4.2. Роденден на земјата
„И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои… и си отпочина во седмиот ден… И го благослови Бог седмиот ден…“
1. Мојсеева 2,2.3
Библијата кажува дека наша земја е создадена за шест обични денови. На секого, што ќе почне да ја чита Книгата на создавањето, му паѓа во очи истакнувањето на седмиот ден. Читаме: „И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои… и си отпочина во седмиот ден… И го благослови Бог седмиот ден…“ (1. Мојсеева 2,2.3). Така седмиот ден – саботата – станала роденден на Земјата.
Денот на раѓањето е непроменлив. Се случува некој да го промени името и прeзимето, но датумот на своето раѓање никој не може да го промени. Ако некој реши да слави некој друг ден, а не денот во кој се родил, сепак останува фактот дека негов ден на раѓање е само оној ден кога е роден. Тој ден е непроменлив затоа што фактите не можат да се менуваат.
Бог го прославил раѓањето на Земјата во сабота, во последниот ден од првата седмица на создавањето. Тогаш „ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост?“ (Книгата за Јов 38,7). Всушност со оваа свеченост Бог седмиот ден на првата седмица го одредил за празник, за одмор на сите идни времиња. Не е можно да се пренесе роденденот на светот од седмиот на првиот или на кој и да е друг седмичен ден. Библијата го прогласува седмиот ден – саботата – за непроменлив и неподвижен празник со овие зборови: „И го благослови Бог седмиот ден, и го посвети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде“ (1. Мојсеева 2,3).
Бог го благословил седмиот ден, и тоа со причина. Бог го љуби и не го заборава човекот како што човекот го заборава Бога. Нашиот свет не е само роден и потоа оставен на вселенска ледина. Се случува понекогаш мајката да го заборави своето чедо, но Бог не ги заборава своите созданија. Тој кажува: „Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам“ (Исаија 49,15).
Саботата – седмиот ден – не е воспоставена затоа за Бог да не го заборави човекот, туку човекот да не го заборави својот Творец. Таа станала споменик на Божјата моќ со која не само што го создал, туку со која и го одржува сѐ она што го создал. Саботата станала знак на силата и славата на Оној што создал еден совршен свет и што „дава да се раѓа“ (Исаија 66,9). Секоја дискусија со Бога за промена на неговиот свет ден е излишна, зашто „тешко му на оној, кој се расправа со Создателот свој, а претставува само црепче меѓу глинени садови! Ќе му каже ли глината на грнчарот: ’што правиш‘ и твоето дело ќе каже ли за тебе: ’тој нема раце?‘“ (Исаија 45,9).
Божјиот благослов секогаш значи среќа за семејството, духовен и материјален напредок за секој негов член и целосна поддршка од Творецот за оној што е благословен. Така, на пример, кога Библијата зборува за тоа како Бог го благословил младиот Јосиф, таа кажува: „И Господ беше со Јосифа, та затоа беше среќен… И господарот негов виде дека е Господ со него и дека сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева во рацете негови… и благословот Господов беше над сѐ, што имаше во куќата и во полето негово“ (1. Мојсеева 39,2-5).
Саботата е ден на слава, полн со радост и веселба. Да ѝ се откаже важноста на саботата значи да му се откаже на големиот Уметник авторското право на неговото ремек-дело и да се избрише неговиот потпис од дното на сликата. Тоа би значело да се менува светлината за темнина, веселбата за жалост – така прават мнозина. Ним Бог им упатил опомена преку пророкот: „Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнуваш желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов… тогаш ќе имаш радост во Господа, а Јас ќе те искачам на височини земни… зашто устата на Господ го изрече тоа“ (Исаија 58,13.14).
Уште еднаш Библијата ја истакнува непроменливоста на благословениот роденден на нашиот свет со зборовите: „Ти, Господи, кога ќе го благословиш, ќе биде благословен засекогаш“ (1. Дневникот 17,27).
Иако во историјата на благословениот ден имало обиди тој да се укине, да се промени или да се замени со првиот ден на седмичниот циклус, од почетокот на светот имало такви кои во сите векови со радост ја празнувале саботата. Исто така и денеска илјадници и милиони христијани – мажи, жени и деца – се радуваат за доаѓањето на секоја нова седмична сабота. Тие во неа гледаат Христов празник на радост, на посветување и благослов. Тие се увериле од Божјата реч дека саботата е незаменлив благословен ден на седмичен одмор. Саботата е сѐ уште задолжителна за сите луѓе како дел на Божјиот морален закон. Во самиот центар на тој Закон Бог нѐ потсетува на својот празник: „Помни го денот саботен, за да го празнуваш“ (2. Мојсеева 20,8).
Кога Христос излекувал една згрчена болна жена во сабота на самото богослужение, лицемерниот старешина на црквата во Ерусалим почнал да го укорува Христа со зборовите: „Има шест дена во кои треба да се работи!“ (Лука 13,14). Ово цитат бил точен, но Христос не дозволил на саботата да ѝ се одземат нејзините благослови. Исус ниту за миг не се колебал на саботата да ѝ ја врати славата на денот во кој треба да се излечат болните, да им се поврати среќата и мирот на жалосните и да се донесе радост во сите срца и домови. Христос проговорил како небесно Величество ослободувајќи ја саботата од човечките гледишта… „Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Аврамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден? А целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него“ (Лука 13,15-17).
Голем дел од своето време и многу проповеди Исус му ги посветил на учењето за вистинското празнување на саботата. Со својот пример ја ослободил од сите предрасуди и прописи со кои ја оптовариле свештениците. Христос секоја сабота ја направил извор на нова радост, здравје и утеха. Кога му се заканувале Евреите дека ќе го убијат затоа што не ги почитува нивните прописи за саботата, Исус мирно се повикал на својот божествен авторитет зборувајќи: „Мојот отец досега работи, и Јас работам“ (Јован 5,17).
Славејќи ја саботата, ние го славиме Христа и одиме по неговите стапки, зашто го правиме она што го правел Тој. Саботата е роденден на Земјата, ден на посветувањето и благословот. Библијата нѐ повикува да го следиме Христовиот пример со зборовите: „Спријатели се со Него – и ќе бидеш спокоен; преку тоа ќе ти дојде доброто“ (За Јов 22,21).