25.2. Крштавањето во Филиба
„Ти заповедам во името на Исус Христос излези од неа!“
Дела на апостолите 16,18
Филиба била град и престолнина на Филип Македонски, таткото на Александар Велики. Кога Римјаните во битката кај Пидна го победиле и последниот македонски цар Персеј, Филиба станала римски град. Денешна Филиба се наоѓа на истото место, недалеку од брегот на Егејското Море.
Во историјата на христијанството Филиба била прв град во Европа кој го слушнал проповедањето на апостол Павле. Во него е основана првата црква на европскиот континент. Прв незнабожец кој станал христијанин бил чуварот на градскиот затвор во Филиба.
Пред Филип Македонски да ја прогласи Филиба за своја престолнина, градот се викал Кренидес, што значи „малечки извори“. Кога Павле со своите соработници дошол во Филиба, во близината на еден од многуте извори нашол една еврејска црква. Павловиот придружник Лука кажува: „А во саботата излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени“ (Дела на апостолите 16,13).
Тоа била прва сабота што ја празнувале апостолите во Европа. Но првите успеси биле придружувани со првите неволји. Тогаш една робинка, која била опседната со вражарски и гледачки дух, го прифатила христијанството и поради тоа нејзините господари се подигнале против Павле. Лука пишува: „Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нè сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на господарите свои им донесуваше големи приходи од гатањето. И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: ’Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението.‘ Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: ’Ти заповедам во името на Исус Христос излези од неа!‘ И излезе во истиот час. Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното богатење, ги фатија Павле и Сила, и ги довлечкаа на плоштадот кај началниците. И кога ги приведоа пред управниците, рекоа: ’Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.‘ Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа алиштата, започнаа да ги тепаат со стапови; и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стражар му наредија да ги чува добро. А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа“ (Дела на апостолите 16,16-25).
Таа ноќ темничарот првпат место лелек и клетви слушнал песна во својата соба над подрумот на темницата. Се сетил дека робинката секој ден викала за неговите нови затвореници: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, што ви го соопштуваат патот на спасението“ (Дела на апостолите 16,17). „Ако патот на спасението води низ темницата“, се потсмевал темничарот, „тогаш добро ќе ги чувам патниците!“ Задоволен сам со себе, темничарот заспал. Не се надевал дека патот на спасението таа ноќ ќе помине и низ неговото срце.
Наеднаш, кога стивнале песните и молитвите, настанал земјотрес. „Одеднаш настана голем потрес, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа“ (Дела на апостолите 16,26).
Спасението секогаш почнува со отпаѓање на оковите. Земјотресот и отворањето на вратите на темницата биле знаци на Христовото присуство. Апостолите ги опкружила небесна светлина. Песните и молитвите на овие заточеници го раздвижиле Небото и ја затресле Земјата. „А Стражарот темнички, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, оти помисли дека затворениците избегале. Но Павле викна со силен глас и рече: ’Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!‘“ (Дела на апостолите 16,27.28).
Темничарот го пуштил ножот, зел светилка и се втрчал во темницата. Веднаш ја сфатил ситуацијата. Ја видел изместената врата, скршените окови, раскинатите клади, распуканите ѕидови и сјајните лица на двајцата љубезни затвореници. Светиот Дух ги отворил неговите очи. О кога неговото лице би можело да засвети така! Кога би можел и тој да пее радосни песни во неволја! Кога би можел тој да го знае патот на спасението!
Темничарот посакал да оди по тој пат. Бил готов да му го сврти грбот на стариот живот. Неговото преобразување станало стварност. Духот Господов го обратил. Чуварот на темницата ги прегрнал своите спасители, ги „изведе надвор, и рече: ’Господари, што треба да направам, па да се спасам?‘“ (Дела на апостолите 16,30).
Неговата совест проговорила. Знаел само два збора: дека овие се слуги на највисокиот Бог и дека го проповедаат патот на спасението. На нив видел што значи да се биде спасен. Тие можеле нешто што до тогаш не можел никој. Можеле мирно да ги стават рацете во клади. Можеле да благословуваат додека другите колнат и да пеат додека другите преколнуваат. Не бегале ни тогаш кога им прскал таванот над главата и кога пукале ѕидовите околу нив. Темничарот во нив видел Божји пратеници и посакал да биде како нив. Посакал да се спаси како што посакале и Евреите на денот Педесетница. Не постоела повеќе разлика меѓу Евреите и незнабошците. Петар им рекол на Евреите оној ден, а Павле на темничарот сега: „Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ (Дела на апостолите 16,31).
За некој да може да се крсти, неопходно е прво да сфати дека е грешник и дека му е потребно спасение. Треба да ги признае своите гревови и да го прими Христа за свој личен Спасител. Библиското крштавање е крштавање на возрасни зашто инаку би било без значење. Темничарот ги исполнил сите услови. Неговата вера веднаш се видела во неговите дела. „Ноќта во тоа време, им ги изми раните“ (Дела на апостолите 16,33). Неговиот стар живот бил засекогаш закопан под поместените темели на темницата. До тогаш задавал рани, а сега почнал да ги лекува. Почувствувал нешто што никогаш порано не го почувствувал. Се чинело дека станал повторно млад и дека почнува нов живот. „И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова“ (Дела на апостолите 16,32).
Кога темничарот слушнал како Исус се крстил во Јордан „за проштавање на гревовите“ иако никогаш не згрешил, неговото срце само се покренало. Посакал своето откажување од гревот јавно да го покаже соединувајќи се со Христа во крштавањето. Околу Филиба насекаде течеле потоци. Водата кај синагогата била доволно длабока за да се нурне човек во неа. Ништо не пречело што сè уште била ноќ и што се слушале вознемирени гласови на улиците. Рекол како и Етиопјанецот: „Што ми пречи да се крстам?“ (Дела на апостолите 8,36).
Павле му објаснил сè. И важноста на крштавањето и начинот на крштавањето. Сфатил што значи единството со Христа и раскинувањето со гревот. За начинот на крштавањето со нуркање Павле рекол: „Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот“ (Римјаните 6,3.4).
Темничарот го знаел патот до водата како што апостолите го знаеле патот до спасението. Ги повел низ ноќта, влегол во водата со Павле, бил спуштен во водата и дигнат од неа „покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите“ (Дела на апостолите 2,38). „Веднаш се покрсти тој сам и сите негови… Се зарадува со целиот свој дом, оти поверува во Бога“.
Драги пријатели, да го замениме крштавањето што е извршено над нас во нашето детство со крштавањето извршено на Христов начин и во Христово име. Вистинското крштавање значи смрт за гревот и влегување низ вратата на Божјето царство.