11.3. Животворен учител
„Лазаре, излези надвор!“
Јован 11,41-43
Ништо не е толку возбудливо како вистината за Бога кој станал човек и своето божество го докажал со дела. Ништо не нè восхитува толку многу како кога го посматраме Божјиот Син во делото на спасувањето на човечкиот род од гревот и од смртта. Сознанието дека сме членови на небесното семејство и дека припаѓаме во кругот на оние што ги љуби Бог претставува најсреќно и највозбудливо искуство.
Во Исуса Небото и Земјата не се повеќе туѓи и непознати едно на друго. Бог преку Христа најтесно се поврзал со човекот и со неговиот живот. Исус ни станал незаменлив Поглавар во борбата за враќање во небесното бесмртно семејство. Таа голема борба почнала уште на небото. Библијата вели: „И настана војна на небото“ (Откровение 12,7). Тоа била војна на небесните духови, граѓанска војна на ангелите во која Исус, во улога на Заповедник, под името архангел Михајло, ги поразил побунетите ангели и ги фрлил на Земјата. За исходот на таа борба Исус рекол: „Го видов сатаната дека падна од небото како молња“ (Лука 10,18).
Смртта на Земјата слегла од небото со брзина на молња. Војната против сатаната продолжила и на Земјата. Таа војна се водела против гревот и против смртта како директна последица на гревот. Нашата планета со тоа станала сцена на вселенската драма. Продолжена е борбата меѓу Христа и сатаната, борбата за човекот. За да ја заврши таа војна, Исус дошол на нашиот свет во човечко тело. Сега не бил окружен со небесни борци како во првиот судир што почнал на небото. Дошол на овој свет сам и голорак. Отфрлен дури и од оние што дошол да ги спаси, Исус во овој бој повторно го поразил кнезот на темнината и неговите демонски помошници. Човечката трагедија ја претворил во победоносна прослава.
Исусовата божествена сила и власт јасно се виделе во мигот кога го воскреснал Лазара од Витанија. Додека напорно работел – поучувал и лекувал – Христос примил вест дека неговиот пријател Лазар, кој живеел во Витанија, тешко се разболел. Домот на Лазара за Исуса бил омилено прибежиште. Но кога Исус ја слушнал веста за ненадејната болест на овој побожен човек, не побрзал во Витанија, иако Лазар му бил мошне мил. Зошто? – Исус сакал на дело да ја покаже својата власт над смртта и затоа не брзал.
И порано Исус правел многу чуда, но она што ќе се случи сега ќе биде врвен доказ за неговото божество. Затоа морал да почека Лазар да умре и неколку дена да биде во гроб, така што да нема никакво сомневање дека Лазар навистина умрел и дека воскреснал од мртвите.
Најпосле, кога Исус пристигнал во Витанија, една од сестрите на Лазара, Марта, излегла да го пречека. Нејзини први зборови биле: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да побараш од Бога, Бог ќе Ти даде“ (Јован 11,21.22). Таа не очекувала никакво чудо, зашто кога Исус ѝ рекол: „Твојот брат ќе воскресне“, одговорила: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ (Јован 11,23.24).
Вистината за воскресението била основно учење на Стариот и Новиот завет. Но, за да ја упати верата на Марта во вистинската насока, Исус јасно ѝ рекол: „Јас сум воскресение и живот“. Исус сакал таа да сфати дека извор на животот е Тој, Бог кој може сè. Христовото божество е наша единствена сигурност во вечен живот преку воскресението.
Гледајќи ги во очи овие расплакани жени, Исус рекол: „Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее!“ Одговорот на Марта бил величествен: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов“ (Јован 11,25.27).
Тогаш Марта ја повикала својата сестра Марија и заедно со Исуса се упатиле кон гробот. Гледајќи ја нивната болка Спасителот не можел да ги задржи солзите. За тоа во Библијата е напишан краток, но значаен извештај. Се состои од два збора: „Исус просолзи“ (Јован 11,35).
Какви трогателни и чувствителни зборови! И колку е утешно сознанието дека Оној, што ја почувствувал тагата на домот во Витанија, сè уште ги чувствува жалоста и болката на сите што ги оплакуваат своите мили. Исус им рекол на посматрачите: „Тргнете го каменот!“ При тоа Марта се спротивставила не сакајќи телото на нејзиниот брат, четири дена по смртта, да го изложува на погледи. Исус благо ѝ забележил: „Нели ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?“ (Јован 11,40)
Каменот пред вратата на гробот можеле да го тргнат и ангелите. Но кога тоа би го сториле невидливи раце, можеби некој би се посомневал. Божествената сила не го прави она што можат да го сторат луѓето сами.
Подигнувајќи го погледот кон небото, Исус се молел: „Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. Јас знаев дека Ти секогаш ме слушаш“. Потоа повикал: „Лазаре, излези надвор!“ (Јован 11,41-43). Гласот кој го создал сè она што се гледа и што не се гледа, одекнал и во одајата на смртта. Во тивкиот гроб нешто се поместило. Набргу пред нив се појавил Лазар жив, потполно здрав, силен и без никакви траги на смртта. Лазар бил повторно создаден!
Сведоците останале неми, зашто го виделе Божеството на дело! Кој можел сега да се сомнева дека Исус е Божји Син? Лазар стоел пред сведоци како жив доказ на Исусовата моќ и власт над смртта и гробот.
Воскресението на Лазара е симбол на големото воскресение што ќе настане во денот на Исусовото повторно доаѓање во сила и слава. Неговиот глас, кој го разбудил Лазара од мртвите, ќе ги подигне праведниците од нивните гробови. Над отворените гробници ќе одекнуваат извици на триумф: „Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?“ (1. Коринќаните 15,55).
Воскресението на Лазара како натприроден настан било најсилен доказ за Исусовата божествена власт и отворен повик упатен до сите да се уверат во божеството на човекот Исус Христос. Но фарисеите, иако верувале во воскресение, сепак се соединиле со неверните садукеи само затоа да ја спроведат својата одлука да го убијат Исуса. Библијата вели: „Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат“ (Јован 11,53).
Борбата меѓу Христа и сатаната се разгорувала. Уште еднаш Христос ќе го докаже своето божество со едно ново творечко дело – со своето сопствено воскресение. Дали светот тогаш ќе верува? Веруваме ли ние денеска? Верата во Исуса и во неговото божество уште сега може да ни даде мир и храброст што го победува стравот од смртта и гробот.