23.2. Извор во долината Ситим
„Од домот Господов ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим…“
Јоил 3,18
Библиската географија нè води во повеќе долини, од кои една е долината Ситим во Палестина. Оваа долина ја споменува пророкот Јоил во врска со излевањето на Светиот Дух во наше време, пред второто Христово доаѓање.
Долината Ситим всушност е пустина која од долниот дел на Кедронската долина се пружа кон исток. Таа е сува и неплодна пустина со по некое дрво на акација (вид багрем). Меѓутоа, долината Ситим некогаш била зелена и полна со акации. Нејзиното име и значи „долина и акации“.
Пророкот Јоил е прв пророк што апостол Петар го цитирал во својата проповед на денот на излевањето на Светиот Дух. Темата на Книгата на пророкот Јоил е духовна преродба на рано христијанската Црква. Напишана е во поетска форма со одбран јазик. Со своите живи споредувања таа претставува едно од ремек-делата на библиската пророчка литература. Според возвишеноста на стилот и недосегливоста на сликовитите описи е слична на книгита на Исаија и на Авакум.
Јоил ја познавал Ситимската пустина. Големото духовно будење што почнало на денот Педесетница во Ерусалим тој го споредил со избивањето на извор: „Од домот Господов ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим“ (Јоил 3,18).
Ветеното излевање на Светиот Дух во времето на апостолите пророкот Јоил исто така го споредил со есенскиот дожд во Палестина. Овој „ран дожд“ на секого му бил мил. Со своите први капки донесувал радост и веселба во срцата на палестинските жители. Вдахновен со божествена далековидност, Јоил ѝ упатил двојно охрабрувачко пророштво на раната и на позната Христова црква. Рекол: „Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто Господ изврши големи дела. Не бојте се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустињата ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе дадат изобилен род. А вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог; оти Тој ќе ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – дожд ран и дожд доцен, како и порано… Ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, кој со вас постапи на чудесен начин, така што Мојот народ нема да се посрами довека“ (Јоил 2,21-26).
Во Палестина од мај до октомври скоро и не паѓа дожд. Повеќето потоци во тоа време пресушуваат сè додека на есен не се вратат повторно дождовите. Првиот есенски дожд се викал „ран дожд“. Било мошне важно есенскиот дожд да падне на време. Бил желно очекуван да ја натопи со сонце спржената земја. Дури тогаш плугот можел да заора и сејачот да го посее семето пред да почне сезоната на преобилни дождови.
Пролетниот или позниот дожд паѓал на крајот од зимскиот дождлив период. Почнувале сушна пролет и лето, а овој последен дожд овозможувал созревање на пченицата. Раниот и позниот дожд и сите благослови Бог ги условил со верноста и со послушноста на својот народ: „Тој ќе ѝ даде на земјата твоја дожд навреме, ран и доцен“ (5. Мојсеева 11,14).
И пророкот Езекиел го видел излевањето на Светиот Дух како жив извор или вода што „извираше под прагот на храмот“ (Езекиел 47,1). Оваа слика на вода што излегува и расте ни ги покажува сите изобилства на различните дарови на Светиот Дух што ни се понудени нам.
Ангелот со човечки лик, кој му го покажал на пророкот Езекиел изворот, го повел преку водата, и „водата беше длабоко до глуждовите“. Меѓутоа, водата во потокот постојано надоаѓала. Веќе при вториот премин потокот прераснал во рекичка „до колена“. При третиот премин водата била „до појасот“, а при четвртиот од малечок поток станала голема река што можела да се премине само со пливање. „Требаше да пливам, оти тој поток не можеше да се прегази“ (Езекиел 47,3-5).
Слична на поток, силата на Светиот Дух течела низ срцата на сите старозаветни верници и пророци. Но во времето на апостолите Светиот Дух се излеал како река. Христос бил на небото, но неговите ученици не биле напуштени. Исус им ја испратил ветената Сила од висината; полна река на својот Дух.
Првата Црква била организирана уште на самиот почеток, но успехот на Црквата не бил дело на организацијата, туку дело на Светиот Дух. Јатката на Црквата постоела, но силата не била во таа апостолска јатка. Постоело и искуство, но напредокот не бил плод на искуството. Успехот на апостолската Црква бил плод на силната река на Светиот Дух. Потокот станал река. „Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово“ (Дела на апостолите 19,20). Долина Ситим станал цел свет, натопен со науката на апостолите и со силата на Светиот Дух.
Многу нешто денеска се зборува и се прави во името на Светиот Дух што е во остра спротивност со искуството на Црквата од апостолските денови. Разликата е очигледна и уочлива. Апостолите се заменети со филозофи, Светиот Дух со психологија, а Божјата реч со цитати на Платон, Аристотел и на други. Занемарувањето на Библијата како извор на вистината од „домот Господен“ доведува до духовна смрт. Пророкот Амос рекол за нашите денови: „Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови… Во оној ден ќе премираат од жед убавите девојки и момчиња“ (Амос 8,11-13).
Ниедна филозофска претпоставка не може да ја задоволи жедта за вистината што „ја кажува Господ“! Она што денеска ни е најпотребно, тоа е Божјата реч и расветлување со Светиот Дух. Библијата јасно кажува дека настапува време на позниот дожд како што во деновите на првата Црква било време на раниот дожд. А кога ќе дојде, тоа ќе биде најголемо духовно будење што кога и да е го видел светот. Тоа ќе биде времето пред жетвата.
Исус рекол: „Жетвата е крајот на светот“ (Матеј 13,39), но не и крај на житото. Времето пред жетвата е време на позниот дожд. Пророкот Захарија влева надеж во богата духовна жетва на обратеници пред второто Христово доаѓање. Тој рекол: „Молете Го Господ за дожд во време благопријатно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле“ (Захарија 10,1).
Најголемото духовно будење на сите времиња е токму пред нас. Денеска е време илјадници да се просветлат со светлината на Божјата реч и на Божјиот Дух. Божјиот повик е јасен и мора да се чуе насекаде. Неговиот повик се однесува на сите: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини“ (Откровение 18,4).
Уште еднаш ќе падне дожд на Светиот Дух, и житото ќе узрее. Уште еднаш светот ќе биде осветлен со евангелието! А вие? – Повикот што се однесува лично на вас гласи: „Стани, засвети, зашто твојата светлина доаѓа, и славата Господова изгреа над тебе. Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе“ (Исаија 60,1.2).