5.4. Промашувањето на првиот човек
„И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат.“
1. Коринќаните 15,22
Грчкиот оригинал на Новиот завет за поимот грев најчесто го употребува зборот „хамартиа“. Овој збор потекнува од подрачјето на стрелечката вештина и значи „ја промашува целта“. Без сомнение, гревот е најголемото промашување. Но тој е нешто уште потрагично: гревот е прекин на заедницата со Бога.
Основен Адамов грев бил обидот да живее одвоено од Бога. Тој заклучил дека ќе може да живее и без заедница со Бога. Неговото одвојување не било дело на еден миг туку израз на промислена одлука. Иако жената по редослед била прв грешник, мажот сепак бил поголем грешник според степенот на свесноста на својата постапка. Во таа смисла Библијата кажува дека „и Адам не беше измамен“ (1. Тимотеј 2,14). Во основата на неговиот престап се наоѓал мотивот на одвојување и независност од Бога. Тој свесно се одвоил од Бога и станал отцепена гранка од Божјето стебло.
Гревот може да се јави во најразлични облици, но тој секогаш е знак дека е прекината врската со Бога. Човекот со својата непослушност згрешил против Божјиот закон, но неговиот грев всушност бил насочен против Божјата љубов, зашто „љубовта е исполнување на Законот“ (Римјаните 13,10).
Прва последица на одвојувањето од Бога била исчезнувањето на мирот од Земјата. Единствена можност човекот да го поврати мирот е својата волја да ѝ ја потчини на Божјата волја. Бог му зборува на секој човек: „О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови“ (Исаија 48,18).
Кога нашата прамајка Ева покажала непослушност и дошла кај Адама, тој уште повеќе ја влошил ситуацијата со тоа што и самиот згрешил. Наместо да ја одоброволи да се покае и со тоа да биде нејзин вистински заштитник, Адам станал нејзин соучесник. Кога постојано би биле заедно, тие со здружени сили би му се спротивставиле на искушението. Но Адам и Ева се одвоиле од Бога и пошле по свој пат. За жал, првите грешници набргу морале да сфатат дека раскинувањето на заедницата со Бога им донело понижување, грижа на совеста и смрт.
Премногу често денеска гревот се смета за смелост и за шега. Меѓутоа, гревот истиот миг нашите прародители ги направил вистински кукавици. Во нив се случила чудна промена. Почувствувале страв под ударите на разбудената совест. Си помислиле дека можат да се скријат од Бога. Библијата кажува: „Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја“ (1. Мојсеева 3,8). Тогаш Бог се нашол во улога на грижлив татко кој пошол по своите заскитани деца да ги увери дека сè уште ги љуби и дека им проштава: „Но Господ Бог го повика Адама и му рече: Каде си?“ (1. Мојсеева 3,9).
На Бога не му бил непознат Адамовиот престап, но со ова прашање сакал Адам да стане свесен за тежината на гревот. Дури тогаш Адам би можел да бара проштавање и помирување! Адам ја фрлил вината врз жената, обвинувајќи го всушност самиот Бог. „Жената која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев“ (1. Мојсеева 3,12), било сè што рекол во своја одбрана.
Најтешките последици на гревот се чувствуваат во човечката душа. Гревот е престап против сопственото суштество. Поради својот грев, Ева го загубила своето морално и духовно достоинство. Тајната на нејзината среќа лежела во нејзината здруженост со Адама. Наеднаш гревот ја променил не само нејзината природа, туку и нејзината улога како Адамова помошничка. Не само што себеси си нанела штета, туку и Адама го сторила совиновник. Наместо да му биде помошник, станала негов искушувач. Нему му станала она што змијата ѝ била нејзе! Каков пресврт во однесувањето! Се измамила и веднаш пошла да измами!
Со својата промислена и свесна согласност со понудата на Ева, Адам не ја намалил нејзината вина. Напротив, нагло ја влошил заедничката положба. Полуотцепената гранка ја истргнал од стеблото и ја фрлил на земја. Откинатата гранка е осудена на смрт. Со Адамовата постапка целото човештво станало оттргната гранка од Божјето стебло.
Ева, најмилото создание во целиот Едем, го поставила прашањето на доверба во Бога. Ласкањето на „змијата“ насочено кон Ева, проникнато со сомневање во Божјата доброта, нашло одѕив во нејзиното срце. Искушувачот ѝ ветил дека ќе стане слична на Бога и со тоа не ќе мора повеќе да зависи од него. Неразумно изразила сомневање во својот Творец. Во мигот на недостаток на вера се поврзала со кнезот на злото кого што Исус го нарекол со вистинско име: „Зашто е лажец и татко на лагата“ (Јован 8,44).
Адам за гревот ја обвинил Ева, а Ева змијата. Човечкото дошло до полн израз! На грешникот полесно му е да ги обвини сите и секого освен себе. Сепак, иако го осудил гревот, Бог го спасил грешникот. Осудувајќи го гревот, Тој предвидил дека на крај архиискушувачот и сите сили на злото ќе бидат збришани од лицето на Земјата. Гревот ќе биде наполно искоренет од вселената. Тоа била Божја прогноза за исходот на битката против злото. Во Првата книга Мојсеева 3,15 е прогласен првиот указ за евангелието на милоста: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин“. Тоа била прва објава на војна против сатаната.
Одвојувањето од Бога ги затемнило прозорците на човечкиот живот и кон небото и кон Земјата. Гревот не само што на човештвото му донел проклетство, туку и сè на Земјата паднало под удар на грешноста. „Ќе ти раѓа трње и плевел“ рекол Господ. Човекот ќе мора да го храни семејството со мака и со пот на лицето. Земјата нерадо ќе му ги дава своите плодови.
Нашиот живот би бил тажна историја на гревот како кобно промашување кога смртта би била навистина конечен крај на животот. Но последен збор на животот не е смртта, туку воскресението. „И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15,22).
Сликата на гревот како промашување Исус ја дал во расказот за загубениот син. Синот од овој расказ мислел дека знае многу повеќе од таткото. Ја раскинал заедницата со таткото за да живее сам, но барајќи слобода, нашол ропство. Жедувајќи за самостојност, станал роб. Презирајќи го таткото кој го чувал, се спуштил толку ниско што почнал да чува свињи што ги презирал. На крај сфатил дека е погрешно мислењето оти може да живее одвоено од својот татко. Рекол: „Ќе станам и ќе се вратам кај татко ми“ (Лука 15,18). Враќањето кај таткото значело враќање во животот.
Животот и бесмртноста се наоѓаат во повторното соединување со Бога по пат на вера, бидејќи Бог толку го милее „светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, туку да има живот вечен“. Бог е највисоката мета на животот! Зар да ја промашиме?