5.1. Недела или сабота
„Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание… Но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.“
Матеј 15,6.9
Познато е дека неделата се смета како знак на авторитетот на Римската црква, па сепак многу христијани го празнуваат овој ден иако не ја признаваат нејзината власт. Католичкиот писател Клифтон ја истакнува оваа противречност во исповедањето на верата кај оние што велат дека се придржуваат кон Библијата, а сепак го празнуваат небиблискиот дел за одмор. Во својата расправа под наслов „ЗОШТО НЕ ГО ПРАЗНУВАТЕ СВЕТИОТ САБОТЕН ДЕН?“ („Клифтонови верски расправи“, 1869), Клифтон го прашува некатоличкиот свет зошто ја празнува католичката недела и покрај изричната Божја заповед за празнување на седмиот ден – саботата. „Кога Божјата заповед гласи така“, кажува Клифтон, „јас повторно ве прашувам: зошто не ја слушате? Зошто не го празнувате светиот саботен ден?“
Клифтон веднаш продолжува понатаму: „Можеби ќе ми одговорите дека вие го празнувате христијанскиот ден за одмор, дека се воздржувате од сите световни работи и редовно одите в црква, се молите и ја читате својата Библија дома секоја недела во текот на целиот свој живот“.
„Но“, продолжува Клифтон, „неделата не е саботен ден. Неделата е прв ден во седмицата; саботен ден е седмиот ден во седмицата. Семожниот Бог не заповедал луѓето да празнуваат кој и да е ден во седмицата, туку именува свој сопствен ден и недвосмислено рекол: ’Празнувај го седмиот ден!‘ Семожниот Бог навел причина зошто го избрал токму тој ден а не некој друг. Таа причина се однесува само на седмиот ден во седмицата, и не може да се промени на другите денови. Семожниот Бог рекол: ’Зашто Господ за шест дена ги создаде небото, Земјата морето и сѐ што е во нив, а во седмиот ден почина. Затоа Господ го благослови саботниот ден и го посвети.‘ Семожниот Бог наредил сите луѓе да се одмораат во седмиот ден, зашто и самиот се одморал во тој ден. Тој не се одморил во недела, туку во сабота. Во недела, која е прв ден на седмицата, Тој го почнал своето дело на создавањето, но не го завршил; го завршил во сабота.“
По овие зборови Клифтон повторно поставува сериозно прашање: „Секому му е познато дека семожниот Бог одредил да се празнува сабота а не недела. Зошто тогаш вие не го празнувате светиот саботен ден?“
„Вие ќе ми речете дека саботата е еврејска сабота и дека саботата е променета на недела. Променета?! Но кој ја променил? Кој има власт да ја промени изричната заповед на семожниот Бог? Кога Бог кажал: ’Ти ќе го празнуваш мојот свет ден‘, кој смее да се осмели да рече: ’Не! Ти можеш да ги работиш сите свои световни работи во седмиот ден; освен тоа, ти наместо него ќе го празнуваш првиот ден!’‘? – Тоа е мошне важно прашање на кое би сакал да ми одговорите вие.“
Клифтон станува сѐ понепосреден и кажува: „Вие сте протестант и тврдите дека се придржувате кон Библијата и само кон Библијата; па сепак, во една толку важна работа, како што е празнувањето на еден ден во седмицата, вие му се спротивставувате на јасното слово на Библијата и ставате друг ден на негово место. Заповедта за празнување на саботата е една од Десетте заповеди; вие верувате дека другите девет сѐ уште се во сила; кој ви дал власт да ја менувате четвртата? Ако доследно се придржувате кон своите принципи, ако навистина ја слушате Библијата и само Библијата, тогаш треба да располагате со некои текстови од Новиот завет во кои изрично се наведува дека четвртата заповед е укината или, во најмала рака, дека можете од нив недвосмислено да заклучите оти Божја волја е христијаните да го променат денот за празнување што го поставил Тој. Ќе се обидеме да видиме дали воопшто може да се најде таков текст. Јас ќе го побарам меѓу текстовите што ги наведуваат вашите учители обидувајќи се да го оправдаат празнувањето на неделата“.
Еден од првите текстови што ги зема Клифтон од протестантската одбрана на празнувањето на неделата е следниот: „Никој, нека не ве осудува за јадење или пиење, или за некој празник, или за млад месец или саботи“ (Колошаните 2,16). „Јас можам да сфатам“, кажува Клифтон, „дека во врска со овој текст може да се расправа дали воопшто треба да се прави разлика меѓу саботата, неделата и кој било друг ден во седмицата… но тука со ниедна буква не се кажува дека обврската за празнување на саботата е пренесена од еден ден на друг“.
Потоа Клифтон ги наведува сите текстови од Новиот завет што ги користат теолозите за да го оправдаат празнувањето на неделата. Кога ги набројал сите и ги побил, тој кажува: „Јас не знам ниту еден друг текст од Светото Писмо што обично го цитираат протестантите во одбрана на своето празнување на првиот ден во седмицата, наместо седмиот; но сигурен сум дека ниту оние што ги цитирав не можат да задоволат ниеден разумен човек. Не е можно да се заклучи од текстовите што ги цитирав дека семоќниот Бог сака празнувањето на саботата во Стариот завет да го пренесе на неделата во Новиот.“
И најпосле, еве го заклучокот во кој Клифтон ги изнесува вистинските причини на протестантското, но и на своето, католичко, празнување на неделата. Тој кажува: „Сегашното поколение протестанти празнува недела наместо сабота затоа што ја наследило како дел на христијанската религија од минатото поколение, а тоа поколение ја наследило од поколението пред него, и така со поколенија наназад до времето на таканаречената реформација, кога оние, што ја промениле религијата го оставиле овој, посебен дел на католичката вера и практика негибнат“.
„Ние католиците“, завршува Клифтон, „празнуваме недела наместо сабота врз основа на истиот оној авторитет што важи за секој друг член на нашето верување, имено, врз основа на авторитетот на традицијата што ја следиме ние верувајќи дека таа е дел на Божјата реч и дека црквата е одредена да биде нејзин чувар и толкувач“.
Што е тоа традиција? Според католичкиот речник (Њујорк 1893), традиција „во најширока смисла е предание на сите вистини, докажани и недокажани, од едно поколение до друго и претставува голема врска меѓу сегашноста и минатото“.
Но традицијата ја создале луѓето, и како што се несовршени луѓето, така е несовршена и традицијата. Меѓутоа, Библијата не е основана на традицијата, туку на директното откровение дадено од Бога. „Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3,16), и, според тоа, не е производ на човечкиот дух, туку на Божјиот. Дури и најдобрите црковни верувања се само одек на веста, а Библијата е вест. Таа е над традицијата, зашто е од Бога. Кога апостол Павле кажува: „ги држите заповедите така, како што сум ви ги предал“ (1. Коринќаните 11,2), тој зборува за заповедите, а не за традицијата.
Исус традицијата ја сметал за туѓ извор. На своите противници им рекол: „Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание. Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи: ’Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповедта човечки повелби‘“ (Матеј 15,6.9). Исус ја отфрлил традицијата и нејзините толкувања и укажал на Светото писмо како на единствено правило на верата со зборовите: „Пишано е“ (Матеј 4,4.7.10). Да сториме и ние така и нема да згрешиме!