5.2. Невидливиот свет на ангелите
„Затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да Те чуваат на сите патишта Твои.“
Псалм 91,11
Луѓето сè уште малку знаат за планетата на која живеат. Сè уште многу повеќе го има она што не може да се види отколку она што се гледа. Да го замислиме само неизмерниот број на атомите што се наоѓаат во воздухот. Без сомнение, тие постојат иако се невидливи. Ни самиот воздух не може да се види, но неговото постоење може лесно да се докаже. Ниту со помош на супер-електронските микроскопи не можат да се видат сите физички тела што несомнено постојат и можат да се докажат на друг начин. Колку дури луѓето малку знаат за вселената во која живеат.
Библијата е книга што ја отстранува завесата меѓу видливото и невидливото. Нејзините вдахновени писатели зборуваат за постоењето и за животот на еден чудесен, невидлив свет. Творецот на видливиот свет е Творец и на невидливиот. Библијата ни кажува дека „преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на Земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено“ (Колошаните 1, 16).
Големиот Творец на невидливиот и видливиот свет е Исус Христос, „кој е образ на невидливиот Бог“ (Колошаните 1,15). Бог е невидлив, но во Христа можел и да се види и да се чуе. Апостол Јован кажува дека дури и нашите земни „раце го опипаа“ (1. Јованово 1,1).
Врската меѓу видливиот и невидливиот свет е прикажана во Библијата со прекрасната слика од сонот на Јакова. „И виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа“ (1. Мојсеева 28,12).
Библијата ни помогнува да дознаеме нешто за невидливите суштества во вселената. Жителите на тој невидлив свет псалмистот ги нарекува ангели: „Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува“ (Псалм 34,7).
Сигурно веќе сте слушнале дека некои луѓе доживеале несреќа и останале живи под необични околности, а можеби и самите сте го искусиле тоа. За сите тие необични спасувања можеме да им заблагодариме на ангелите. Всушност, Библијата кажува дека секое Божје дете има свој ангел чувар кој бдее над него и го чува од раѓањето до смртта. Сам Исус го потврдил тоа со зборовите: „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен“ (Матеј 18,10).
Разни легенди за ангелите од средниот век мнозина навеле да не веруваат ниту во она што го кажува Библијата за ангелите. Други, пак, мислат дека ангелите се духови на умрените. Некои тврдат дека тие воопшто не постојат, и како и некогаш садукеите велат дека „нема ни воскресение, ни ангел, ни дух“ (Дела на апостолите 23,8). Но што кажува Библијата за ангелите, за овие невидливи жители на небесното царство?
Пред сè, дали ангелите се духови на нашите покојни предци? Одговорот на Библијата е јасен и одреден. Ангелите не се души на умрените. Во тоа можеме да бидеме наполно сигурни затоа што Библијата кажува дека ангелите постоеле уште пред да умре првиот човек на овој свет. Кога нашите прародители згрешиле и биле оддалечени од својот дом во Едемската градина, Бог, „постави на исток пред градината Едем херувим и огнено оружје, кое се вртеше и натаму и наваму, за да го пазат патот кон дрвото на животот“ (1. Мојсеева 3,24).
Библијата зборува за различни редови ангели, а херувимите се еден од нив. Ангелите се суштества што ги создал Бог пред да го создаде човекот. Во писмото тие често се споменуваат и како „Божји синови“ (За Јов 38,7). Нашиот збор „ангел“ доаѓа од грчкиот збор „ангелос“, кој буквално значи „весник“. Еврејскиот збор за нив е „малах“.
Во Посланието до Евреите читаме: „Што е човекот, та го помниш, или Син Човечки, та да го посетуваш? Си го понизил нешто малку подолу од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце“ (Евреите 2,6.7).
Библијата е полна со извештаи за ангелите и за нивните дела. Таа кажува дека нивната моќ е огромна. Апостол Јован рекол дека илјадници и милиони ангели се наоѓаат „околу престолот Божји“ (Откровение 5,11).
Повеќе пати ангелите се појавувале на Земјата со човечки лик и биле примани како гости од страна на своите гостољубиви домаќини. На пример, Божјиот пријател Аврам „не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели“ (Евреите 13,2). Неговиот близок роднина, Лот, примил на преноќиште два човека како патници кои всушност биле Божји ангели. „И тој ги нагости, им испече лебови пресни, и јадеа“ (1. Мојсеева 19,3).
Многу пати ангелите ги спасувале Божјите слуги од смртни опасности. Кога министерот на персискиот цар Дариј, Данило, бил обвинет и фрлен во јама пред лавови, за своето чудесно избавување можел да му благодари на еден ангел. За тоа му рекол на царот: „Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, оти јас излегов пред Него чист, па и пред тебе, царе, не сум извршил никаков престап“ (Даниел 6,22).
Кога пророкот Илија паднал во душевна криза, бил испратен ангел од небото да го окрепи обесхраберениот пророк. Го нашол далеку в пустина под една смрека. Библијата кажува: „И ете, ангел го допре и му рече: Стани, јади и пиј“ (1. Царевите 19,5).
Ангелите се наоѓаат насекаде околу нас како невидливи сведоци на нашите зборови и дела. Колку поинаку би живееле и би зборувале кога би биле свесни дека нè посматраат и нè слушаат светите Божји ангели! Затоа вдахновениот проповедник ни дал добар совет: „Не ѝ дозволувај на устата своја да го тера во грев телото твое и не говори пред Ангелот Божји: ’Тоа е грешка!’“ (Проповедник 5,6).
Ангелите имале видно учество во Христовиот живот. Еден ангел го објавил неговото раѓање и истиот ангел го предупредил Јосифа навреме да се засолни од Иродовиот меч. „Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа“ (Матеј 4,11). Христов ангел го отстранил каменот од гробот и го објавил Христовото воскресение.
Врската меѓу Земјата и небото се одржува со посредство на ангелите. Овие свети суштества се длабоко заинтересирани за спасението на целото човечко семејство и на секого од нас поединечно. Ангелите „се определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението“ (Евреите 1,14).
За жал, постои и темна страна на оваа светла слика. Приближно една третина од непознатиот број на небесната војска паднала во грев и била фрлена на Земјата. Овие паднати ангели во Новиот завет се нарекуваат „демони“. Еден ден Бог ќе ја ослободи вселената од нивното присуство. Демоните засекогаш ќе исчезнат, а светите ангели ќе станат видливи пријатели на спасените на новосоздадената Земја.
Уште денеска можете да уживате заштита и помош од Божјите ангели. Ако верувате во Христа, Бог ќе заповеда и за вас како што заповедал за својот Син: „Затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да Те чуваат на сите патишта Твои“ (Псалм 91,11).