10. Божествен одмор

10. Божествен одмор

Библиска заднина:
Дела на апостолите 19-21, Посланието до Римјаните

Каде и да одел, Павле среќавал луѓе коишто биле восхитени од еврејскиот Бог – Бог кој на своите следбеници им заповедал
еднаш седмично да се одмораат. Во времето кога Павле патувал и проповедал за Божјиот голем план за исцелување на светот,
мнозина сметале дека нема потреба за седмичниот ден за одмор. Но, изгледа дека доказите го покажуваат спротивното.

Приказната продолжува…

Годините поминати во Ефес за Павле биле по многу нешта добри и поволни. Божјата сила толку силно дејствувала што дури и облеката што ја носел била благословена, па мнозина се излечиле. Кога некои еврејски шамани, синови на еден од главните свештеници во Ерусалим се обиделе да го повикаат Исусовото име за да излечат некој што бил опседнат од зол дух, биле добро претепани. Тој настан на сите им е добро познат. За христијаните тоа значело дека Исус бара целосна преданост. Никој не може да се преправа дека е следбеник на царот Исус, туку тоа предавање треба да биде со цело срце. Ни сатаната не е некој со кого треба да се шегува. Станало многу очигледно дека многумина, дури и меѓу нив, ги носеле своите списи што ги користеле за вражање. Вредноста на тие свитоци е проценета на 50 000 дневници (Дела 19,19). Сепак, една вечер црквата во Ефес се собрала и запалила голем логорски оган во кои се изгорени книги во вредност од околу 3,6 милиони евра. Тоа било неверојатна жртва и значајно сведоштво. „Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово“ (Дела 19,20), како и секогаш кога луѓето со цело срце му се предавале на Бога.

Евангелието добивало толку многу сила што почнало да влијае на економските структури во општеството. Златарот по име Димитриј, кој изработувал сребрени украси во чест на Дијана (Артемида, заб.прев) се загрижил дека ќе остане без заработувачка, па организирал собирање кое на крајот го опфатило целиот град. Нагрнале сите како еден во амфитеатарот, каде што со часови викале: „Голема е Артемида ефеска!“ Павле во тоа не видел опасност. Тој пред себе го видел најголемото мноштво на кое воопшто некогаш имал можност да му се обрати и посакал да стапи во акција. Меѓутоа, и учениците, а и некои од провинциските власти го спречиле да го спроведе својот план. Всушност, Евреите се обиделе да преговараат, но немале успех. Градскиот писар на крајот сепак успеал да го стивне мноштвото. Лука не ни кажува што се случувало понатаму, освен дека Павле решил да си замине.

Павле им испратил неколку посланија на верните во Коринт

Патувањето продолжува

Лука не ни изнесува подробности за патувањето низ Македонија – до Коринт и назад, но знаеме од 2. Коринќаните дека Павле немал ништо помалку грижи од порано. Прочитајте го неговиот извештај за тоа патување во 2. Коринќаните 2,12-13 и 7,5:

„Кога дојдов во Троада да го проповедам Евангелието Христово, иако вратата ми беше отворена во Господ, духот мој немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и затоа, откако се простив со нив, заминав за Македонија“ (2. Коринќаните 2,12.13).

„Зашто, кога дојдовме во Македонија, никакво спокојство немаше телото наше, но од секаде бевме притеснети во маки; однадвор борби, однатре страв“ (2. Коринќаните 7,5).

Таа грижа делумно била поврзана со состојбата на црквата во Коринт, во која имало поделби и секакви видови проблеми, вклучувајќи го и нивниот однос спрема Павле. Во очај, Павле веќе им пратил неколку посланија. Кусата посета на Ефес исто така довела до целосно понижување (2. Коринќаните 7,1; 10,1; 13,1; 12,14) и тој сега се плашел повторно да ги посети (2. Коринќаните 12,19-21). Конечно примил некои добри вести:

Читајте:
2. Коринќаните 7,6.7 и 7,13-16.

Во исто време, Павле правел планови за својата следна мисионерска работа. Било јасно дека треба да се врати во Ерусалим, но тој сакал да оди и во Рим. Сега, кога починал Клавдиј, кој ги протерал Евреите од Рим, им било дозволено да се вратат. Прискила и Акила, како и многу други пријатели на Павле веќе се вратиле дома и наишле на ново и силно антиеврејско расположение, кое влијаело дури и на црквата во Рим. Всушност, тие сосем добро се снаоѓале и без еврејските христијани. Пред крајот на патувањето низ Македонија и Грција, веројатно во Коринт, Павле го напишал славното Послание до Римјаните за да ја доведе тамошната црква во ред. Сакал таа да му биде база во текот на неговите патувања на исток! Тој одделно поздравува дури 28 поединци во црквата во Рим и изнесува подробности за некои свои планови за иднината.

„Зашто не се осмелувам да говорам за она што Христос не го извршил преку Мене со зборови и дела, со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, која ги води незнабошците кон послушност во верата, така што Евангелието Христово го распространува од Ерусалим и неговата околина и сè до Илирик. И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму каде што името Христово беше веќе познато, за да не ѕидам врз туѓ темел. Но, како што е напишано: ’Оние, на кои не им е јавено за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе разберат.‘ Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам кај вас. Сега, пак, бидејќи нема веќе место за мојата работа во овие земји, а уште од пред многу години копнеев да дојдам кај вас, кога ќе тргнам за Шпанија, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека натаму вие ќе ме испратите, откако најнапред ќе ви се порадувам. А сега одам во Ерусалим за да им послужам на светиите, зашто Македонија и Ахаја одлучија да дадат некаков прилог за сиромашните светии во Ерусалим. Тие така тоа го одлучија, а и должни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тогаш тие се должни ним да им служат со материјални блага. А откако ќе го направам ова и ќе им го запечатам овој плод, преку вашата земја ќе заминам за Шпанија. А знам дека, кога ќе дојдам кај вас, ќе дојдам со полн благослов на Христовото Евангелие. Браќа, ве молам поради нашиот Господ Исус Христос и поради љубовта на Духот, помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене, за да се избавам од оние што не веруваат, кои се во Јудеја, и моето служење во Ерусалим да им биде благопријатно на светиите; та радосен да дојдам кај вас со Божјата волја и да се успокојам со вас. А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин!“ (Римјаните 15,18-33).

„Затоа, сметам дека и сè друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè…“

Павле, Ерусалим и законот

Павле, со извесна вознемиреност, тргнал на своето петто и, според Лука, последно патување за Ерусалим. Тој им пишува на пријателите во Рим: „помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене, за да се избавам од оние што не веруваат, кои се во Јудеја“. Во текот на патувањето, повеќепати примил порака од Светиот Дух дека таа молитва нема да биде услишана (Дела 20,22-23 и 21,4.8-14). Сепак, продолжил понатаму. 

Павле ја нагласува поврзаноста со мајката-Црква во Јудеја, каде што започнало сè. Во Антиохија, а и сега, во текот на третото мисионерско патување, собирале пари за помош на сиромашните во Ерусалим. Кога пишува Павле: „помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене… и моето служење во Ерусалим да им биде благопријатно на светиите“ (Римјаните 15,31), тоа покажува дека односот помеѓу еврејските христијани во Ерусалим и незнабожечките цркви бил по малку напнат. И Лука тоа го потврдува.

Читајте за планот што го изнеле водачите во Ерусалим пред Павле. На кој начин тоа може да изгледа лицемерно или во спротивност со она што Павле порано го учел? (Дела на апостолите 21,20-25; Галатјаните 2,3-5; 11-6).

„А тие, кога слушнаа, Го славеа Бога и му рекоа: ’Гледаш, брате, колку десетици илјади Јудејци поверуваа, и сите тие станаа ревносни приврзаници на Законот. А за тебе многу им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрезуваат чедата свои, и да не постапуваат по обичаите. И што да се прави сега? Бездруго ќе дојде многу народ, зашто ќе слушнат дека си дошол. Направи, пак, што ти велиме: кај нас има четворица мажи, кои се под завет. Земи ги, очисти се со нив и плати им да си ги истрижат главите, и сите да разберат дека она што го слушнале за тебе, не е ништо, туку дека и ти сам живееш според Законот и го пазиш. А за незнабошците што поверуваа ние пишавме, откако решивме, да не пазат ништо такво, туку само да се воздржуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блудство‘“ (Дела 21,20-25).

Павле сметал дека тоа е мудро. Тој не мислел дека Евреите треба да го избегнуваат обрежувањето. За да им се спротивстави на таквите озборувања, дури го обрежал Тимотеј во текот на своето второ мисионерско патување. И овој пат, Павле го прифатил планот што го изнеле водачите на ерусалимската црква. Можеби, исто како и во текот на својата последна посета на Ерусалим, го зел назирејскиот завет кој подразбирал дека треба да живее посветено, да не пие вино и да не ја потстрижува косата сè додека не принесе жртва на Богa во Ерусалим (Лука 18,18; 4. Мојсеева 6,1-21).

„Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и, откако се очисти со нив, на вториот ден влезе во храмот и го објави денот, во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој ќе се принесе жртва за секого од нив“ (Дела 21,26).

Можно е Лука да не ги знаел сите детали за назирејскиот завет со оглед на тоа дека тврди оти Павле ја отсекол косата во Кенхреја. Но, можно е и Павле да ја отсекол косата пред да го даде својот завет. Суштината на назирејскиот завет била да ја отсечете косата во Ерусалим и да ја принесете како жртва во Храмот, кога ќе истече времето на одвојување (да се погледне 4. Мојсеева 6,1-21). Можно е и тоа дека Лука, всушност, не зборува за назирејскиот завет, туку повеќе за личен завет со Бога. Имало и други околности во животот на Павле кои покажуваат колку тој го нагласувал тоа дека е „на линија“ со црквата во Ерусалим. На своето прво патување тргнал со Варнава, со пророкот кого водството во Ерусалим официјално го пратило во Антиохија. На второто патување, за сопатник го избрал Сила, уште еден официјален пратеник кого водачите во Ерусалим го избрале по соборот што се одржал тука. Во текот на тоа патување, Павле и Сила верно ги пренесувале одлуките на ерусалимската црква. Во исто време, во Посланието до Галатјаните и на други места, Павле изразува радикални ставови кои како да се во целосна спротивност со сликата што ја создава Лука во „Дела на апостолите“.

„Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос ништо нема да ви помогне. А му сведочам пак на секој човек што се обрезува дека тој е должен да го почитува целиот Закон. Вие, што посакавте да се оправдувате со Законот, Го изгубивте Христос, отпаднавте од благодатта; а ние се надеваме и очекуваме оправдание од верата преку Духот. Зашто во Христос Исус ниту обрезанието има сила, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта“ (Галатјаните 5,2-6).
 
„Носете ги бремињата еден на друг, и со тоа ќе го исполните законот Христов“ (Галатјаните 6,2).
 
Читајте:
1. Коринќаните 9,21.

За односот на Павле спрема законот може да се расправа надолж и попреку, но накусо речено, тој сметал дека, со оглед дека Месија Исус дошол, неговиот живот – како што е прикажан во неговите учења – претставува суштина и мерило на законот – и за Евреите и за незнабошците. Суштината била: „Носете ги бремињата еден на друг“ (Галатјаните 6,2) и „Љуби го својот ближен како себеси“ (Галатјаните 5,14; Римјаните 13,8-9). Павле од Ефес пишува:

„Иако и јас можам да се доверам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тоа јас, уште повеќе: обрезан сум во осмиот ден, од Израелевиот род сум, од Венијаминовото племе, Евреин од Евреите; по закон -фарисеј; по ревност – гонител на Црквата; по правдата на Законот бев беспрекорен. Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа. Во суштина, јас и сега сметам сè за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сè и сè сметам за отпад, за да Го придобијам Христа и да се најдам во Него, немајќи своја правда, која доаѓа од Законот; туку по правдата, која доаѓа преку верата на Христа: правдата од Бога врз основа на верата, за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт, та некако да достигнам до воскресението од мртви“ (Филипјаните 3,4-11).

Саботата, како во Писмото така и во реалниот живот, го претставувала она што ги обединува христијаните обратени од еврејство и христијаните обратени од незнабоштво

Павле и денот за одмор

Едно од најинтересните прашања во врска со тоа, секако е следново: Кога празнувањето на неделата како ден за одмор станало вообичаена практика меѓу христијаните? Или, слично на тоа: Кога престанале да ја празнуваат саботата? Знаеме дека првите навестувања за празнувањето на неделата се јавуваат во почетокот на вториот век, но Новиот завет не споменува никаква расправа околу ова прашање. Некои сметаат дека е така затоа што саботата веќе не била значајна за христијаните. Меѓутоа, тогаш би требало да се објасни зошто на многу места христијаните и понатаму ја празнувале саботата во текот на повеќе од 400 години. Други сметаат дека недостигот од расправа покажува дека никој дотогаш сè уште не предложил да се промени тој ден. Дали црквата во Ерусалим, со илјадници верници кои „ревнуваат за законот“, и која била длабоко вознемирена поради гласините оти Павле ги учи Евреите дека Мојсеевиот закон и еврејските обичаи веќе не важат (Дела 21,20-21), би можела да биде рамнодушна спрема саботата, која, и во Светото Писмо и во реалниот живот, претставува она што ги обединува христијаните од  еврејството и христијаните од незнабоштвото?

Една од причините зошто толку многу Грци и Римјани биле привлечени кон јудаизмот, и поради тоа отворени за Павловата порака, бил денот за одмор. Замислете да имате седумдневна работна седмица и одеднаш да ви се укаже можност да имате слободен ден на секои седум дена. Римјаните дури ги нарекувале Евреите мрзливци поради тоа што земале слободен ден во текот на седмицата и се одморале од животните проблеми.

Самиот Павле ја држел саботата каде и да одел, дури и таму каде што немало синагога (Дела 16,13). В сабота ја оставал настрана својата физичка работа и се посветувал исклучиво на проповедање на Божјата реч (Дела 17,2; 1. Солуњаните 2,9).

Кога соборот во Ерусалим требало да се зафати со тврдењата на христијанските фарисеи дека новообратените верници мораат да се обрежуваат според Мојсеевиот закон, ерусалимската црква, која почивала на законот, укажала на Мојсеевите закони кои се однесувале на доселениците (3. Мојсеева 17-20): да се воздржуваат од крв, од удавени животни, од идолопоклонство и од сексуален неморал. Се подразбирало дека новите „доселеници“ во Израел ќе се среќаваат со еврејските христијани в сабота (Дела 15,21). Заповедта за саботата опишува и тоа како странците во Израел треба да се одмораат заедно со Израелците (2. Мојсеева 20,10), а Исаија, пророкот евангелист, претскажал дека Евреите и незнабошците ќе бидат обединети в сабота во прославување на Месијанското ново царство:

„А туѓинските синови, кои се определија за Господа за да Му служат и за да го љубат Господовото Име и за да Му бидат слуги, кои ја почитуваат саботата и не ја онечистуваат и кои се постојани во Мојот Завет, нив ќе ги доведам на Мојата Света Гора и ќе ги развеселам во Мојот Молитвен Дом. Нивните паленици и жртви ќе бидат угодни на Мојот жртвеник, зашто Мојот Дом ќе се нарече Дом на Молитва на сите народи“ (Исија 56,6-7).
 
„Затоа сум на мнение дека не треба да ги вознемируваме оние, кои од многубошците Му се обраќаат на Бога; туку да им се напише да се воздржуваат од она, што е онечистено од идолите, од блудство, од удавено и од крв. Зашто Мојсеј има проповедници, од дамни времиња, во секој град: го читаат во синагогите, секоја сабота“ (Дела 15,19-21. 3. Moјсеева 17-18).

Конечно, останува фактот дека евангелијата, кои се напишани по смртта на Павле, особено многу зборуваат за саботата и за тоа како Исус ја празнувал. Тоа би било по малку чудно дека саботата до тогаш веќе станала неважна.

Можеме да заклучиме:

  1. Повеќето обратени незнабошци биле луѓе кои од порано биле привлечени кон еврејскиот Бог, при што не бил без значење фактот дека таа вера им овозможувала да имаат седмичен ден за одмор. Саботата била ден кога се одморале и учеле за Бога.
  2. Ерусалимската црква гледала на обратените незнабошци како на „дојденци во Израел“, при што саботата било она што ги поврзувало. (Да се погледне: 2. Мојсеева 20,10; 23,12; 3. Мојсеева 16,29; Исаија 56,6-7; Дела 15,21-29).
  3. Павле во својата мисионерска работа ги истакнувал пораките од Ерусалим, во кој луѓето „ревносно се држат до законот“ (Дела 21,20).
  4. Самиот Павле е Исусов личен пример и неговите учења ги сметал за вистинско исполнување на законот!
  5. Евангелијата, напишани по посланијата на Павле, посветуваат доста време на објаснувањето на Исусовиот однос спрема саботата.
  6. Самиот Павле ја празнувал саботата!
  7. Во повеќето места христијаните продолжиле да ја почитуваат саботата во текот на повеќе од 400 години (освен во Рим, во Александрија, и во црквите под нивно директно влијание).

Сето тоа укажува дека Исус и Павле не биле тие кои ја намалиле важноста на саботата, туку тоа се случувало постепено како „се иселувале странците“, а меѓу Евреите и христијаните доаѓало до сè поголеми одвојувања и непријателства.

Планирајте како да ја празнувате саботата

Како да се држи саботата

1. Планирајте

Ако сакате да поминете посебен и свет ден, морате тоа да го испланирате, или, во спротивно, тоа нема да се случи. Планирајте што сакате да правите во тој ден за да го обновите и зацврснете својот однос и заедништво со Бога и со ближните, и со обновена енергија да тргнете во новата седмица. Пригответе добра храна, поканете добро друштво и минете пријатни часови.

2. Дружете се

Најдете некој со кого ќе се дружите. Ова ќе им даде друга димензија на сите работи и ќе ви биде потешко да дојдете во искушение да отстапите од планираното.

3. Стекнете навика

Има луѓе кои умеат да одвојат време за себеси кога тоа им е потребно, но има и такви на кои им е навистина потребно да стекнат таква навика. Да се одморите од својот мобилен телефон, компјутер и други слични уреди можеби е исто толку важно како и да не се отиде на работа.

4. Уживајте!

Саботата би требало да биде врвот на седмицата за вас и за оние со кои ја празнувате!

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.