4.3. Ден на сеќавање и размислување
„Но, за народот Божји сѐ уште останува почивката саботна.“
Евреите 4,9
Во Библијата нема противречности ниту празнини иако на неупатениот читател понекогаш му се чини дека има. Противречност нема ниту во книгите на нејзиниот најстар писател Мојсеј, дури ниту тогаш кога ги пишувал во својата сто и дваесетта година… „Но видот не му беше ослабнат, и силата негова не му беше опаднала“ (5. Мојсеева 34,7). Меѓутоа, во тие години од својот живот, кога ги повторил Десетте заповеди, Мојсеј како причина за празнување на седмиот ден – саботата – го зел излегувањето од Египет, а не создавањето. Рекол: „И помни си, дека ти беше роб во Египетската земја, но Господ, твојот Бог, те изведе оттаму со цврста рака и со висока мишка; затоа и ти заповеда Господ, твојот Бог, да го почитуваш саботниот ден и да ти е свет“ (5. Мојсеева 5,15).
Оваа привидна противречност не била ниту случајна ниту без значење. Заповедта за саботата е дадена вечно да нѐ потсетува на вистината за Бога. Оној што нѐ создал како слободни суштества ја користи својата творечка сила да нѐ ослободи од секој вид ропство. Саботата е и знак на сеќавањето дека Бог ни ја враќа слободата што сме ја добиле со создавањето. Сеќавањето на саботата е сеќавање на слободата.
Мојсеј сакал да им го објасни на своите сонародници вистинското значење на празнувањето на саботата. Неговиот народ го загубил од вид фактот дека саботата зборува за Бога – за неговата моќ да создава и да го обновува сѐ она што го создал. Евреите сето тоа скоро го заборавиле и за нив саботата станала само еден неработен ден. Таа не ги потсетувала повеќе на саботата во Рајот и на Божјата првобитна намера за човекот – да живее вечно во вистинска среќа и никогаш да не го почувствува ропството на гревот.
Евреите во Христово време исто така до крајности ја развиле смислата за безделничење во сабота и разработиле цела низа правила за тоа. Божјата заповед за саботата ја запретале со човечки прописи за начинот на нејзиното празнување, така што заборавиле што таа претставува. Заборавиле дека саботата зборува за моќта на Творецот да спасува. Спасението сакале да го стекнат со свои дела а не со вера во Спасителот. Без оглед на тоа колку биле ревни и строги во забранувањето да се работи во сабота, тие не ја празнувале правилно и затоа ги загубиле сите нејзини благослови.
Големата цел на саботата е да потсетува на ослободувањето од гревот по пат на вера а не со заслуги. Никој не може да оспори дека целата Библија учи оти „плата за гревот е смрт“, но исто така учи дека „дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6,23). Грешникот може да се откупи само со вера а не со дела. Празнувајќи ја саботата, ние ја исповедаме нашата вера во Исуса Христа не само како наш Творец, туку и како наш Откупител од гревот. Исус нас нѐ ослободил од погрешното учење за самоспасување со дела, но не нѐ ослободил од послушноста на Божјата волја.
Своето непрекинато настојување да го одржи празнувањето на седмиот ден среде својот народ Господ го образложил со зборовите: „Им ги дадов исто така и Моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат, дека Јас сум Господ што ги осветува“ (Езекиел 20,12). Некои христијани го празнуваат првиот ден во седмицата во чест на Христовото воскресение, но само седмиот ден нас нѐ потсетува на Творецот кој го дал својот живот за нас. Само саботата е ден кој нѐ потсетува на Бога како Оној кој нѐ посветува.
Посветувањето го опфаќа не само проштавањето од гревот, туку и исцелувањето од раните што ни ги нанесол гревот. Саботното посветување значи хармонично развивање на нашите физички, духовни и душевни способности заради обновување на Божјиот лик во нас. Со празнувањето на седмиот ден признаваме дека само Творецот може да стори чудо на преобразување на нашата човечка природа во божествена. Како што нè создал на почетокот, така може повторно да нѐ создаде и денеска. Повторното создавање, односно преобразување на грешникот во Божји лик, не е помалечко чудо отколку создавањето на совршен човек во почетокот на светот. Псалмистот покајнички се молел за преродување и посветување: „Создај чисто срце во мене, Боже“ (Псалм 51,10).
Некои сметаат дека тоа посветување можат да го постигнат со строга самодисциплина и послушност. Но секоја сабота доаѓа да нѐ потсети дека преродувањето може да се постигне само со вера во нашиот Творец. Саботата на човекот му служи да го потсети на вистината за Бога и да ја засили неговата вера.
Многу христијани во минатото сакале да се разликуваат од Евреите чија главна карактеристика била строго држење на саботата. Како доказ дека раскинале со јудејската религија, почнале да го празнуваат првиот ден во седмицата наместо седмиот. Оваа промена довела до тоа што скоро го заборавиле Христа како Творец. Напуштајќи ја саботата, исто така заборавиле дека откупувањето доаѓа само со вера во Исуса Христа. Со тоа заборавиле на второто Христово доаѓање.
Најпосле, саботата одговара на три големи прашања што му се наметнуваат на секој разумен човек: Од каде доаѓаме, зошто сме овде и каде одиме?
Библискиот празник за одмор нѐ потсетува на нашето божествено потекло. Тој ни зборува дека сме овде да го обновиме Божјиот лик во себе. Седмиот ден ни ја објавува не само вистинската цел на животот, туку ни укажува на идното второ Христово доаѓање како ден кога неговите верници ќе влезат почеток непријателот на нашите души презел сѐ да ја уништи саботата и заедно со неа и нашата вера во Христа како Творец и Откупител.
Празнувањето на седмиот ден не му противречи на учењето за спасение со вера, туку уште повеќе го утврдува. Овој посветен ден е знак на ослободувањето од гревот и од ропството на гревот. Мојсеј го видел неговото значење и во својата најдлабока старост. По многу векови, апостол Павле го рекол истото во Новиот завет: „Но, за народот Божји сѐ уште останува почивката саботна“ (Евреите 4,9). Нема промена! Сѐ што треба да сториме, според зборовите на Христовиот апостол, е да се „погрижиме да влеземе во тој спокој“ (Евреите 4,11).