13.2. Закониците против законот
„Ви велам, отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“
Матеј 26,64
Исус никогаш не го прекршил законот, па сепак се нашол вон од законот. Судската расправа за кривицата на Безгрешниот почнала многу порано од мигот кога бил врзан и доведен во Синедрионот. На Маслинската гора Исус пред своите сегашни тужители однапред објавил дека ќе биде осуден на смрт со распнување на крст. На своите идни судии уште тогаш им рекол: „Кога ќе го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас“ (Јован 8,28).
Исус бил големото и вечно Јас, но тие ги затвориле очите пред таа судбоносна вистина. Најпосле Исус ги прашал: „Кој од вас може да Ме укори за неправда?“ (Јован 8,46). Со други зборови: Кој од вас може да докаже дека сум згрешил?
На ова јавно испитување и судење под ведро небо на Маслинската гора не се слушнал ниту еден глас на обвинување ниту од поротата ниту од публиката, ниту од судиите. Не се нашол ниту еден сведок против Христа. Исус бил без грев и неговата безгрешност го докажувала неговото божество. Почитувањето кон Бог-Отецот се видело во неговото почитување на Божјиот закон. Затоа Исус можел на сите да им каже: „Го почитувам Својот Отец“ (Јован 8,49). За Исусовата послушност на заповедите на Отецот апостол Петар посведочил: „Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петрово 2,22).
Исус постојано давал докази за својата божествено-човечка природа. А кога го подигнал од мртвите својот пријател Лазар од Витанија, поглаварот на Храмот и на Синедрионот, Кајафа, го осудил Христа на смрт со образложението: „Поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне“ (Јован 11,50). Библијата јасно ја толкува неговата мисла: „Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат“ (Јован 11,53). Со полноќното фаќање во Гетсиманија бил остварен првиот дел од овој црковен заговор против Божјиот Син.
Од Гетсиманија Исус е одведен „во домот на првосвештеникот“ (Лука 22,54) на претходно испитување. „И Го одведоа најнапред кај Ана зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник“ (Јован 18,13). Ана не бил првосвештеник, но барал Исуса да го доведат прво кај него да го испита, затоа што се плашел дека неговиот зет не му дораснал на Исуса. Овој препреден старец, кој ја барал Христовата смрт, решил по секоја цена да го оствари својот план. Официјалното црковно судење се одвивало во два дела: прво пред Ана, во дворот на првосвештеникот, а потоа пред Кајафа во Синедрионот.
Синедрионот бил највисок еврејски суд, овластен да суди, но без право да изврши смртна пресуда. За неговата пресуда да стане извршна, требало да биде потврдена од страна на римските власти. Овој црковен суд бил должен да заседава во полн состав и потоа според утврдена постапка образложен предлог да му поднесе на римскиот гувернер.
Основниот принцип на судење во Синедрионот налагал сведочење на двајца или тројца сведоци за да може да се донесе пресуда против виновникот (5. Мојсеева 17,6). Покрај тоа, сведоците морале да бидат испитани секој посебно и требало нивните искази да се совпаѓаат во најмалечки подробности. Обвинетиот се сметал за невин сè додека не се испитаат сите околности и обвинението не се докаже. Исказот на обвинетиот не смеел да се употреби како доказ против него. Никој не можел да биде осуден врз основа на сопственото признание.
Друг важен принцип на овој суд бил тој што процесот морал да почне со докази во прилог на обвинетиот и со сослушување на сведоци во негова корист. Во случај кривицата на обвинетиот да се докаже, пресудата можела да се донесе дури утредента по завршеното судење. Затоа главна расправа никогаш не се одржувала во денот пред саботата како седмичен ден за одмор, или пред некој голем празник. Синедрионот по правило никогаш не заседавал ноќе.
Покрај тоа, според еврејскиот закон ниеден туженик не можел да биде осуден со едногласна одлука на судскиот совет: најмалку еден судија морал да се стави на страна на обвинетиот. Меѓутоа, и најкраткиот преглед на извештајот на судењето на Исуса Христа покажува дека ниеден од тие судски прописи не бил почитуван.
Ана почнал да го испитува Исуса пред да бидат поднесени какви било докази и пред да бидат сослушани сведоците. Овој лукав поглавар очигледно ни најмалку не се осврнувал на прописите со цел што побргу да биде донесена пресуда против Христа.
Кога Синедрионот би постапувал во сообразност со сопствените правила, судењето не би се одржувало во тоа време и на тој начин, ниту пак Исус кога и да е би бил осуден. Наместо да ги заштити правата на затвореникот, Синедрионот решил да ги погази. Ништо од она што се случило таа ноќ не било според законот. Ниеден сведок не сведочел во Христова корист, ниту пак воопшто бил предложен. Исус стоел сам пред сите. Итноста со која било завршено судењето покажува дека Христовите судии погазиле секој закон само Исуса што побргу да го осудат на смрт. Судењето во Синедрионот достигнало свој врв кога Кајафа му рекол на Исуса: „Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?“ (Матеј 26,63). Христовото тврдење дека е Божји Син за нив било камен на сопинање во текот на целата негова работа. Прашан на ваков начин Исус без колебање одговорил потврдно и додал: „Ви велам, отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци“ (Матеј 26,64).
Оваа јасна Исусова изјава за своето божество содржела повеќе отколку што очекувале. Исус од десната страна на небесниот Отец! „Каква потреба имаме повеќе од сведоци?“ извикнал првосвештеникот. „Овој хули на Бога“ (Матеј 26,65). Истовремено ја искинал својата првосвештеничка облека, спротивно на изричната Божја заповед. Првосвештеникот во никој случај не смеел да го стори тоа (3. Мојсијева 10,6).
Во следниот миг сите членови на Синедрионот ја загубиле контролата над себе. „Заслужил смрт!“, одекнал нечовечки извик на судиите. Пак го погазиле законот. Извештајот на Библијата кажува: „И сите тие се согласија дека заслужува смрт“ (Марко 14,64). Биле едногласни. Никој не се ставил на страна на обвинетиот. Иако Исус никогаш не го прекршил Законот, Синедрионот го ставил вон од законот. Пресудата уште не била ниту напишана, а мачењето веќе почнало.
Драги пријатели, Исус е ставен вон од законот не затоа што го укинал Божјиот закон, туку затоа што го исполнил. „Не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам“ (Матеј 5,17). Тој дошол не затоа да го оправда беззаконието, туку грешникот; не да го обори Законот како мерило на правдата, туку да го издигне. „Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата: „Преку Неговата рана се исцеливте“ (1. Петрово 2,24). Исус е ставен вон од законот за ние да останеме во законот!