16.2. Наш застапник на Небото
„Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда.“
1. Јованово 1,9
На Голгота Христос ни го отворил патот во слободата од гревот, а нè чува во таа слобода со својата првосвештеничка служба на небото. По својата жртва за нашите гревови на Земјата, Исус станал наш Застапник на небото. Својот пат од Витлеем до Голгота го поминал само затоа за по заминувањето од Земјата на небото да може да застане како наш Првосвештеник пред Божјето лице. „Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1,9).
Никој не можел да го замени Христа на крстот на Голгота, и никој не може да го замени во неговата првосвештеничка служба. Христос е Првосвештеник на својата Црква. Единствено Тој може не само да нè ослободи од гревот, туку и да нè сочува од него. „А Господ е Дух, а каде што е Духот Господов, таму има слобода“ (2. Коринќаните 3,17) – слобода од гревот!
Христос умрел само еднаш на крстот, сега вечно живее за оние што ги откупил со својата смрт. Пренесувајќи го својот поглед од Христа на крстот кон Христа на престолот, апостол Павле во Христа видел гаранција за нашата слобода и заштита од гревот. „Гревот не треба да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта“ (Римјаните 6,14).
Слободата од гревот е Божји дар како и разрешувањето од гревот. И едното и другото човекот може да ги добие, но не и да ги заслужи. Проштавањето и слободата од гревот ги добиваме со вера а не со дела. Од вината за гревовите се разрешуваме со Божјиот дар, а не со нашите дарови. Бог не го разрешува од гревот оној што ќе понуди повеќе! Само Христос ни овозможил нов живот „откако Сам Себе се принесе како жртва“ еднаш засекогаш, како што истакнува апостол Павле во текстот запишан во Евреите 7,27. Нема повеќе потреба од повторување на неговата жртва на крстот. Крстот е неповторлив, зашто и ослободувањето што е постигнато на него е бесконечно и потполно.
Науката за спасението е висока како небото, а нејзината вредност толку широка, длабока и бескрајна, што сета земна мудрост, споредена со неа, е безначајна. Христос нас нè ослободил од гревот со својата жртва на крстот, а нè чува од гревот со својата посредничка служба во небесниот Храм. „Секој што е роден од Бога, грев не прави“ (1. Јованово 3,9).
Фактот што Исус е наш Застапник и Бранител пред вечната правда на небесниот Суд треба да нè исполни со храброст и со доверба. Тој е Застапник на нашата одбрана пред Божјиот престол. Тој нас нè откупил со својата жртва и нè спасува од повторното ропство на гревот со својата првосвештеничка улога во небесниот Храм. Тој истовремено е и Жртва и Свештеник, Откуп и Откупител. Вистината за Христа како наш Првосвештеник е една од најголемите вистини на Божјето откровение. Таа ги опфаќа и неговото отелотворување, неговата жртва на крстот, воскресението и вознесувањето, а завршува со неговата служба како Судија.
Вистината за Христовата првосвештеничка улога апостол Павле ја сметал како врв на радосната вест. Највозвишената точка на таа вест ја опишал со овие зборови: „А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек. Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше потребно и Тој да има што да принесе…“ – „зашто секогаш живее, за да посредува“ за нас (Евреите 8,1-3; 7,25).
Слободата од гревот Христос ни ја овозможил со својата жртва. Но ние никогаш не би можеле да се жртвуваме кога Тој не би нè чувал од гревот принесувајќи ги своите заслуги заедно со нашите признанија и со нашите молитви во златната кадилница пред Божјиот престол. Нашите признавања и молитви му даваат полномошно со својот Свети Дух да нè чува од гревот.
Мнозина мислат дека духовна чистота или слобода од гревот можат да постигнат ако цврсто се борат против гревот и ако живеат доволно долго. Но оваа чистота или посветеност е исто така Божји дар како и милоста со која Бог ни ги проштава гревовите. Слободата од гревот ја примаме на ист начин како и ослободувањето од гревот – со вера и со преданост а не со нашите напори.
Мнозина се борат против своите лоши навики и нечисти мисли. Тие копнеат за слобода од гревот, но не знаат како да ја постигнат. Тие веруваат дека Христос умрел и воскреснал, но сè уште се чувствуваат немоќни и несреќни. Тие го следат со својот поглед Христа сè до неговото вознесение, потоа го закрива облак од нивниот поглед. Но нема потреба тој да стои беспомошен пред непроѕирните облаци на Христовото вознесение. На секого му е можно со своето признавање на гревот и со молитва за проштавање да „влегува дури зад завесата, каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник“ (Евреите 6,19.20).
Колку охрабрува сознанието што Исус ги прима нашите несовршени молитви и фалби и ги прави совршени пред престолот на небото! Ова е вистина што ги преобразува не само нашите молитви, туку и нашата грешна човечка природа во божествена. Дури и ангелите со највисока интелигенција стојат восхитени посматрајќи како слабите човечки суштества стануваат јаки, сигурни и радосни со Христовото посредување пред престолот на Божјата милост.
Нема поголема радост од искуството на верата дека Христос со својата смрт на Земјата овозможил бришење на нашите гревови од судските книги на небото! Христос и денеска ги прима признавањата и молитвите на оние за кои умрел. Посветениот живот е резултат на неговото посветување а не на нашиот труд и грижа. Никој не може да се откупи со своите напори. Човекот не може да го откупи човек, грешникот грешник па дури ни свештеникот свештеник. „Никој не може себеси да се искупи, ниту може човекот да Му плати откуп на Бога“ (Псалм 49,7).
Слободата од гревот донесува мир и радост, утеха и надеж што никаде не може да се најде освен во Исуса Христа, единствениот Посредник меѓу Бога и луѓето. Сигурноста на спасението се наоѓа во гледањето со вера на престолот на Божјата милост, на Исуса од Голгота до небото, и од понижувањето до славата.
Драги пријатели, Бог е зачетник и извршител на планот на спасението. Ако се предадете во рацете на својот голем Застапник пред Бога, Првосвештеникот Исус Христос, тогаш не треба да се плашите за иднината. Исус е гаранција и чувар на вашата слобода од гревот. Дојдете кај Христа такви какви што сте. Не чекајте да станете подобри. Подајте ја раката на верата за неговата милост. Гледајте на својот единствен Посредник и живејте слободни од гревот и сигурни во спасението!