12.5. Предаден со бакнеж
„Пријателе, зошто си дошол?“
Матеј 26,50
Јуда го предал Христа, но се упропастил самиот себеси. Погрешил во своите пресметки и паднал во јамата што самиот си ја ископал. Се обидел Исуса да го стори водач според свој вкус, но одбил Исус него да го направи човек со вистински вредности. ѝ се натурил на Христовата група ученици за на крај да се одметне и да стане предавник, отфрлувајќи ги сите настојувања на Божјиот Дух да го спаси.
Предавството на Јуда е толкувано на различни начини. Припишувани му се разни побуди, но едно изгледа сигурно: Јуда воопшто не се надевал дека Исус ќе дозволи да биде фатен, зашто толку пати веќе избегнал многу стапици и им утекол на своите непријатели. Јуда од самиот почеток на својата служба донесувал погрешни заклучоци. Најпосле, со една неточна пресметка ја загубил вечноста. Премногу долго се играл со гревот додека омразата не ја истиснала љубовта, а одмаздата верата.
Исусовите ученици Јуда го сметале за човек од доверба, но тој ги омаловажувал. Само тој бил од Јудеја. Сите други ученици биле од Галилеја. „Искариот“ значи, „човек од Кариот“, град во Јудеја. Честољубивоста го навела да го критикува Христовиот избор на тројцата галилејски рибари за членови „на потесниот круг“ на апостоли. Најпосле, долгите месеци на навреденост и критицизам одеднаш се претвориле во пламен на незадоволство на Симоновата гозба во Витанија.
Кога Марија го приготвила Христовото тело за закоп со скапоценото мирисливо масло, Јуда во тоа видел само растурање и парична загуба. Кутриот Јуда! Милмирисот на љубовта го сметал за безвреден, а доказите на пријателството ги презирал како слабост. По неговиот отворен излив на завист и протест против Марија и против Христа го гледаме само уште крај пасхалната трпеза во Горната соба, во Гетсиманската градина и на судската истрага против Исуса.
Што го направило Јуда предавник? Сумата од триесет сребреници е незначителна сума за некого чијшто главен мотив се парите. Кога би биле во прашање само парите, зошто Јуда толку долго бил во друштво со сиромаси, каков што бил Исус и неговите ученици? Изгледа оправдано да се побараат некои други причини што го поттикнувале на предавство. Јуда бил горделив и самољубив човек. Сите други ученици ги сметал за недораснати на себе. Иако бил свесен за Христовата натприродна моќ, кај себе развивал горделивост наместо понизност. Наместо проштавање сакал одмазда, и наместо љубов – насилство.
Колку поинаква би била историјата на Јуда кога не би го замолкнувал во себе гласот на Божјата љубов. Но тој одбивал да ги слуша советите на Божјиот Дух кој му зборувал на неговото срце. Наместо да ја лекува, Јуда ја продлабочувал својата ранета горделивост. Најпосле станал потполно нечувствителен за сето влијание на божествената љубов и заземање. Постепено но сигурно се приближувал кон смртниот грев: станал глув за Божјите повици на покајание. На последната пасхална вечера срцата на сите ученици смекнале, а само срцето на Јуда станало уште потврдо. Посматрајќи го Исуса како ја изразува понизноста и љубовта миејќи им ги нозете на учениците, конечно одбил секое влијание на Светиот Дух и ја напуштил просторијата. Ја отфрлил и последната прилика да се покае.
Предавството на Јуда не ја променило Исусовата љубов ниту кон него ниту кон нас. Кога треперливата светлина на фенерот сепак го открила предавникот во Гетсиманската градина, Исус сè уште живеел и работел за нашето спасение. „Ги засака Своите во светот, до крај ги засака“. „Никој од нив не загина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото“ (Јован 13,1; 17,12). Исус и синот на пропаста го нарекол пријател. Во мигот кога Јуда го предавал со бакнеж, Исус со жалење го прашал: „Пријателе, зошто си дошол?“ (Матеј 26,50)
Јуда сметал дека „претставата“ на Христовото апсење во Гетсиманската градина што ја приредил тој ќе заврши како и обично со Исусово избавување. На слугите на храмот им рекол цврсто да го држат, за подоцна да може да им се изнаподбива со зборовите: „Зар не ви реков цврсто да го држите?“ Бакнежот што му го упатил на Христа требало да значи негов вообичаен поздрав при средбата. Јуда смислил план за едно совршено злосторство. По оваа драматична ноќ во Гетсиманија, мислел дека Исус сигурно ќе го измени своето однесување и дека ќе застане на чело на борбата против Римјаните. Но колку трагично се измамил!
Вчудовидениот предавник морал да посматра како Спасителот се предава во рацете на подивената толпа. Без сомнение, големиот Учител и Бог во тело можел да ги изненади своите непријатели и да ја осуети нивната намера. Но Исус тоа не сакал да го стори. Ангелите не слушнале ниту еден повик од својот Заповедник за помош. Со врзани раце, на возбудениот Петар му ги рекол само овие зборови: „Милиш дека не можам да Го помолам Својот Отец, да ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“ (Матеј 26,53.54)
Најпосле Јуда сфатил дека неговиот план пропаднал. Во најголем страв отрчал во Синедрионот викајќи: Јас згрешив! Јас згрешив! Блед од страв, со треперлива рака го фрлил среброто пред нозете на свештениците. Но првосвештеникот Кајафа студено одговорил: „Што ни е грижа нам за тоа?“ (Матеј 27,4) И тоа било сè. Очаен поради своите пропаднати соништа за власт и слава, Јуда самиот себеси си го одзел животот.
Злосторството на Јуда било последица не толку на предавството колку на грешката во сметките. Како и многу негови современици, Јуда се обидел да ги оствари своите планови со оружјето од арсеналот на сатаната. Кога доживеал неуспех, се презрел самиот себе и извршил самоубиство. Одбивајќи да се покае, побарал смрт, но неговата замразена фигура претставува поука за сите нас: најопасниот предавник се крие токму во сопственото срце. Библијата кажува: „Кој мисли дека стои, нека гледа да не падне!“ (1. Коринќаните 10,12)
Каква разлика меѓу Јуда и Марија! Марија станала споменик на христијанската љубов, а Јуда споменик на омразата. На гозбата кај Симона Јуда го отфрлил Христовиот благ укор. Отишол и го продал својот Учител. Марија е име што и денеска им го даваме на нашите милни ќерки, а тешко е некој и на своето куче да му даде има Јуда. Библијата вели: „Сине мој, не презирај ја казната на Господа и не опаѓај со духот, кога ќе те покара, зашто Господ го казнува оној, когошто го сака“ (Евреите 12,5.6). Божјето карање секогаш значи љубов. Одбивањето значи предавство на сопствената душа.