10.1. Религија на братска љубов
„И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи.“
1. Коринќаните 13,3
Во Христовиот расказ за загубениот син постариот син бил оној што никогаш не се сметал за загубен, па сепак се загубил еднаш засекогаш. Често и не го забележуваме во овој Христов расказ. Разликата меѓу постариот и помладиот брат се состоела во тоа што помладиот бил привремено загубен а постариот засекогаш.
Расказот за постариот син е расказ за неговата религија. И едниот и другиот син сметале дека љубовта на таткото можат да ја купат со своите дела. Но Бог не е трговец туку татко. Исус станал човек за да ни го покаже тоа. Не постои жртва ниту дар со кои Бог би можел да се купи или да се продаде. Затоа писателот, вдахновен со Божји Дух, напишал во Светото писмо: „И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Коринќаните 13,3).
Постариот син бил навистина слика на фарисеите што се отуѓиле од луѓето со својата божемна побожност, а од Бога со своите дела. Неговите заслуги дури и не му дозволувале да влезе во куќата на татко си. Кога помладиот брат му се вратил од туѓина, тој во тоа време бил в поле на работа. Приближувајќи се дома, слушнал весели звуци. Одамна немало песни и музика во неговиот дом. Тој не можел ниту да насети што се случило. Повикал еден слуга и побарал објаснение. Слугата наивно му одговорил: ’Брат ти си дојде и татко ти закла згоено теле, затоа што повторно здрав го доби‘“ (Лука 15,11-32).
Постариот брат пламнал во срдба. Ако слугата очекувал тој со раширени раце да полета и да го прегрне својот брат, се измамил. Библијата вели: „А тој се расрди и не сакаше да влезе“. Кај него нешто се кршело. Му се чинело дека му бега почвата под нозете. А кога се појавил татко му да го моли да влезе во домот, постариот син веќе имал приготвен одговор. Се спротивставил и студено одговорил: „Ете, ти служам толку години…“
Образите му гореле, но во срцето му било студено. Сметката била исправна, но љубовта била мртва. Тој му служел на татко си од должност а не од љубов. Неговото срце не чукало за таткото. Своето синовство го сметал за робување. Не само што го барал своето право, туку се расрдил и на татко си поради својот брат. Служејќи за плата, тој немал радост. Никогаш не сфатил што значи среќата во заедница со таткото.
Според сопствената сметка, тој не се оддалечил од домот ниту десет километри, додека за тоа време неговиот брат се наоѓал некаде „во далечна земја“. Постариот син сега заклучил дека дошол часот да ја наплати својата долгогодишна служба и своите заслуги. Тоа се видело од неговиот приговор упатен до таткото: „Никогаш не престапив ниту една твоја заповед, а ти никогаш не ми даде макар едно јаре да се развеселам со моето друштво“.
Кутриот постар брат! Зар некој би сакал да му прави друштво на еден човек со таков дух. Зар можел да има некој пријател кога и својот роден брат го осудувал без милост пред својот стар татко. Како да се радувал додека неговиот брат пропаѓал во туѓина и во грев. Тогаш се чувствувал далеку посигурен во своите сметки. Немал љубов што би знаела да „не се радува на неправда, туку се радува на вистина“ (1. Коринќаните 3,6). Огорчено го напаѓал својот единствен брат.
Повторно се слушнал молбениот глас на таткото: „Требаше да се развеселиш и да се израдуваш, зашто овој твој брат беше мртов и оживеа, беше загубен и се најде“.
Но попусто! Молбите на таткото само повеќе го распалувале. Тој му ставил на таткото на знаење дека нема повеќе брат. Овојпат отворено се откажал од него. Ниту еднаш не го нарекол брат, туку „тој твој син“. Не сакал да биде повеќе ниту син на својот татко, а камоли да го прегрне својот брат и да го поздрави со бакнеж! Во неговото срце владеела омраза. Тоа била религија без љубов. Надворешната исправност ја криела внатрешната отуѓеност и неправда. Тој засекогаш останал надвор од покривот на таткото. Тоа било крај на расказот за него, но не и за нас, љубовта на небесниот Отец се покажала кон нас во Христа и во неговата религија.
Додека Христовата религија била религија на братска љубов, религијата на фарисеите била религија на љубомора. Додека Христос зрачел со радост што привлекува, студеното држење на фарисеите одбивало. Нивната религија била религија на омраза, а не на проштавање. Тие викале на Божјиот Син исполнети со завист: „Овој прима грешници и јаде со нив“. Им било криво што на Исуса му се „приближуваа кон Него сите цариници и грешници за да Го слушаат“ (Лука 15,2.1). Било прекрасно да се слуша Исус, но фарисеите тоа не го чувствувале. Не го препознале Отецот во Христа. Не чувствувале потреба за неговата милост, зашто сметале дека право на Божјето царство ќе стекнат со своите заслуги. Нивната религија била религија на мртва љубов.
Постариот син не се сметал себеси за престапник дури ни тогаш кога се обидел да ја уништи семејната среќа на татковиот дом. Иако сакал својот воскреснат брат да го врати меѓу мртвите, не се чувствувал грешник, зашто се сметал за човек без мана. Гледајќи на своето религиозно минато, можел горделиво да каже како вистински фарисеј: „Според правдата на Законот – непорочен“ (Филипјаните 3,6). За постариот син Исус не можел да стори ништо. За него залудно дошол од небото. Никакви дела не можеле да го воведат во Божјето царство. Исус рекол отворено: „Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание“ (Матеј 9,13). На човекот кој нема за што да се кае, Бог нема што да му прости.
Постариот син му ја нудел на Бога својата религија што се засновувала врз извршувањето на должностите, а не врз верата. Тој не сакал да сфати дека член на Божјето семејство може да стане само ако го поттикнува љубов а не сметка. Тој не сакал да разбере дека грешникот не станува праведен со своите дела, туку со „скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос“ (1. Петрово 1,18.19). Тој не сакал да влезе во домот на својот татко без „својата праведност стекната од Законот“, зашто не ја сакал правдата што се добива „преку верата во Христа, односно со праведноста што доаѓа од Бога преку верата“ (Филипјаните 3,9).
Апостол Павле пред средбата со Христа бил жив пример на религијата на постариот син. Дури по средбата со Христа разбрал дека „правдата што доаѓа од Бога врз основа на верата“ може да ја добие само ако во Исуса најде „покајание и простување на гревовите“ (Дела на апостолите 5,31).
Во Божјето семејство влегуваме не со нашите заслуги, туку со Божјата милост со која нè преродува за да можеме да ги сакаме оние што сме ги мразеле и да им проштаваме на оние што нè гонеле. Тогаш нашата служба ќе биде радост а не ропство и нашата религија жива а не мртва. Послушноста кон Божјите заповеди ќе ни биде радост а не обврска, „зашто љубовта е извршување на Законот“. Тоа нека биде и наша религија.