21.2. Иселување во вселената
„Одам да ви приготвам место. Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.“
Јован 14,2.3
Светот денеска се соочува со проблеми на кои вчера и не помислувал. Од пред неколку децении експлозијата на населението во светски размери го загрижија целиот научен свет. Научниците се дале во потрага по нови извори на храна. Од околу седум милијарди жители на нашата планета, скоро половината секој ден остануваат без вечера. Заканувањето од општ глад станува сè поголемо. Веќе денеска само една шестина од човештвото е исхранета како што треба. Само една осмина од човечкиот род има релативно висок животен стандард. Како живеат другите седум осмини? Тие ги потврдуваат Христовите зборови: „Ќе има глад и помор“ (Матеј 24,7).
Економистите укажуваат на тоа дека, ако ваквата состојба продолжи, до 2100. година човештвото ќе достигне бројка меѓу 9 и 13 милијарди усти. За да се нахранат сите, светското производство на храна треба да биде три пати поголемо отколку што е денеска. Фабриките за храна и хуманитарните друштва треба многу да сторат за да го пресретнат најголемиот глад во историјата, но единствено вистинско решение е враќањето на нашиот Господ. Неговото второ доаѓање ќе им донесе крај на заканувањата од глад и пренаселеност, од војна и беда. Христос ја предвидел опасноста но и излезот од опасноста. Во часот на најголемото заканување на опстанокот на светот, Тој ќе дојде. И тогаш никој „нема веќе да огладни, ниту, пак, да ожедни“ (Откровение 7,16).
Некои научници единствено решение на проблемот на пренаселеност и глад гледаат во иселувањето на идните жители на други планети. Но тоа не е вистински одговор. Прашањето на модерната технологија не е: Дали човекот да опстане на својата сопствена планета?“
Многу научници уште сега планираат далечни патувања на помирни вселенски острови. Некои од нив веќе резервираат билети за себе. Тие мислат сериозно, иако тоа звучи несериозно. Иселувањето од нашата планета влегува во нивните вселенски програми како неопходност за продолжување на човечкиот род каде и да е во Сончевиот систем. Тие наведуваат политички, воени, економски, социјални и морални причини за патување во вселената. Ако нивните причини се оправдани, тогаш Небото мора да ни помогне да се вивнеме до него!
Има големи сличности меѓу ѕидањето на првата Вавилонска кула за освојување на небото и современите лансирани рампи и кули за евакуација во вселената. Не долго по потопот, новите жители на Земјата направиле прв обид за иселување од Земјата. Можеби ќе се изненадите и веднаш ќе прашате: „Зошто?“ Еве ги нивните идеи и причини: „Рекоа: ’Ајде да си соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име, пред да се растуриме по целата земја!‘“ (1. Мојсеева 11,4).
Тоа всушност било откажување од Бога и неверување во неговото ветување дека „повеќе не ќе има потоп да ја запустува земјата!“ (1. Мојсеева 9,11). Предизвикот за Бога бил мошне сериозен иако идејата на месопотамските техничари била наивна.
Бог морал да интервенира. „Тогаш Господ се спушти да го види градот и кулата, што ги ѕидаа синовите човечки. И рече Господ: Ете, еден народ се и сите имаат еден јазик; ова е само почеток на нивните настојувања, и нема да се откажат да го остварат тоа, што го наумиле!“ (1. Мојсеева 11,5.6). Тие имале намера да се одметнат од Бога и тоа бил нивниот грев. Непослушноста кон Божјиот закон предизвикала бркотија. Потоа се растуриле.
Ние можеме да им се потсмеваме на градителите на Вавилонската кула, но Бог сериозно ги сфатил. За гревот е затворен патот кон небото. Човекот напразно му пркоси на Бога. Бог доаѓа секогаш во вистинско време, како што слегол во Месопотамската рамнина со зборовите: „Ајде да слеземе и да им го збркаме нивниот јазик за да не се разбираат еден со друг што зборуваат. И така Господ ги растури оттаму по целата земја, и престанаа да го ѕидаат градот“ (1. Мојсеева 11,7.8).
Намерите на првата генерација на вселенските техничари за иселување од Земјата не се оствариле. Дали Бог ќе ги уважи причините на современите научници за иселување на другите планети на неговото вселенско царство, на световите што не се побуниле против својот Творец, за кои Божјата реч кажува: „Небесните воинства Ти се клањаат“ (Немија 9,6).
Жителите на небото му служат на Бога. Нашиот свет е единствена побунета планета во вселената. Гревот е изолиран на Земјата и Бог не може да го дозволи неговото натамошно ширење. Гледајќи преку ѕвездите на луѓето кои сè повеќе ги откриваат неговите тајни и се осмелуваат да побегнат од карантинот во длабините на вселенските простори, нема ли Бог наскоро да биде присилен повторно да каже: „Тие почнаа да навлегуваат во вселената; ништо нема да ги спречи да ги преминат нејзините граници. Ајде да слеземе!“
Бог одамна ја видел потребата своите деца да ги земе од Земјата во најкритичниот миг од нејзината историја. Тој ги предвидел сите опасности на нашето време и својот план го објавил со овие зборови: „Одам да ви приготвам место. Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14,2.3).
Христос ќе дојде пак и тоа со полна причина. Кога Земјата ќе стане непогодно место а времињата тешки, небото ќе ги отвори своите капии. Помошта ќе стигне во право време. Исус ќе дојде во вистински час. „Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото!“ (1. Солуњаните 4,16). Човекот ќе појде на небото дури кога Небото ќе дојде по него. Без Христа нема надеж дека кога и да е ќе стигнеме меѓу ѕвездите.
Бог не е изненаден со човековите подготовки за патот на Месечината. Библијата зборува за иселување од Земјата многу повисоко отколку што се осмелуваат да кажат луѓето. За Христа напуштањето на Земјата било реалност. Неговото вознесение било доказ за таа можност. Неговите следбеници ќе го доживеат истото. Тој ќе ги земе кај себе на облаците и тоа во вистински час. Нивниот Господ нема да ги заборави. Тој лично ќе дојде по нив. Средбата ќе биде на облаците и „поранешните (жалости) нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат… Нема повеќе да се чуе во него од плачење и глас од пискот“ (Исаија 65,17-19).
Да се запрашаме денеска со псалмистот: „Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место?“ Одговорот гласи: „Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто“ (Псалм 24,3.4). Гората Господова е небото. Земјата е негово свето место. Иселувањето во него е стварно, но само со Христа, со неговото второ доаѓање. Сакаме ли еднаш да отидеме на небото? – Тогаш уште денеска да му го дадеме нашето срце на нашиот Спасител!