8. Радикална еднаквост
Библиска заднина:
Дела на апостолите 15,1 – 16,40.
Кога Павле, во Исусово име, ги основал заедниците кои ќе го променат светот, тој спрема жените и робовите се однесувал како спрема рамноправни, во свет во кој тоа било речиси сосема незамисливо. Иако никогаш не се залагал за револуција, неговите зборови ја доведувале во прашање оправданоста на каков било вид угнетување. Од тогаш, неговите зборови се користени во борбата за ослободување на жените и робовите и за спречување на нивното понатамошно угнетување. Што, всушност, сакал тој да каже?
Две необични Павлови изјави бараат соодветно објаснување:
„Жената нека прима поука во мир и потполна потчинетост. На жената не и допуштам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна“ (1. Тимотеј 2,11.12).
„Зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Како што е по сите цркви меѓу светиите, жените ваши по црквите да молчат: ним не им е допуштено да зборуваат, туку да се потчинуваат, како што вели и Законот“ (1. Коринќаните 14,33.34).
Овие изјави можеме да ги сметаме за необични затоа што тие навидум се во спротивност со сето она за што обично се залагале Исус и Павле.
Доаѓањето на Светиот Дух
На денот Педесетница, кога е родена црквата, Петар објаснил дека тоа претставува остварување на пророштвото од Книгата на пророкот Јоил (Види Јоил 3,1-5):
„И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух“ (Joил 2,28.29).
Тоа биле соодветни зборови да се опише она што се случило кога 120 луѓе се собрале на молитва, и кога Светиот Дух се спуштил над нив. Меѓу нив се наоѓале голем број жени (Дела на апостолите 1,14) Кога почнале мажите да пророкуваат, почнале и жените, токму како што претскажал и Јоил.
И жените биле ученици
Многу жени го следеле Христа како негови ученици (Марко 15,40-41; Матеј 27,55-56; Лука 23,27.49.55). Во една пригода, жена по име Марија седнала крај неговите нозе и го слушала неговото учење, но била укорена од својата сестра Марта. Да се седи „крај нозете“ на еврејски рабин е фраза која значи да се преземе улогата на ученик. Кога Лука, верниот сопатник на Павле од подоцнежниот период на неговиот живот, го опишува тој настан, тој вели како Исус ја пофалил Марија за тој храбар чин (Лука 10,38-42).
Исус не бил како другите учители. И на мажите и на жените им било дозволено да го следат и тој спрема сите нив се однесувал со иста почит. Тој дури им дозволувал на жените да се грижат за него (Лука 8,1-3). Тој се однесувал особено внимателно и со достоинство спрема жените кои биле злоупотребувани и угнетувани (Лука 8,43-48; Јован 8,1-11). Жената Самарјанка кај бунарот го донела целиот град кај Исуса (Јован 4,1-26). Постоела и група жени ученички на кои им било дозволено да станат првите сведоци на неговото воскресение (Лука 24,1-12). Двајца патници, од кои едниот се викал Клеопа, доживеале Исус по воскресението да ги поучува од Библијата на патот за Емаус, и во тоа пригода му кажале:
„А и некои жени од нашите нè запрепастија; тие биле рано на гробот, и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале дека е Тој жив“ (Лука 24,22.23).
Жените како сведоци
Многумина сметаат дека самиот факт што жените биле првите сведоци на воскресението е толку неочекуван и необичен, што докажува дека целата таа сторија не била измислена подоцна. На жените, во тоа време, не се гледало како на сигурни сведоци. Нивното сведочење не можело да се употреби на суд. Некои мажи дури сметале дека жените се неспособни за лојалност и пријателство. Да била измислена приказната, никој при здрава памет не би ги спомнувал жените како сведоци. Со оглед на сфаќањата што постоеле за жените во тоа време, ова значително би ја намалило веродостојноста на сторијата. Но токму тоа ни го кажуваат четирите евангелија.
Исус се издигнал над сите такви сфаќања. Кога станува збор за меѓусебниот однос на мажот и жената, тој се навраќал на идеалот воспоставен за време на создавањето, пред проклетството да доведе до правење разлика (1. Мојсеева 1,26-28; 2,21-25; Матеј 19,1-9). Исус секогаш им укажувал исто почитување на жените како и на мажите.
Во Лука 13,10-17 тој свесно и плански влегува во судир со Евреите. Ги обвинил дека спрема жените се однесуваат полошо отколку спрема животните. Тој, со својот моќен збор, ја исцелил болната жена и физички, а и духовно кога ја нарекол „Аврамова ќерка“!
Павле на дело
Павле продолжил во ист дух. Тој разбрал дека Аврамовиот благослов во Христа и Светиот Дух се однесува на жените исто како и на мажите:
„Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус. А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3,28.29).
Во 1. Коринќаните 7,3-5, кога зборува за воздржување од сексуални активности, тој изнесува заклучок на начин кој подеднакво се однесува и на жените и на мажите. Тоа се однесува и на стиховите 10-16, во кои се занимава со прашањето за разводот. Нема ни најмал знак за правење разлика. Во стиховите 25-35, каде што се зборува за оние кои не се во брак, задржана е истата внимателна јазична рамнотежа. Во денешниот западен свет, ние не можеме на вистински начин да оцениме колку Павле овде се однесува револуционерно, кога одбива да употреби речник со кој мажите се ставаат над жените, дури и во домот.
Истите бирани зборови ги наоѓаме и во Ефесјаните 5,21–6,9. Римското општество било организирано строго хиерархиски и постоеле закони кои управувале со семејниот живот (правата и должностите на жените, децата и робовите). Павле на исклучителен начин ја подрива оваа хиерархија, давајќи ист број упатства и исти задачи на сите страни. Мажите и жените, робовите и робовладетелите, татковците и синовите, сите примиле исто внимание и исти одговорности. Тоа било нечуено. Меѓутоа, зборовите ја обликуваат стварноста. На крајот, Павле ги потсетува дека Бог, кому му служат, не е пристрасен (Ефесјаните 6,9). Дискриминацијата е нешто што ќе го снема кога на Бога ќе му биде дозволено да владее.
Црквата во Коринт
Меѓу библиските научници постои несогласување околу тоа зошто Павле од жените бара да ги покриваат своите глави кога пророкуваат (1. Коринќаните 11,1-16). Има неколку различни теории за новообратените проститутки кои имале кратка коса или сопругите кои не сакале повеќе да живеат со своите мажи и го отфрлиле велот што обично го носеле омажените жени. Без оглед на причината, појдовната претпоставка за тврдењата на Павле овде е дека мажите и жените се рамноправни кога станува збор за пророкувањето (4-5 стих).
Жените, значи, се наоѓале меѓу говорниците во 1. Коринќаните 14 кога Павле ги давал своите упатства за тоа како треба да се организира службата во црквата. Тој, меѓу другото, вели:
„Па што, браќа? Кога ќе се собирате, и секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сè нека биде за надградување. Пророците, пак, да зборуваат двајца или тројца, а другите да расудуваат“ (1. Коринќаните 14,26.29).
Лука вели дека евангелистот Филип имал четири ќерки со дарот на пророштво. Би било бесмислено некој да има таков дар доколку не е во можност да „им зборува на луѓето за надградување, охрабрување и утешување“ (1. Коринќаните 14,3), секојпат кога ќе се собере црквата.
Посланието до Римјаните е пратено од Коринт за Рим преку Фива, ѓакон на црквата во Кенхреја, едно од пристаништата на Коринт (Римјаните 16,1). Да се носи послание во тоа време подразбирало нешто повеќе од обично испорачување пошта. Тоа барало гласникот да биде присутен кога посланието се диктира, да биде во состојба да го претстави на примачите и да одговара на прашањата. Импликациите се просто неверојатни. Најважното послание на Павле, кое теолозите со векови го проучуваат, било доверено на една служителка која е пратена во Рим да го објасни на тамошната црква. Неколку стихови подоцна, Павле ги поздравува и Прискила, која ја нарекува своја соработничка (Римјаните 16,3), Марија „која многу се трудела“ околу нив (стих 6), Јунија, која ја вбројува меѓу учениците (стих 7) и многу други жени (стихови 12, 13, 15). Од дваесет и седумте пријатели кои ги поздравува Павле, десет се жени. Од оние кои ги фали, пет се жени, а шестмина се мажи.
Во Делата на апостолите се зборува за тоа како Прискила помогнала во поучувањето на Аполос, кој бил маж (Дела 18,24-27). Впечатливо е и тоа дека и Лука и Павле секогаш ги споменуваат заедно Прискила и Акила рамноправни партнери, и Прискила секогаш се споменува прва.
Павле ги сметал жените и мажите рамноправни и дома и во црква. Исто како Исус, тој ги подучувал и жените и мажите (на пример: Дела 16,13). Исто како Исус, тој имал и женски и машки соработници. И исто како ни на Исус, не му пречело жените да се грижат за него (Дела 16,14).
Необични текстови
Во светлината на сево ова, необично е што Павле во 1. Коринќаните 14,34-36 им забранува на жените да говорат в црква:
„Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е допуштено да зборуваат, туку да се потчинуваат, како што вели и Законот. Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува. Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна?“ (1. Коринќаните 14,34-36)
Ова е толку необично што некои дури сметаат дека Павле никако не можел да го напише, туку дека тоа е додаток на Писмото, вметнат многу подоцна по неговата смрт. Меѓутоа, не можеме да го користиме тој аргумент секогаш кога ќе наидеме на нешто што не ни се допаѓа. Постојат барем три критериуми кои мораат да се исполнат за да се прифати тоа, а во овој случај има многумина кои сметаат дека сите три критериуми се исполнети:
Прво, има очигледни контрадикции во овие стихови во споредба со јасните тврдења на Павле со другите делови на посланието.
Второ, текстот навистина звучи подобро ако го изоставиме тој дел:
„И пророчките духови им се покоруваат на пророците; зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот… Ако некој мисли дека е пророк или надарен со дух, нека знае дека ова што ви го пишувам е заповед Господова. А кој не разбира, нека не разбира“ (1. Коринќаните 14,32.33a.37.38).
Трето, постојат стари библиски ракописи кои овие стихови ги ставаат по 40. стих (и во сите ракописи тие стојат одделно).
Секој може да извлече свои сопствени заклучоци за оваа теорија, но факт е дека таа навистина илустрира колку е силен ставот на библиските научници во врска со речиси неприфаливата контрадикција меѓу овој текст и остатокот од она што го знаеме за Исуса и за Павле. Второ, многу поедноставно решение е дека жените во Коринт буквално седеле и си прикажувале во црквата и разговарале меѓу себе на начин кој го попречувал поучувањето кое било во тек. Можеби тоа било она што се обидувал да го каже Павле.
Во поглед на текстот во 1. Тимотеј 2 глава, повторно има многумина кои сметаат дека контрастот меѓу тој текст и она за што инаку се залагал Павле, значи дека тоа послание го напишале неговите ученици многу по неговата смрт.
За среќа, има и други можности:
„Жената нека прима поука во мир и потполна потчинетост. На жената не ѝ допуштам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна. Бидејќи најпрвин беше создаден Адам, а потоа Ева; и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап“ (1.Tимотеј 2,11-14).
Некои библиски научници сметаат дека она за што станува збор овде претставува посебна ситуација, со силно влијание на незнабоштвото: учење дека жените се посупериорни од мажите и дека тие, всушност, се создадени први. Освен тоа, постои мислење дека една јака пророчица се обидувала да ја наметне својата моќ во црквата промовирајќи го тоа учење. Во светлината на тоа, Павле мислел да каже: „Ѝ заповедам на таа жена да се потчини на водачите на црквата. Не ѝ дозволувам на таа жена да учи како жената има власт над мажот или дека жената е создадена прва, зашто тоа не е библиско учење.“ Во прилог на оваа теорија оди фактот дека зборот „мирна“, во изразот „нека биде мирна“, речиси исклучиво се употребувала во смисла „да престане со кавга“ или „да се воздржи од кавгаџискиот говор кој предизвикува раздор“ (поврзете со текстовите: Лука 14,4; Дела 11,18).
„Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија“, т.е. престанале да се препираат; Дела 21,14 – буквален превод: „А бидејќи не можевме да го убедиме да молчи, рековме: ‚Нека биде волјата Господова‘“; 1. Солуњаните 4,11 и 1. Тимотеј 2,2: „ да проживееме тих и мирен живот“, со други зборови – да не предизвикува раздор). Значи, зборовите на текстот би можеле да сугерираат дека проблемот бил во тоа што имало жени кои предизвикувале неслога.
Заклучок
Колку и да ни се неразбирливи овие изјави на Павле и колку незадоволителни можат да бидат објаснувањата, постојат две работи кои не смееме да ги дозволиме. (1) Не смееме да дозволиме овие стихови да говорат спротивно од делата на Павле и јасните учења во оваа област, (2) ниту смееме да им дозволиме да ја урнат големата визија на Новиот завет за обновеното човештво во кое никој нема да биде дискриминиран врз основа на својот пол или раса.
„Зашто, сите сте Божји синови преку верата во Христа Исуса, зашто сите, кои се крстивте во Христа, се облековте со Христа. Нема веќе ни Јудеец ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христа Исуса. А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето“ (Галатјаните 3,26-29).
Нема сомнеж во тоа на што мисли Новиот завет.Прашањето кое мораме да го поставиме е дали сме подготвени да го вкусиме Божјото царство и да живееме во него уште сега!
Студија на случајот: Павле и Филимон
Сторијата за Онисим и Филимон
Додека Павле седел во затворот, го посетил избеганиот роб по име Онисим. Зошто избеган роб би го посетил Павле во римскиот затвор? Тоа звучи како последно место на кое Онисим би можел да избега. А што е со Павле? Зар тоа не би му ја отежнало уште повеќе неговата положба?
Римскиот закон предвидувал дека робовите, кои биле посебно сурово казнувани и на кои поради тоа дури им се заканувала смрт, можат да избегаат во одредени храмови или кај пријатели на нивните сопственици од кои можеле да побараат да се заземат за нив.
Римскиот писател Сенека Помладиот, современик на Павле, наведува еден таков пример. Цезар Август бил на вечера кај Ведиус Полио во неговиот дворец покрај пристаништето во Неапол. Еден од слугите случајно скршил кристална чинија и Ведиус наредил слугата да биде убиен на крајно суров и страшен начин. Требало да го фрлат во базен со змијулки – риболики суштества кои потсетуваат на јагули – кои се хранат со крв (побарајте „змијулки“ на порталот „Гугл“ ако сакате да погледнете слики од кои ќе имате кошмари). Момчето се ослободило, потрчало и паднало пред нозете на Цезар Август молејќи го за дозвола да умре на поинаков начин, наместо да биде жив изеден. Август бил толку вџашен од бруталноста на Ведиус што наредил робот да се ослободи, сите кристални чинии на Ведиус да се скршат, а базенот со змијулките да се затрупа.
Не знаеме што сторил Онисим, ниту со што неговиот сопственик, Филимон, му се заканил, но тоа нешто било доволно сериозно за Онисим да избега кај пријател на неговиот сопственик. Во затворот Онисим станал христијанин. Павле го пратил назад кај неговиот сопственик со реторички вешто напишано писмо, кое, во принцип, не му оставало на Филимон друга можност освен да го ослободи Онисим.
Посланието е упатено до Филимон од страна на Павле и Тимотеј, но тоа не било од лична природа и прочитано е пред целото домаќинство. Павле започнува со пофалби за Филимон поради неговата љубов и верност спрема Исуса, а тогаш, додека тој уште ужива во таа слика за себеси, му вели дека негова должност е да го ослободи Онисим. Павле не сакал да му нареди тоа да го стори, иако и тоа можел да го направи. Тој сакал тоа да биде резултат на личното убедување на Филимон дека тоа е правилно. Посланието истовремено го слави обратувањето на Онисим, неговата служба кај Павле и тоа што Онисим и Филимон од сега ќе бидат браќа засекогаш. Тоа завршува со уверувањето на Павле во „послушноста на Филимон“.
Фактот дека посланието е зачувано покажува дека Филимон му простил на Онисим и можеби дури и го ослободил. За многумина ова послание претставува и сведоштво за Павловите радикални погледи на еднаквост „во Христа“ и на тоа дека, во очите на Павле, христијанските робовладетели не можеле и понатаму да ги држат своите браќа како робови.
Павле за еднаквоста и ропството
Посланието до Филимон претставува пример и се залага за еднаквост во секој поглед. Павле го споменува „братот“ Тимотеј, потоа Филимона го нарекува „возљубен пријател и соработник“, а неговата жена „возљубена сестра“. Тој го поздравува и Архипа и го нарекува „нашиот соборец“. Тука нема никаков знак на хиерархија. Павле, исто така, вели дека на Филимон му е должност да го ослободи Онисима (роб, но сега брат во верата), било поради молбата на Павле или по сопствена совест. Дури при крајот на посланието Павле навестува дека тој е над Филимон, зашто тој му го должи својот (вечен) живот.
Можеме само да го замислиме ефектот на тоа послание. Дали сите робови на Филимон ќе се обратат и ќе избегаат кај Павле? Дали сите христијански робови во Колос ќе бараат да бидат ослободени како Онисим? Дали тоа била причината што посланијата на Колошаните и Ефесјаните, кои настанале на истото патување, очигледно го толерираат ропството?
На Филимон и црквата која се состанува во неговиот дом:
„Зашто, можеби тој поради тоа се одвои од тебе за малку време, за да го примиш засекогаш, не веќе како роб, а повеќе од роб, како возљубен брат, а особено за мене, и уште повеќе за тебе – и по тело, и во Господ“ (Филимон 1,15.16. стих).
И до сите домашни цркви во Колоса:
„Вие, слуги, во сè бидете им послушни на своите земни господари по тело, слугувајте им не само пред очи како оние што сакаат да се умилкуваат на луѓето, туку во простота на срцето, со страхопочит кон Бога! И сè што правите, правете го од душата, како за Господ, а не за луѓе, знаејќи дека како награда ќе добиете од Господ наследство, бидејќи на Господ Христос Му служите. А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да има пристрасност! Вие, господари, бидете справедливи спрема слугите свои и давајте им го она што е правично, зашто знаете дека и вие имате Господар на небесата!“ (Koлошаните 3,22-4,1)
И Посланието до Ефесјаните исто така кажува:
Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.