4. Распнатиот Месија

4. Распнатиот Месија

Библиска заднина:
Дела на апостолите 13,13-14, 28; Галатјаните 1-6 глава

Павле имал визија за еден обединет и исцелен свет. Во центарот на неговата сторија е крстот, а на крстот виси – и умира – Месија, надежта на светот! Никој не би помислил дека такво нешто е логично. Не треба ли херојот на приказната да победи? Сепак, се чинело, како Тој да изгубил. Меѓутоа, Павле има објаснување, кое прави пресврт на сето она што го знаеме.

Приказната продолжува…

Првото мисионерско патување на Павле го водело преку Кипар до провинцијата Галатија, каде што запрел во Антиохија Писидиска. Во сабота, според својот обичај, отишол во синагога. По читањето на Светото писмо, поглаварот на синагогата прашал дали некој од посетителите носи некои поздрави, па Павле подготвено ја искористил можноста.

На самиот почеток тој ги ословува двете групи во црквата, обраќајќи им се со зборовите: „Луѓе Израелци“ и „кои се боите од Бога“. Оваа втора група ја сочинувале незнабошците кои биле привлечени кон еврејскиот Бог, но, според еврејските сфаќања, никогаш не можеле во целост да станат дел од Божјиот народ. Такви групи имало во сите поголеми синагоги во Римското царство и токму меѓу нив Павле имал најголем успех. Многумина од нив биле влијателни луѓе кои финансиски ја потпомагале синагогата, така што е разбирливо зошто Евреите речиси секогаш биле бесни кога ќе дојдел Павле и ќе ги „украдел“.

Павле накусо ја изнел големата приказна за моќниот еврејски Бог, кој без никакви проблеми ги совладал Египќаните како и седумте ханански народи како би го воспоставил своето царство, а сега конечно го пратил и ветениот цар на кој укажувал Давидовиот живот и целото Свето писмо. Дури и некои Римјани го разбрале тоа. Меѓутоа, тој цар го убил неговиот сопствен народ со помош на Римјаните, токму како што претскажало Писмото. Продолжението на оваа приказна исто така е претскажано: тој станал од мртвите и сега проштавањето на гревовите им стои на располагање и на Евреите и на другите народи. Праведноста, која не биле во состојба да ја постигнат живеејќи според законот (или во случајот со незнабошците, без законот), сега можело да се стекне со посредство на нивниот нов цар.

По проповедањето на Павле имало многумина, и меѓу Евреите и меѓу незнабошците, кои го прифатиле повикот да станат припадници на новото семејство на оние кои го прифатиле Исуса Христа како свој Господ.

Следната сабота речиси целиот град дошол да слуша. Било возбудливо што некој се осмелил отворено да зборува за новиот моќен владетел на светот. Тоа било навреда за императорот, а можела да биде изречена смртна казна и поради многу помали навреди. Освен тоа, тоа било и нова порака – дека и незнабошците можат да бидат примени во семејството на возвишениот Бог.

На Евреите тоа не им се допаднало и пред насобраните граѓани почнале да се подбиваат на пораката за распнатиот Месија. Забележете како Павле ги користи сликите од Книгата на пророк Исаија додека го опишува големиот сон за спасението на светот. Тој вели:

„Малку е тоа што Ти ќе Ми бидеш слуга, за да се подигне племето Јаковово и да се поврати остатокот Израелов, туку Јас ќе Те направам светило за народите, за да се рашири спасението од Господ до краиштата на земјата“ (Исаија 49,6).

Дошло до бурна реакција:

„Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и градските првенци, поттикнаа гонење против Павле и Варнава, и ги истераа од својот крај“ (Дела 13,50).

Павле и Варнава отишле во Иконија, во Листра (да се погледне епизодата со Зевс и Хермес од претходната лекција) и Дерва пред да се вратат по истиот пат и одново да ги посетат црквите во местата во кои за малку не ги убиле. Потоа, во Перга пронашле брод кој пловел кон Антиохија во Сирија.

Сите тие цркви се наоѓале во провинцијата Галатија и, како што читавме, секаде наидувале на страшно противење од Евреите. Подоцна Павле ги прокоментирал своите тешкотии:

„На моите прогони и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во Иконија, и во Листра, какви прогони претрпев; и од сè Господ ме избави“ (2. Тимотеј 3,11).

 
Доследно грчкиот превод на нејзиното име, синагогата во времето на Исус првенствено била место за собирање. Неколку синагоги од првиот век, што археолозите ги ископале до сега се многу едноставни, речиси и да нема елементи кои подоцна ќе ги карактеризираат, како што се мозаици и натписи. Сепак, синагогите биле најчесто најголеми згради во селото. Со високо украсени ѕидови и триаголен покрив покриен со цреп, синагогата се издвојувала од куќите со рамни покриви што ја окружувале. Иако не било невообичаено човек да се моли во синагога (Матеј 6,5), главните верски активности кои се одвивале во неа биле читањето на Тората во Шабат и за време на празниците, од нејзин превод на арамејски и грчки, и читање на пророчките книги, како опишувал Лука (Лука 4,16-17). Од почит кон Светото Писмо, Исус веројатно стоел додека ја читал Тората, можеби на некоја дрвена платформа во средината на просторијата. Но, за разлика од современите проповедници и учители, кои стојат за да ја изнесат својата порака кога се обраќале до заедницата, тој седнал на местото резервирано за учителите, познато како „Мојсеевото седиште“ (Матеј 23,2).

Најголемото искушение

Набрзо, откако Павле ја напуштил таа област, работите тргнале на полошо. Некои од еврејските христијани допатувале од Јудеја во Галатија за да им соопштат на Грците и Римјаните кои живееле таму дека тие, на крајот на краиштата, и не се дел од Божјиот народ. Зборувале дека повеќе немаат доверба во Павле и тврделе дека тој, иако настапува во име на ерусалимската црква, сепак проповеда некоја сопствена наука. Освен тоа, тврделе дека, според традицијата, (незнабошците) мораат да се обратат во јудаизам и да бидат обрежани (што е многу болен зафат за возрасните) доколку сакаат да станат деца Божји (Галатјаните 2,12; 5,2,6,11; 6,12-13). Некои Галатјани поверувале и ги прифатиле тие барања, но други одбиле и им се вратиле на старите пагански обичаи (Галатјаните 4,8-10).

Кога Павле го слушнал тоа, доста се вознемирил и го напишал своето прво и, веројатно најстрасното и најлично послание – Посланието до Галатјаните.

Ќе се навратиме на Галатјаните во подоцнежните лекции, а сега ќе проучиме една мистерија: на кој начин проповедта на распнатиот Месија можела да претставува решение за заблудите во кои западнале Галатјаните?

Како некој би можел да верува во распнатиот Месија?

Според евангелијата, еврејските водачи гледале на Исуса како на лажен пророк кој изведува знаци и чуда за да го заведе народот, а според 5. Мојсеева 13, тоа барало смртна казна. Кога бил уапсен, не му се подбивале како на „цар“, туку како на „пророк“. Му ставиле превез преку очите и тогаш побарале:

„Проречи кој Те удри?“ (Лука 22,64)

Римјаните имале долга традиција за погубување востаници, и кога римскиот намесник Пилат слушнал дека Исус ги прифаќа царските титули како што се „Месија“ и „Син човеков“, тој навистина немал избор. Неговите војници се подбивале со Исуса како со уште еден агитатор кој за себе помислил дека може да стане цар и да се ослободи од нивната власт.

„Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: ’Те поздравуваме, Царе Јудејски!‘ И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата“ (Maтеј 27,27-30).

Меѓутоа, како да го разбереме однесувањето на Исус? Тој можел да го избегнува Ерусалим. Не морал да ги провоцира свештениците во Храмот. Можел да се брани кога му било судено пред Синедрионот. Наместо тоа, во неговите параболи наоѓаме алузии и директни тврдења дека тој навистина се упатил кон престолнината како помазан Цар јудејски. Морал да се бори во последната и решавачка битка, а за да победи во неа, морал да умре.

„Христос умре за нашите гревови, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,3)

Зошто морал да умре?

Зошто царот морал да умре? Дали Павле ќе ни понуди некој одговор? 

Подоцна, во Посланието до Коринќаните тој пишува:

„Зашто решив да не знам меѓу вас ништо друго, освен Исуса Христа, и тоа Распнатиот?“ (1. Кoринќаните 2,2).

Иако помислата на распнатиот Месија изгледала како лудост и за Евреите и за незнабошците, во таа порака се наоѓала „силата Божја“ (да се види 1. Коринќаните 1,18-24).

Во Посланието до Колошаните Павле оди толку далеку што дури вели како Исус, кога умрел на крстот, триумфирал над властите и силите (Колошаните 2,15). Бруталниот инструмент за мачење, каков што е крстот, претставувал симбол на суровата сила на Римското царство. Меѓутоа, Павле го зема и го претвора во моќен симбол на силата на Божјата љубов. Тој истовремено нагласува дека „дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,3).

Сево ова има смисла единствено во светлината на Големиот извештај. Создателот го повикал Израел да биде верен на Заветот и Законот за да може да им биде светлина на народите (Исаија 46,6; Дела 13,47) и на целиот свет (1. Мојсеева 18,18). Тие требало да бидат царството свештеничко, кое ја објавува Божјата љубов кон Земјата (2. Мојсеева 19,5). Меѓутоа, тие биле неверни. Наместо да станат светилник, ги стигнало проклетство. Сега страдале под бруталната власт на незнабошците, што според Мојсеевиот закон е предвидено како казна за неверство.

Павле го измачувало големото прашање: Како Бог може да го одржи своето ветување и да го спаси светот преку Израел кога Израел е неверен? Како Бог може да го оствари својот план кога оние кои ги избрал одбиле да соработуваат? Била доведена во прашање Божјата праведност. Бог на некој начин бил во ќорсокак. Ако неговиот народ не сака да го прифати повикот, како да стане светлина на светот и спасение на народите?

Токму тука божествениот Месија – цар во вистинска смисла на тој збор – можел да го направи она што никој друг не можел – да работи во име на својот народ. Како претставник на народот, тој можел да направи три работи:

Прво, можел да биде верен во она во што тие биле неверни и да го направи она што го пропуштил народот. Второ, можел да ја понесе клетвата и казната за гревот, за да биде завршено со тоа еднаш засекогаш. Трето, можел да ја започне целата приказна отпочеток со оние кои го посакуваат новото царство – Тој ќе биде нивни Цар, а тие ќе бидат негов народ.

Токму тоа е она што Павле и првите христијани го виделе во Исуса – наполно нов почеток на големиот план под целосно поинакви услови. 

1) Исус Христос му бил верен и послушен на Бога во сè. Го одржал законот и им станал светлина на незнабошците.

2) Исус Христос ги изнел нивните гревови надвор од градот, ја примил нивната казна и ја понел клетвата. Тој во целост ја поднел нивната казна дозволувајќи им на паганите да го убијат, како што предвиделе пророците.

3) А тогаш станал од мртвите, како Господ на новото царство, на новиот почеток и на новиот народ Божји.

Кога ќе ја земеме предвид димензијата претставена во претходната лекција, сликата станува комплетна. Според Павле, Исус бил Божји син, дури и Создателот лично (Колошаните 1,16). Тој го направил за светот она за што бил повикан Израел да го стори. Затоа Павле можел да го прогласи Месија за Спасител и Цар на светот и да објави како повикот и простувањето на гревовите се однесуваат и на незнабоците.

„Стојте во слободата, со која Христос нè ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем! Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос ништо нема да ви помогне. А му сведочам пак на секој човек што се обрезува дека тој е должен да го почитува целиот Закон. Вие, што посакавте да се оправдувате со Законот, Го изгубивте Христос, отпаднавте од благодатта; а ние се надеваме и очекуваме оправдание од верата преку Духот. Зашто во Христос Исус ниту обрезанието има сила, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта“ (Галатјаните 5,1-6).

Незнабошците не морале да станат Евреи за да бидат спасени. Доволно било да го следат Исуса Месија, зашто Тој станал дел од Божјиот план и го исполнил!

Во 1968 година, во Ерусалим за прв пат биле пронајдени коски на распнат човек

Исусово погубување

Исусовото погубување со распнување во голема мера го насочило вниманието на светот кон овој суров начин на извршување на смртната казна. Во 1968 година, во Ерусалим за прв пат биле пронајдени коски на распнат човек, што дало нова светлина за Исусовата смрт. Меѓу остатоците од скелетот била петицата на десната коска на распнатиот човек. Во коската бил вдлабнат долг метален клин од 11,5 см со парчиња дрво на него, идентификувано како маслиново дрво. Положбата на клинот во коската покажува дека стапалата на нозете биле одделно врзани за крстот.

Смртта со распетие (веројатно „бесење на дрво“ се споменува во Мојсеева 21,23) била толку сурова што врзувањето со јаже околу вратот подоцна е воведено како похумана форма на погубување. Еден еврејски извор бележи дека распнат човек можел да биде „откупен“ од богат минувач – со поткуп на римските чувари – дури и токму пред смртта. Тоа би значело дека распнатиот човек можел долго да остане жив. Понекогаш биле користени лекови за да се намали болката, како што е смирна, средство за заспивање (Марко 15,23).

Како минувале часовите, и распнатото лице станувало сè послабо, а телото би колабрирало и стапалата би се потпреле на парчето дрво кое било заковано под нив. Често, смртта би настапила како резултат на задушување, бидејќи телото што висело на таков начин, би го спречило правилното функционирање на мускулите што го контролирале дишењето. Друг чин на милосрдие било кршење на ногата (Јован 19,31) за стапалата да можат да се потпрат на прикованите парчиња дрво. Дишењето тогаш станувало уште потешко, а тоа ја забрзувало смртта.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.