2.2. Посинети со вера
„Гледајте каква љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме!“
1. Јованово 3, 1
Соломон бил трет и последен цар на обединетото израелско царство. Владеел во десеттиот век пред Христа. Неговиот татко, царот Давид, му го отстапил престолот при крајот од својот живот. Своето четириесетгодишно владеење Соломон го почнал како духовен водач на својот народ. Повеќе од сè друго сакал мудрост за служба на Бога и на својот народ.
Кога се родил, Соломон добил лично име Једидија, што значело „мил на Господа“. Но Соломон не му станал мил на Господа со раѓањето, туку со преродувањето. Апостол Павле рекол: „Не чедата на телото се чеда Божји…“ (Римјаните 9,8). Соломоновиот стремеж кон мудрост бил израз на неговата длабока вера во Бога и знак на неговото преродување.
Правото Бога да го нарече свој Татко човекот го стекнува со преродувањето. Исус ги учел своите ученици да се молат: „Оче наш, кој си на небесата, да се свети името Твое!“ (Матеј 6,9), но ова не смееме погрешно да го сфатиме. Дури ни на Соломона, иако бил царски син, неговото физичко раѓање не му давало право да влезе во Божјето семејство. Да се вика Бог Татко на сите луѓе без исклучок значи да се вика со погрешно име. Само со преродувањето човекот воспоставува синовски однос со Бога. Така и Соломон можел да биде посинет само со преродувањето: „Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче!“ (Римјаните 8,14.15).
При стапувањето на престол младиот Соломон покажал дека јасно ја сфаќа разликата меѓу своето телесно и духовно раѓање. Тој разбрал дека мора да се прероди за да може Бога да го нарече Татко. Дури откако се преобразил, Соломон можел да ја добие и мудроста што ја барал. Затоа – со своите „илјадници, стотици, судии и на сите израелски кнезови, на главите на семејствата“ (2. Дневникoт 1,2), и со сиот народ – „отиде во Гаваон за да принесе жртва, зашто таму беше главниот жртвеник“ (1. Царевите 3,4). Неговата молитва за мудрост што ја изговорил била желба за преродба.
Вистинското познавање на Светото писмо води кон вистинско запознавање на Бога и на неговата љубов кон нас. Во Стариот и Новиот завет Бог се покажува како наш небесен Отец. Овој симболички израз зборува за Бога како за личност која ги љуби своите деца. Својата љубов кон Соломона Бог ја покажал со една великодушна понуда. Библијата вели: „Во Гаваон Господ му се јави на Соломона ноќе во сон и му рече: ’Барај што сакаш да ти дадам‘“ (1. Царевите 3,5).
Јазикот со кој зборувал Соломон додека се молел пред стариот олтар во Гаваон ја откривал сета негова понизност и неговата голема желба да го прослави Бога. Чувството на беспомошност и голема потреба од мудрост и разум го гонело да бара од Бога вдахновено расудување и разум. Во срцето на Соломона немало себична желба за знаење за да се истакне пред другите. Тој никогаш не бил толку богат, мудар и голем како тогаш кога признал во молитвата: „Но јас сум уште сосем млад, та уште не знам да владеам“ (1. Царевите 3,7).
Иако се родил во царско семејство и бил грижливо одгледуван и воспитан, Соломон признал дека само послушноста и верноста кон Бога го прават човекот Божје дете. Давидовиот син посакал да стане Божји син. Тој знаел дека само внатрешната преобразба, што ја нарекуваме преродување, може да му донесе чест да се нарече „Божји син“. За таа најголема чест апостол Јован рекол: „Гледајте каква љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме!“ (1. Јованово 3, 1).
Соломон му бил „мил на Господа“ не поради своето високо потекло, туку поради својата понизност. Во Библијата е запишан Божјиот одговор на Соломоновата молба: „На Господа Му беше мило дека Соломон молеше за тоа. Затоа Господ му рече: ’Зашто го бараше тоа, а не посака ни долг живот, ни богатство, ниту смрт за своите непријатели, туку проникливост во пресудувањето на правдата, еве ќе направам според твоите зборови: ти давам мудро и разумно срце, какво што немал никој пред тебе ниту ќе го има некој по тебе, но ти давам и што не бараше: богатство и слава каква што нема никој меѓу царевите. И ако одиш по Моите патишта и ако ги пазиш Моите закони и заповеди, како што правеше твојот татко Давид, ќе ги умножам твоите денови“ (1. Царевите 3,10-14).
Над сè Соломон барал да биде наново создаден, преобразен и готов за служба на Бога и на својот народ. Неговата сесрдна молба била примена. Извештајот кажува: „Господ му даде на Соломона мудрост и исклучителна разумност, и срце широко како песок на морскиот брег. Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите Израелеви синови и од сета мудрост на Египет. Беше помудар од сите луѓе, од Етан Езраит, од Еман, од Халкол и од Дарда, синовите Меолови; името му се расчу меѓу сите народи наоколу… Доаѓаа од сите народи за да ја чујат Соломоновата мудрост, од сите земски цареви, коишто го чуја гласот за неговата мудрост“ (1. Царевите 4,29-31.34).
Уште една Соломонова молитва зборува за неговата желба да биде близу до Бога. При посветувањето на велелепниот Храм во Ерусалим, кој подоцна и е наречен со неговото име, Соломон се молел благословувајќи го Господа: „Господ, нашиот Бог, нека биде со нас како што беше со нашите татковци, и нека не нè напушта и отфрла. Нека ги приклони нашите срца кон себе, за де одиме по сите Негови патишта и за да ги пазиме Неговите заповеди, закони и одредби што им ги даде на нашите татковци. Овие мои зборови, што ги изнесов скромно пред Господа, да бидат постојано, дење и ноќе присутни пред Господа, нашиот Бог, за да би им правел, ден по ден, правда на Својот слуга и справедливост на Својот народ Израел, за да познаат така сите народи на земјата дека Господ е Единствен Бог, и дека нема друг“ (1. Царевите 8,57-60).
Соломон доживеал Бог да го посини, но Бога можел да го вика Татко само до тогаш додека неговото срце не се возгордеало и отцепило од него. Библијата кажува за Соломона: „Но тој не го исполни тоа, што му го беше заповедал Бог“ (1. Царевите 11,10). Животот на Соломона е голема поука за нас, „Затоа што… ти не го зачува Мојот завет и Моите наредби, што ти ги бев заповедал, ќе го одземам царството од тебе и ќе го дадам на твојот слуга“ (1. Царевите 11,11).
Драги пријатели, ако преродувањето не продолжува со секојдневно посветување, тоа престанува да постои, како и брачниот договор што престанува да важи со неверството. Божјето татковство е условено со нашата верност кон него, „зашто Божји синови се оние што ги води Божјиот Дух“. Бог нека биде наш Татко, а ние негови синови и ќерки!