10.5. Великодушноста на Oтецот
„Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани.“
Матеј 20,1-16
Светиот Августин рекол: „Оној што сака не држи толку до даровите, колку до љубовта на дародавецот“. Иако во Христовото царство на милоста постои и награда, службата на ближните и на Христа е служба од љубов а не за награда. Христовото царство се добива како подарок; на тој дар немаме никакво право. Иако не можеме да го заслужиме, на него можеме да одговориме така што ќе ги прифатиме принципите на Дародавецот.
Исус Христос ги прогласил принципите на своето царство и објавил дека животот во него е полн со радост, а радоста полна со живот. Врховен закон на тоа царство е законот на љубезноста и на меѓусебното разбирање.
Животот во своето царство Исус го опишал како празник на радост. Сите оние на кои им се простени гревовите со неговата милост, стануваат членови на неговото семејство. Проштавањето не е само ослободување од казната, тоа е чин на посвојување, на примање во семејството. Во семејниот круг никој не влегува со свои заслуги или поради добрите дела што ги сторил. Никој не може да влезе во заедница со Бога со ревносно истражување на светите списи, иако и тоа е неопходно. Во Божјето царство на милоста доаѓаме како грешници што се каат – онакви какви што сме.
Бог секогаш е среќен кога грешникот доаѓа кај него и Тој го пречекува со добредојде, не осудувајќи го поради неговите некогашни гревови и грешки. Кога со Бога нè поврзува љубов, тогаш силата на неговиот Дух нè чисти од гревот и ни дава сила да ги победиме искушенијата.
Познато е дека скршената коска е најјака на местото на сраснувањето. Процесот на сраснување е толку темелен, што местото на преломот станува посилен отколку порано. Творецот на нашето тело прави нешто слично и во духовниот процес на обновувањето на душата што ја скршил гревот. Тој не само што ѝ помага на душата да се излечи, туку дава многу поголема сила, зашто „каде што, пак, се умножува гревот, благодатта се јавува во голема изобилност“ (Римјаните 5,20).
Исус Божјата великодушност ја опишал со оваа слика од обичниот живот на луѓето во свое време: „Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да изнајми работници за своето лозје. Па, штом се спогоди со работниците по денариј на ден, ги прати во лозјето свое. Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа, им рече: ’Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа. Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто. А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ’Зошто стоите тука цел ден без работа?‘ Тие му одговорија: ’Никој не нè повика.‘ А тој им рече: ’Одете во моето лозје.‘ И што е право ќе добиете. А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ’Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘ И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј. А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј; и штом добија, негодуваа против господарот и велеа: ’Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘ А тој им одговори и му рече на еден од нив: ’Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј? Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе; зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?‘ Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани“ (Матеј 20,1-16).
Ова била секојдневна сцена за Христовите слушатели. Нивниот работен ден почнувал во шест часот наутро, доколку некој би ги наjмил додека чекаат на збиралиштето. По погодбата почнувале да работат. Така било и во овој случај. Меѓутоа, на сопственикот на лозјето му биле потребни уште работници. Почнал да дува топол источен ветер кој носел силни дождови. Ако лозјето не се обере на време, родот ќе пропадне. Секој миг бил драгоцен.
Од час во час сопственикот на лозјето излегувал да наеми работници. Работниците што се наоѓале на збиралиштето не биле мрзливи, туку невработени. Зар некој би стоел на жешко сонце со часови ако навистина не сака да работи? Како што се гледа од расказот, господарот се погодил за надница од еден денар само со првите работници што отишле во лозјето. Другите отишле без погодба, но со доверба, очигледно задоволни што добиле работа макар и во единаесет часот.
Вечерта настојникот ги повикал прво оние што последни дошле и им платил исто колку што ќе им даде и на оние што први стапиле не знаејќи колку ќе примат другите. Но кога се покажало дека работниците работеле само еден час примиле иста награда како и оние што се труделе цел ден, претставникот на таа група протестирал: „Овие последниве работеа само еден час, а ти ги изедначи со нас кои цел ден носевме кошници и се пековме на оваа горештина!“
Одговорот на господарот бил мошне значаен: „Пријателе, ти воопшто не си измамен. Јас ти платив точно онолку колку што се погодивме. Ти се погоди за денар, и го доби. Не треба да бидеш завислив што сум јас великодушен. Овие кутри луѓе со часови стоеја очекувајќи работа, загрижени дали ќе има нешто да му однесат на семејството. Земи си го своето и оди си!“ Од смислата на оригиналните зборови во грчкиот јазик „земи си го своето“ се гледа дека говорникот својата плата во лутината ја фрлил на земја.
Исус во овој расказ не зборувал за наемнината, за економијата или за индустријата. Тој со ова споредување го опишал небесното царство на милоста каде што нема да има ниту љубомора ниту завист. Бог ќе ги земе во обѕир сите околности под кои сме му служеле и ќе ни даде надомест за сите доживеани тешкотии. Но во царството на милоста ние служиме од љубов, а не за награда или за слава. Ова споредување е само илустрација на Божјата метода со која Тој нè наградува за нашата верност.
Зошто е тоа така во Христовото царство? Затоа што сите ние сме станале членови на Божјето семејство со Божјата милост, а не со нашите заслуги. Радоста лежи во службата, а не во наградата. Ако некој од нас има предимство да работи повеќе години во Христовата служба од некој друг кој е повикан подоцна, тогаш да се радуваме што можеме заедно со него да му служиме на Господа. Верната служба во Христовото царство е вдахната со љубов, а не со платата. Вистинска радост во животот е љубовта а не наградата. Љубов од љубов, а не од користољубје! Христовото царство е празник на радоста. Зар нема да решиме да влеземе во него? И тоа од љубов, а не само заради награда!