20. Погребан во вода

20. Погребан во вода

Во непосредна близина на древниот град Помпеја била откриена една фреска во природна големина на ѕидот на Вилата на тајните. На таа слика е прикажана церемонија на иницијација на млада девојка во мистериите на религијата на Дионис, богот на виното од грчката митологија. Меѓу другото, може да се види како една жена, која служи во храмот, излева „света вода“ во базен со кој ќе се служат свештеничките во текот на церемонијата. Тајните иницијациски обреди изгледа вклучувале попрскување на жените со капки вода, што симболично претставувало влегување во тајните на религијата.

Практиката да се употребува „света вода“ за чистење на душата може да се следи наназад до прастарите вавилонски таинствени обредни ритуали. Новородените деца биле „крштавани”, што им давало право да станат дел од оваа таинствена религија. Влегувањето во мистериите на Митра, Изида и многу други божества од разни пагански религии барало симболичка примена на вода. Вообичаениот облик на „крштaвање“ бил со попрскување на главата на новороденото дете со вода, која би ја благословил пагански свештеник или свештеничка. Библијата вели дека и самиот Исус Христос бил крстен во водите на реката Јордан. Кога Исус имал околу 30 години, отишол кај својот роднина Јован Крстител и побарал од него да го крсти во реката. По крштавањето, набљудувачите го чуле Божјиот глас од небото како изрекува потврдни зборови за Исус и за она што го постигнал со своето крштaвање.

Дали Исус едноставно го следел обичајот на старите пагански религии или Неговото крштавање било нешто сосем друго? Дали Исусовото крштавање било исполнување на пророштвата? Дали тој обред е задолжителен и денес? Ако е така, колку е важен обредот на крштавање? Како се случило разните христијански цркви да крштаваат на различни начини, и дали тоа е воопшто важно? Во овој прирачник ќе го пронајдете богатото значење кое се крие зад симболот на библиското крштавање.

1. Колку е важно крштавањето?

Марко 16,16: „Кој ќе поверува и се крсти ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.“

Според Исус, сите христијани треба да се крстат. Битно е да веруваат во Исуса, но битно е и јавно да го покажат своето верување, имено, да се крстат. Исус јасно вели дека обичајот човек да се крсти, кој се споменува речиси стотина пати во Библијата, е предуслов за влегување во небесното царство (Јован 3,5).

Во случај некој да не може да се крсти, како што се случило тоа со разбојникот на крстот (Лука 23,42.43), Христовото крштавање му се засметува наместо неговото. Исус и не очекува од нас да направиме нешто што е физички невозможно. Меѓутоа, таквиот случај несомнено е исклучок. Тој сигурно не може да послужи како изговор на оние кои сакаат да го избегнат прекрасното искуство на библиското крштавање.

2. Кое упатство спаѓа меѓу последните налози што им ги дал Исус на своите ученици?

Матеј 28,19.20: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал.“

Нечии последни зборови често се многу значајни. Овде наоѓаме како Исус го изнесува своето гледиште за новата христијанска Црква. Старешините на таа Црква добиле налог да го однесат евангелието во сите краишта на светот, да ги повикаат луѓето да го прифатат Исуса и да се крстат. Црквата која не го практикува ниту бара да се извршува обредот на крштавање не ги следи Исусовите упатства.

Забележете го потоа налогот крштавањето да се изведува во името на целокупното Тројство, Отецот, Синот и Светиот Дух. Сите Тројца имаат сила во своето име како Лица на Божество и сите Тројца имаат животно значајна улога во нашето духовно искуство. Меѓу другото, на Отецот сме му драгоцени, Синот нè спасува, а Светиот Дух нè јакне.

3. Колку облици на крштавање препорачува Библијата?

Ефесјаните 4,5: „Еден Господ, една вера и едно крштение!“

Речиси секоја религија на оваа планета има некој свој облик на крштавање. Некои религии крштаваат во крв. Други употребуваат масло, па дури и сол. Во христијанската религија се употребуваат повеќе од 15 разни облици на крштавања, во зависност од културата или традицијата.

Библијата укажува дека и обликот на крштавање е важен и дека постои само еден единствен вистински облик на крштавање.

Самиот збор „крштавање“ буквално значи „нурнување“ или „потопување“. Тој доаѓа од грчкиот збор „баптизо“. Според тоа, другиот збор за крштавање би бил „нурнување“. Библијата никогаш не се служи со зборовите кои значат „прскање“ или „полевање“ за да го означи вистинскиот облик на крштавањето.

Единствениот вистински облик на крштавање според Библијата е, значи, крштавање во вода, со целосно нурнување.

4. Како бил крстен Исус?

Марко 1,9.10: „А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јован во Јордан. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него.“

Исус влегол во Јордан, а потоа излегол од реката. Јован Крстител посебно избрал длабока вода за ги крштава луѓето во неа, „зашто таму имаше многу вода“ (Јован 3,23). И Исус бил крстен со целосно нурнување.

Според тоа, важно е да се забележи дека Исус не бил крстен како новороденче. Исус самиот одлучил да се крсти кога наполнил 30 години, кога можел да донесува одлуки, непосредно пред почетокот на својата јавна работа. Кога Исус бил крстен, Бог Отецот изјавил дека е мошне задоволен со ова што го сторил Исус (Марко 1,11). Како христијани, нам ни е наложено да го следиме примерот на Исуса Христа и како возрасни луѓе, верувајќи во Него, да се крстиме со целосно нурнување и на тој начин „да ја исполниме секоја правда“ (Матеј 3,15).

Исусовото крштавање било непосредно исполнување на пророштвата (Даниел 9,25). Токму во тој момент Исус го напуштил својот занает како дрводелец и ја започнал својата служба како Месија. Јасно, Исусовото крштавање бил многу важен настан во историјата на спасението.

Исус не бил крстен како новороден­че. Исус одлучил да се крсти кога наполнил 30 години од животот, кога можел да донесува одлуки самиот за себеси, и непосредно пред да ја отпочне својата јавна работа.

5. Kако Филип го крстил човекот од Етиопија?

Дела 8,38.39: „И заповеда колата да запре, па слегоа во водата обајцата, и Филип и евнухот, и го крсти. А кога излегоа од водата, Духот Свети се симна над евнухот, а Филип беше грабнат од ангел Господов, па евнухот веќе не го виде. Тој радосно го продолжи својот пат.“

Врз основа на овој текст, јасно е дека апостолите не го менувале обликот на крштавање. Овде ги наоѓаме Филип и Етиопјанецот како влегуваат во вода и како излегуваат од вода. Тие не го извеле крштавањето на речно крајбрежје поливајќи го крштеникот со посатка полна со вода. Тие обајцата влегле во длабокото за да можат да го извршат крштавањето со нурнување, во согласност со Исусовиот пример.

6. Каква е симболиката на водата?

Дела 22,16: „И сега, зошто се задржуваш? Стани, крсти се и очисти ги гревовите свои, повикувајќи го името на Господ Исус.“

Симболиката на водата се применува да го прикаже миењето со капење. Таа симболички претставува чистота и нов почеток. Сите ние во својот живот сме правеле и работи од кои можеме да се засрамиме. Понекогаш ја чувствуваме тешката сенка на вината од минатото. Ако сакаме своите гревови, рани и обесхрабрувања да ги измиеме и одново да го отпочнеме животот, зошто тогаш да не решиме да се крстиме?

Крштавањето симболички претставува пресвртница во нашиот живот, измивање на стариот живот и однадвор и однатре и отпочнување на нов живот во Исуса Христа. Нема никаква сила во самата вода која може да ги исчисти нашите гревови. Таа е само симбол на она што Бог го прави во нашиот живот.

Бидејќи крштавањето симболички го претставува миењето на гревовите, самото попрскување па дури и полевањето со вода не би било доволно. Вие не можете со прскање да ги отстраните своите гревови – тие мора да се измијат! Самото крштавање, при кое целото тело е нурнато, потопено во вода вистински претставува измивање на гревовите.

7. Што претставува симболички самиот обред на крштавање?

Римјаните 6,3-6: „Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението, 6 знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот.“

Исто онака како што Исус умрел а потоа станал од мртвите, така и новиот христијанин умира за стариот грешен живот, се закопува под површината на водата во текот на крштавањето и потоа станува да живее во нов живот, живот кој е оснажен со Светиот Дух. Оваа симболика е срцевина на значењето и важноста на крштавањето. Крстената личност прво одлучува да го отфрли својот грешен живот. Второ, постои краток момент кога се затвораат очите и дишењето престанува кога крштеникот ќе се најде целосно под површината на водата. По тоа следува подигнување од водата за да живее со целосно нов живот, како што е симболички претставено со Исусовото воскресение.

А) Смрт на вашиот стар живот

Христијанскиот живот не се огледува само во тоа да станеме „подобра личност“ – тоа е смрт за стариот живот. Апостол Павле вели: „Се распнав заедно со Христос“ (Галатјаните 2,19). Нема полза од желбата да бидеме крстени ако не сме подготвени да дозволиме нашиот стар живот неповратно да умре. Вие едноставно би излегле од водата како мокар грешник наместо како нов христијанин! Вие би биле „живи закопани“ и едноставно би продолжиле да живеете со својот стар начин на живот. Попрскувањето и полевањето со некаква „света вода“ никогаш не би можело симболички да ја претстави смртта на стариот живот. Вам не ви е потребно вашиот стар живот да биде само попрскан, туку да се „удави“ во водата!

Б) Погребување на стариот живот

Библијата вели „се погребавте со Него во крштавањето“ (Колошаните 2,12). Никој не е навистина крстен доколку не е нурнат или погребан во вода. И повторно, никакво количество попрскување не може да ве „закопа“. Нам ни е неопходно да бидеме крстени со нурнување.

В) Нов живот во Исуса Христа

Откако вашиот стар живот е мртов и закопан, вие станувате од водата како нова личност. Всушност, крштавањето симболички ја претставува вашата одлука да се поврзете со Исуса. Додека порано сте биле врзани за стариот човек, сега сте врзани за Христа. Крштавањето е исто толку важно во христијанскиот живот како што е венчавањето за бракот. Тоа е уште една причина поради која можат да се крстат само возрасни луѓе. Крштавањето е јавна изјава дека сте одлучиле да живеете нов живот, да воспоставите блиска заедница со Исуса Христа. Секоја помисла да се венча некое бебе би била сосем неприфатлива. Според тоа, крштавањето е свесен животен избор, избор од љубов, на возрасен човек кој верува.

8. Чие име го земаат крштениците во текот на крштавањето?

Галатјаните 3,27: „Сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте.“

Кога се крштаваме, ние првенствено се крштаваме „во Христа“. Тоа значи дека сме го прифатиле Него како свој најдобар пријател и личен Спасител. Второ, ние „се облекуваме во Христа“. Како што жена обично го зема презимето на својот маж, така и ние го земаме Христовото име. Ние од сега сме познати како „христијани“.

9. Дали е навистина важно кој облик на крштавање го применуваме?

Галатјаните 1,8: „Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротивно од она што ви благовестевме ние, нека биде проклет.“

Причината зошто е важно како и кога се крштаваме се наоѓа во симболичкото значење на крштавањето. Сè што е поврзано со крштавањето има симболичка вредност. Ако изоставиме или промениме само еден аспект од крштавањето, целокупниот ритуал на крштавање станува бесмислен. Родителите можат да бидат многу искрени и добронамерни кога ги крштаваат своите деца, но тој обичај нема никакво влијание врз спасението на детето.

Според Библијата, верата, покајанието, признавањето и религиската подготовка мораат да му претходат на крштавањето. И тоа е причината зошто во Библијата нема да најдете ни еден единствен пример на крштавање деца.

Библијата учи дека постои само еден единствен правилен облик на крштавање. Важно е да го следиме Христовиот пример и да се држиме до јасното учење на Библијата.

10. Врз основа на што овие други облици на крштавање биле прифатени во црквата?

Марко 7,8: „Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко.“

Крштавањето на возрасните личности со целосно нурнување е облик на крштавање кој се применува во Црквата стотици години по Христа. Всушност, можете да посетите многу стари храмови во Европа и да видите пространи крстилници коишто се користиле за изведување на библиско крштавање (кај нас на Плаошник и во Стоби). Со текот на времето целокупната симболика на крштавањето се изгубила бидејќи Црквата прифатила пагански обичаи, вклучувајќи го и крштавањето на новороденчиња со попрскување.

Црквата на четвртиот и петтиот век ја прифатила идејата дека и бебињата ја носат вината на Адамовиот „првобитен грев“ и поради тоа се изгубени. Затоа, се смета дека на сите новородени бебиња им е неопходно чистeње и иницијација во Божјото семејство. Обичајот да се крштаваат бебиња бил официјално прифатен во Црквата на соборот во Мела, во 416 година по Христа. Со текот на времето, тој облик на крштавање станал традиција што ја наметнала самата Црква.

Во текот на целата историја на христијанството многу луѓе ја отфрлале идејата на Црквата и го применувале библиското крштавање. Тие луѓе биле толку длабоко осведочени во својата обврска да ги слушаат Исусовите учења, што биле подготвени да умрат за својата вера. И навистина, Црквата и државните власти по наредба на Црквата убиле илјадници такви искрени верници. Звучи иронично што многумина од нив биле удавени во истата река во која биле крстени.

11. Како да знате дека сте подготвени за крштавање?

  • Кога го сакате Исуса (Матеј 22,36-37)
  • Кога ќе го прифатите Исуса како свој личен Спасител и ќе доживеете искуство на ново раѓање (2. Коринќаните 5,17; Јован 3,3.5)
  • Кога ги разбирате учењата на Исуса Христа (Матеј 28,19.20)
  • Кога верувате во сите учења на Исуса Христа (Марко 16,16)
  • Кога ќе се покаете за своите гревови (Дела 2,38)
  • Кога ќе прифатите да ги отфрлите своите гревови (Римјаните 6,5.6; Лука 3,7.8)

Крштавањето е за оние кои го прифатиле Исуса и кои сакаат да живеат во заедница со Него. Кога двајца ќе се засакаат еден со друг, обично минуваат некое време запознавајќи се меѓусебно пред да се венчаат. Крштавањето е возбудлива, но сериозна одлука. Исус сака да го запознаете и целосно да го разберете заветот што го правите.

Навистина е важно да го следиме примерот на Исуса Христа и да се држиме до јасните учења на Божјата Реч.

12. Што треба да го следи крштавањето со вода?

Јован 3,5: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо.“

Крштавањето со вода треба да биде проследено со крштавање со Светиот Дух. Да се биде крстен со Светиот Дух значи да се биде „целосно потопен“, проникнат со Светиот Дух. Ние треба да го бараме Светиот Дух и да му дозволиме на Светиот Дух да го менува нашиот живот. Улогата на Светиот Дух е да нè осведочи дека сме грешни и да ни покаже дека праведноста на Исуса Христа претставува решение за проблемите на гревот (Јован 16,8). Светиот Дух ни помага да ги разбереме учењата на Божјата Реч (Јован 16,13). Крштавањето со Светиот Дух се покажува со донесување на добрите родови на Духот (Галатјаните 5,22.23) како и со примањето на даровите на Духот. Тоа нè оспособува успешно да ја шириме радосната вест за Христовата љубов (1. Коринќаните 12).

13. Дали крштавањето има некаква врска со придружувањето кон црквата?

Дела 2,41.47: „И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души… А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво.“
Колошаните 1,18: „И Тој е глава на телото, односно на Црквата. Тој е почеток, првороден од мртвите, за да има првенство во сè.“
1. Коринќаните 12,13: „Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело.“

Има некои луѓе кои имаат желба да се крстат „во Исуса Христа“, но не сакаат да ѝ се придружат на Црквата. Библијата тука е многу јасна. Кога се крштаваме „во Исуса Христа“, автоматски стануваме и делови на Неговото тело, Црквата. Црквата е Божја избрана заедница на верници која треба да ни помогне да растеме во нашиот духовен живот, но и заеднички да работиме на ширењето на евангелието. Кога донесуваме одлука да се крстиме, ние едновремено одлучуваме да станеме активни верници на Божјата Црква.

14. Дали повторното крштавање некогаш е прикладно?

Дела 19,2-5: „И им рече: ’Кога поверувавте, примивте ли Дух Свети?’ А тие му одговорија: ’Ние не сме ни слушнале дека има Дух Свети.’ Тој им рече: ’А како бевте крстени?’ Тие одговорија: ’Со Јовановото крштение.’ Павле рече: ’Јован крштаваше со покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, кој иде по него, односно во Исус Христос.’ Кога го слушнаатоа, тие се крстија во името на Господ Исус.“

Иако е идеално крштавањето да биде едно единствено искуство, има примери кога повторното крштавање не само што е прифатливо, туку е и препорачливо.

А) Кога се прифаќа нова значајна вистина

Кога Павле проповедал во Ефес, пронашол група луѓе што биле крстени од Јован Крстител, но кои никогаш не чуле дека постои Светиот Дух. Павле ги повикал овие луѓе кај себе и ги поучил за прекрасната вистина за работата и силата на Светиот Дух. Таа нова вистина имала толку големо влијание во нивниот живот што решиле повторно да се крстат. Овој пример јасно покажува дека кога ќе сфатиме некоја нова значајна вистина која внесува значајна промена во нашиот христијански живот, тогаш повторното крштавање е сосем соодветно.

Б) Ако го напуштите Христа

Крштавањето е ваша свадба со Христос. Ако потоа го напуштите Христа и го прекинете тој однос, соодветно е повторното воспоставување на тој меѓусебен однос да се запечати и со повторно крштавање. Новиот почеток во вашиот однос со Христа е обележан со обновување на заветот на љубовта и верноста кон Него.

15. Кога апостол Павле бил во искушение да го одложи своето крштавање за подоцнежни времиња, каков совет добил?

Дела 22,16: „И сега, зошто се задржуваш? Стани, крсти се и очисти ги гревовите свои, повикувајќи го името на Господ Исус.“

Една од најуспешните тактики на сатаната е да ги наведе луѓето да се двоумат. Да го одложуваат донесувањето на одлуките. Библијата вели: „Зошто чекаш?“ Немој да го одложуваш крштавањето додека не дојдеш до заклучок дека си „доволно добар“. Немој да чекаш да се почувствуваш чист. Немој да чекаш на одобрувањето на другите луѓе. Библијата вели да станеш и да се крстиш. Немој да одложуваш – денес донеси одлука да го почнеш одново својот живот со крштавање.


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Крштавањето е еден од најважните аспекти на христијанството.
  • Единствено крштавањето со целосно нурнување претставува библиски облик на крштавање и го одразува значењето кое се крие зад симболизмот на крштавањето.
  • Крштавање – тоа е вратата низ која се влегува во Божјата Црква.

Случка:

Драган бил човек на средни години и имал посветено христијанско семејство. Неговата жена се молела за Драган секој ден, но се чинело дека тој никогаш нема да се одлучи. Во мислите на Драган не постоел поттик благодарение на кој тој би можел да стане христијанин. Со години немал никаков одговор на молитвите сè додека еден ден не прифатил да појде заедно со својата жена в црква.

Драган бил доста импресиониран со она што го чул, така што се согласил редовно да ја посетува црквата. Со време, преку дејствувањето на Светиот Дух се осведочил дека треба да му го предаде својот живот на Бога. Се случило еднаш Драган да биде присутен кога проповедникот по својата проповед им упатил повик на верниците. Проповедникот побарал од верниците кои сакале да се крстат, да ја кренат својата рака.

Ништо веќе не можело да го задржи Драган. Одлучил да не ја крене само едната, туку да ги крене и двете раце. Се плашел дека пасторот можеби нема да го види ако ја подигне само едната рака. Бидејќи седел во ќошот на галеријата, не бил сигурен дека пасторот ќе го забележи, иако ги кренал обете раце. И затоа станал – високо кревајќи ги двете раце.
Кратко време по таа одлука, Драган бил крстен и станал истакнат верник на Христовата Црква.

Што мислите за искуството на Драган? Што, по ваше мислење, предизвикало тој да стане толку цврст во своите одлуки?

Неколку лични прашања:
1. Зошто Исус смета дека крштавањето е толку важно?
2. Што треба да направите ако мислите дека сè уште не сте доволно добри за да се крстите? Кога ќе се почувствувате доволно добри?
3. Дали крштавањето значи дека веќе никогаш нема да згрешите? Ако згрешите, дали тоа значи дека треба повторно да бидете крстени?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.