20.1. Секогаш готови

20.1. Секогаш готови

„Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затече оној ден ненадејно.“

Лука 21,34

За време на својата прва експедиција на Антарктикот, поларниот истражувач Шеклтон морал да се врати оставајќи ги своите луѓе на Елефантскиот остров, среде мраз и снег. Ја потрошиле храната и тој се решил на овој ризичен чекор. Немало надеж да им стигне помош од ниедна страна. Морал да ги остави за да ги спаси.

Прочуениот истражувач поминувал преку снежни планини, избегнувал многу опасности на ледената беспатица, и по натчовечки напори стигнал во Јужна Ѓорѓија, каде што нашол брод што бил потребен. Откако се снабдил со намирници и влегол во бродот, тргнал назад. Но сите обиди да доплови до Елефантскиот остров биле безуспешни. Патот бил затворен со магла и со мраз. Одненадеж на мразот се појавила една пукнатина во правец на островот. Шеклтон бргу ја искористил таа околност, го повел бродот низ ледениот теснец до островот, ги натоварил луѓето и опремата и се вратил по истиот пат. Преминот веќе се затворил.

Кога возбудувањето стивнало, Шеклтон прашал еден од спасените луѓе: „Како се случи сè да биде спакувано, а вие сите подготвени за моето враќање? Стоевте на брегот готови да се натоварите на бродот и да го напуштите островот. Тоа беше пресудно“.

Човекот одговорил: „Вие рековте дека ќе се вратите и ние не губевме надеж. Секогаш кога морето беше макар само малку слободно од мраз, ние ги склопувавме вреќите за спиење и ги пакувавме нашите работи велејќи: „Можеби ќе дојде денеска! Секогаш бевме готови за вашето доаѓање“.

За второто Христово доаѓање исто така нам ни е потребна постојана подготвеност. На своите ученици во Горната соба во Ерусалим Исус им рекол пред бурата: „А сега одам кај Оној, Кој што Ме прати“ (Јован 16,5). Нивните срца се исполниле со жалост. Не можеле да го замислат животот без него. Во часот на најголемата тага ги охрабрило Христовото ветување: „Кога ќе отидам… пак ќе дојдам“ (Јован 14,3).

Исус морал да си замине за да ги спаси. Но Тој ќе се врати. Затоа требало секогаш да бидат готови. Постојано ги повторувале неговите зборови што им ги рекол при разделбата: „А за тој ден и час никој не знае… Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата… Да не дојде ненадејно и да ве затече да спиете“ (Марко 13,32.35.36).

Изненадениот стражар е загубен стражар. Изненадениот слуга е лош слуга. Проблемот не лежи во разумот, туку во срцето. Исус ги предупредил сите срца на светот: „Ако, пак, тој слуга e лош и си рече во срцето свое: ’Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘, па почне… да јаде и пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога тој не го очекува, и во час што не го знае“ (Матеј 24,48-50).

Подготвеноста е работа на срцето а не на разумот. Срцето се надева и тогаш кога нема на што да се надева. Срцето има свое убедување и тогаш кога сите околности се против. Пред Христовото второ доаѓање сите човечки срца ќе бидат во опасност да се успијат. Исус ги предупредил сите на кои им се заканува опасност да заспијат на стражарското место: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затече оној ден ненадејно“ (Лука 21,34).

Христовиот расказ за изненадениот богаташ е расказ за изненаденото срце. Исус раскажал: „На некој богат човек нивата му беше родила многу; и мислеше во себе, велејќи: ’Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘ Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра; и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и уживај!‘ Но Бог му рече: ’Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?‘“ (Лука 12,16-20).

Неволјата не била во разумот туку во срцето. Човекот бил добар домаќин. Планирал како да се збогати и да го осигури остатокот на својот живот. Размислувал за обработката на земјата и за нејзините посеви и сметал на добра заработувачка. Во тоа немало ништо нечесно. Бил добар, стопанственик и деловен човек. За кратко време се збогатил. Сите го фалеле и можеле да му завидуваат.

Бил паметен, па сепак Бог го нарекол безумник! Овој збор не е лесен ниту во еден јазик. Сите речници го објаснуваат „како недостаток на  мудрост и расудување“. Зошто Бог го нарекол така? Одговорот се наоѓа во зборовите на богаташот непосредно пред пропаста. Тоа била негова последна ноќ, но тој отишол на спиење со овие зборови: „Душо, имаш многу добра насобрани за многу години; почивај, јади, пиј, уживај!“

Среќниот богаташ мислел на сè освен на Бога: испланирал сè, само не својата последна ноќ. Никогаш не се сетил дека Бог е извор на неговата сила и вештина. Не си припомнувал за најголемата вистина што се однесува на секое богатство: „Но да го помниш Господа, твојот Бог, зашто Он ти даде сила за да се здобиеш со богатство“ (5. Мојсеева 8,18).

Во срцето на богаташот имало место за старите и за новите амбари, за колите и коњите, за прометот и пазарот, но не и за својот Творец. Во неговата душа се нашла толпа работи, но не и сеќавање на сопствената поминливост. Требало да оди на далечен пат, но тој воопшто не се приготвувал. Требало да умре, но тој се приготвувал да живее. Заборавил на можноста од ненадејна смрт! Секој мудар човек помислува на неа. Од многу страни демне смртта што ја бара нашата душа. Исус ги споменал побарувачите, но не ги именувал: „Ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја“.

Ниту најсјајните умови не можат да ја победат ненадејната смрт. Иако сиот живот е во неизвесност, смртта секогаш е изненадување без оглед на периодот на денот и ноќта. Никој не знае што донесува денот а што ноќта. Библијата вели: „Не се фали со утрешниот ден, зашто не знаеш, што ќе донесе тој ден“ (Мудри изреки 27,1).

Двајца луѓе поминувале покрај една нова и убава куќа. „Што мислиш, колку чини?“ прашал едниот.

„Не знам“, му одговорил другиот, „но знам колку го чини нејзиниот сопственик“.

„Колку?“

„Колку и неговиот живот!“ бил неочекуваниот одговор. „Сопственикот умрел кога куќата била завршена!“

Исус мислел на своето ненадејно доаѓање кога им рекол на своите ученици: „Тогаш ќе бидат двајца на нива, еден ќе се земе, а другиот ќе се остави“ (Матеј 24,40). Бог сака доаѓањето на неговиот Син да нè најде на нива, но готови. Пресудна ќе биде подготвеноста на срцето и на околностите.

Божјиот Син ветил: „Пак ќе дојдам!“ Верата во неговото доаѓање е вера во неговиот збор. Христос ви кажува и вам: „Каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?“ (Матеј 16,26)