3.2. Ѕвездите за својот Творец
„Подигнете ги очите горе и гледајте: кој го создаде тоа? Оној кој по број ја изведува нивната војска, и кој ги вика сите по име.“
Исија 40,26
Вестминстерската катедрала во Лондон е една од најинтересните градби на светот. Таа не е само црква туку и монументално здание на историјата. Нејзиниот западен портал води во галеријата на великаните од блиското и далечното минато. Тука, под мермерните спомен-плочи, почиваат еден крај друг двајца славни луѓе кои имале големо влијание врз научната мисла на светот. Тоа е Вилијам Хершел, астроном, и Чарлс Дарвин, природонаучник. Хершел умрел 1822, а Дарвин шеесет години подоцна, 1882 година.
Нивните надгробни плочи се наоѓаат една до друга. На Дарвиновата плоча можеме да го прочитаме неговото име и презиме, датумот на раѓањето и денот на смртта, а на Хершеловата нешто повеќе. Под неговото име ги читаме овие незаборавни зборови од Библијата? „Подигнете ги очите горе и гледајте: кој го создаде тоа? Оној кој по број ја изведува нивната војска, и кој ги вика сите по име“ (Исаија 40,26).
За миг да го пренесеме погледот од оваа голема катедрала на ноќното ѕвездено небо, во правец на ѕвездата Северница. Таа секогаш е на своето стражарско место. Ќе ги забележиме Плејадите на Млечниот Пат, а таму е и Орион со својот меч.
Со зборовите: „Подигнете ги очите горе и гледајте: кој го создаде тоа?“ Бог всушност нè повикува да ги истражуваме ѕвездите над нас. Кога би поминале барем една ноќ на некоја планинска чистинка или во некоја опсерваторија посматрајќи го движењето на ѕвездите, неминовно би стекнале подобро сфаќање за нивниот Творец. Нашето разбирање за Бога би станало подлабоко и пошироко. Кога би дознале уште нешто за немерливите оддалечености на ѕвездите, за нивниот бесконечен број и за вечната непроменливост на нивните патеки, би можеле скоро физички да ја забележиме Божјата рака што ги води.
Иако денеска не се слуша многу дека астрономијата сведочи за Бога, сепак небото – како и Библијата – е голема Божја книга. Едната ја потврдува другата. Човекот нема оправдание за своето незнаење за Бога, зашто, иако Бог е невидлив и недоловлив, сепак – „ним им е познато она што може да се дознае за Бога; Бог им го јави тоа. Дури и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, ако се посматраат неговите дела. Па така, немаат изговор“ (Римјаните 1,19.20).
Еден од најголемите астрономи на сите времиња, Вилијам Хершел, рекол: „Сите човечки откритија како да се правени само затоа за уште посилно да ја потврдат вистината што ни доаѓа од небото и од Библијата“. Зборовите што се вгравирани во неговата надгробна плоча се божествен повик и за оние што веруваат и за оние што не веруваат. Во сјајот на ѕвездите ние гледаме доказ за моќта и силата на нашиот Творец. Кога сите други докази за Бога би исчезнале, сепак ѕвездите би останале, и тоа би било доволно за Бог да не се заборави.
Величественото устројство на вселената зборува за интелектот кој е безгранично повисок од нашиот. Природно е да заклучиме дека оваа вселена, што се простира од беспочеток до бескрај, мора да има своја причина. Сè има своја причина и „ништо“ не може да даде „нешто“. Причина за сè е Бог, Творецот на небото и Земјата, онака како што го објавува Библијата: „Во почетокот Бог ги создаде небото и Земјата“ (1. Мојсеева 1,1).
За човечките очи ѕвездите се безбројни. Тоа значи дека човекот никогаш не ќе може да ги изброи! Уште старите Вавилонци во ведра ноќ можеле да избројат околу 3000 ѕвезди на небесниот свод. Па сепак, и во нивно време Бог во Библијата зборувал дека ѕвездите не е можно да се избројат. Уште околу две илјади години пред нашата ера, пред пронаоѓањето на телескопот, Бог му рекол на својот слуга Аврам: „Погледни на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш“ (1. Мојсеева 15,5). Современата астрономија штотуку почнува да ја сфаќа библиската вистина за тоа дека ѕвездите се безбројни. Само Бог „го определува бројот на ѕвездите и сите ги вика по име“ (Псалм 147,4).
Кога астрономот Хершел го направил својот телескоп, тогаш во една точка на небото можел да изброи 588 ѕвезди не поместувајќи го телескопот. Со постепено вртење на Земјата во текот на 45 минути пред леќата на телескопот продефилирале не помалку од 258 илјади ѕвезди! Денеска, со еден усовршен телескоп, овие илјади се изменети во милиони! Само во нашиот ѕвезден остров, што го викаме Млечен Пат, има стотици милиони ѕвезди. Слични ѕвездени острови, според мислењето на научниците, има милиони и стотици милиони. Дури ни најсилниот современ телескоп не може да ги фотографира сите светлечки патеки на ѕвездите во длабината на вселената. Ѕвезди има безброј. Па сепак, Бог, кој ги создал небесата и ги расеал ѕвездите по нив, направил место за сите нив.
Во деновите кога пророкот пишувал за безбројноста на ѕвездите, небото можело да се посматра само со голо око. Астрономите денеска го снимаат небото од ноќ на ноќ, од седмица во седмица, од година во година, а на нивните фотографии има сè повеќе ѕвезди. Библиската вистина за неброеноста на ѕвездите повторно возникнува пред восхитениот човечки ум. Така ѕвездите зборуваат за својот Творец.
Астрономијата кажува дека најблиската ѕвезда од нас е оддалечена околу 40 трилиони километри. Некои сметаат дека тоа е просечната оддалеченост што ги дели ѕвездите во вселената. Човекот не може да ја сфати големината на тоа пространство. Зборувајќи за тие бескрајности, Библијата го изразува своето восхитување: „Сè тоа е само тровче од Неговите дела, од кои ние слушаме само слаб одглас за Него. Но кој може да го сфати громот на Неговата сила?“
Драги пријатели, иако нашиот Бог е толку несфатливо голем, Тој сепак може да живее во срцата на сите оние што го бараат. Небесата зборуваат не само за неговата сила и слава, туку и за неговата мудрост и грижа. Но Библијата ја открива неговата милост и љубов што никогаш нема да ги разбереме сè додека не ги посматраме во лицето на Исуса Христа, распнат на крстот на Голгота. Кога ќе го побараме, Бог ја засилува нашата вера, нè осведочува во нашата грешност, ни ги проштава гревовите и нè откупува со жртвата на својот Син Исус Христос. Затоа да дојдеме кај него со сите наши проблеми и обесхрабрувања. Зар Исус не ни рекол: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ви дадам спокој“ (Матеј 11,28).