаната дека човечкиот род е негова своина и дека дури ни Бог не може да го оттргне од неговите раце. Од детството до својата зрелост Исус бил искушуван и наведуван на грев, но никогаш не згрешил. Исус можел да потклекне пред сатаната како што потклекнал првиот Адам, но останал непоразен. Бил искушуван во сѐ како човек, но му одолеал и на најлукавото приближување на гревот.
Исус му одолеал на искушението со силата со која располага секој човек. Нема маж ниту жена, младич и девојка што не би можеле да го победат искушението како што го победил Исус. Со својот пример Иус покажал дека човекот може да го победи искушението и да остане чист.
Драги пријатели, тајната и на нашата победа над гревот лежи во соединувањето на човечката природа со божествената. Христовото искушение и победа зборуваат за тоа дека секое човечко суштество мора да земе удел во Божјата природа ако сака да ја стекне и нејзината бесмртност. Библијата кажува дека преку Христа „божествената сила ни подарила сè што е потребно за животот и побожноста…“, за да „станеме учесници во Божјата природа“ (2. Петрово 1,3.4).
Во Исуса Христа човекот и Бог повторно станале едно. Исус го откупил Адамовиот пад. Тој е втор и последен Адам. Зошто и ние да не бидеме едно со Бога? Исус се молел за нас: „Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ (Јован 17,21). Тоа нека биде и наша молитва!