12. Надежта на дело

12. Надежта на дело

Библиска заднина:
1. Коринќаните 15; Римјаните 8; Исаија 40-66

Павле бил подготвен да го даде својот живот за големото сознание за Бога кој го спасува и обновува светот. Меѓутоа, по неговата
смрт тоа сознание е искривоколчено. Во новата, лажна приказна, Бог не го спасува светот – Тој се задоволува само со тоа да ги штити душите. Но, всушност, што е Радосната вест?

Црна смрт

Во 1347 година, речиси 1300 години по смртта на Павле, низ Европа почнала да пустоши чума. До 1351 година, емисарите на папата процениле дека од таа болест умреле 23 840 000 луѓе, односно една третина од популацијата. До крајот на векот европската популација се намалила за половина во споредба со онаа пред чумата. Историчарите укажуваат на можната поврзаност меѓу црковната теологија и таа катастрофа. Делови од црквата уште порано им свртеле грб на Евреите и на библиското учење за создавањето. Наместо тоа, го прифатиле Платоновото нагласување на душата и го развиле до крајни граници. Целта на просечниот христијанин во средниот век била да побегне од телото и од овој свет. Животот во тело било само неопходна (и обично проблематична и кратка) преодна фаза. Смртта претставувала големо ослободување. Бестелесната вечност на небото претставувала спасение.

Последицата на ваквото толкување на Библијата, меѓу другото, било и тоа што во Европа проучувањето на природата стагнирало цели 1000 години. Природата станала небитна во нивното сфаќање на светот. Евреите и муслиманите имале подобри сфаќања за здравјето и хигиената (и на науката воопшто) од Европејците. Христијанската Европа поради тоа била целосно неподготвена да се избори со пандемијата каква што била црната смрт.

Сурова иронија

Илјадагодишното антиеврејско расположение отпочнало процес кој сега црквата ја направило толку ранлива. Меѓутоа, иронијата е во тоа што многу христијани во Европа, кога дошло до катастрофа, за чумата решиле да ги обвинат Евреите.

„Евреите, со своето длабоко разбирање на хигиената, повеќе сакале да ја донесуваат водата за пиење од отворени потоци, иако тоа било подалеку од нивните домови. Таквата навика во нормални околности би поминала незабележано, но сега, во текот на чумата, станала многу сомнителна. Зошто Евреите ги избегнувале бунарите, освен ако не знаеле дека биле затруени? А како тие би можеле тоа да го знаат освен ако самите не ги затруле?“ (Phillip Ziegler, The Black Death; London: Collins, 1969; p. 100).

Тој заклучок е заснован на предрасудите кои веќе биле широко распространети против Евреите. Сомнежите се потврдени кога Евреите, во текот на измачувањето, „признавале“ дека се криви за труењето. Тоа довело до масакр на Евреите во цела Европа, и било од такви размери кои не се надминати до денешни дни.

Чумата го преполовила населението на Европа за време на средниот век

Христијаните и планетата Земја

Кога евангелските христијани во 2007 година сериозно се вклучија во прашањето на климатските промени, тоа стана светска вест. Христијаните претставуваат многу силна влијателна група во САД. Ако тие покажат интерес за животната средина, би постоеле сериозни шанси САД да ја променат својата политика спрема животното опкружување. Меѓутоа, христијанската верзија на Платоновата филозофија одново застана на патот на напредокот. Ако Земјата и животот на неа се само преодна состојба на патот кон духовната вечност, тогаш чуму сиот тој труд? Ако дојде Исус наскоро да нè евакуира пред сево ова да се урне и согори, зошто би се обидувале да ја обновиме планетата?

Павле и Платон

Значајно и малку непријатно прашање во врска со тоа, секако, е прашањето дали Павле навистина бил антисемитски расположен платонист (како што многумина теолози го претставувале во текот на историја). Дали непријателскиот став спрема Евреите, кој владеел во текот на средниот век, и занемарувањето на делото на создавањето претставуваат резултат на она за што се залагал Павле, или пак, сепак, тоа е само отпад од теологијата на најголемиот христијански пионер?

Павле им дал вакво објаснување на Евреите во Рим:

„Ете, затоа ве замолив да дојдете, да ве видам и да ви позборувам, зашто заради Израелевата надеж сум окован во овие вериги“ (Дела 28,20).

Во што се состоела надежта на Павле? Дали тоа навистина било бестелесно постоење на некое невидливо небо?

Платон бил грчки филозоф кој живеел во Атина отприлика од 427 до 347 година пред Христа. Неговата мисла за тоа дека нашиот свет е само сенка на светот идеи кој, всушност, е единствено стварен, и дека бесмртната душа претставува врска помеѓу овие два света, доминирала во западната мисла на различни начини уште од тоа време, а особено откако станала темелно „христијанизирана“ во вториот век по Христа.
 

Платон бил грчки филозоф кој живеел во Атина отприлика од 427 до 347 година пред Христа

Големата сторија одново од почеток

Корените на надежта на Павле ги пронаоѓаме во еврејскиот поглед на светот, во сторијата која Евреите во негово време ја раскажувале за себеси и за светот.

Бог ги создал небото и Земјата и се преселил на „небото“. Во еврејскиот поглед на светот, „небото“ се простира сè до Земјата. Тоа не е далеку, туку е одвоено од Земјата само со тенок вел (да се види, на пример 2. Царевите 6).

Тогаш дошол гревот и предизвикал одвојување помеѓу небото и Земјата. Земјата паднала во проклетство. Се распаднала на составни делови. Дошло до одвојување меѓу луѓето, како и меѓу луѓето и природата. Завладеала смртта.

Меѓутоа, Бог, кој создал добра земја, имал одговорност и да ја обнови. Начинот на кој ќе го оствари тоа, се состоел во воспоставување завет. Бог му го открил планот на Аврам како проклетството да го сврти во благослов – благослов кој ќе досегне до целото човештво.

„Ќе направам голем народ од тебе, ќе те благословам, ќе го прославам твоето име и самиот ќе бидеш благослов… И во тебе ќе бидат благословени сите племиња на земјата“ (1. Moјсеева 12,2.3).

Кога Аврамовото семејство станало голем народ, Бог ги повикал од египетското ропство. Тој го обновил својот завет со нив (2. Мојсеева 19-20) и им го изнел заветот на послушност (исцелена, праведна Земја на која ништо не ѝ недостасува) и последиците од непослушноста (заточеништво и прогонство) (да се види 5. Мојсеева 27-30).

Историјата на Израел во Стариот завет завршува со следново: прогонство кое во списите на пророкот добива повеќе димензии. Народот морал да оди во прогонство. Тоа единствено можело да се објасни со фактот дека Бог ги напуштил. Езекиел во една трогателна сцена опишува како Божјата слава, неволно и со двоумење, го напушта храмот во Ерусалим (Езекиел 10 и 11,22).

Но пророците исто така даваат и надеж дека и народот ќе се врати на „Сион“. Тогаш ќе започне новото време. Ќе дојде Месија. Бог ќе им прости. Тој лично ќе се врати на Сион, на својот народ. Сите ќе го примат Светиот Дух за да можат да ја спроведуваат Божјата волја. Резултат на тоа ќе биде благослов што ќе го опфати целиот свет. Божјото владеење со светот конечно ќе стане стварност. Книгата на пророкот Исаија завршува со визијата за новосоздадениот и исцелен свет. Езекиел опишува моќна сцена која се одигрува во долина полна со мртовечки коски, кои со силата на Речта и Духот се подигаат од мртвите и стануваат силна армија која ја извршува Божјата волја.

Корените на Павловата надеж ги наоѓаме во еврејскиот поглед на светот и создавањето

Исполнување на пророштвата

Голем дел од пророштвата се исполнил, но не сè. Некои од народите се вратиле во Ерусалим од вавилонското ропство, но ништо не укажувало на тоа дека и Бог се вратил. Луѓето сè уште биле робови во сопствената земја, потчинети на царствата за кои зборува 2. глава од Книгата на пророкот Даниел. Во 9. глава од Даниеловата книга постои пророштво дека тоа ќе потрае речиси 500 години.

Кога дошол Исус со пораката дека се приближило Божјото царство, народот сè уште го очекувал големото ослободување и радосно ја прифатил неговата вест! На него се гледало како на голем пророк. Не е никакво чудо што многумина се разочарале затоа што Исус не само што не ги протерал Римјаните, туку и самиот, по неколку години, умрел на крстот и го снемало од сцената. Дали тоа означило крај на сето она за што пишувале пророците? Дали мисијата на Исус претрпела неуспех?

Павле громогласно одговара:
„Не!“ Сè се исполнило во Исус Месија: Божјето враќање, Божјето царство, Божјето проштавање, претворањето на клетвата во благослов кој ги опфаќа сите народи.

„Христос нè откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: ’Проклет да е секој, кој виси на дрво!‘ – Та Авраамовиот благослов да дојде на народите во Христа Исуса, и да Го примиме преку верата ветувањето на Духот“ (Галатјаните 3,13.14).

Своето животно дело и својата еврејска надеж Павле ги засновува на Исусовото воскресение:

„…Jас сум фарисеј, син фарисеев; ме судат заради надежта во воскресението на мртвите“ (Дела 23,6).
 

Воскресението е блажена надеж на христијаните

Платоновите очила

Неколку текстови како да потврдуваат, а во исто време и како да противречат на она што Павле инаку доследно го тврдел. Меѓутоа, тоа така изгледа само ако ги гледаме во светлината на Платоновата поделба на реалноста. Ако ги читаме низ „еврејските очила“, нема никакви противречности.

„Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек се распаѓа, внатрешниот од ден на ден се обновува. Зашто нашите сегашни незначителни страдања ни донесуваат многу пообилна и вечна тежина на славата, зашто ние не целиме кон видливото, туку кон невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно“ (2. Коринќаните 4,16-18).

Кога би биле платонисти, би помислиле дека Павле прави разлика помеѓу невидливиот, вечен свет на идеите и душите од една страна, и бедната реалност на материјалниот свет, од друга страна. Но со оглед дека знаеме оти Павле пишувал имајќи го на ум еврејскиот поглед на светот, можеме да бидеме сигурни дека тој, всушност, го споредувал она што е сега со она што ќе биде, овој свет со оној што треба да дојде, земското и небесното. Она што е небесно е многу пореално од распадливата материја за која ние сега сме врзани. Но нашето наследство e „скриено на небото“ како што вели Петар (2. Петрово 3,1-5). Меѓутоа, завесата наскоро ќе биде отстранета и тогаш невидливото ќе стане видливо.

Павле продолжува:

„Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, ќе се разруши, тогаш ќе имаме од Бога здание, куќа неракотворена, вечно живеалиште на небесата. Зашто во него воздивнуваме, копнеејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште; само, да се најдеме облечени, а не голи. Зашто ние, кои се наоѓаме во овој шатор, воздивнуваме обременети; бидејќи не сакаме да бидеме соблечени, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното“ (2. Коринќаните 5,1-4).

Овде повторно гледаме дека целта е да се биде облечен. Тука не станува збор за бегање од материјалното (да се биде необлечен), туку да учествуваме во она што е непропадливо и вечно. Начинот на изразување е скоро ист како и во Римјаните 8,20-23. Павле копнее за тој ден.

„И затоа, секогаш сме спокојни, иако знаеме дека, сè додека живееме во телото, ние сме далеку од Господ, бидејќи според верата живееме, а не според гледањето. Но не се плашиме и сакаме што поскоро да го напуштиме телото и да се прибереме кај Господ“ (2. Коринќаните 5,6-8).

Познатиот англикански бискуп и библиски научник, Н. T. Рајт вели дека во овој текст, како и во оној во Филипјаните 1,23, Павле отишол најдалеку во опишувањето на таа состојба на преминување од смрт во воскресение, за која тој инаку говори како за сон (види: 1. Солуњаните 4,13-17). Но, иако овој стих опишува состојба на преминување, тој не одзема ништо од она што го кажува Павле за конечното ослободување на телото и на сè што е создадено, кое ќе настапи при воскресението. Тоа може да се разбере и како копнеж за оној ден кога завесата ќе биде повлечена на страна и кога Небото и Земјата повторно ќе се сретнат за да се соединат засекогаш.

Воскресението му значело на Павле многу повеќе отколку фактот дека Исус е жив. Тоа била надеж во обнова и ново создавање на светот.

Ново создавање

За Павле, воскресението значело многу повеќе од фактот дека Исус е жив и дека и тој самиот ќе продолжи да живее извесно време по смртта. Тоа била жива надеж – „надеж на Израел“. Надеж во обнова и ново создавање на светот!

„Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас. И секое создание со нетрпение го очекува откривањето на синовите Божји, зашто и созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори, а со надеж, дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји. Зашто знаеме дека целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки. И не само тоа, туку и ние самите, кои ги имаме првините на Духот, воздивнуваме во себе, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело“ (Римјаните 8,18-23).

Забележете ги изразите што ги користи Павле. Тука не станува збор за ослободување од телото како што тоа го замислувале Платон и Сократ. Тука станува збор за тело кое е спасено од распаѓање. Тоа не е бегање од материјалниот свет, туку копнеж дека тој ќе биде ослободен од смртта и злото.

„Еве, тајна ви кажувам; сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме, одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливост, а смртното – да се облече во бесмртност. А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: ’Победата ја проголта смртта‘. ’О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?‘ Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот. Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос. И така, браќа мои возљубени, бидете постојани, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господ нема да биде залуден“ (1. Коринќаните 15,51-58).

Повторно, овде не станува збор за бегање од телото и материјата или ослободување од нив. Меѓутоа, и телото и материјата ќе бидат ослободени од распадливоста и ќе се вратат во состојбата во која се наоѓале пред да ги расипе гревот.

Забележете го заклучокот:

„И така, браќа мои возљубени, бидете постојани, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господ нема да биде залуден“ (1. Коринќаните 15,58).

Ако материјата биде ослободена од распаѓање, тогаш не е бесмислено да се ублажуваат проблемите на сиромашните и да се задоволуваат потребите на оние кои се во неволја, да се рециклира хартијата, да се бориме против болестите – токму овде и сега. Со оглед дека Бог сè ќе промени во нераспадливо, нашите добри дела ќе го остварат влијанието што ќе трае низ вечноста. Нашите мали и големи напори да правиме добро, да обновуваме и исцелуваме, не се само безначајни капкички во океанот на безнадежноста. Нашите обиди да бидеме противтежа на злото и уништувањето овде на Земјата не е само мало космичко раздвижување во еден безначаен момент во експериментот кој се оттргнал од контрола на материјата, која во секој случај ќе изгори. Не. Затоа што Исус е воскреснат, и бидејќи за смртта и злото ќе има пресврт, а и ние и овој свет ќе се облечеме во нераспадливост, наша задача е да учествуваме во Божјето дело, кое е почеток и претвкус за нешто што ќе продолжи и во вечноста.

А средиштето на оваа надеж е фактот дека самиот Исус станал од мртвите, препознатлив, во физичко тело, а сепак поинаков и нераспадлив!

Какви промени ќе се одиграат во човечкото тело кога Исус ќе се врати?

„А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос“ (Филипјаните 3,20.21).

Четириесет години подоцна книгата Откровение го објавува врвот на светската историја: самиот Бог исчекорува од Небото за да живее со луѓето во обновениот свет. Читајте ја сами Откровение 21 глава.

Тоа е врвот. Но ако дозволиме да влезе неговиот дух во нашиот живот, тогаш овде и сега ќе бидеме во состојба да го доживееме влијанието на обновувачката сила која сè одново создава:

„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото!“ (2. Коринќаните 5,17)

Божјето царство навистина дошло. Исус на крстот триумфирал над сите сили и власти (Колошаните 2,15). Тој ја победил смртта; седнал на небесниот престол (Римјаните 8,34) и го пратил својот Свет Дух. Започнала ера со сосема нови можности. Самиот Бог ќе го испише својот закон во човечкото срце. Светот ќе биде исцелен. Исус наскоро ќе се врати! Мртвите ќе станат и ќе се преобразат, а Земјата ќе биде конечно обновена.

„Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него. Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените. Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Солуњаните 4,14-17).

Небото и земјата повторно ќе бидат заедно. Исус ќе се појави, а ние ќе се состанеме со него на облаците и ќе го поздравиме со добредојде. Тој засекогаш ќе живее меѓу нас (Откровение 21,1-7). Тоа е надежта на светот, надежта на Израел и наша надеж! Дури и сега можеме да ја искусиме и да станеме дел од таа иднина. Да се живее како христијанин не е обид да се следи некое ново учење; тоа е живеење во нова реалност; живеење со обновување; живеење со Христа додека повторно не дојде.

Ве молиме, по завршување на тестот, контактирајте нè и испратете ни ги вашите информации за да можеме да ви врачиме Диплома.