10. Во внатрешноста на изгубениот ковчег
Една од најфасцинантните тајни на сите времиња е исчезнувањето на ковчегот на заветот. Како најскапоцен од сите предмети во еврејскиот Храм, ковчегот бил обложен со чисто злато. На него имало два прекрасни ангела, кои со своите раширени крилја го обликувале престолот со божествената присутност.
Изгледало како ковчегот да има натприродна моќ. Тој бил поврзуван со Божјата присутност, победите во битките, пресушувањето на реките и предизвикувањето катастрофи или помори, само ако некој би погледнал во него.
Конечното место на почивањето на ковчегот на заветот бил Соломоновиот прекрасен храм. А потоа, со дејствување на таинствени околности, ковчегот исчезнал. Каде отишол? Кој го зел? Каде е сега?
Стотици години луѓето го барале изгубениот ковчег. Тајно друштво, кое се нарекувало Витези-храмовници или темплари, било фасцинирано од ковчегот. По десет години ископувања во Ерусалим, Друштвото прогласило дека го пронашло ковчегот и дека го пренело на друго место, веројатно во капелата Рослин во Шкотска.
И други тврделе дека го пронашле ковчегот. Археологот Рон Вајат објавил дека го пронашол ковчегот во пештера под крстот на Голгота во Ерусалим. Вендил Џоунс, тексашки археолог, го барал ковчегот во текот на своето најголемо дело на својот живот. Тој поверувал дека го пронашол во близина на Мртво Море. Етиопјаните во Аксум веруваат дека ковчегот е кај нив. Други веруваат дека ковчегот е пренесен во Ватикан или е погребан со фараоните во Долината на кралевите.
Еврејската историска книга за Макабејците опишува како пророкот Еремија го скрил ковчегот во шуплината на некоја пештера, некаде во близина на планината Небо, на источната страна на Мртвото Море (2. Макабејците 2,1-8). Откритието на прастариот бакрен свиток во близина на Мртвото Море, со низа мапи кои се однесуваат на некоја пештера во „долината Ахор“, исто така во близина на Мртвото Море, како да ги потврдува тие наводи.
Еврејскиот Талмуд вели дека ковчегот е скриен во одаја под Ридот на Храмот во Ерусалим. Некои рабини тврдат дека го виделе ковчегот, но никаков доказ не се појавил на виделина.
Меѓу сите тие нагаѓања, ниедно не е толку одредено за да може да се каже каде се наоѓа ковчегот денес. Што било толку посебно важно во врска со ковчегот? Дали потрагата по изгубениот ковчег е само уште една потрага по богатствата од дамнина, или тука има и нешто повеќе? Што се наоѓало во ковчегот што го правело толку вреден? Зошто содржината на ковчегот изискувал таква заштита? Во оваа лекција ќе ги откриеме важноста и моќта на она што било скриено во внатрешноста на ковчегот на заветот.
1. Што се наоѓало во внатрешноста на Kовчегот на заветот?
5. Мојсеева 10,4.5: „И ги напиша Тој на плочите, како што беше напишано порано; оние десет заповеди, што ви ги кажа Господ на планината среде огнот во денот на собранието, и ми ги предаде Господ. Јас се свртев и слегов од планината и ги положив плочите во ковчегот што го бев направил, за да бидат тие таму, како што ми заповеда Господ.“
Десетте заповеди се толку важни за Бога што ги напишал на камен со својот сопствен прст (2. Мојсеева 31,18). Тогаш му наредил на Мојсеја да ги стави во најсветиот дел од мебелот во Светилиштето, во ковчегот на заветот.
Сите други еврејски закони биле напишани како книга од Мојсеевата рака и биле ставени покрај ковчегот (5. Мојсеева 31,26). Десетте заповеди биле свети и заштитени во ковчегот.
2. Што кажува Новиот завет за Десетте заповеди?
Општоприфатеното погрешно гледиште денес гласи дека Десетте заповеди биле задолжителни само за луѓето што живееле во старозаветните времиња. Многу христијани сметаат дека Десетте заповеди не ги обврзуваат луѓето кои се спасуваат со благодатта и живеат во новозаветно време. Има и такви кои велат дека Божјиот закон е проклетство и дека никогаш не ни требало да се држи или да се зборува за него.
Меѓутоа, Новиот завет истакнува дека Господовиот закон е совршен, дека заповедите се свети, праведни и добри. Незамисливо е дека света личност или света Црква воопшто некогаш би можела да стане против светиот закон. Божјиот закон е траен, „и верни се сите заповеди Негови, утврдени засекогаш, засновани врз верност и правдина“ (Псалм 111,7.8). Сите десет заповеди посебно се нагласени во целиот Нов завет. Тоа го правеле и Исус и Неговите апостоли.
3. Што претставуваат Десетте заповеди?
Десетте заповеди се запишани во 2. Мојсеева 20,3-17. Нивниот скратен текст гласи:
1. Немој да имаш други богови освен Мене.
2. Не прави за себе идол ниту некаква слика…; немој да им се поклонуваш ниту да им служиш.
3. Не изговарај го напразно името на Господ, твојот Бог.
4. Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог.
5. Почитувај ги твојот татко и мајка за да ти биде добро и долго да поживееш на земјата.
6. Не убивај.
7. Не врши прељуба.
8. Не кради.
9. Не сведочи лажно против својот ближен.
10. Не пожелувај ништо што му припаѓа на ближниот твој.
Овие Десет заповеди не се само препораки или предлози. Тоа се задолжителни начела на љубовта, кои ја образуваат рамката за среќен и свет живот (Мудри изреки 29,18).
Божјиот закон е траен, тој ќе oпстојува засекогаш.
4. Може ли човек да се спаси со држење на заповедите?
Ние никогаш не би можеле да се спасиме со држење на Десетте заповеди. Ние се спасуваме во целост со Божјата благодат што ја прифаќаме со вера. Држењето на заповедите е нашиот одговор на љубовта спрема Бога не за да се спасиме, туку затоа што сме спасени. Кога ќе го прифатиме овој дар на спасение, Светиот Дух го менува нашиот живот (2. Коринќаните 5,17). Ние започнуваме блиско пријателство со Христа и растеме во љубовта спрема сè што е праведно, мразејќи го сè повеќе сето она што е погрешно. Послушноста кон Бога едноставно е последица на однос проникнат со љубов кон Христа.
Во текот на целата историја начинот на спасението никогаш не се менувал. Дури и во старозаветно време луѓето се спасувале со благодатта (1. Мојсеева 6,8). Никој никогаш не се спасил со своите дела.
5. Тогаш каква е улогата на Божјиот закон?
Целта на законот не е да нè спаси. Тој треба да ни каже што е гревот и во што грешиме. Гревот е „беззаконие“ (1. Јованово 3,4). Законот ни покажува што е право а што погрешно, и така ни открива кога и како сме згрешиле против Бога. Токму затоа ѓаволот го мрази законот и затоа го напаѓа. Без законот ние никогаш не би гледале во Исуса како во свој Спасител од гревот. Всушност, без законот не би ни имало грев. А без грев не би ни имало потреба од Спасител.
Да го илустрираме тоа: законот е како огледало. Кога момче, кое паднало во кал, би го погледнало своето лице во огледало, би ја видело калта на своето лице. Меѓутоа, огледалото не може да го измие неговото лице. Само вода и сапун можат да го сторат тоа. Огледалото многу јасно му укажува на потребата за миење. Кога гледаме во Божјиот закон, многу јасно ќе го видиме својот грев. Но, законот не може да нè исчисти од гревот. Ние мораме да се приближиме до Исуса, единствениот кој може да нè исчисти, единствениот кој може да ни прости.
6. Дали Исус ги поддржувал и ги држел Десетте заповеди?
Матеј 19,17: „…А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги Заповедите.“
Матеј 5,17-19: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè! И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во царството небесно.“
Исус е многу јасен. Тој не дошол да го укине законот. Тој рекол: „Немојте да мислите“, не помислувајте дека сум дошол да го укинам законот, ниту тоа да му го говорам кому било!” Или, што би било уште многу потешко, не прогласувајте го тоа библиска наука! Секој проповедник кој вели дека законот е укинат или дека веќе не е важен, се противи непосредно на Исусовите зборови!
7. Дали „Новите заповеди“ ги заменуваат Десетте заповеди?
Матеј 22,37-40: „Исус му одговори: ’Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум, тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците‘.“
Кога говорел за двете заповеди на љубовта, тие воопшто не биле нови. Всушност, Тој ги цитирал од Стариот завет (5. Мојсеева 6,4.5; 3. Мојсеева 19,18). Тие биле нови за фарисеите зашто тие се труделе да ги држат заповедите од религиска должност наместо од љубов. Како последица, фарисеите изгледале добро однадвор, но биле расипани однатре (Матеј 23,25).
Исус добро знаел како да стигне до сржта на некој проблем. Сржта на Десетте заповеди е љубовта. Првите четири заповеди се занимаваат со нашата љубов спрема Бога. Другите шест заповеди се темелат на љубовта спрема ближните. Токму затоа Исус нагласил дека законот „виси“ на овие две заповеди за љубовта. Да илустрираме – вратите „висат“ на две шарки. Ако немате шарки на вистинското место, вратите нема многу да ви користат. Шарките не ги заменуваат вратите, ама определуваат дали вратите правилно работат.
Исус никогаш не говорел дека Десетте заповеди се заменети со љубовта. Едноставно, Тој изјавил дека секој обид да се држат заповедите без љубов означува дека е промашена суштината на законот, дека заповедите воопшто и не се одржани. Всушност, ако ги сакаме Бога и своите ближни, тогаш сосем природно ќе ги држиме и сите Десет заповеди.
8. Дали благодатта значи дека веќе нема потреба да се држат заповедите?
Во времето на апостол Павле некои луѓе застапувале мислење дека благодатта и верата ја отстрануваат потребата за држењето на законот. Павле застанал против тоа мислење на најрешителниот можен начин. Тој вели: „Тоа никако!“ Потоа додава дека верата само го потврдува законот. Сите кои го отфрлаат Декалогот и живеат грешен живот – не се под благодатта, туку под проклетство. Божјата благодат не само што проштава, туку дава и сила за послушност.
Да се биде „под законот“ значи да се биде под проклетството на законот. Да илустрираме: нас не нè гони законот за ограничување на брзината сè додека не го прекршиме. Дури тогаш сме криви пред него. Тогаш доаѓаме „под законот“ и мораме да ја платиме казната. Ако добиеме „помилување“ од полицаецот и ако нè пушти, ние веќе не сме „под законот“. Последното нешто што би ни паднало напамет тогаш би било повторно да итаме со недозволена брзина. Законот во тој случај би бил повторно на своето место и ние повторно би паднале под негов удар како и првиот пат.
Сржта на Десетте заповеди е љубовта… ако ги сакаме Бога и своите ближни, тогаш сосем природно ќе ги држиме и сите Десет заповеди.
9. Дали држењето на поголемиот дел од заповедите би било прифатливо пред Бога?
Повеќето припадници на нашето општество се среќни ако успеат да држат поголем дел од Декалогот, зашто тогаш тие се вклопуваат во општествените морални правила. Поголемиот број луѓе не одобруваат кражба или убиство, па дури и прељуба. И почитувањето на таткото и мајката им се чини прифатливо. Меѓутоа, има некои заповеди што Бог ги пропишал и бара да ги почитуваме од чиста љубов и верност кон Него.
Библијата вели дека сите Десет заповеди се важни и дека, ако прекршиме само една од нив, ќе бидеме криви за сите. Да илустрираме – ако висите над амбис држејќи се за голем синџир, доволно е да попушти само една алка од синџирот за да паднете. Ако донесеме одлука да кршиме една од Десетте заповеди, ние сме одлучиле да грешиме против Бога.
10. Од кои побуди би требало да ги држиме Десетте заповеди?
Секој оној што го сака Исуса, сосем природно, ќе сака да ги држи заповедите. Оваа тема не е ништо ново. Во самото срце на Десетте заповеди стои напишано: „Кој покажува милост на илјадници поколенија, што Ме сакаат и ги чуваат Моите заповеди“ (2. Мојсеева 20,6). Исус знаел дека послушноста од љубов всушност е служење на Бога, богослужение. Послушноста која не произлегува од љубовта претставува робување. Важно е сета наша послушност да доаѓа како одговор на нашата љубов кон Исуса.
Библијата вели дека сите Десет заповеди се важни и дека ако прекршиме само една од нив, ќе бидеме исто толку криви како да сме ги прекршиле сите.
11. Треба ли да го држиме „духот на законот“ или „словото на законот“?
Матеј 5,21.22: „Сте слушале дека им било речено на старите: ,Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот. Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот’.“
Матеј 5,27.28: „Сте слушале дека на старите им било речено: ,Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.“
„Духот на законот“ е послушност од срце. „Словото на законот“ се однесува само на формалната послушност. Исус ни пружил голем пример на „духот на законот“. Тој им рекол на своите слушатели дека кршењето на шестата заповед „Не убивај“ е лутината. Исус знаел дека без гнев во срцето никому нема да му падне на ум некого да убие. Слично на тоа, доколку не негувате блудна желба во своето срце, нема ни да извршите прељуба. Далеку од тоа дека ги отфрлува Десетте заповеди, „духот на законот“ обезбедува многу подлабока и позначајна послушност – послушност од срце.
Библијата вели дека сите Десет заповеди се важни и дека ако прекршиме само една од нив, ќе бидеме исто толку криви како да сме ги прекршиле сите.
12. Дали послушноста е „легализам“ или обид на спасување со „дела“?
Легализмот е обид да ги држиме Десетте заповеди за да се спасиме со свои сопствени напори. Од друга страна, правата послушност е природна последица на познавањето на Бога и љубовта спрема Него. Тоа е барање натприродна сила од Бога за победа и потпирање на Божјите ветувања. „Сè можам преку Исус Христос, кој ме крепи” (Филипјаните 4,13).
Исус рекол дека ќе има многу христијани кои ќе мислат дека ќе стигнат на Небото, иако во тоа нема да успеат. Зошто? Затоа што ја сметаат послушноста како неважна, како „легализам“. Тие всушност прават „беззаконие“ (Матеј 7,21-23).
13. Дали и кој Закон е укинат на крстот?
Ефесјаните 2,15.16: „И во своето тело го уништи непријателството и законот со неговите заповеди и одредби, и создавајќи мир, од двата да создаде во Себе еден нов човек, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уби врз него непријателството“ (Превод на Константинов).
Постоеле некои закони кои го нашле своето исполнување во Христовата смрт на крстот. Тоа биле законите за жртвите, церемониите и празниците, за кои често се говори како за „законот Мојсеев“. Тие одредби се однесувале на симболичките ритуали кои главно укажувале на Исуса и на Неговата смрт на Голгота.
Се водела значајна дебата за некои од тие прашања и во првата христијанска Црква. Едно прашање за кое се разговарало било прашањето за обрежувањето, обред што го почитувале Евреите стотици години. Апостол Павле многу јасно нагласил дека постои голема разлика меѓу обредите и Десетте заповеди. Тој за тоа напишал: „Обрезанието е ништо и необрезанието е ништо; а чувањето на Божјите закони е сè“ (1. Коринќаните 7,19). Обредите и церемониите биле пропишани за Евреите. Десетте заповеди се наменети за сите луѓе.
14. Има ли Законот некоја важна улога и во Новиот завет?
Евреите 8,10: „Но овој е заветот што ќе му го дадам на домот Израелов во оние дни, вели Господ: ќе ги врежам законите свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат мој народ.“
Божјиот закон има важна улога во Новиот завет. Стариот завет доживеал неуспех зашто бил заснован на слабите ветувања на Евреите кои се обидувале да го држат Божјиот закон со своја сила (Евреите 8,6-8). Новиот завет се темели на силата на Божјите ветувања дека ќе го земе својот закон и ќе го стави во нивното срце и во нивниот ум. Кога Бог ќе го стори тоа, тогаш го слушаме со Неговата сила и од срце полно со љубов. Десетте заповеди тогаш стануваат десет моќни ветувања. „Немој!“ – веќе не е ограничување, туку оспособување да живееме со победоносен духовен живот. Ова искуство на Новиот завет било достапно и во старозаветните времиња, исто онака како што е достапно денес (Езекиел 36,26.27).
Новиот завет се темели на силата на Божјите ветувања дека ќе го земе својот закон и ќе го стави во нивното срце и во нивниот ум.
15. Дали Божјите заповеди претставуваат товар за христијаните?
Вистинскиот христијанин го сака Божјиот закон. Впрочем, послушноста донесува среќа (Мудри изреки 29,18), а законот го одразува Божјиот карактер. Заповедите се товар единствено за оние кои се или неподготвени да ги држат или за оние кои се обидуваат да ги држат без присутноста на Исуса Христа и Неговата сила. Невозможно е да живееме успешен христијански живот без љубовта спрема Христа и без држењето на Неговите заповеди.
16. Дали Заповедите ќе имаат некаква улога на Божјиот суд?
Најмудриот човек кој воопшто некогаш живеел, царот Соломон, концизно го опишал животот и што претставува тој со зборовите што се запишани во книгата на Проповедникот. Каков е неговиот заклучок? Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди. Ништо не е поважно од тоа.
Иако не се спасуваме со законот, послушноста е израз на нашата љубов кон Христа и нашето прифаќање на Неговиот бесплатен дар. Последната глава на Библијата тврди дека оние кои ќе ги држат заповедите ќе бидат наречени „блажени“ и ќе бидат земени на Небото (Откровение 22,14).
Токму Божјиот закон ќе биде употребен како мерило на судот.
17. Како Божјата црква на последното време ќе се однесува спрема Божјите заповеди?
Божјата Црква на последните денови ќе воспостави прекрасна хармонија меѓу послушноста спрема Бога и верата во Исуса. Во целата Библија, Исус и заповедите секогаш претставувале темел на Црквата. Оние кои се подготвени и го чекаат Исуса да дојде, ќе бидат оние кои Го сакаат Исуса над сè и ја покажуваат својата љубов држејќи ги сите Негови заповеди.
Оние кои се подготвени и го чекаат Исуса да дојде, ќе бидат оние кои го сакаат Исус над сè и ја покажуваат својата љубов држејќи ги сите Негови заповеди.
Три факти што треба да ги запомниме:
- Десетте заповеди укажуваат на гревот и ни говорат дека ни е потребен Спасител.
- Исус верувал во Десетте заповеди, ги држел и ги проповедал.
- Божјата Црква на последните денови ќе биде Црква која ги држи Божјите заповеди.
Случка:
Една посветена мајка имала тешкотии со своето бебе кое плачело. Некој минувач ѝ довикнал: „Најдобар начин да го стивнете бебето е да го фрлите во провалија!“ Секако, мајката била вџашена и згрозена. И покрај своите проблеми не ни помислувала да го послуша неговиот совет. Зошто? Дали затоа што постои закон во земјата кој го забранува убивањето на немоќни мали суштества? Секој што ќе се осмели тоа да го стори, ќе биде затворен во затвор. Секако дека не станува збор за тоа. Или, затоа што постои небесен закон кој вели: „Не убивај, ако убиеш, ќе бидеш крив на судот!“ Не, дури ни поради тоа. Дури ни тоа не можело да влијае на мајчината одлука. Каде е запишан законот кој ги штити малите деца? Тој е запишан во мајчиното срце полно со љубов.
Што би можеле да научиме од оваа случка што ќе ни помогне подобро да ја разбереме вистинската послушност?
1. Во што е тајната на послушноста? Како би можеле да бидеме послушни на заповедите онака како што бил Исус?
2. Како да се осигуриш дека твоето држење на заповедите не станува „легализам“?
3. Дали твојата совест е доволно добра да ти каже што е добро а што зло?
4. Што да правиш кога ќе се обесхрабриш затоа што си го прекршил Божјиот закон?