8. Tаинствениот човек од пророштвата
Секојдневно луѓето во Ерусалим одат до западниот ѕид за да се молат за доаѓањето на Месија. Задлабочено и со огромно почитување ги движат своите тела напред-назад, обраќајќи му се понизно на својот Бог. Луѓето во Израел се молат надевајќи се дека Месија наскоро ќе се појави за да му ја врати некогашната слава на нивниот сакан Храм. Политичката и духовната надеж на Евреите е Месија, кој ќе му донесе слобода на народот во Израел и мир во целиот свет.
Во текот на последните две илјади години имало многумина самонаречени месии. Симон Бар Кохба (135 г. по Христа), Мојсеј од Крит (450 г. по Христа), Серене (720 г. по Христа), Давид Алруи (1160 г. по Христа), Абрахам Абулафија (1240 г. по Христа), Шабетај Зеви (1626 г. по Христа) и, неодамна, раби Шнерсон од Њујорк, кој предизвика многу возбуди – сè додека не умре.
А каде е Месија? Зошто толку долго се двоуми? Што се случило со сите ветувања што им се упатени на Евреите? Кога тој „таинствен човек од пророштвата“ конечно ќе се појави?
Во пророштвото, кое би можело да се нарече најголемо од сите пророштва, пророкот Даниел ги најавил важните случувања во историјата на Евреите. Тоа пророштво го содржи и точниот датум на доаѓањето на Месија.
Во 539 година пред Христа, додека Ерусалим сè уште лежел во урнатини, пророкот Даниел прорекол:
- Ерусалим повторно ќе биде изграден
- Ја објавил точната година на доаѓањето на Месија
- Рекол дека Месија ќе умре
- Ја открил единствената цел на смртта на Месија
- Ја кажал точната година на смртта на Месија
- Го обележал времето кога еврејскиот народ ќе престане да биде „избран народ“
- Рекол дека Ерусалим повторно ќе биде разорен
Јасно е дека ова пророштво најавува значајни последици за Евреите. Дали Евреите знаат за ова пророштво? Што мислат за него? Дали нивната потрага по Месија ќе биде завршена?
Чудно е и необично што еврејските теолози не само што знаат за ова пророштво туку искажале и рабинско проклетство за секој Евреин што ќе го чита за да го открие времето на доаѓањето на Месија.
Една еврејска изрека вели: „Нека духовите на оние кои се обидуваат да го пресметаат конечното време на Месииното доаѓање испуштат душа“ (Санхедрин 97Б).
Со таа опомена на ум, ајде да го истражиме едното од најинтересните пророштва во старите библиски списи. Прочитајте ја целата деветта глава од Книгата на пророкот Даниел, а посебно стиховите од 24 до 27.
1. Според Исусовите зборови, која е главната тема на старозаветните списи?
И во старозаветните и во новозаветните списи Исус Христос се јавува како централна тема. Новозаветните писатели го воздигнуваат Исуса како исполнување на старозаветните пророштва повеќе од 130 пати. Некои теолози процениле дека Стариот завет содржи преку 300 посебни пророштва, кои опишуваат кој е Месија и што ќе направи Тој. И на крајот, повеќе од педесет големи пророштва јасно можат да се именуваат и да се опишат како месијански. Какви биле можностите сите тие 50 пророштва да се исполнат во една личност?
Астрономот и математичар Питер Стонер пресметал дека можностите за исполнувањето само на осум од тие педесет пророштва се еден спрема сто илјади трилиони. Можностите за исполнувањето на речиси 50 од нив би биле еден наспрема еден, зад кој следат 157 нули (Sviene Speaks, 1963, стр. 100-109).
Со споредбата на Исусовиот живот со пророштвата на Стариот завет станува јасно дека Исус совршено ги исполнил сите месијански пророштва. Оваа поука го прикажува исполнувањето само на некои од тие пророштва.
2. Како знаеме дека Исус бил историска личност?
Освен Библијата, постојат независни историски сведоштва кои го потврдуваат Неговото постоење. Најмалку 17 нехристијански извори го споменуваат Исуса, и сите потекнуваат од период од 150 години. Тие опфаќаат римски историчари, грчки писатели, еврејски религиски водачи и еврејски историчари.
„Во тоа време живееше Исус, мудар човек … Тој беше Месија и кого Пилат, на предлог на водечките луѓе меѓу нас, го осуди на крст, оние што го сакаа на почетокот не се откажаа од Него; зашто Тој повторно жив им се јави третиот ден, како што тоа го прорекле божествените пророци и уште десет илјада други прекрасни работи за Него. А племето на христијаните, кое е наречено по Него, не изумре сè до денешните денови.“
(Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј, роден во 37 година по Христа, Antiquities, XVIII 33).
3. Што претскажале библиските пророштва за местото на неговото раѓање?
Седумстотини години пред Исусовото раѓање, на пророкот Михеј му било познато родното место на Месија. Во Исусовите денови постоеле два Витлеема, еден на северот на Палестина и вториот, Ефрат, како мал град во Јудеја. Пророштвото е сосем одредено. Месија ќе се роди во јудејскиот Витлеем. Новозаветните писатели ја запишале историјата на Неговото место на раѓање точно онака како што го прорекла Библијата (Матеј 2,1).
Иако Исус бил роден во Витлеем, не потекнувал од таму. Според пророкот Михеј, Исус е од „вечноста“. Со други зборови, пред своето доаѓање на Земјата, Тој е од вечноста и нема почеток. Тоа е дел од тајната која го обвива Бога. Исус не бил само пророк или добар човек – Тој бил Бог.
4. Дали било навестено времето кога ќе се појави Исус и кога ќе умре за својот народ?
Галатјаните 4,4: „Но, кога се исполни времето, Бог го испрати својот Син, кој се роди од жена и се потчини на Законот.“
Римјаните 5,6: „Зашто, уште кога бевме слаби, Христос во одреденото време умре за безбожниците.“
Еден од клучните видови на месијанските пророштва се однесува на времето. Исус дошол на оваа Земја „кога се исполни времето“ и умрел „во одреденото време“. Самиот Исус ги знаел пророштвата и во повеќе од една можност избегнал да се судри со Евреите „бидејќи уште не беше дошол часот Негов“ (Јован 7,30).
Пророштво од деветтата глава од Книгата на пророкот Даниел
Контекст:
Ерусалим бил заземен од Вавилонците, суперсила во тоа време, и Даниел бил одведен во Вавилон како воен заробеник. Во времето на робување, Даниел од Бога добивал виденија, а тие ги опишувале светските империи што ќе ја наследат моќта на Вавилон (Даниел 2,7 и 8).
Даниел видел царства, како што се Медо-Персија, Царството на Александар Македонски, а потоа уште една империја – Римјаните – како владеат со Евреите. Тој буквално се разболел од загриженост (Даниел 8,27). Каде е Месија кој ќе ја донесе слободата од прогонствата и омразата? Зошто Евреите не владеат со светот?
Кога ја сфатил тежината на својата положба, Даниел сериозно му се молел на Бога за својот народ и за својот град. Тој знаел дека Евреите многупати се бунеле против Бога. Сега се плашел дека во тоа отишле премногу далеку. Бог одговорил на Даниеловите молитви и му го пратил ангелот Гаврил со пророштвото што ќе го најдеме запишано во деветтата глава на Даниеловата книга.
5. Колкав временски период му бил одреден на еврејскиот народ?
Ова пророштво посебно се занимава со иднината на Евреите. Ние тоа го знаеме зашто Гаврил му нагласил на Даниел „за твојот народ и за светиот твој град“. На почетокот на ова пророштво на Даниел му е дадена временската шифра. Еврејскиот народ ќе има 70 седмици (490 денови) „да му стави крај на гревот“ и да „биде доведена вечната правда“. Тоа значи дека Бог ќе им даде уште една можност на Евреите да го запрат своето лажно богослужение и да станат свет народ.
6. Што значи еден ден во пророчките симболи?
Во библиските пророштва еден ден претставува буквално една година. Тој принцип се среќава во целата Библија (4. Мојсеева 14,34). Еврејските теолози го имале таквиот пристап пред Исуса Христа, а се придржуваат до него и денес.
Начелото „ден за година“ претставува и единствен можен одговор на пророштвото од деветтата глава на Книгата на пророкот Даниел. Би било невозможно сите настани од деветтата глава да се остварат во буквални 490 денови. Ерусалим тогаш сè уште не бил изграден одново. Резултатот е, според тоа, дека временскиот период од 490 пророчки денови, кој им е одреден на Евреите, претставуваат вистински 490 години. Јасно е дека Бог е многу трпелив.
7. Која е почетната точка на тој временски период што им е одреден на Евреите?
Даниел 9,25: „И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим, до доаѓањето на Помазаникот Божји се седум седмици. Потоа ќе биде обновен Ерусалим со улици и ѕидини, и ќе опстои шеесет и две седмици; а тоа ќе биде тешко време.“
Почетната точка на ова пророштво била заповедта која им дозволувала на Евреите да се вратат во Ерусалим и повторно да го подигнат својот град. Овој декрет, запишан во Книгата на Ездра во 7. глава, го издал царот Артаксеркс во седмата година од своето владеење, 457. година пред Христа. Почетниот датум, 457. година пред Христа, е потврден во историјата во списите на грчкиот историчар Херодот, во вавилонските записи и преку александрискиот астроном Птоломеј (Птоломеев канон). Исак Њутн, еден од најголемите светски научници, ја документирал почетната точка како „еден од најлесно утврдените датуми во историјата“ (Observations upon the prophecies of the Bible, стр. 154-157).
8. Што ќе се случи на крајот од 69 седмици?
Седмици?
На Даниел му било речено оти Месија ќе дојде 69 седмици по заповедта Ерусалим повторно да се изгради. Ако таа заповед е издадена во 457. година пред Христа, тогаш 69 седмици (483 буквални години) нè доведуваат до 27-та гoдина пo Христа (нема нулта година). Според тоа пророштво, Месија ќе се појави 27. година по Христа.
Ова е еден од највозбудливите аспекти на пророштвото. „Месија“ значи „Помазаник“. Сè до 27. година по Христа, Исус бил занаетчија, секој ден работел како столар. Во 27. година од нашата ера, неговиот живот целосно се променил. Исус бил крстен во Јордан и помазан со Светиот Дух (Дела 10,37.38). Го напуштил своето занимање како занаетчија и ја започнал својата јавна служба како Месија за Евреите.
Датумот на Христовото крштавање (27. година по Христа) е утврден со споредување на библиските наводи со римските историски записи (Лука 3,1 вели дека крштавањето е извршено 15-тата година од владеењето на цезарот Тибериј. Историјата ја бележи таа година како 27 година по Христа).
9. Што рекол Исус непосредно по своето крштавање?
Исус мошне добро ги познавал пророштвата на Даниел. Дури рекол: „Кој чита, нека разбере“ (Матеј 24,15). Исус ја знаел и својата улога во животот и дека Неговото крштавање е почеток на Неговата јавна работа и учење како Месија.
10. Што ќе му се случи на Месија според пророштвото?
Даниел 9,26: „И по шеесет и двете седмици Помазаникот ќе биде предаден на смрт неправедно и ништо нема да му остане…“
Со чуден пресврт, Месија ќе биде погубен. Наместо како Цар да ги ослободи Евреите од ропство, го наоѓаме Царот како страда и умира. Пророштвото ни кажува дека тој Цар Месија нема да умре за себе. Исус не заслужил да умре – Тој никогаш не грешел. Исус умре за тебе. Неговиот совршен живот бил принесен за да те спаси тебе од твоите гревови и да ти донесе надеж за иднината.
11. Што ќе стори Mесија во средината од последната седмица на ова пророштво?
„Половината“ од оваа последна седмица (половина од последните седум години) е три и пол години по доаѓањето на Месија во 27. година од новата ера. Тоа нè доведува до 31. година по Христа – токму во времето на кое укажува библиското пророштво. Кога умрел Исус, завесата во Храмот чудесно се расцепила од врвот до дното. Тоа симболички го обележило крајот на принесувањето на животинските жртви, токму како што прорекла Библијата (Матеј 27,51).
При службите во Храмот пасхалното јагне било жртвувано еднаш годишно на посебен ден и во определено време (попладне на 14-тиот ден од еврејскиот месец нисан). Кога свештениците се подготвувале во оваа пригода да го заколат пасхалното јагне, Исус умирал со осаменичка смрт на крстот. Тоа мрачно попладне, пророштвото се исполнило кога „…Христос, Пасхата наша, беше жртвувана за нас“ (1. Коринќаните 5,7).
Ова историско време е потврдено во еврејските книги, како што е Талмудот. Воочете го овој цитат што се однесува на Исус (на еврејски Јешу), кој бил подигнат на дрво (распнат):
„Спроти Пасха (попладне) тие го обесија Јешу (од Назарет) … Но, не најдоа ништо во негова одбрана и го обесија спроти Пасха“ (Babilonian Sanhedrin 43a).
Дешифрирајќи ја службата во Храмот за време на Пасха, заедно со восхитувачкото временско пророштво во деветтата глава од Книгата на пророкот Даниел, можеме да видиме дека Христос умрел токму истата онаа година, месец, седмица и ден како што било проречено стотици години пред тој настан!
Ова временско пророштво покажува дека можеме да имаме целосна доверба во Библијата и дека Исус Христос е вистинскиот Месија од библиското пророштво.
12. Што им рекол Исус на своите ученици: кому прво треба да му проповедаат?
Бидејќи бил помазан како Месија во 27. година од нашата ера, Исус знаел дека еврејскиот народ има само седум години да се покае и да го прифати Него како свој Месија и Спасител, кој ќе ги избави од гревот. Исус им заповедал на своите ученици да се сосредоточат на тоа да му проповедаат на еврејскиот народ. Тој копнеел еврејскиот народ да го прифати него како Месија на сиот свет. Дури и по својата смрт, Исус им рекол на учениците да ја отпочнат својата служба во Ерусалим. Тој не се откажал од народот во Ерусалим. Сè уште имало време да го прифатат Исуса како воскреснат Месија.
13. Какво предупредување му упатил Исус на израелскиот народ?
Матеј 21,43: „Затоа ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови.“
Исус го сакал народот во Ерусалим. Самиот Исус бил Евреин. Плачел над тој град. Ги повикувал религиските водачи да веруваат во Него и да стекнат ново искуство со Бога. Правел чуда, проповедал духовни вистини, лекувал болни. Исус направил сè за да му помогне на еврејскиот народ да стане свет народ.
Исус го знаел пророштвото од деветтата глава од Книгата на пророкот Даниел. Тој ревносно го опоменувал народот поради одбивањето да го прифати дарот на спасение во Исуса Христа. На крајот, Исус изјавил дека големите ветувања ќе му бидат одземени на израелскиот народ и ќе бидат дадени на друг народ.
Големите ветувања за славна иднина ќе им бидат одземени на Евреите и ќе бидат дадени на друг народ.
14. Кога евангелието навистина почнало да им се проповеда на незнабошците?
Кога бил убиен по заслуга на еврејските религиски водачи, Стефан станал првиот христијански маченик. Тоа се случило во 34 година по Христа, точно 490 години по почетокот на пророштвото. Тоа било крај на проповедањата на еврејскиот народ. Кога Бог видел што им сториле еврејските старешини на водачите на Неговата млада Црква, сигурно во своето срце си рекол: „Доста е, доста! Одете сега и проповедајте го евангелието на незнабошците!“ Бидејќи ова еврејско поколение затврднало во своето срце и застанало против љубовта на својот Господ, пророштвото се исполнило.
15. Што ќе се случи со Ерусалим по смртта на Месија?
Даниел 9,26: „И по шеесет и двете седмици Помазаникот ќе биде предаден на смрт неправедно а градот и светилиштето ќе бидат разрушени од народот на водачот што ќе дојде, и крајот ќе му биде како од поплава…“
Овде ни е речено дека некое време по Исусовата смрт градот и Светилиштето ќе бидат разорени. Тоа и се случило во 70-тата година по Христа кога римската војска тргнала на Ерусалим и го изгорела до темел. Градот и неговиот Храм биле уништени во толкава мера што преостанатите Евреи биле расеани по целиот тогашен познат свет.
16. Според Светото писмо, кој денес го сочинува Божјиот избран народ?
Библијата вели дека доколку му припаѓате на Христа, имате пристап до сите ветувања што некогаш им биле дадени на Аврам и на неговиот народ. Евреите не биле ниту отфрлени ниту биле проколнати. Како поединци, сите Евреи кои ќе го прифатат Христа како Месија и Господ имаат целосен пристап до Божјите ветувања. Но, сега Божјата Црква ја сочинуваат верниците кои се „избран род, царско свештенство, свет народ“, Неговиот посебен избран народ (1. Петрово 2,9).
Три факти што треба да ги запомниме:
- Исус Христос е тема на целокупната Библија.
- Исус Христос е Месија за Евреите и за незнабошците, Тој е Спасител на целиот човечки род.
- Ако сте го прифатиле Исуса Христа, му припаѓате на Бога и на Неговиот народ – на духовниот Израел
Случка:
Млада дама по име Сара околу вратот носела златен медалјон. Пријателите на Сара често се прашувале кој е тој чија слика ја носи во медалјонот и кого го смета за љубов на својот живот. Сара никогаш не го отворала медалјонот пред своите пријатели, но тие можеле да видат колку ѝ била скапоцена сликата во медалјонот. Кога умрела Сара, немажена и сè уште прилично млада, нејзините пријатели го отвориле медалјонот. Во него нашле само истуткано хартиче со зборовите: „Оној кого никогаш не сум го видела … него го сакам!“
Каков е вашиот одговор на оваа случка во контекст на сето она што го направил Исус за нас?
1. Како известувањата за Исус, дадени во овој прирачник, ти помогнаа да ја изградиш својата вера и доверба во Бога кој ни се открива во Библијата?
2. Крштавањето за Исуса го означувало и Неговото помазание како Месија. Што мислите, зошто и нас нè повикува да се крстиме? (Јован 3,5)
3. Што би му кажале на некој свој еврејски пријател кој не го прифатил Исуса како свој Месија?
4. Што треба да правиме во текот на читањето на Библијата за да покажеме дека високо ги цениме податоците за Исус што ги добиваме на секоја страница?