14.2. Неподнослива болка на разделбата
„Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил!“
Матеј 27,46
Старите незнабожечки религии биле полни со гневни богови кои од своите суеверни поклоници барале човечки жртви. Само христијанската религија го открила Божеството што се жртвува себеси не само за своите деца, туку и за своите непријатели.
Никогаш не смееме да заборавиме дека сам Бог станал жртва на сопствениот олтар за откуп на своите верници. Самиот Автор на Божјиот закон ги искусил врз себе сите последици на престапот на своите синови и ќерки. Творецот слегол од небото на Земјата да умре наместо неговите созданија.
Божјето негодување против гревот можела да го смири само смртта на виновникот или неговиот Заменик. „Гревот е беззаконие“ (1. Јованово 3,4), а само „оваа крв прави покривање на гревот за душата“ (3. Мојсеева 17,11). Барањата на Божјиот закон се непроменливи а казната неумолива. Вселенскиот ред зависи од цврстината на неговите закони. Во Исуса Христа го гледаме лично Бога кој дозволил замена за грешникот, кој се погрижил за замена и кој станал Замена.
Единствената надеж за човештвото лежела во Бога, за кого Аврам му рекол на својот син Исак: „Бог ќе си предвиди, синко, јагне за жртва“ (1. Мојсеева 22,8). Жртвата било Божјето Јагне, Христос, „заклан од создавањето на светот“ (Откровение 13,8). Божјиот Син на жртвеникот наместо човекот бил „неискажливото Христово богатство“ (Ефесјаните 3,8), што апостолите му го објавиле под името радосна вест или евангелие на целиот тогашен незнабожечки свет.
Кога Исус „онаа ноќ, кога Го предадоа“ (1. Коринќаните 11,23) слегол од Маслинската гора и преминал преку потокот Кедрон со врзани раце, се спуштил во најголемата длабина „на долината на смртната сенка“. Седум столетија порано пророкот Исаија ја видел таа сцена: „Јас газев во каца сам, и никој од народите не беше со Мене… Погледнав – и немаше помошник; се чудев, зошто немаше кој да ме поткрепи“ (Исаија 63,3-5).
Само неколку дена порано имало многу такви што го следеле Исуса по патот од Витанија во Ерусалим славејќи го како цар. Каде било сега тоа големо мноштво? Каде биле сега неговите ученици? Имало многу такви што можеле да му дојдат на помош, но сега не се покажал ниту еден. Исус одел да умре онака како што и живеел – безгрешен, но осамен. Големиот Пастир дозволил да биде воден како „овца одведен на колење“ (Исаија 53,7). Останал потполно сам, онака како што било напишано со векови однапред: „Порази го пастирот, и овците ќе се разбегаат!“ (Захарија 13,7).
Во Гетсиманија Христос сам излегол пред надојдениот бран на силата на темницата. Било потребно да ја почувствува полнината на горчината на болката на секоја загубена душа. Во Гетсиманија го оставиле неговите ученици, а на Голгота и неговиот Отец. На крстот Исус го запознал сиот оној ужасен страв на душата одвоена од својот Отец. Не можел повеќе со погледот да проникне низ темнината на гревот и да го види помирливото лице на Отецот. Како човек не можел да види преку гробот. Бил готов на сè, само не на потполна осаменост и одвоеност од Отецот. Сега бил турнат и напуштен. Дали ќе може да ја издржи полната мерка на Божјето негодување против гревот?
Сите жители на безгрешните светови стравувале за резултатот на оваа битка што се разгорувала. Нивниот страв бил оправдан, зашто тие јасно можеле да слушнат како кнезот на темнината му шепоти на Христовото уво: „Зошто ги трпиш сите овие маки? Човештвото не е достојно за тебе. Гледаш ли колку те презираат! Зошто не ми ги препуштиш мене а ти да се вратиш кај својот Отец?“
Дури и кога бил на крст Христос можел да се врати на небото, но љубовта кон своите загубени деца го приковала на дрвото посилно од сите клинови. Шепотењето на сатаната се претворило во залудна вика на разјарената толпа: „Слези од крстот! Слези од крстот!“ „Ако си Син Божји, слези од крстот!“ (Матеј 27,40) Кога Христос би слегол од крстот, ние би морале да се качиме на него. Тоа била намерата на сатаната.
Ѓаволот знаел дека Христос може да слезе од крстот. Тој знаел дека Исус може да посегне по мечот на Семожниот против своите мачители. Неговите посмевачи можеле да ги проголта земјата. Но, наместо тоа, додека горел во болка и крв, Исус се молел. Тој не изустил ниту збор на гнев и негодување. Челото му било оросено со крупни капки пот, додека без престан ја повторувал својата пастирска прошка: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!“ (Лука 23,3.4)
Кога го распнал Христа, човекот ја распнал Светлината на светот. Сонцето се угасило. Една необјаснета темнина – како тага на Отецот – паднала на Земјата. „Настана мрак по целата земја, до деветтиот час; и сонцето потемне“ (Лука 23,44.45). Бог ги затемнил прозорците на небото за неговиот сакан Син да почине во сенка. Последните мигови од претсмртната борба на Божјето Јагне биле скриени од човечките погледи.
Луѓето занемеле. А кога од злокобните облаци ги швркнала молња со својот блесок, помислиле дека дошол и нивниот крај. Во тој миг се разлеале најболните вопли на сите векови. Се слушнал глас од крстот: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил!“ (Матеј 27,46)
Одговорот на ова прашање го дал самиот Отец уште многу порано преку пророкот: „Но беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас“ (Исаија 59,2). Христос ги зел нашите гревови на себе и затоа Бог го одвратил лицето од својот сакан Син.
Бог нема галеници. Неговата правда е вечна правда како и неговиот Закон. Отецот го свртел лицето, проникнато со болка и негодување, дури и од својот Син. Нашите гревови ги разделија срцата што дотогаш ништо не можело да ги оддели. Христовото срце било раскинувано со неподнослива душевна болка спрема која физичките страдања биле безначајни. Тоа го скршило неговото срце, но исто така и срцето на Отецот. Проштавањето било на повидок. Помирувањето се наѕирало.
Кога темнината се повлекла, битката против гревот била добиена. Христовото лице светело посилно од Сонцето. Обраќајќи му се на својот Отец, од Христовите гради се оттргнал победоносен извик: „Се сврши!“ (Јован 19,30)
Судирот бил решен. Светот се помирил со Бога. Моќта на кнезот на темнината била срушена. Христос ја наведнал главата и умрел – како Победник. „Оче, во Твои раце го предавам Својот дух!“ (Лука 23,46) Божјиот Син со доверба ѝ се предал на Божјата правда.
Христос станал мост меѓу Земјата и небото. Тој ударот го примил наместо нас. Тој умрел за ние да живееме. На ѓаволот му е искината маската. Гревот е разобличен. Од денеска и во нас „како што гревот царува, предизвикувајќи смрт, така и благодатта да се зацари со правда за живот вечен, преку Исуса Христа, нашиот Господ“ (Римјаните 5,21).