17.5. Наш брат и Откупител
„Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“
Откровение 5,1.2
Кога првиот Адам му ја препуштил управата над Земјата на вселенскиот поробувач, никој, освен Христос, не можел да му ја врати на човекот неговата загубена власт. За да го стори тоа, Божјиот Син морал да стане човек. Тоа била првата причина за неговото отелотворување и раѓање во Витлеем: „Бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот; па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство“ (Евреите 2,14.15).
Само Исус, вториот Адам, можел да стане Адамов Откупител. Ниту најсилниот ангел на небото не можел да го откупи. Никој од ангелите не можел да стане човек. Ниеден од нив не можел да биде Адамов брат по тело и крв. Откупителот морал да биде човек кој му е најблизок на Адама. Апостолот таа вистина ја изнел со следните зборови: „Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци“ (Евреите 2,16). Само вториот Адам можел да го откупи она што првиот Адам го продал во бесценост. Само Христос како човек можел да стане наследник и откупител на загубеното наследство и да им го врати на оние од кои било одземено.
Мошне е интересен начинот на купување и продавање земјишна своина во Мојсеево време. Се продавал само бројот на преостанатите години и летнини, но никој не можел засекогаш да го отуѓи своето наследство: Бог рекол: „Земјата не смее да се продава засекогаш, зашто земјата е Моја; вие сте при мене придојдени и преселници; по целата земја на вашите имоти дозволувајте земјата да се откупува… според бројот на годините определи ја цената“ (3. Мојсеева 25,23.24.16).
Кога Божјиот Син Станал човек, станал и наш Брат затоа за да нè откупи. Цената на откупот била неговата сопствена крв. За да може со смртта да го откупи човечкиот живот на Земјата „затоа Тој мораше во сè да личи на браќата, па да биде милостив (кон луѓето) и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот“ (Евреите 2,17).
Во времето на Мојсеја секоја педесетта година била таканаречена „опросна година“. Секоја педесетта година, во големиот Ден на помирување, со силно трубење на труби, требало да се спроведе Божјата намера која гласела: „Осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите жители; тоа да ви биде година на проштавање; и секој да се врати во својот имот, и секој да се врати при родот свој“ (3. Мојсеева 25,10).
Меѓутоа, земјата можела да биде откупена и вратена пред оваа јубиларна година. Законот за тоа гласел: „Ако брат ти, кој е кај тебе, осиромаши и го проддаде својот имот, тогаш да дојде неговиот најблизок нека го откупи продаденото од братот негов“ (3. Мојсеева 25,25).
Еден пример на таков роднински откуп наоѓаме во Книгата на пророкот Еремија. Сам Господ посредувал при тој откуп. Еремија бил најблизок роднина на Анамеила, и затоа овој дошол кај него со понуда: „Купи ја мојата нива во Анатот, зашто правото на наследство е твое, и куповното право е твое; купи ја!“ (Еремија 32,8).
Купувањето на оваа нива имало двојно значење: таа била израз на довербата на Еремија во Божјата намера за иднината на својот народ, а исто така и слика на откупувањето на нашиот свет што Исус Христос ќе го плати со својата смрт. Пророкот Еремија приготвил два документа, од кои еден бил запечатен, а другиот отворен. Откупувањето се вршело во присуство на сведоци „кои го потпишаа тој купопродажен договор“ (Еремија 32,12).
Друг пример на таков откуп наоѓаме во Книгата за Рута. Од Воз се очекувало како најблизок роднина да го откупи и да го врати отуѓеното наследство на мажот на Ноемнина, Елимелех, кој умрел во Моавската земја. Слично како и во претходниот пример, Воз се согласил да откупи „сè што беше Елимелехово“ и на неговите синови. Исто така постапил според законот кога ја зел „за жена и Моавката Рут“ за да се сочува „името на умрениот во делот негов, та да не исчезне името на умрениот меѓу браќата негови и племето негово“ (Рута 4,9.10). Значајно е и тоа што Воз живеел во Витлеем каде што многу подоцна ќе се роди Христос, Откупителот на целиот свет. Воз го обновил животот во семејството на Елимелеха како и Христос што го обновил животот на Адамовото семејство.
Христовото првосвештеничко дело за обновување на животот на целиот човечки род му е покажано на пророкот Јован. Тој бил повикан: „Искачи се овде и ќе ти покажам што треба да стане потоа!“ (Откровение 4,1). Веднаш потоа Јован во визија видел централен престол на небото окружен со дваесет и четири престоли. Оној што седел на централниот престол држел во рака книга „запечатена со седум печати“, која нè потсетува на документот за откупување. Најсилниот ангел повикал: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“ (Откровение 5,1.2).
Никој не се појавувал. Несреќен Јован! Неговото нежно срце било трогнато до солзи. Тој знаел што значи оваа запечатена книга. Ако не се појави откупител, сите ветувања на пророците и сите надежи на Божјиот измачен народ во текот на сите векови ќе бидат напразни. Таа помисла го совладала и не е чудо што заплакал.
Во тој миг еден од старешините му пристапил и рекол: „Не плачи! Ете, Лавот, кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!“ (Откровение 5,5). Бришејќи ги очите, пророкот погледнал и видел како во средината на престолниот круг стои Исус како Јагне, но не во слава и во убавина, туку „како заклано“, со траги од нож под грлото.
Јован видел како Исус истапува напред да ја земе книгата од рацете на Оној што седел на престолот. Кога ја подал раката, низ небесата се разнела неопишана радост: „Пееја нова песна, велејќи: ’Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нè откупи за Бога… и ќе царуваме на земјата!‘“ (Откровение 5,9.10).
Христос станал наш Брат и Откупител на светот. Тој е Обновител на животот на него. Тој го знае секого кој верува во него. Тој го откупува секое човечко суштество што ќе го признае за свој Откупител.
Драги пријатели, дојдете кај Христа и кажете му: „Откупи ме!“, и Тој ќе ве откупи. Кажете: „На Оној, кој седи на престолот, и на Агнецот – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“ (Откровение 5,13) Тој е ваш Брат и Откупител!