2.4. Неспоредив Бог и Отец
„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен.“
Jован 3,16
Главниот град на стара Грција, Атина, и под римската власт останал центар на уметноста, книжевноста, архитектурата и филозофијата. Бил прочуен по своите филозофски школи и универзитети. Кога Павле дошол во Атина, околу 51. година, не му било тешко да утврди дека Атињаните биле побожни, зашто во самиот град имало околу три илјади кипови, од кои повеќето имале свои обожаватели. Исто така имало многу храмови и олтари. Во Атина Павле се сретнал со некои филозофи од редовите на стоиците и епикурејците. Тие го „зедоа, та го одведоа во ареопагот, велејќи: Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење, што го проповедаш?“ (Дела на апостолите 17,19).
На Ареопаг, брекче во Атина, се одржувани судски расправи и испити по филозофија за странските филозофски кандидати. Се смета дека Павле го повеле на тоа прочуено брекче со цел подобро да го видат и да го слушнат. „Тогаш Павле застана среде Aреопагот и рече: Луѓе атињани, по сè гледам дека сте побожни. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: На непознатиот Бог“ (Дела на апостолите 17,22.23).
Атињаните го почитувале Бога кого не го познавале, но верувањето на таков начин во постоење на Бога не е религија. Тоа повеќе било страв отколку побожност. Меѓутоа, Бог никогаш не сакал да остане непознат, а уште помалку безличен.
И денеска луѓето често имаат погрешна слика за Бога. Мнозина го замислуваат како некоја безлична вселенска сила и веруваат во него без никаков личен однос кон него. Тие признаваат дека Бог постои, но Тој не е нивни Бог. Меѓу нив и Бога нема лично познанство.
Верата во непознатиот Бог воопшто не е вера. Вистинската вера го врзува човекот за еден вистински и личен Бог кој го создал видливиот и невидливиот свет. За апостол Павле Бог не претставувал филозофски поим, туку бил „Бог и Отец на нашиот Господ Исус Христос“ (Ефесјаните 1,3).
За апостол Павле Бог бил личност како што е и Христос личност. За Павле Бог ја создал вселената, но тој вселената не ја сметал за Бог. Бог е над вселената како личен Бог, а светот е негово дело: „Зашто Тој рече и настана; Тој заповеда и се создадоа“ (Псалм 33,9).
На Ареопаг, традиционалното собиралиште на атинските филозофи, правници и беседници, Павле одржал величествена беседа за Бога, „Кој го создаде светов и сè, што е во него“, и кој „на сите им дава живот, дишење и сè“ (Дела на апостолите 17,24.25). На старите Атињани Павле им го открил Бога како суштество со највисоки способности на волјата, љубовта и милоста. Само личноста може да сака. Љубовта е највисок израз на Божјата личност и карактер. Бог ја покажал својата длабока љубов кон луѓето, „правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост“ (Дела на апостолите 14,17).
Центар на Павловата проповед во Атина бил Христос како Бог, „зашто им благовестеше за Исуса и за воскресението“ (Дела на апостолите 17,18). Бог лично им се објавил на луѓето кога го испратил својот Син на светот. Исус на овој свет живеел како вистинско суштество, како живо олицетворение на љубовта и божеството. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3,16).
Ниту историчарите ниту филозофите не можат да го порекуваат Исусовото влијание врз светот и врз неговата историја. Кога Павле ја дигнал раката и почнал да зборува за Бога како Творец, подеднакво мислел како на Отецот така и на Синот, како што е напишано во Посланието до Коринќаните: „Оти Бог го измири светот со Себе преку Христа“ (2. Коринќаните 5,19). Единственото меѓу Отецот и Синот во спасувањето на човештвото го објавил и апостол Јован со зборовите: „Божјата љубов кон нас се покажа во тоа, што Бог го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него“ (1. Јованово 4,9).
Непознавањето на Бога како личност создава во човекот чувство на сопствена беда и осаменост. Изедначувањето на Божјата личност со некоја безлична првобитна причина не може никого да го oхрабри, Бог е личност којашто ја надминува моќта на нашето сфаќање. За да се покаже како личност, сам Бог станал тело и се настанил меѓу луѓето. Тоа се случило кога Исус е роден како негов единороден Син.
Павле не го заморувал умот обидувајќи се да го долови Бога. Тој не си создавал претпоставки за Бога поставувајќи си безброј прашања и решавајќи нерешливи загатки, како на пример, дали Бог може да биде овде ако е таму, може ли да направи нешто неможно, или слични прашања.
Павле проповедал за Бога како суштество, а не како претпоставка. Тој проповедал за него како Суштество кое ги знае нашите потреби за храна, за вода, за стан и за облека. Да се бара Бог а да се ставаат материјалните добра на прво место значи воопшто да не се бара Бог. Исус рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, а сè ова ќе ви се придодаде“ (Матеј 6,33).
Мајкл Фарадеј, прочуен англиски хемичар и физичар, во текот на целиот свој живот создавал претпоставки и ги уривал, претпоставувал и истражувал. Кога во 1867 година лежел на претсмртна постела, пријателите го прашале: „Фарадеј, за каква претпоставка размислуваш сега?“
„За претпоставка?!“, повторил Фарадеј. „Немам повеќе ниту една претпоставка! Фала на Бога што мојата глава не почива врз претпоставки. „Знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Он е моќен мојот залог да го запази за оној ден“ (2. Тимотeј 1,12). Тоа биле негови последни зборови.
Блез Паскал, француски теолог и математичар, еден од најистакнатите умови на своето време, исто така ја сфатил вистината за Бога. Паскал бил научник но и христијанин. Што го сметал тој за најголемо откровение? Неговиот одговор го нашле на ливче хартија во неговиот капут по неговата смрт. Го запишал своето најголемо откритие: „Бог не е Бог на филозофијата, туку Бог на Адама, на Исака и на Јакова“ – Бог близу до сите народи.
Драги пријатели, Бог не само што не е непознат и безличен Бог, идеја или претпоставка, туку тој не е ниту „Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегува од човечки ум и измислица“ (Дела на апостолите 17,29). Апостолската слика за Бога е слика на Суштество, неспоредливо во љубовта, во силата, во создавањето и во одржувањето на сите созданија, „кој живее во вечноста“, но и „со оние што имаат скршено срце и понизен дух, за да го оживувам духот на понижените и да ги оживувам срцата на поразените“ (Исаија 57,15). Тоа нека биде и наше најголемо откритие!