14.1. Учесници а не гледачи
„Преку Неговите рани ние се излекувавме“
Исаија 53,5
Стапувајќи на Голгота, ние чувствуваме дека стапуваме на света почва. Еврејските водачи не знаеле дека со Христовата смрт ќе се заврши Божјиот план за откупување на човекот и за искоренување на гревот. Иако Христа го осудиле по своја волја, еден настан од последната седмица на Христовиот живот не се случил против Божја волја. Христос дошол да умре, но не умрел затоа што морал, туку затоа што сакал. Токму од таа причина дошол на Земјата. Со својата божествена сила можел вечно да ја одложува својата смрт. Умрел не затоа што бил распнат, туку затоа што нас нè љубел повеќе отколку својот живот. Иако бил осуден како злосторник, Исус умрел како Цар.
Во драмата на Голгота ние не сме гледачи туку учесници, иако нас од неа нè делат дваесет векови. Крстот на кој е распнат Исус бил наменет за нас, но Исус застанал на нашето место. Крстот е споменик на нашиот откуп. На него Христос умрел наместо нас. На Голгота ни е продолжен животот. Бог им укажува на својата жртва на крстот на сите луѓе не како на гледачи, туку како на учесници: „Погледнете и видете – има ли болка каква што е мојата болка?“ (Плачот на Еремија 1,12).
На крстот Исус умрел како цена за нашиот откуп, бил казнет за нашите беззаконија и „казната за нашиот мир падна врз Него“ (Исаија 53,5). Ние на Голгота учествуваме како виновници за Христовото страдање, но не и како страдалници.
Во крстот на Голгота гледаме колку Бог го мрази гревот, а колку го љуби грешникот. Уште во рајот Бог го осудил гревот, а човекот го помилувал. На Голгота е скршена силата на гревот, а човекот е откупен, зашто со Христовата смрт е отворен нов и жив пат во животот. Бидејќи Исус не можел да умре како Бог, Тој со своето доаѓање во човечко тело „вкуси смрт за сите“ (Евреите 2,9).
Христовата смрт на крстот е центар на планот за откуп на човекот. Нашиот грев нас нè сторил Божји непријатели, а Христовата смрт нас не само што нè помирила со Бога туку и нè спријателила со него. Пријателството со Бога значи непријателство со гревот: „За да не бидеме веќе робови на гревот“ (Римјаните 6,6).
Христовата смрт била најголема неправда во целата историја. Она што се случило тој мрачен ден покажува целосно отсуство на смисла за правда, за вистина и слобода во срцата на Христовите тужители и судии.
Смртта на крстот била свирепа, постепена и маченичка. Римјаните ја сметале за симбол на срамот и затоа на крст биле осудувани злосторниците, непријателите и робовите. На распнувањето на крстот му претходело жестоко и свирепо камшикување на жртвата врзана за столб на мачење. На кожнените ремени на римскиот камшик биле нанижани оловни или железни куглички. Под ударите на камшикот кожата на плеќите бргу се претворила во партали. Многу осуденици од камшикувањето ја губеле свеста, а некои дури и разумот.
Христос издржал камшикување не еднаш, туку два пати (Јован 19,1; Марко 15,15). Потоа крстот му е натоварен на рамо и со двајца разбојници е потеран кон губилиштето надвор од градот.
Многу сликари на своите платна го прикажувале Христа како го носи својот крст, но можеби ниеден од нив не ја претставил таа сцена во вистинска смисла. Античките извори ни откриваат дека осуденикот носел само еден дел од крстот – неговиот попречен, покусиот дел – кој подоцна се спојувал со надолжниот дел од крстот. Покусиот дел од крстот тежел над педесет килограми и бил ставан преку грбниот дел од вратот и рамената, додека рацете на осуденикот биле врзувани за дрвото.
По судењето и камшикувањето, осуденикот на крст обично бил присилуван да оди по најпрометните улици, лишен од облека и срамотен во текот на целиот пат. Евангелистот Матеј го стивнува нашиот страв за Исуса нагласувајќи дека по шибањето во судницата „Го облекоа во Неговата облека и го одведоа да го распнат“ (Матеј 27,31). Дури и неговите мачители виделе дека овој Човек се разликува од другите.
Историските податоци зборуваат дека вообичаено место за ковање на клиновите бил коренот на шепата, а поретко дланките. Искусните извршители на казната точно го знаеле местото каде треба да го прободат со клин, така што осуденикот да остане цврсто прикован за дрвото и болката да биде најсилна. На тој начин големиот централен нерв од раката бил затегнат како жица на виолина така што секое, па и најмалечко движење задавало несносни болки. Нозете биле делумно свиткани во колената и заедно, со еден долг клин, приковани низ стапалата за дрвото.
Со оглед на ваквата положба на нозете, распнатиот можел од време на време да се издигне и да го исфрли воздухот од белите дробови а да не се задуши. Во таа прилика можел да зборува. Исус зборувал седум пати од крстот. Она што го рекол на крстот веќе дваесет векови ги исполнува душите и срцата на милиони христијани со размислување.
Овие подробности за распнувањето на крст можат да ни помогнат подобро да ги сфатиме страдањата и жртвата на нашиот Откупител. Христовата смрт не настапила ниту од исцрпеност ниту од задушување. Тој го дал својот живот за гревовите на светот и тоа во три часот попладне, точно во времето кога во Храмот е принесувана секојдневната вечерна жртва. Тоа била најважната служба на старозаветното богослужение што се однесувала на Христа како Божје Јагне.
Римските власти обично им излегувале во пресрет на барањата на роднините да им се предаде телото на распнатиот. Јосиф од Ариматеја „го замоли Пилата да го симне телото Исусово и Пилат му дозволи“ (Јован 19,38). Но пред телото да можело да се симне од крстот, војниците биле должни на распнатите да им го прободат срцето со копје. Пред Христовото тело да им биде предадено на Јосифа и на Никодима, „еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата“ (Јован 19, 34).
Овие податоци за Христовата смрт не ни се дадени нам како на гледачи, туку како на учесници на Голгота. Колку се вистинити зборовите на неговите подбивачи: „Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси“ (Матеј 27,42). Исус не можел да се спаси себеси додека ги спасувал другите, а тоа сме сите ние. „Преку Неговите рани ние се излекувавме!“ (Исаија 53,5).
Колку страшни биле Христовите рани! Отворени, болни и крвави, тие привлекувале здодевни инсекти. Неговото лице „беше нечовечки обезличено“ (Исаија 52,14), само затоа за нашето лице повторно да добие божествен лик.
Христос се жртвувал заради нас. Тој влегол во тврдината на гревот и ја разорил со својата смрт. Гревот ја загубил својата власт и ние сме ослободени. Да го погледнеме уште еднаш нашиот Откупител, но сега како учесници а не само како гледачи!