7.2. Единствено Дете на мирот
„Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Тој Го објави.“
Јован 1,18
Пред неколку години светскиот печат донесе интересна статија од перото на еден англиски астролог. Во предвечерието, на божиќните празници тој објавил свое „пророштво“ за скорашна појава на голем ослободител на човештвото. Неговите претпоставки се засновуваа врз меѓусебниот однос на планетите. Објави дека наскоро ќе се појави голем ослободител. Еве го неговото „Пророштво“.
„Наскоро доаѓа нов водач кој ќе го ослободи светот од хаосот… Тој ќе биде говорник со волшебен глас. Ќе му биде својствен поетски начин на изразување, а во неговите гестови ќе има музика. Неговото знаење ќе биде огромно, а расудувањето совршено. Сѐ што ќе прави ќе биде прифаќано како најдобро, и на сите околу него ќе им се чини дека никогаш порано не сретнале личност со толку неодолива привлечност. Народот ќе го обожава на секој чекор и ќе оди по него“.
Природно, ова „претскажување“ на еден астролог во атмосфера на предбожиќните празници предизвика духовити коментари, но најавениот водач ни до денеска не се појави. Ова „пророштво“ никој не го сфати сериозно како и многу други поранешни астролошки претскажувања. Единствено што сите го знаеме е тоа дека еден таков човек навистина ни е потребен. Но дали навистина можеме да се надеваме дека ќе дојде една таква личност? Со Библијата во рака ние не сме препуштени на претпоставки. Библијата ни најавила таква божествена личност уште пред дваесет и седум векови. Исаија напишал: „Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 9,6).
Овој човек е во фокусот на сите пророштва на Библијата. Всушност Тој е кормилар на човечката историја. И повеќе од тоа: Тој е цар на целата вселена. Тој веќе дошол на нашиот свет пред дваесет векови. Моќниот Бог, кого го обожаваат ангелите, кој ги создал сите светови во вселената, станал човек за да го спаси човештвото. Божјиот Син станал Син човечки. Ништо не ни дава толку радост како истражувањето на ова откровение на Божјата љубов. Тоа ѝ овозможува на човечката вознемирена душа да се фати за раката на семожниот Бог во лицето на Исуса Христа.
Исус бил човек со наша крв и живеел со наш живот. Се родил и растел во човечко семејство. Не бил ниту особеник ниту испосник. Како дете „напредуваше во мудроста и возраста и во милоста пред Бога и пред луѓето“ (Лука 2,52). Исус не дошол на овој свет како наполно развиена личност. Растел како секое дете и постојано напредувал во стекнувањето на знаење и мудрост. Со непрекинато учење и со трудољубиво истражување Исус го стекнал она што му припаѓало од вечноста. Тој до крајни граници ги развил сите сили и способности на човечкиот ум, давајќи ни и во тоа вистински пример.
Пред неколку години науката нѐ восхити со откритието за огромната способност на човечкиот ум. Еден научник рече: „Мозокот содржи сто пати повеќе нервни врски отколку целокупниот светски телефонски систем. Тој е снабден со автоматска централа и нема граници на неговата способност на самопоправање“.
Исус ги развил сите свои духовни способности и стекнал таква мудрост што неговите ученици „се чудеа и велеа: Од каде при Него ваква премудрост и сили?“ (Матеј 13,54). Тоа прашање било постојано на усните на неговите слушатели, зашто „никогаш човек не говорел така како Овој Човек“ (Јован 7,46). Зад неговите зборови стоела небесна власт. Додека пред Христа пророците зборувале: „Така кажува Господ“, Исус зборувал: „Јас ви кажувам“. Старите пророци ја истакнувале вредноста на својата порака затоа што таа доаѓа од Бога, а Исус им давал полна важност на своите зборови – бидејќи Тој лично дошол од Бога. „Ти имаш зборови за живот вечен“ (Јован 6,68), му рекол апостол Петар на својот божествен Учител.
Исус напредувал и во растот. Момчето растело до висина на возрасен, строен човек. Употребувал секира, пила, чекан, клешти – со еден збор знаел да изгради куќа. Жителите на Назарет го познавале како добар и неуморен работник.
Исус исто така напредувал духовно – „во милоста пред Бога“. Исусовиот живот бил во хармонија со Бога. Додека уште бил дете, мислел и зборувал како дете, но ниту сенката на гревот не го затемнила Божјиот лик во него. Исус бил изложен на секаква проба на карактерот. Постојано морал да биде претпазлив за да ја сочува својата чистота. Неговиот урамнотежен карактер бил привлечен и красен во својата совршена убавина. Во сообразност со законите на детството, неговиот ум и тело се развивале постепено и хармонично.
Исус се развивал и општествено – „во милоста пред луѓето“. Тој подеднакво им бил пријател и на праведниците и на грешниците. Никогаш не добил поголемо признание отколку тогаш кога неговите противници го критикувале што „отиде во куќата на грешен човек“ (Лука 19,7). Сите луѓе ги гледал како Божји созданија и со сето срце сакал да ги воведе во Божјето царство. Во неговите очи сите луѓе биле еднакви.
Кога апостол Јован рекол: „Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Тој Го објави“ (Јован 1,18), кажал величествена вистина. Зборот „објави“ значи дека Христос им го претставил Бога на луѓето, но на посебен начин. Исус не само што го најавил Отецот излегувајќи сам на сцената, туку излегол заедно со него. Отецот и Синот стапиле на сцената на човечкото спасение рамо до рамо, а Синот бил оној што го објавил невидливиот Отец со својата видлива личност.
Божјиот Син, Христос, дошол на Земјата и се движел меѓу луѓето, ни го покажал Отецот и ни ја открил големината на неговата љубов. Божјата љубов не го опфаќа само светот како целина, туку и секој поединец на светот. Отецот рекол преку својот Син: „Кој доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор“ (Јован 6,37).
Исус го повикува секого од нас поединечно! Не некоја црква, група или раса, туку секој човек. Исус е човек на нашата судбина, на нашиот живот. Тој е наш Спасител. Божјата љубов е централна точка на Христовото учење. Исус е човек кој ни е не само неопходен, туку и незаменлив!