11.5. Еден човек за сиот народ
„Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе.“
Лука 10,42
Во Стариот завет само свештениците, пророците и царевите можеле да бидат помазани со свето масло на помазание. Сепак, повозвишен од сите помазаници бил „Помазаникот Божји“, за кого пророкува пророкот Даниел (Даниел 9,25). Ова пророштво се остварило во Новиот завет кога Исус Христос бил помазан со Светиот Дух по крштавањето на реката Јордан. Апостол Петар проповедал како „го помаза Бог со Дух Свети и сила Исуса од Назарет“ (Дeла на апостолите 10,38). По ова помазание на Земјата, Исуса го очекувало помазание на небото, но дури по воскресението и вознесението: „Затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза се масло на радоста повеќе од Твоите соучесници“ (Евреите 1,9).
За време на Исусовиот живот на Земјата, малку негови современици во него го препознале Помазаникот или Месија. Па и тие поголемо внимание обрнувале на неговиот назив „Божји“ отколку на оној другиот дел од Даниловото пророштво кое кажува дека „ќе биде предаден на смрт“ (Даниел 9,26). Скоро никој не мислел дека Откупителот мора да умре за спасението на човештвото. Меѓутоа, сепак таа мисла проникнала во едно очистено срце. Сестрата на воскреснатиот Лазар, Марија, ја сфатила Христовата мисија. Нејзината вера во него како Помазаник и Откупител Исус ја пофалил со зборовите: „Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10,42).
Се приближувало времето да се исполни пророштвото за Христовата смрт за гревовите на светот. Настапил големиот празник Пасха. Тоа било кон крајот на март и почетокот на април. И додека насекаде се будел живот, Исус одел во смрт. На патот кон Ерусалим се запрел во селото Витанија, недалеку од градот.
Во Ерусалим мноштво Евреи се собирале на празникот Пасха. Веста за неодамнешното воскресение на Лазара се раширила во сите краишта на земјата. Исус бил предмет на сите разговори. Сите се прашувале: „Дали ќе дојде и Тој на празникот?“ Мнозина потајно се надевале дека Исус во тие денови ќе биде прогласен за цар.
Меѓутоа, фарисеите и свештениците сковале план да го убијат Исуса. Првосвештеникот ја образложил оваа одлука не сфаќајќи го и самиот значењето на своите зборови: „Поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне“ (Јован 11,50). Иако тоа бил Божји план, фарисеите биле одговорни за своите лоши намери. Синедрионот им издал тајна наредба на своите шпиони „ако некој узнае каде е, да јави, за да Го фатат“ (Јован 11,57).
Знаејќи дека животот му е во опасност, Исус можел да остане далеку од Ерусалим. Но извршувањето на Божјата намера му била помила отколку животот. Затоа сега се наоѓал тука, во Витанија, на околу два километри од Ерусалим.
Во Витанија, како сосед на Лазара, живеел богатиот фарисеј Симон, кого што Исус го излекувал од губа. Иако бил фарисеј, Симон не само што му се восхитувал на Исуса, туку бил и негов поклоник. Како и многу други, тој негувал надеж дека Исус е ветениот Помазаник – Месија. Сакајќи да му заблагодари за исцелувањето, приготвил гозба за Исуса и за неговите ученици. Меѓу другите жени што послужувале околу трпезата била и Марта од соседството. Нејзиниот брат Лазар бил меѓу поканетите, на трпезата покрај Исуса.
Додека гостите уживале во изобилството разновидна храна, сестрата на Лазара, Марија, тивко го напуштила своето место и му се приближила на Исуса. Срцето ѝ било преполно со благодарност за спасението што го нашла во Христа. Мирно го отворила садот од алабастер и со великодушен гест на христијанска љубов го излеала до последна капка миризливото народно масло врз главата и нозете на Учителот.
Во тоа време жените во Палестина често носеле околу вратот шишенце со мирис, кој толку штедливо го користеле, што им траел со години. А Марија донела и излеала цел литар од овој скапоцен мирис.
На Истокот бил обичај богатиот домаќин да го скрши пехарот од кој го служел својот угледен гостин на ничии усни да не го допрат повеќе. Од почит кон својот Господ, и Марија го скршила садот од алабастер, но Исус во нејзиниот гест видел нешто многу подлабоко и позначајно.
Луѓето забележиле што се случило. Милмирисот ја исполнил целата куќа. Марија одненадеж се нашла во центарот на вниманието. Од Јуда проговорил гласот на зависта. Овој Христов ученик гласно протестирал. Зошто толкав трошок само за еден човек кога со тие пари можеа да се нахранат стотина луѓе! Меѓутоа, зад оваа маска на застапник на сиромашните се криел ситен арамија. Апостол Јован јасно кажува во своето Евангелие дека Јуда ова „го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој ги чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него“ (Јован 12,6).
Исус Марија ја зел во заштита. Всушност, Тој го открил вистинското значење на нејзиниот гест и жртва. Читајќи ги мислите на нејзиното срце, рекол: „Изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погребение“ (Матеј 26,12). Исус знаел дека само неколку дена го делат од смртта. Во постапката на Марија видел јасно навестување за својата смрт. Затоа рекол: „Таа направи добро дело за Мене“ (Матеј 26,10). Марија со жртвата навестила жртва. Не прашала за цената. Љубовта никогаш не го прави тоа. Исусовото срце било радосно поради нејзината непоколеблива вера и љубов.
Јосиф од Ариматеја и Никодим никогаш не му донеле дарови на својата љубов на Исуса додека уште бил жив. Со очи полни со солзи дошле дури по Христовата смрт да извршат помазание над неговото студено тело. И жените, кои во муграта на воскресението ги донеле своите мириси, тоа го сториле напразно, зашто Тој веќе воскреснал. Но Марија, излевајќи го милмирисот на својата вера и љубов додека Исус уште бил жив, однапред го помазала за закоп. Заминувајќи во ноќта на Гетсиманија, Исус си припомнувал за овој миг на длабока љубов што ќе трае вечно.
Делото на Марија било одблесок на божествената љубов што целосно се излеала во еден Дар. Исус ја одбранил Марија, а и благо го укорил Јуда. Ги прочитал и мислите на Симона, а го слушнал и неговиот дрзок шепот за минатото на Марија. Го навел со еден расказ да ја признае својата потреба од проштавање. Симон никогаш не молел за проштавање. Тогаш Исус се свртел кон Марија и рекол: „Ти се простуваат гревовите! А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: ’Кој е Овој што и гревови проштава?‘ На жената, пак, ѝ рече: ’Верата твоја те спаси, оди си со мир!‘“ (Лука 7,48-50).
Марија го помазала Божјиот Помазаник и несвесно си подигнала себеси милмирисен споменик. Евангелието не може да се проповеда а да не се каже што сторила таа. Дарот на Марија е незаборавен. Зар нема да ѝ се придружиме?