17.4. Кон Бога само преку Христа
„Бог го воскресна овој Исус. За тоа сме ние сите сведоци… И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа…“
Дела на апостолите 2,32.33
Да се исповеда вера во Исуса Христа значи да се има вера во него како „таков Првосвештеник, кој седи од десната страна на престолот на величието на небесата“ (Евреите 8,1). Верата во Христа како наш Првосвештеник го опфаќа неговиот живот на Земјата и неговиот живот на небото. Неговата првосвештеничка служба не се завршила со смртта на Земјата, туку продолжила со неговиот живот на небото.
Христовата посредничка служба на небото во улога на наш Првосвештеник претставува едно од најголемите откровенија на Божјата реч. Апостол Павле кажува: „Имајќи го големиот Првосвештеник кој преминал преку небесата, Исус, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедувањето на верата. Зашто, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да сочувствува во нашите слабости, туку таков кој искусил сè како и ние, освен грев. И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош“ (Евреите 4,14-16).
Христос станал наш Првосвештеник „еднаш за секогаш, откако Сам Себе се принесе“ (Евреите 7,27). Верата во Христа како Посредник е вера што исто така „еднаш засекогаш им е дадена на светите“ (Јуда 3). Исус станал човек еднаш засекогаш, се принел себеси еднаш засекогаш и влегол во небото „еднаш засекогаш“ (Евреите 9,12). Тој „секогаш живее за да може да се моли“ за нас. Исус има „вечно свештенство што нема да мине на друг. Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евреите 7,24.25).
Христос со својата смрт на крстот нашите гревови ги ставил на своите плеќи, а својата правда на наша сметка. Она што го сторил Тој на крстот го сторил за нас, и она што го прави сега на својот престол, го прави за нас и во нас. Со својот живот и со својата смрт го овозможил нашето помирување со Бога, а со своето свештенство ни овозможил живот на победа над гревот. Исус се зазема за нас на небото кај Отецот, а Светиот Дух го застапува Христа во нас на Земјата.
Колку охрабрува фактот што на престолот на милоста седи Некој кој може да ги чувствува нашите потреби и да ги познава нашите чувства! Тој ја знае сета жестокост на нашата борба против злото и во вистински час ни помага да победуваме. „Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле“ (Римјаните 5,10).
Всадувањето на Христовиот живот во нашите срца го врши Светиот Дух. Исповедањето на верата значи преобразување на животот, промена што сите ја гледаат, како некогаш кај апостолите. Сите луѓе што ги познавале апостолите, „знаеја, пак, дека и тие беа со Исус“ (Дела на апостолите 4,13).
Понекогаш некоја наша слабост нè држи нас како есенски лист за гранката: упорно одбива да падне. Не може да го откине ниту снегот ниту мразот, ниту ветерот, ниту луњата. Но рано на пролет тој сам паѓа. Зошто? Затоа што сокот од коренот доаѓа до стариот лист и тој се откинува. Истото се случува и со нашите стари навики и гревови; тие отпаѓаат кога ќе ги допре новиот живот што доаѓа од Божјиот Дух. Христос е давател на тој живот. Промената настанува како плод на верата а не на делата. Да се очекуваат добри дела од лоша природа би значело да се очекуваат здрави плодови од болно дрво.
Делувањето на Светиот Дух е неразделно врзано со Христовата првосвештеничка служба. Слегувањето на Духот врз апостолите било знак на Христовото крунисување. Светиот Дух во секое срце засадува желба да прави добро. Тој му дава сила да му се спротивстави на искушението. Кога ќе се сопнеме и паднеме во гревот, Светиот Дух е оној што нè осведочува за гревот и ни укажува на Христа како на наш помирител со Бога. Уште повеќе, кога ќе се вратиме кај Бога понизни и скршени, Светиот Дух ни дава сигурност дека ни е простено.
Фактот што Христос е наш Застапник треба да ги исполни нашите срца со храброст и со доверба, зашто Тој исто така е и врховен Судија. Колку е утешно да се знае дека врховниот Судија нè признава за свои пред сите жители на небото!
Кога како христијани подобро би ја разбрале оваа длабока вистина, светот во нас подобро би го видел нашиот Господ. Мнозина од нас не би живееле повеќе во несигурност. Не би се плашеле повеќе што ќе биде кога нашето име ќе биде прочитано пред Бога на судот. Нашиот внатрешен мир и храброст би биле како непресушна река. „О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови“ (Исаија 48,18). Ако живееме во согласност со неговата откриена волја и ако ја примаме неговата милост, тогаш зошто да се плашиме?
Ако во Христа како Судија гледаме свој Првосвештеник, треба да се радуваме а не да се плашиме. Намерата на неговиот преадвентен или истражен суд не е да нè осуди, туку да нè ослободи и да ѝ покаже на целата вселена како Бог милостиво постапува со грешникот. Сознанието за тоа треба да ги вдахне нашите срца со доверие во Божјата љубов кон нас.
Ако го прифатиме Исуса Христа за свој Спасител и Застапник, тогаш можеме да бидеме сигурни во него. Исповедањето на апостолската вера во Христа значи сигурност и доверба во него како гаранција на нашата вечна иднина. Кога нашите имиња ќе дојдат на судот, самиот Судија ќе се заземе за нас. Тој ќе нè признае за свои и ќе стави врз нас свој печат.
Верата во Христа како Првосвештеник му дава нова смисла на животот. Ние се потпираме врз силата на Христовата милост. Кога му пристапуваме со едноставна вера и со доверба во неговата Реч, можеме да бидеме сигурни дека ќе нè чуе. Апостол Павле им пишувал на христијаните во Рим со полна доверба во Оној што седи од десната страна на Отецот: „Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној, кој не го поштеди ни Својот сопствен Син, туку го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сè? Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е Тој кој ги оправдува! Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас!“ (Римјаните 8,31-34).
Драги пријатели, можеме да бидеме сигурни. Исус се моли за нас! Тој живее за нас! И Тој ќе дојде по нас!