11.1. Не само како гостин
„Овој е Мојот возљубен Син, кој е по Мојата волја!“
Матеј 3,17
Уште од својата рана младост Исус се подготвувал за својата голема мисија. Истражувајќи ги Законот и Пророците, Тој стекнал јасна визија за иднината. А потоа, осумнаесет години по својата прва посета на Ерусалим, Исус се поздравил со своите домашни и се упатил кон реката Јордан каде што крштавал Јован Крстителот.
Проповедничката служба на Јован Крстителот била необична и значајна. Неговата вест струела низ народот како небесен ветер. Неговото дело на духовно будење е слично на делото на пророкот Илија, кој пред скоро илјада години исто така го повикал народот да се врати кај Бога.
Она што ѝ давало посебен белег на работата на Јован Крстителот било неговото исклучително нагласување на важноста на крштавањето. Евреите знаеле за крштавањето, но сметале дека тоа е одредено за незнабошците што сакаат да ја прифатат еврејската религија. Пред Јован Крстителот никој не барал од еден Евреин да се крсти. Но сега овој пророк од пустина целата нација ја изедначи со незнабошците. На неговиот повик мноштво мажи и жени сфатиле дека се грешни и дошле на Јордан да се крстат.
Јордан, во кој крштавал Јован, претставува една од најнеобичните реки во светот. Настанува од повеќе извори на високиот и снежен Хермон на север од Палестина. По долг, кривулест ток се влева во Мртвото Море кое лежи под нивото на сите мориња на светот. Мртвото Море е солена гробница на старите градови Содом и Гомор и во него нема ниту најмалечки траги на живот. Во тие мртви води, што се спомен на Божјиот гнев против човечката изопаченост и грев, се влева Јордан.
Јован и Исус биле роднини, но никогаш порано не се виделе, зашто живееле во различни градови. Јован уште порано го почнал своето големо реформаторско дело како Христов предвесник. Кога го видел Исуса на Јордан, во прв миг одбил да го крсти, зашто во него открил таква чистота на карактерот, каква што до тогаш не видел кај никого. Самата Исусова појава била света и влевала стравопочитување. Јован сфатил дека пред себе има еден безгрешен Човек кој кога и да е одел на Земјата. Па сепак, Тој Човек барал да биде крстен.
Крштавањето било симбол на чистењето и затоа Јован бил изненаден со Христовото барање. Единствениот одговор на прашањето зошто Исус барал крштавање кога бил безгрешен, се наоѓа во Исусовата желба да се изедначи со човештвото. Тој немал да признае ниту еден грев, но сакал да стане едно срце со сите нас. Пророкот Исаија однапред рекол за Христовото доброволно наредување меѓу грешниците: „меѓу злодејци беше вброен“ (Исаија 53,12).
Знаејќи го сето ова, Јован Крстителот се нашол во необична положба. До тој миг бил бестрашен проповедник кој не се притеснувал и на угледните фарисеи и садукеи да им каже: „Кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за каење“ (Матеј 3,7.8). Но сега пред него стоел Некој кој бил свет однатре и однадвор. Скромно и со стравопочитување Јован му рекол на Исуса: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?“ (Матеј 3,14).
На Христа немало никаква дамка на грев. Стоејќи пред Јована, бил „еднаков со Бога“, иако на очи „се покажа како човек“ (Филипјаните 2,6.7). Стоел на чело на човештвото, но не како грешник. Своето божество го облекол во човечко тело и со својата десница го прегрнал целото човечко семејство. За да ни покаже кои чекори се неопходни во покајанието, во обработувањето и во верата, Исус отишол кај Јована да се крсти. Безгрешниот Спасител се изедначил со загубените грешници. Од љубов тргнал по нашиот пат и се изедначил со секого од нас.
Гледајќи го безгрешниот Исус како се приготвува за крштавање што им е потребно само на грешниците, ние ја гледаме Љубовта како оди да го изврши големиот чин на изедначување… На Јордан Исус застанал на страна на грешниците. Нивниот товар го презел како свој, нивните неволји ги прифатил како свои и нивното покајание го сторил свое каење. Тоа било почеток на делото што е завршено на Голгота кога нашите гревови ги зел еднаш засекогаш.
Тоа бил драматичен миг за Јована и за Исуса. Мноштвото посматрачи забележиле дека при крштавањето на овој Човек се случува нешто необично. Сите го посматрале Божјиот Син како слегува сè подлабоко во водата, но никој не можел да знае дека Тој во овој миг влегува и во своето животно дело.
Во церемонијалната служба на стариот Израел водата имала важна улога. Секое јагне што е принесувано наутро и навечер на олтарот, морало да биде измиено. Така и Божјето Јагне, Христос, бил нурнат во вода, исполнувајќи ги со тоа зборовите што ги запишал за него пророкот: „…Тонам во длабока вода, брановите ме покриваат“ (Псалм 69,2).
Кога излегол од водата, го осветлил зрак од Божјиот престол и врз него слегол Светиот Дух како златен гулаб. Неговото крштавање не било крштавање на покајание туку крштавање на сила. На брегот од оваа историска река Исус е помазан со Свети Дух и со сила, а гласот од небото му рекол на човештвото: „Овој е Мојот возљубен Син, кој е по Мојата волја!“ (Матеј 3,17) Така сам Бог укажувал на Исуса дека е Христос или Месија, што значи „Помазаник“.
Исус не го напуштил веднаш тој крај. Утредента, додека стоел на брегот на Јордан, Јован го видел и му го покажал на светот зборувајќи: „Еве го Јагнето Божје, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1,29) Но тоа Јагне ќе мора да се бори како лав. Исус морал да победи во сè каде што е победен Адам и, фала на Бога, победил.
Веднаш по своето крштавање Исус отишол в пустина да се моли и да размислува. Заборавил и на јадење и на пиење. По четириесет дена молитва и гладување, се сретнал со својот огорчен непријател, сатаната, и бил искушаван. Но и во најтешките мигови Исус не сакал да се изедначи со Бога туку останал еднаков со нас. „Сам Себе се понизи земајќи лик на слуга“. Иако бил Бог „сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога“ (Филипјаните 2,7.6). Исус се изедначил со грешниците во крштавањето, но не сторил ниту едно чудо за да го задоволи искушувачот или да си ја олесни својата положба. Не сторил чудо за да се нахрани себеси.
Божјиот Син станал Син човечки за да се изедначи со нас. Бог одредил да се крсти секој грешник што се кае, но и безгрешниот Божји Син го исполнил тој налог. Крштавањето исто така е пат со кој грешникот се изедначува со Христа. Исус е безгрешен пример за грешникот. Нашиот безгрешен Пример одел пред нас за ние да одиме по неговите стапки!