5.3. Ангел отпадник
„Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“
Јаков 4,7
Библијата кажува дека сатаната постои и дури дека дошол од небото. Исус им рекол на своите ученици: „Го видов сатаната дека падна од небото како молња“ (Лука 10,18). За паѓањето на тој најголем ангел кажува апостол Јован: „И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени“ (Откровение 12,9).
Сатаната бил славно суштество, создаден како и другите ангели. Поради неговата величествена појава пророкот Исаија го нарекува син на Зората и Луцифер. Неговото таинствено и необјасниво паѓање го натерало пророкот да се запраша: „Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите“ (Исаија 14, 12).
Заедно со сатаната паднале и многу ангели „што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија своето живеалиште“ (Јуда 6). Расцеп меѓу ангелите! Драма во вселената! Но зошто овој силен ангел, носител на светлина, ѕвездата Деница, паднал од небото на Земјата и станал сатана?
Во Библијата наоѓаме околу четириесет имиња за сатаната. На пример: ѓавол, непријател, озборувач Велзевул, кнез кој владее во ветерот и други. „Сатана“ значи противник, додека „ѓавол“ значи озборувач или клеветник. Тој исто така е измамник „човекоубиец од почеток“ и тој „е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8,44).
Како дошло до тоа тој од ангел да стане ѓавол и од светлина темнина? Одговор наоѓаме во следниот текст на пророкот Исаија: „А во срцето свои си велеше: Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот. Ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот“ (Исаија 14,13.14).
Од овие зборови јасно се гледа желбата на Луцифера за власт. Во својот план за освојување на вселената рекол пет пати едноподруго: Јас ќе, јас ќе и јас ќе! На крилјата на својата горделивост сакал да летне над ѕвездените облаци и да се „изедначи со Вишниот“. На вратата на Божјето царство затропал грев. Тоа бил страшен предизвик за Отецот на љубовта, на милоста и мирот. Војските на ангелите се вознемириле. Приврзаниците на сатаната ги извадиле сјајните мечеви на својата висока интелигенција за борба против својот Творец. Така почнала војна на ангелите. Немало крв, но оваа војна ги однела своите жртви. „И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото“ (Откровение 12,7.8).
Наместо да се вивне над небесата, овој ангел паднал на Земјата и од колепката направил гробница. Пророкот го проследил неговиот пад со зборовите: „Но ти си соборен во пеколот, во дното на јамата. Оние што ќе те видат, ќе се загледаат во тебе, ќе си речат за тебе: тоа ли е човекот, кој земјата ја разнишуваше и царства потресуваше, вселената во пустина ја претвори и ги разрушуваше градовите нејзини, робовите не ги пушташе по домовите нивни?“ (Исаија 14,15-17).
Историјата на светот зборува дека желбата за власт предизвикала неопишани разурнувања, крвопролевања, рани и смрт. Ако нема ѓавол, тогаш кој е одговорен за сето зло и страдања, за војните и гробиштата по сета Земја? Овој невидлив жител на Земјата себеси се смета за поглавар и кнез на големиот сојуз „на управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефесјаните 6,12).
Овие вселенски злосторници активно учествуваат во светските настани како и во однесувањето на поединците. Нивното силно влијание е одговорно за уништувањето на многу народи. Затоа апостол Павле кажува: „Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство; зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефесјаните 6,11.12).
Потеклото на сатаната не е библиска тајна. Кога го создал Бог, Луцифер не бил ѓавол туку херувим, шестокрилен ангел засолнувач. „Беа направени тапани и кавали, на денот на твоето раѓање беа подготвени“ (Езекиел 28,13). Станал ненадминлив композитор, музичар и хороводител на небесните хорови. На неговата глава е излеано масло на сите Божји благослови и способности. Сам Бог рекол: „И беше помазан херувим-заштитник, и Јас те поставив за тоа“ (Езекиел 28,14).
Не е тајна дека овој распеан ангел станал причина за лелек и пискот на нашата планета, но причината за оваа страшна промена не е дадена. Гревот нема објаснување ниту оправдување, причина или извинување.
Беззаконието било грев и сè уште „гревот е беззаконие“ (1. Јованово 3,4). Горделивоста предизвикала пад на херувимот Луцифер. Љубовта е претворена во омраза, убавината во грдост, мудроста во безумие. „Се исполни со неправда и ти згреши… херувиме-заштитник!… Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја; затоа Јас те соборив на земја, те предадов на потсмев пред царевите“ (Езекиел 28,16.17).
Во 3. глава од Првата книга Мојсеева читаме како сатаната ги измамил првиот маж и жена. Најпрво им ја наметнал мислата дека она што го кажува Бог не мора да биде вистина, а потоа дрско истапил обвинувајќи го Бога за лага. Бог им кажал дека ќе умрат ако згрешат, а сатаната тврдел спротивно: „Не, нема да умрете!“ (1. Мојсеева 3,4) Последиците се мошне добро познати: „Како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5,12).
Сатаната ги одвои првите луѓе од Бога, а другите сами се отцепиле. Не мораме да ѝ се чудиме на човечката наивност пред таквиот подмолен и маскиран противник, „бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11,14). Никој не е способен да се препира со сатаната, а уште помалку да го победи. Во секој човек сатаната има нешто од својата природа – само во Исуса Христа немало ништо од неговиот карактер. Само Христос „не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петрово 2, 22).
Ѓаволот има способност да се престорува и да ги мами мажите и жените, младите и старите, „преку измислени приказни“ (2. Петрово 1,16).
Драги пријатели, без сомнение тоа е причината за предупредувањето што ни го упатил светиот апостол Павле: „За да не земе сатаната предимство над нас; бидејќи неговите замисли ни се извесни“ (2. Коринќаните 2,11). Сега е миг да му се спротивставиме. „Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4,7).