16.1. Исус во сите писма
„Почнувајќи од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо.“
Лука 24,26.27
Првата христијанска проповед е одржана на денот на вознесението – но не во Соломоновиот храм, туку на селскиот пат неколку километри од Ерусалим. Тоа била христијанска проповед, зашто ја одржал сам Христос, и била проповед затоа што се темелела на Божјата реч.
Слушатели на оваа прва проповед биле Клеопа и „друг ученик“. Се верува дека другарот на Клеопа во тагата била неговата жена Марија која се споменува во Евангелието на Јована (19,25).
Кога се приближиле до својот дом во Емаус, го наговориле својот сопатник да остане со нив: „Но тие Го задржаа, велејќи: ’Остани со нас, оти денот одмина и наскоро ќе се стемни!‘“ (Лука 24,29).
Темата на оваа Христова проповед била највеличествената тема на Новиот завет: „Христос во сите Писма“. Тој ден сам Христос покажал како се студира Божјата реч. Тој ги прелистувал Мојсеевите книги, потоа Псалмите, а потем сите пророци објаснувајќи ги големите вистини за себе. Сакал неговите ученици да дознаат дека Тој е центар на секоја вистина, Оној за кого претскажувале и сведочеле пророците. Припомнувајќи си за тие мигови, Клеопа и неговиот другар подоцна зборувале: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ (Лука 24,32).
Некои христијани денеска го отфрлаат Стариот завет, но без него никој не може да го препознае Христа како Спасител и да го разбере неговото дело. Трагично е да се отфрли Божјата реч и да се замени со човечка. Клеопа и неговиот другар до тогаш Божјата реч ја заменувале со еврејската традиција и затоа не било чудно што се враќале дома збунети и жалосни. Но во светлината на Христовото воскресение Стариот завет засветил со нова светлина.
Странецот што ги стигнал на патот бил нивниот Учител и Господ, но тие не го знаеле тоа. Она што го зборувал било засновано на Божјата реч а не на традицијата. Својата проповед ја почнал со прашањето: „Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“ Христос толку добро ги познавал текстовите на Стариот завет, што во текот на целиот пат, „почнувајќи од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо“ (Лука 24,26.27).
Воскресението се случило во недела, првиот ден на библиската работна седмица, и цел Ерусалим бил во движење. Се пронесол глас дека големиот Учител, Исус, кој е распнат и закопан, исчезнал од гробот. Гробот е најден отворен и празен. Низ градот кружеле противречни вести. Едни тврделе дека е жив, а други дека е мртов и дека неговото тело било украдено.
Еврејските старешини вината за исчезнувањето на Христовото тело ја фрлиле врз неговите ученици. Римските стражари биле поткупени да кажат: „Учениците Негови дојдоа и го украдоа, кога ние спиевме“ (Матеј 28,13).
Иако обвинувањето било бесмислено, Клеопа и неговиот другар, збунети и разочарани, го напуштиле градот. Зар по сето тоа Христовата смрт била крај на сите нивни надежи? Но нивните надежи биле засновани на традицијата, а не на Писмото. Му кажале на странецот за Исуса „дека нашите првосвештеници и управници го предадоа да биде осуден на смрт и го распнаа“, „денес е веќе трет ден, откако се случи ова“ (Лука 24,20.21).
Клеопа и неговиот другар во својот сопатник не го препознале Христа. Биле уплашени и разочарани. Рекле: „А и некои жени од нашите нè збунија; тие биле рано на гробот, и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале дека е Тој жив“ (Лука 24,22-24).
Било необично што учениците ги заборавиле Христовите зборови за неговата смрт и воскресение: „И ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и биен, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне“ (Матеј 20,19). Свештениците тоа подобро го запаметиле од нив. Затоа го молеле Пилата да постави стража околу Христовиот гроб. Му рекле: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ’По три дни ќе воскреснам!‘“ (Матеј 27,63).
На патот за Емаус Исус „ги толкуваше Писмата“ со таква сериозност, нежност и сигурност, што нивните срца повторно почнале да се полнат со надеж. Чувствувале дека неговите зборови се исти со оние што им ги зборувал Христос додека бил со нив. Се прашувале кој може да биде овој странец што проникнува во нивната душа и ги чита нивните срца.
Кога Исус би им се открил веднаш, тие во својата радост не би го слушале повеќе. Меѓутоа, Христос сакал нивната вера да ја зацврснат пророштвата за него. Затоа почнал од Мојсеевите книги што се камен темелник на Библијата. Додека неговите ученици сметале дека Христовата смрт е крај на нивните надежи, Исус им покажал дека токму таа е најсилниот доказ за верата во него. Истакнувајќи ја важноста на Стариот завет, Исус уште порано кажал: „Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“ (Лука 16,31).
Од Христовите усни течеле зборови на живот и сигурност. Им зборувал за себе во второ лице. Додека оделе, и Тој заедно со нив подзастанувал да се одмори и да ги избегне, како и Тие, острите камења на патот. Патувањето завршило, но тие биле толку привлечени кон Христа и толку гладни за неговите зборови, што Тој најпосле морал да го прифати нивното гостопримство. На скромната трпеза, при слаба светлина на свеќа, Христос дозволил да го препознаат. „Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Тој стана невидлив за нив“ (Лука 24,31). Колку биле среќни што го натерале да влезе во нивниот дом! Колку би биле несреќни кога би биле рамнодушни кон љубезниот Странец.
Тие го препознале воскреснатиот Христос во текстовите на старозаветните книги на Библијата. Заедно со него ја истражувале Божјата реч и во Христа го препознале својот воскреснат Откупител. Уште истата вечер се вратиле во Ерусалим да им кажат на своите браќа „како Го познаа, кога го прекршувал лебот“ (Лука 24,35).
„Се израдуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа“ (Јован 20,20). Нема поголема радост од Христовото воскресение, ниту поголема сигурност во пророчката Реч!