21.5. Родени со Светиот Дух
„Тој Мене ќе ме прослави, зашто од моето ќе земе и ќе ви јави.“
Јован 16,14
Сликата на раѓањето на Христијанската црква во Ерусалим на денот Педесетница историчарот Лука ја дал со следната реченица: „А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа“ (Дела на апостолите 4,32). Но тие отсекогаш не биле така единствени. Напротив, додека уште бил со своите ученици, Исус во една прилика ги прашал: „За што се расправавте патем?“ Со своето молчење го признале своето меѓусебно соперништво. „Тие молчеа, зашто патем се препираа помеѓу себе, кој е поголем“ (Марко 9,33.34).
Нивното ривалство се покажало уште еднаш. Тоа се случило оној ден кога синовите Зеведееви, Јаков и Јован, му упатиле молба на Исуса: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја“ (Марко 10,37). Другите десетмина се почувствувале погодени: „Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована“ (Марко 10,41). Во борбата за лична превласт биле нечувствителни за шепотењето на Божјиот Дух.
Не поминале ниту полни два месеца од тој тежок миг до настанот кога настапила големата промена. Тие станале „едно срце и една душа“. Единствено објаснение за оваа промена се наоѓа во исполнувањето на Христовото ветување за излевањето на Светиот Дух врз учениците: „Тој Мене ќе ме прослави, зашто од моето ќе земе и ќе ви јави“ (Јован 16,14).
Во својата првосвештеничка молитва што ја изговорил во Горната соба на последната вечера, Исус се молел за преродба на своите ученици: „Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина… и тие да бидат осветени преку вистината… за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17,17-21).
Знаењето ја има вистината, но ниту знаењето ниту вистината немаат во себе никаква сила. Силата на вистината е Светиот Дух. Посветувањето со Божјата вистина е посветување со Светиот Дух. Секој што ќе се согласи да го води Божјиот Дух, ќе биде одвнатре расветлен со вистината. Тој ќе ја препознае грдоста на гревот и убавината на светоста. Тоа се случило со првите христијани. Покорувајќи му се на Христовиот налог, ја чекале „Силата од вистината“. Лука кажува дека „беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога“ (Лука 24,53).
Искинатата завеса во Храмот христијаните ги потсетувала на тоа дека Исус е нивни Првосвештеник на небесата и застапник пред Божјиот престол. Од стариот Храм оделе во Горната соба на молитва. Сите разлики меѓу нив исчезнале, тие отфрлиле секоја желба за првенство. Доаѓајќи сè поблизу до Бога, доаѓале сè поблизу и еден до друг. Се молеле за своето единство што ќе ги оспособи за сведочење за Исуса. Тие сфатиле дека на целиот свет мора да му ја објават веста за спасението преку Христа. Затоа ја барале силата што им ја ветил Тој. „Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место“ (Дела на апостолите 2,1).
Светиот Дух се излеал во полнина и Христовите ученици биле крстени со крштевање однатре. Се чувствувале преродени. Станале решителни и верни, далеку од секој фанатизам и занес. Љубовта се продлабила и мирот се проширил. Во нивните срца се всадиле Христовата благодарност, трпение и доброта. Над сè станале посветени на Бога, полни со света ревност и истрајност.
Во животот на Христовите ученици се видела „љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост“ (Галатјаните 5,22). Духот на соперништво и нетрпеливост е заменет со дух на несебичност и великодушност. „Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа“ (Дела на апостолите 4,33).
Не само што апостолите проповедале дека Исус воскреснал, туку и самите доживеале воскресение. Тие умреле за гревот а воскреснале во нов живот без грев. Светиот Дух наново ги создал и ги оспособил за служба на проповедање на евангелието. „И имаше голема благодат над сите нив“ (Дела на апостолите 4,33).
Единството на срцето и душата настанало како природен плод на натприродното влијание на Светиот Дух. Светиот Дух ги исполнил срцата и душите на мажите и жените, правејќи ги најпрво членови на Божјето семејство, а потоа и непобедлива сила. Да не заборавиме дека Црквата е родена со Божјиот Дух а не со некаква психологија. Црквата е родена од Бога и претставува заедница на вдахновени мажи и жени, а не творба на човечка мисла и волја: „Кои не се родени од крв… туку од Бога се родија“ (Јован 1,13).
Петар, кој само неколку седмици порано јавно се откажал од Господа, сега прв зел збор. На поттик од Божјиот Дух подигнал глас за распнатиот и воскреснат Учител од Назарет. Со силен глас му рекол на собраното мноштво: „Луѓе Израелци, слушнете ги овие зборови: ’Исус од Назарет, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него, предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие го фативте, го распнавте со рацете на беззакониците и го убивте. Но Бог го воскресна, откако го ослободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи‘“ (Дела на апостолите 2,22-24).
Божјиот Дух го направил Петар речит и убедлив. Во својата проповед Петар првпат го објавил Исуса како Месија или Христос: „И затоа, нека знае со сигурност сиот Израелов дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос“ (Дела на апостолите 2,36).
Не можело да има расправии за таа вистина. Мноштвото било длабоко трогнато. Го слушале Петар како слободно го објавува како Кнез на животот Оној кој неодамна бил осрамотен, понижен и распнат. Сите се прашале: „Луѓе браќа, што да правиме!“ (Дела на апостолите 2,37).
Во својот одговор Петар го изнел своето лично искуство од дворот на Кајафа. Одговорил со лично убедување: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух“ (Дела на апостолите 2,38).
Со примањето на Светиот Дух душата прима нов живот. Како некогаш на денот Педесетница, така и денеска се исполнуваат Христовите зборови врз секој што го бара: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јован 14,23).
Драги пријатели, верата во Христа како Божји Син е лично осведочување во вистината со помош на силата на Светиот Дух. Го љубиме ли нашиот Спасител? – Ако го љубиме, тогаш најголема среќа ќе најдеме во послушноста на Божјата реч. Тоа ќе биде и наша духовна преродба.