3.4. Специјално создавање
„Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно.“
Исаија 40,8
Кога за потеклото на животот претставниците на науката би изнеле само факти, би престанале да важат сите теории, мислења и претпоставки за тоа како настанал нашиот свет. Но ниту научниците ниту кој и да е друг можат да дадат докази за настанокот на животот и светот. Всушност, зборот „наука“ доаѓа од зборот што значи сознание проверено и докажано со опит. Без експериментални потврди нема научни вистини и сè останува на степен на претпоставка. За сите оние што се интересираат за факти а не за мислења, вистинското потекло на животот на нашата Земја е тајна. Затоа во целост зависиме од божественото откровение.
Многу современи научници тврдат дека во епрувета скоро го решиле проблемот на настанокот на животот. Овие учени луѓе сметаат дека на тој начин го отстраниле натприродното од природата. Меѓутоа, тоа заправо целиот проблем го поместиле од подрачјето на религијата на подрачјето на филозофијата. Зошто мнозина се наклонети кон теории и претпоставки за настанокот на животот иако немаат ниту малку можност што и да е да докажат? Веројатно затоа што свесно одбиваат да го прифатат библискиот извештај за специјалното создавање на светот и човекот.
Искрениот истражувач на потеклото на животот мора да признае дека развитокот на животот од пониски кон повисоки облици мора да го прифати со вера токму како и извештајот на Библијата за специјалното создавање. Кој може да ја објасни тајната на човечкото суштество освен библискиот извештај за создавањето? Кој му дал на човекот мозок, желудник, нервен систем и многу други органи што функционираат совршено поврзано? Од каде толку целисходна и разумна меѓусебна врска? Единствен логичен одговор е дека сето тоа го испланирал и го поврзал највисокиот Разум или Творецот.
Исус Христос го потврдил библискиот извештај за спацијалното создавање. Во својот коментар за потеклото на бракот рекол: „Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде“ (Матеј 19,4). Човекот го создал Бог и тоа според „својот лик“. Ваквото потекло на човечкиот род отвора пред нас бескрајни можности на бесмртен и прекрасен живот. Наше предимство е да ја истражуваме Книгата на природата и Книгата на откровението. Сам Исус нè упатил на тоа истражување со зборовите: „Погледнете ги лилјаните како растат: ни се трудат, ниту предат; но ви велам, дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив“ (Лука 12,27), и „Истражувајте ги Писмата“ (Јован 5,39).
Секој има можности да дознае што кажува Библијата за настанокот на Земјата, на животот и човекот. Никого не може да го задоволи купот на човечки мислења, теории и претпоставки. Човекот мора да има божествено откровение, и тој го има во Библијата. Библиското опишување на специјалното создавање на светот и човекот е кратко, едноставно и возвишено. На прашањето: „Како?“, Библијата на првата страница кажува: „Така се доврши небото и земјата и сиот украс нивни“ (1. Мојсеева 2,1).
Мнозина долго се сомневале во библискиот извештај за настанокот на човекот „од правот на земјата“, како што е напишано во втората глава од Првата книга Мојсеева. Извештајот за создавањето го нарекле легенда или мит на кој не може да му се посвети сериозно внимание. Но кога хемиските анализи потврдиле дека човечкото тело се состои од истите елементи како и обичната земја, извештајот за специјалното создавање на човекот морал да биде признат како научен. Човекот мора да зема храна што доаѓа исто така од земјата. Неорганските елементи од земјата само со Божја сила се преобразуваат во органски елементи кои го одржуваат и го обновуваат нашиот живот. Ова е само една од многуте научни потврди на библиската точност.
На крај од своите филозофски претпоставки за потеклото на животот, еден од најголемите поборници на постепениот развиток на животот, Х. Г. Велс, искрено изјавил: „Ние не знаеме како почнал животот на Земјата“. Сè што можела науката да дознае за животот речено е во оваа една реченица на научникот Луј Пастер: „Оmne vivo ex vivo“, што значи „Сè живо од живо“.
Сигурно е дека животот секогаш се наоѓа само во живо суштество и дека првото живо суштество било создадено. Таа вистина ја дознаваме од Библијата: „И пак рече Бог: ’Нека израсте од земјата зеленило – трева, растенија што носат семе, според својот род и вид, и дрво плодородно на земјата, што дава плод и има во себе семе, според својот род и вид!‘ И се стори така. Потоа рече Бог: ’Нека произведе водата лазачи, живи суштества, и птици да полетаат над земјата, под сводот небески!‘ И би така. И создаде Бог големи риби и секаков вид животни влекачи, а кои ги произведе водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, според родот нивни. И биде Бог дека е добро. Пак рече Бог: ’Нека произведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, и лазачи, и ѕверки земни според нивниот род!‘ И би така. И создаде Бог ѕверови земни, според родот нивни, и добиток според родот негов, и секакви гадинки на земјата, според родот нивни. И виде Бог дека е добро“ (1. Мојсеева 1,11.20.21.24.25).
Животот настанал како резултат на остварувањето на Божјиот план и програма, а не со проста игра на некаков случај. Никој не може да одговори на она познато прашање – што е постаро: кокошката или јајцето, ако не побара одговор во Библијата. Во библискиот извештај за специјалното создавање се гледа разум и ред, план и систем во создавањето на сите видови растенија и животни со неограничени можности на варијации внатре среде видот.
Кога библиската книга „Создавање“ зборува за видовите на растенијата и животните, таа мисли на основните видови. Да ја земеме, на пример, првата двојка на петел и кокошка. Денешните кокошки со најразлична боја, облик и големина, всушност се само варијации и раси што настанале од првата двојка како основен вид. Но кокошката никогаш не може да премине во друг основен вид животни, на пример, во видот на мачки или жирафи. Исто така ни јаболката не можат да станат компири, ниту трендафилите можат да се развијат во хризантеми. Библискиот основен вид се разликува од изведените „видови“ – подвидови, раси и семејства – како и стебло што се разликува од гранките; стебло е едно а гранки има многу.
Драги пријатели, додека ја читаме Библијата, ние го слушаме Божјиот глас. И најчесните човечки мислења за Божјите деца се само мислења, а Божјата рече е вистина. „Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно“ (Исаија 40,8). Бог себеси се открил во природата, во својата Реч и во својот единороден Син Исус Христос. Создавањето на светот е негово специјално дело!