24.3. Испит на верата во Капернаум
„Ти имаш зборови за живот вечен. Ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.“
Јован 6,68.69
Капернаум бил град на брегот на Галилејското езеро, родно место на Симон Петар и Андреја. Со оглед на тоа што имал царинарница и римски гарнизон, се верува дека се наоѓал на граничното подрачје на територијата на Филипа и на неговиот полубрат Ирод Антипа.
Археолозите сè уште не знаат точно каде се наоѓал некогашниот град. Се смета дека лежел на северозападниот брег на Галилејското Море, недалеку од утоката на Јордан, на патот од Дамаск во Ерусалим и Египет. Бил крстопат и собиралиште на патниците од сите краишта на светот.
Во Капернаум Исус направил многу чуда и одржал многу проповеди. Всушност, тоа бил негов град. Матеј тоа ни го соопштува со овие зборови: „Го остави Назарет, дојде и се насели во приморскиот град Капернаум… Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние што седеа во пределот на смртна сенка им изгреа светлина“ (Матеј 4,13.16).
Во овој град Исус ја основал својата Црква. Во неговата синагога рекол: „Јас сум лебот на животот… Кој јаде од овој леб, ќе живее вечно, а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот“ (Јован 6,48.51).
Капернаум бил почеток а Ерусалим крај на Христовата служба за животот на светот. Истите зборови што ги рекол Исус во Капернаум ги рекол и во Ерусалим онаа последна вечер: „Кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: ’Земете, јадете, ова е Моето тело‘“ (Матеј 26,26).
Црквата во Капернаум станала ризница на сите богатства на милоста и вистината. Исус им го поделил лебот на животот на учениците за тие да ѝ го поделат на неговата Црква, а Црквата на целиот свет. Исус бил леб на животот. Оваа голема вистина Црквата ја добила за да им ја даде „на оние што седеа во пределот на смртна сенка“. Во Капернаум Исус ја организирал својата Црква за служба на човештвото. Задачата на Црквата била одредена. Требало да ја однесе радосната вест во сите краишта на светот. Таа вест била едноставна како лебот. Нејзина сила била верата дека Исус умрел за животот на светот.
Мнозина кои во Капернаум пошле по Исуса повеќе сакале да слушаат Месија да се зацари а не да умре, да се круниса а не да биде погребан. Исус како леб што се крши за животот на светот не им бил привлечен. Кога Исус укажал на својата смрт како средство за искупување на светот, мнозина сметале дека Тој со тие зборови јавно се откажал од своето месијанство. Разочарани, иронично се прашале: „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?“ (Јован 6,52).
Во Капернаум се наоѓал центарот на Христовото дело на Земјата, но центарот бил Христос. Сепак, иако тоа бил негов град, малку биле оние што го примиле. Иако сфатиле дека Исус е живот на душата како што лебот е живот на телото, не сакале да го признаат. Храната е полновредна дури тогаш кога ќе стане составен дел на телото. Требало да бидат едно со Христа во животот, а не само во теоријата. За мнозина тоа била непожелна вистина. „Тогаш мнозина од учениците Негови, кои слушаа, рекоа: ’Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша?‘“ (Јован 6,60).
Тоа бил преломен миг, но Исус не го ублажил своето симболично излагање. Многумина негови ученици се колебале меѓу Христа и своите лични амбиции, желби и барања. Наеднаш пред очи им излегле нивните гревови. Наместо да му го свртат грбот на гревот, тие се свртеле од вистината. Исус знаел дека меѓу неговите ученици има и такви кои не веруваат, и тоа им го рекол отворено. „Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него“ (Јован 6,66).
Христос знаел каков ќе биде резултатот на овој испит на верата. Но Исус никогаш својата Црква не ја мерел со број, туку со вистината. Христовата цел не била ниту популарноста ниту масовноста. Тој видел дека мнозина станале негови ученици од себични интереси. Кога не би ги ставил на проба, мнозина и понатаму би се нарекувале негови ученици.
Во Капернаум имало вистинско место и миг учениците со светски амбиции да се вратат на своите патишта. Па сепак, Исус се ожалостил гледајќи како го напуштаат него, Светлината и Животот на светот. Тие го презреле неговото сожалување, ја одбиле неговата љубов и го отфрлиле неговото спасение. Не обидувајќи се да ги запре оние што си заминувале, Исус им се обратил на своите дванаесетмина најверни ученици и прашал: „Да не сакате и вие да си отидете?“ (Јован 6,67).
Драмата го достигнала својот врв. Големиот Испитувач ја ставил на испит и верата на идните апостоли. Мерните инструменти биле ставени на самиот темел на Црквата во Капернаум и иглите затрепериле во секое срце. Петар прв ја видел сказалката на својата душа на вистинско место. Го прекинал исчекувањето и одговорил со прашањето: „Господи, при кого ќе отидеме?“ (Јован 6,68).
Петар и неговите другари можеле да се вратат меѓу фарисеите и садукеите. Меѓутоа, тоа за нив би значело враќање од светлината во мракот на неверувањето. Иако не можеле веднаш да ги сфатат сите Христови зборови и дела, тие ја виделе неговата неизмерна доброта. Во својот презрен и прогонет Учител тие нашле мир и радост што ги немало во крилото на фарисејската синагога. И додека Христа го напуштале дури и многу сведоци на неговите прекрасни дела, Петар решително рекол: „Ти имаш зборови за живот вечен. Ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог“ (Јован 6,68.69).
Стариот Капернаум исчезнал од лицето на Земјата, но Црквата од Капернаум се раширила низ цел свет. Лебот на животот од Капернаум сè уште е непроценета утеха и надеж за Христовата црква. Држејќи го во рака лебот како симбол и спомен на Христовата смрт, апостол Павле ги повторил Христовите зборови: „Правете го ова за спомен Мој!“ (1. Коринќаните 11,24).
Драги пријатели, самоиспитувањето на учениците почнало во Капернаум и траело цел живот. Павле ја повторил потребата за тоа искуство кога рекол: „Испитувајте се сами себе дали сте во верата!“ (2. Коринќаните 13,5) Дали вие навистина ѝ припаѓате на неговата Црква? Кај кого ќе одите? Останете со Христа. Тогаш и ноќта ќе ви биде како светол ден!