14.4. Голема сабота
„И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустињата, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен.“
Јован 3,14.15
Долгиот ден на Христовите маки на Голгота веќе се ближел кон крај. Додека последните зраци на Сонцето што заоѓало ја најавувале саботата, Божјиот Син веќе почивал во мир под сводот на Јосифовата гробница. Неговото дело било завршено и Тој се одморал. Заедно со последните сончеви зраци замреле и звуците на вечерните труби кои објавувале дека почнала саботата.
Иако уште во петокот попладне Христовите ученици трепереле за мртвото тело на својот Господ, одеднаш стигнала неочекувана помош. Двајца богати и влијателни луѓе решиле на Христа да му укажат почест со достоен и чесен закоп. Тоа биле Јосиф од Ариматеја и Никодим, обајцата угледни членови на Синедрионот, тајни Христови ученици. Јосиф од Пилата добил дозвола да го закопа Исуса, додека Никодим донел околу сто литри балсам од мирта и алој да го помаже Христовото тело. Ниту на најугледната личност во Ерусалим не би можела да му се укаже поголема посмртна почест од онаа што му е укажана на Исуса.
Христос умрел само по шест часа поминати на крст. Никогаш уште не се слушнало некој да умре на крст толку бргу. Смртта на распнатиот настапувала полека, дури и по неколку дена. Меѓутоа, свештениците, фарисеите и кнезовите имале свои причини Исус што побргу да умре. Се приближувала пасхална Велјасабота, „оти во таа сабота беше голем ден“, (Јован 19,31) и тие знаеле дека многу поклоници од разни краиште ќе го бараат да го видат чудотворниот Учител од Галилеја. Затоа Христовите непријатели сакале Христос дури и мртов што побргу да се отстрани.
„Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота…, го замолија Пилата да им ги прекршат колената и да ги симнат. Тогаш дојдоа војници и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него“ (Јован 19,31.32). Кога војниците им ги скршија нозете на разбојниците и пристапиле кон Исусовиот крст, веднаш виделе дека Христос веќе умрел. Отстапиле од својата намера, трогнати со она што го виделе и што го слушнале додека Исус уште бил жив на крстот. И не насетувале дека и несвесно ја исполнуваат Господовата наредба за пасхалната жртва и за Божјето Јагне: „Коските нејзини да не се кршат“ (4. Мојсеева 9,12).
Јосиф и Никодим со свои раце нежно го симнале Христовото тело од крстот. Низ образите им течеле солзи додека вршеле помазание над Христовото тело и го завиткувале во платно. Јосиф имал гроб близу до Голгота. Таму го положиле Откупителот на светот.
Така Исус нашол мир во новиот празен гроб на богатиот и угледен еврејски кнез Јосиф од Ариматеја. Јосиф не знаел дека со своето срце и раце исполнува едно пророштво на пророкот Исаија напишано за Христа уште пред осум векови: „Му определија гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот“ (Исаија 53,9).
Последни крај крстот и последни крај гробот биле жените „што го следеа Исус од Галилеја и му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови“ (Матеј 27,55.56). Нивниот спомен никогаш нема да исчезне. Тие виделе дека е сторено сè што можело да се стори за мртвото тело на нивниот Господ. Пред влезот во гробот била ставена голема камена плоча. На Земјата веќе се спуштале вечерните сенки кога Марија Магдалена и другите Марии со последен поглед се проштавале од местото каде што е оставен нивниот Учител. „А во саботата одмараа според заповедта“ (Лука 23,56).
Овој извештај го напишал евангелистот Лука шеесет години по Христа. Жените „одмараа“ според заповедта за саботниот одмор која сам Господ ја врежал со свој прст во камена плоча на Синај. За тоа Писмо сам Исус рекол: „Писмото не може да се уништи“ (Јован 10,35), како што не можело да се измени ниту едно пророштво дадено за Христа. Во Велјасабота Исус почивал како човек исто како што се одморал како Бог онаа прва голема сабота на седмицата на создавањето.
Од рајот до Голгота, и од Голгота до денеска, саботата е знак на Божјата творечка моќ и тоа ќе биде во вечноста. По големата сабота од Едем како и по Велјасабота од Голгота, човекот излегол од Божјите раце како „ново создание“ (2. Коринќаните 5,17). Саботата станала повторно знак на Христовата сила да создава, зашто на Голгота духовно ги создал сите оние што со својата крв ги откупил од гревот. Земјата е одземена од поробувачот – сатаната – и вратена во рацете на својот законит Сопственик.
Жените од Галилеја и Христовите ученици никогаш не ја заборавиле оваа Велјасабота. Никодим, кој го видел Христовото подигање на крст, имал прилика да размислува. Се сетил на зборовите што му ги кажал Исус во разговорот на Маслинската гора: „И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустињата, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен“ (Јован 3,14.15).
Умот на Никодима го осветлила светлината од крстот и овие зборови не му претставувале повеќе тајна. Почувствувал колку загубил што не им се придружил на Христовите ученици додека Исус уште бил жив. Настаните што ја уништиле надежта на Христовите ученици имале спротивно дејство врз Никодима: Тие го увериле во божественото величество на Учителот од Галилеја.
Но таа Велјасабота за Христа не размислувале само Христовите ученици. Мнозина го насочиле прстот во светите пергаменти на старите пророци со сè поголемо убедување дека Исус навистина бил Божје Јагне и Откупител на светот. Зар тие не гледале со свои очи од Величетврток до Велјасабота дека се исполнува сè она што требало да го претрпи Христос (Лука 24,26) Дури мнозина свештеници таа сабота станале Христови следбеници. Нивното истражување на пророштвата не било залудно. По Христовото воскресение тие јавно го признале како Божји Син.
Меѓутоа, таа иста сабота „на другиот ден, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите при Пилата“ (Матеј 27,62). Тие немале ниту мир ниту починка. Порано ниту по цена на животот не би поминале незнабожечки праг во сабота, а сега се собрале кај Пилата да бараат да се постави стража пред Христовиот гроб. Го убиле Господарот од саботата, и повеќе ни саботата не им била света. Но, ниту тие ниту сите војници не ќе можат да го задржат Господарот на животот во гробот! Часот на неговото излегување се приближувал…
Секоја сабота по Велјасабота нè води под ладовината на Едем и под сенката на Голгота на одмор и на размислување. Да потонеме во истражување на Писмото, и Велјасабота ќе докаже дека „Писмото не може да се уништи“!