25.3. Проштавањето на царот Манасија
„Но да моли со вера и никако да не се сомнева…“
Јаков 1,6
Манасија бил четиринаесетти цар на Јудиното царство во седмиот век пред нашата ера. Бил син на добриот и праведен цар Езекија. Почнал да владее како момче од дванаесет години и владеел педесет и пет години. Неговото царување траело подолго од сите други еврејски цареви, но Манасија сторил многу повеќе зло отколку сите негови претходници заедно. Никој не бил поголем Божји непријател од Манасија, но никој не примил толку големо проштавање како него.
Додека татко му бил жив, Манасија бил добар и сè било добро. Но, по смртта на татко му, во срцето на младиот цар настанала пресвртница. Момчето решило да му се спротивстави не само на својот покоен татко, туку и на живиот Бог. Хроничарот на царевите на Јуда запишал: „Но тој правеше зло пред очите на Господ, подражавајќи ги лошите работи на оние народи, кои Господ ги беше изгонил од пред лицето на Израеловите синови. Тој одново ги подигна идолските светилишта што татко му Езекија ги беше уништил, му подигна жртвеници на Ваал и направи идолско светилиште, како што направи израелскиот цар Ахав; и се поклонуваше на сета небесна војска и ѝ служеше“ (2. Царевите 21,2.3).
Манасија правел токму онака како што Бог забранил да се прави. Ги обновил „идолските светилишта“ – храмовите под отворено небо на планините и горите каде што незнабожечките поклоници се чувствувале поблизу до своите божества. Еден бронзов модел на вакво високо светилиште денеска се чува во Лувр. На него се гледаат ред столбови што биле симболи на божествата и предмети на обожавање. Исто така се гледа олтар за крвни жртви и длабнатини за обредно излевање на масло или вино. Кога добил син, царот Манасија го запалил на еден таков олтар во чест на богот Вал или на Сонцето. Библијата кажува: „Го пренесе преку оган синот свој“ (2. Царевите 21,6). Манасија не само што вовел идолопоклонство и човечки жртви, туку и сите видови магии и спиритизам: „Гаташе и врачаше; си набави извикувачи на мртви и маѓесници и изврши многу неугодни работи пред очите на Господа, за да го разгневи“ (2. Царевите 21,6).
На таквото владеење на Манасија одненадеж му дошол крај. Библијата кажува: „Военоначалниците на асирскиот цар, кои го оковаа Манасија во окови, го врзаа со вериги и го одведоа во Вавилон“ (2. Дневникот 33,11). Повторно се потврдила историјата дека „она што човекот ќе го посее тоа и ќе го пожнее“. Иако Манасија бил цар, не можел да ги избегне последиците на своите гревови. Во вавилонската темница, со оковани нозе и раце, имал време да размислува. Во дванаесеттата година станал славен, а во средните години веќе бил изгубен.
Кога Манасија би завршил во темницата, не би вредело да се споменува. Но „во таа тешка неволја тој почна да го моли Господа, својот Бог, и длабоко се понизи пред Бога на своите предци. Му се помоли Нему, и Бог се приклони кон него, ја чу молбата негова и го врати во Ерусалим во царството негово. И разбра Манасија дека Господ е Бог“ (2. Дневникот 33,12.13).
Во темницата првпат, по многу години, почнал да се моли на Бога. Со длабоко каење и со грижа на совеста Манасија го барал Бога кого што некогаш го презирал.
Од човечка гледна точка, овој цар заслужил смрт. Но кога му се обратил на Бога за милост, сериозно и длабоко, Господ го слушнал и му дал уште една прилика. Асирскиот цар го ослободил и му дозволил повторно да го заземе својот престол. Кога Манасија се вратил во Ерусалим, „ги отстрани туѓите богови, идолот од Господовиот дом и сите идолски светилишта, што ги беше изградил… ги исфрли надвор од градот“ (2. Дневникот 33,15).
Бог му простил на Манасија и го вратил на престолот на неговите татковци. Но Христос сторил за нас многу повеќе. Тој ветил дека со нас ќе го подели својот сопствен престол: „На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол“ (Откровение 3,21).
Можеби сме го презреле Манасија. Можеби сме се зачудиле што Бог покажал толку голема милост кон него. Но колку пати Бог до сега ги кршел оковите на нашите гревови и ни проштавал нам? Кога еден проповедник ги повикал своите слушатели да му ги предадат своите срца на Господа и да истапат напред, еден глас од салата извикнал: „Проповедниче, јас не можам! Јас сум во синџири!“
„Тогаш дојдете заедно со синџирите“, му одговорил проповедникот. Човекот сфатил и излегол напред. Единствен начин некој да дојде кај Бога е да дојде таков каков што е. Ако некој чека да стане подобар, никогаш нема да дојде. Бог рекол преку пророкот Исаија: „Приклонете го увото и дојдете при Мене… Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрати кон Господ, нашиот Бог, – и Тој ќе го помилува, зашто многу проштава“ (Исаија 55,3.7).
Се чувствуваме ли врзани со синџирите на гревот? Сакаме ли проштавање? – Да се сетиме на царот Манасија. Бил Божји непријател, па сепак, Бог му простил сè. „Дојдете при мене“, рекол Христос, „сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28). Апостол Павле за тоа кажува: „Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5,8). Овие едноставни стихови кажуваат дека целта на Божјето проштавање е посилна од синџирите и од оковите на гревот. Она што го сторил Бог за Манасија може да го стори и за секој друг.
Единствен пат за проштавање на гревот е патот на враќање кај Бога. Злосторството, гревот и злото на крај стануваат неподносливи. Комплексот на вината порано или подоцна ќе почне да ја мори и да разјадува душата. Единствен пат да се добие мир е патот на повторно соединување со Бога. Признавањето на гревот и неговото проштавање е единствен лек за гревот. Давид тој пат јасно го обележил со зборовите: „Тогаш го признав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: ’Ќе Му ги исповедам на Господ моите престапи,’ и Ти ми ја прости вината на гревот мој“ (Псалм 32,5).
Бог може да го прости секој грев ако го признаеме и ако го оставиме. Бог може потполно да ја очисти душата од кривицата ако е признат секој грев. Единствен услов за проштавање на гревот е целосна доверба во Бога, покајание и одлука повторно да почнеме живот како новородени деца.
Драги пријатели, Божји одговор на признавањето и покајанието е проштавање. Гревот е болест и човекот може да се излечи од него ако сака. Побарајте проштавање во Христово име и ќе го добиете. „Но да моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура“ (Јаков 1,6).