13.5. На пламенот на својата љубов
„Јас душата Своја си ја полагам, за да ја примам пак. Никој не ми ја отима, туку Јас Сам од Себе ја давам.“
Јован 10,17.18
Во далечното минато некој богат трговец од Антверпен му позајмил огромна сума во злато на францускиот крал Карло V на кого парите му биле итно потребни. Кралот со тие пари ги исплатил своите поранешни долгови, но повторно се нашол во тешка положба кога требало да му го врати долгот на трговецот. Кога чул за тоа, богатиот доверител го повикал и му приредил голема гозба.
Додека кралот со своите благородници седел и чекал да почне вечерата, богаташот поставил на масата голем свеќник на кој горела свеќа. Тогаш пред сите повикани ја извадил признаницата со потписот на кралот и пред очите на кралот ја држел над пламенот сè додека хартијата не се претворила во пепел. Кога кралот видел дека е ослободен од тешкиот долг, скокнал и го прегрнал својот добротвор.
Пред повеќе од дваесет векови, Бог ги повикал благородниците на вселената да посматраат што ќе стори Тој. Додека неговиот Син на крстот ги поднесувал своите најголеми маки, Тој нашите гревови, заедно со сите гревови на светот, ги држел над пламенот на својата љубов сè додека не се изгубила и последната трага од вината.
Проштавањето било бесплатно, но Небото дало сè што имало. По тоа необично Божје дело, единствените гревови за кои луѓето ќе мора да одговараат ќе бидат оние што не ги признале и за кои не барале проштавање. Исус бил таа несфатлива цена што е платена за нашите долгови. Од тоа време на пламенот на Божјата љубов ние се озаруваме со надеж и радост, со светлина и топлина. Тој пламен е незгаслив.
Во последната седмица на Христовиот живот се одигрувале настани што ги надминуваат сите способности на човечкото сфаќање. Размислувањето за нив ќе ја исполни вечноста. Па сепак, целиот Христов живот и дело се објаснети во овие длабоки и јасни зборови на апостол Павле: „Кој беше предаден за нашите гревови и воскреснат за наше оправдание“ (Римјаните 4,25).
Исуса како суденик го придружувало големо мноштво. Поворката се движела низ тесните ерусалимски улици кон брекчето Голгота што се издигнувало надвор од градските ѕидови. Од сите учесници на таа поворка само Исус знаел што всушност се случува: знаел дека само Тој може да го откупи загубеното човештво.
Секој чин на оваа голема драма ја докажувал грдоста на гревот и вапел за Божја правда. Бог одредил смртта да биде последица на гревот, а потоа сам, пред лицето на целата вселена, умрел наместо човекот. Заменикот на грешникот морал да ја прими платата на грешникот. Христовата смрт на крстот на Голгота станала несоборлив доказ за непроменливоста на Божјиот закон. Христос дошол да умре, зашто само неговата смрт можела да му ги врати честа и достоинството на Божјиот закон.
Исус умрел наместо нас и наместо секое човечко суштество што кога и да е живеело на нашата планета. Тој ги зел на себе нашите пороци, нашите нискости и нашите гревови за ние да можеме да ја земеме неговата доброта, неговата чистота и неговата правда. Со пролевањето на својата невина крв Тој му овозможил на Бога да ни прости, „бидејќи таа крв ја очистува душата“ (3. Мојсеева 17,11).
На патот од судницата до Голгота Исус се срушил под товарот што го носел. Бил потполно исцрпен од долгото и страшно измачување. Камшикувањето со римски камшик го сторило своето. Кога Исус паднал, поворката запрела. Затвореникот се обидел да стане но не успеал. Секој напор бил напразен. Но крстот морал да се изнесе на Голгота. Кој ќе го преземе? Дали ќе го понесат римските војници? – Никогаш!
Еден човек, по име Симон од Кирина, се враќал во тоа време в град и поминувајќи го забележал страдалникот. Ги слушнал повиците: „Тргнете се пред еврејскиот Цар!“ Неговиот сожалив израз не им побегнал на римските војници. Наеднаш бил грубо присилен да го понесе крстот на изнемоштениот Осуденик.
Симон бил татко на Александар и на Руф, двајца истакнати ученици во апостолската црква (Марко 15,21; Римјаните 16,13). Тој станал христијанин носејќи го Христовиот крст на Голгота. Всушност, тоа бил наш крст. Одејќи по Христа до Голгота, го признал за свој Спасител.
Меѓу сите доброчинства што му ги направиле луѓето на Исуса, Симоновото спаѓа меѓу посебно истакнатите. Марта приготвувала јадење, Марија ја скршила скапоцената стакленица со миризливо масло, но Симон го носел крстот. Тој го сторил она што му го рекол Исус на еден богат младич: „Дојди, земи го крстот и следи Ме!“ (Марко 10,21). А сам Исус го сторил она што му го советувал на младичот: „Продај сè што имаш и дај им го на сиромасите“. Се откажал од вселенската круна за нам да ни даде сè што има.
Иако очите го печеле од неспиење и усните од жед, Христовото срце горело од божествена љубов кон загубените човечки синови и ќерки. На патот кон Голгота Исус ја покажал не само големината на Божјата љубов, туку и вредноста на човечката душа за која го претрпел сето тоа. Евреите мислеле дека го фатиле со измама и го навеле Пилата да му изрече смртна пресуда, но тоа била заблуда. Исус не бил нивни заробеник. Тој пошол доброволно на Голгота: „Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак. Никој не Ми го одзема, туку Јас сам од себе го давам“ (Јован 10,17.18).
Се раскажува дека австрискиот државник Метерник му префрлил на Наполеона дека неговите планирани воени походи ќе бараат живот на еден милион луѓе. „Што е милион луѓе за мене!“, одговорил Наполеон. Но Исус живеел и умрел за милиони човечки суштества. Тој бил готов истата цена на својата крв да ја плати за една единствена душа. Тој зборува за една овца, за еден динар и за еден загубен син.
Крстот на Исуса Христа го прославува Божјиот закон и Божјата љубов и ја истакнува вредноста на човечката душа. На Голгота пламенот на Бојжата љубов се издигнал до вселенските височини.
Смртта е долг за гревот што не може да се плати ниту со сребро ниту со злато. Големината на нашиот долг се гледа по цената што ја платил Бог за нас. Дојдете на Голгота да ја видите цената на нашиот откуп од ропството на гревот! Апостол Петар вредноста на вашата душа пред Бога ја означил со овие зборови: „Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со СКАПОЦЕНАТА КРВ НА НЕПОРОЧНОТО И ЧИСТО ЈАГНЕ – ХРИСТОС“ (1. Петрово 1,18.19). Да станеме и да му се поклониме на нашиот Откупител!