6. Биографија напишана однапред

6. Биографија напишана однапред

1. Христос препознат на Јордан

Библијата е биографија за Исуса Христа. Неговата слика во неа се наоѓала со векови пред неговото раѓање на земјата. Уште од првите страници на Библијата до нас допира одгласот на првото пророштво за Спасителот на светот. Бог ветил дека ќе дојде Човек, роден од жена, кој ќе му ја здроби главата на сатаната, „на старата змија“. Тоа ветување гласело: „Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата (1. Мојсеева 3,15). Но луѓето ја занемариле Библијата, ја загубиле Христовата слика и го измениле неговиот лик. Библијата го преткажувала Христовото доаѓање, но истовремено објавила дека, кога ќе дојде Тој, луѓето нема да веруваат во него: „Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се откри силата Господова? Зашто изникна Тој пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни убавина, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него“ (Исаија 53,1.2). Христос како стебленце и младо дрвце бил пресаден во тврдите и сурови човечки срца.

Но ништо не можело да го запре исполнувањето на пророштвото за Христа. Библијата вели:

„Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот.“

Проро­чкото време поминало и Христос се родил како што било објавено. Божјиот Син се родил во Витлеем, а пораснал во Назарет. Кога навршил триесет години, Тој го напуштил Назарет и се упатил на југ, кон реката Јордан. Тоа е почеток на новата ера во историјата на човештвото. Библијата вели: „Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да биде крстен од него“ (Матеј 3,13).

Кога Јован Крстител го видел Исуса, во него го препознал Божјиот Син. Вдахновен, тој извикнал: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1,29). Тогаш Христос рекол: „Нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Матеј 3,15). Правдата на законот кај Христа почнала со неговото крштавање, со симболичката смрт на гревот, а завршила со вистинската Христова смрт на Голгота за гревовите на светот. Тоа го барала Божјата правда. За да се спаси светот, Христос морал да биде Јагне кое ќе биде принесено на жртва за гревовите на светот. Пророкот тоа го објавил: „Како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја“ (Исаија 53,7).

Исус Христос не бил обично јагне од Божјето стадо. Тоа Јагне всушност е небесниот Лав, зашто така преткажало пророштвото за Христа: „Јудо, лавче мое мало! Од грабеж се издигаш, сине мој. Се наведнуваш и легнуваш како лав и лавица. Кој смее да те предизвикува?“ (1. Мојсеева 49,9). Била потребна храброст на еден млад лав за да се оттргне пленот од устата на ѕверот кој Библијата го нарекува сатана. Но била потребна понизност и кротост на едно јагне. Тоа луѓето го испуштиле од вид. Сепак Јован Крстител го препознал!

2. Препознат во Галилеја

„На другиот ден“, вели Библијата, Исус „намисли да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: ’Тргни по мене‘“ (Јован 1,43). Филип веднаш тргнал по Исуса. Какви биле тие зборови! Само едно „Тргни по Мене“. Па, сепак, Филип тргнал! Веднаш го засакал Исуса. Не можел, а да не ги послуша Христовите зборови. Пророкот преткажал: „Благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека“ (Псалм 45,2). Јагне Божје и Лав од Јуда во една личност! Дотогаш светот не го видел тоа.

Одушевен, Филип сакал да ја сподели својата радост. Барал некого. Библијата вели: „Филип го најде Натанаил и му рече: ’Го најдовме Исус, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваа Мојсеј во Законот и Пророците‘“ (Јован 1,45). И во Галилеја пророштвата на светите книги биле темел на верата во Христа. Знаејќи дека Месија треба да се роди „во Витлеем Јудејски, зашто така е напишано преку пророкот“ (Матеј 2,5), Натанаил одговорил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ (Јован 1,46). Но средбата со Христа го отстранила сомневањето.

Додека Натанаил пристапувал кон Христа, Христос му рекол неколку зборови. Зачуден, човекот прашал: „Од каде ме познаваш?“ Откако добил одговор, Натанаил извикнал: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израел!“ (Јован 1,48.49) Признавање при првата средба! Укажување на чест како на Божји Син, како на цар на Израел! На Јордан е наречен Јагне Божје, а во Галилеја цар на Израел. О, чудо! Но, како можел овој претпазлив и учен човек веднаш да го препознае Христа како Божји Син, како Бог во тело, како цар Израелов и цар на цел свет? Затоа што во пророштвата на Библијата Месија е преткажан како Бог, како „Оној, Кој ќе владее во Израел, и чие потекло е од дамнина, од вечноста“ (Михеј 5,1). Тоа пророштво се исполнило пред Натанаил кога Христос му открил дека го познава уште пред да се сретне со него, а тоа може да го стори само Бог! Христос му рекол: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов“ (Јован 1,48). Само Бог можел да го знае тоа. На Натанаила не му пречело што Царот Израелов дошол како Јагне Божје во скромна облека на еден Галилеец. Тој го знаел пророштвото што се согласувало со неговиот сегашен изглед: „Нема во Него ни убавина, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него“ (Исаија 53,2). Така Библијата се покажала како вистински водач. Таа Натанаила го довела право во прегратките на неговиот Бог и Спасител!

3. Свештениците го отфрлаат Христа

На свештениците и книжевниците им биле доверени Божјите зборови. Тие требало да бидат „светлина на оние што се во мрак“ (Римјаните 2,19). Но пророкот однапред видел дека наместо да ја палат, тие ја гаснат светлината. Затоа пророштвото прашува: „Зошто на памет ги кажуваш Моите одредби и со устата го спомнуваш Мојот завет? А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои?“ (Псалм 50,16.17). Свештениците го мразеле Христа поради неговата наука, а пророштвата ги фрлале зад грб. Тогаш дошле мудреци од незнабожечкиот Исток и ги усрамиле.

Мудреците од Исток верувале во пророштвото што го цитираме:

„Го гледам, но не е тоа сега, го посматрам, но не одблиску. Ѕвезда од Јаков се издига и жезол од Израел…“ (4. Мојсеева 24,17).

Незнабошците верувале, а свештениците на Божјиот храм не! Мудреците дури и го потврдиле исполнувањето на посоченото пророштво. Тие изјавиле: „Ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме“ (Матеј 2,2). Таа ѕвезда-водилка им укажувала на мудреците дека пророштвото се исполнило.

Во светата книга на Псалмите поглаварот свештенички е наречен грешник! Неверојатно! Да го наведеме тоа пророштво во целост: „А на грешникот Бог му вели: ‘Зошто на памет ги кажуваш Моите одредби и со устата го спомнуваш Мојот завет? А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои?‘“ Поглаварот свештенички навистина ги фрлил Христовите зборови зад грб кога ја искинал својата облека, слушајќи како Христос самиот се прогласува за Божји Син, и објавил: „’Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење! Како ви се чини?‘ А тие одговорија и рекоа: ’Заслужува смрт!‘“ (Матеј 26,65.66).

Пророштвата го продолжиле својот сигурен пат. По своето воскресение, Христос ги потсетил своите ученици: „О, безумни! Срцето ви е споро за да поверувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава? Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо“ (Лука 24,25-­27). Врз свештениците се исполниле пророчките зборови: „Но, како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш?“ (Римјаните 2,21). Токму поради зборовите и влијанието на свештениците народот толку бавно сфаќал дека Христос е Бог и Спасител!

4. Обичните луѓе го прифаќаат Христа

За Христа постоеле најразлични мислења. Едни зборувале дека е „Јован Крстител, други дека е Илија, а некои дека е Еремија или дека е еден од пророците“ (Матеј 16,14), а обичните луѓе го прифатиле како Божји Син, изјавувајќи: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог!“ (Матеј 16,16). Иако бавно ги сфаќале пророштвата, сепак, откако лично се осведочиле, тие кажале: „Господе, кај кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен, и ние поверувавме и познавме дека си Христос, Син на живиот Бог“ (Јован 6,68.69).

Некои рибари од Галилејското Езеро го прифатиле Исуса како Божји Син, а учените книжевници и свештеници го презреле. Зошто? Затоа што свештениците не само што ја мразеле неговата наука, туку и свесно ги затворале очите пред вистината. Христос им рекол: „Зашто, ако му бевте верувале на Мојсеј, и Мене ќе ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене“ (Јован 5,46). Потоа Исус му се обратил на народот и кажал: „Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“ (Лу­ка 16,31). Не може да се верува во Христа ако се отфрлаат пророштвата за Него.

Што напишал Мојсеј за Христовото доаѓање на светот? Тој рекол: „Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене – Него слушајте Го“ (5. Мојсеева 18,15). Но кнезовите и свештениците не послушале. Мнозина од народот пошле по нивните стапки и пропаднале заедно со нив. Затоа Библијата предупредува: „Не мнозина од големите луѓе се мудри и не се многу старците што можат да го согледаат она што е право“ (Книгата за Јов 32,9). Божјата реч, а не човечката, е мудрост на човештвото, и правдата не доаѓа од старците, туку од Бога.

Пророк Исаија преткажал за Христа:

„Затоа, Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануел.“

Емануел значи „Бог со нас“. Бог меѓу луѓето можел да дојде само преку чудо! Христос е и роден чудно! Но, пророкот не му се чудел на тоа. Божјето отелотворение останува вечна тајна! Христовиот живот и него­вите дела го покажуваат неговото вистинско потекло. Апостол Павле ја објаснува оваа тајна: „А, несомнено, голема е тајната на побожноста. Бог, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, виден од ангелите, проповедан на народите, веруван во светот, вознесен во слава“ (1. Тимотеј 3,16). И кога не би им верувале на пророците, би морале да им веруваме на нивните исполнети пророштва!

5. Библиските пророштва се темел на верата во Христа

Христос бил длабоко ожалостен поради неверството на свештениците и народните водачи: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте“ (Матеј 23,37). Сепак, таа необична Христова милост донела плод. Окоравениот фарисеј и фанатичниот борец против Христа, Савле, станал огнен христијанин и кроток страдалник за името Исусово. Осветлен од Христовата слава, во светлината на пророштвата тој го согледал Христа и веднаш го прифатил. Библијата вели: „И веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус дека е Тој Син Божји“ (Дела на апостолите 9,20). Како можел тоа да им го докаже на Евреите? ­Преку Библијата, изворот на секоја света вистина, „докажувајќи преку Писмата дека Исус е Христос“ (Дела на апостолите 18,28).

Библијата вели дека Бог „во старо време,… многу пати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците“. Потоа не можел повеќе да преодолее и да не ни го отвори потполно своето срце за да ни проговори во Новиот завет „преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1,1.2).

Целата Библија е напишан Божји повик до човештвото ­во Исуса Христа да го препознае Бога и Спасителот; таа е Божја објава дека Христос постоел од вечноста и дека со вера во Него човечкиот род може да го добие она што го загубил: вечниот живот!

Бог сторил сè што можел. И кога ништо повеќе не можел да стори за своите синови и ќерки на земјата, Тој се откажал самиот од себеси! Небото било восхитено со таа одлука. Бог ќе стане човек! И Бог, кој однапред знае сè, го зацртал патот по кој ќе помине неговиот Син на земјата. Ги забележал сите значајни точки на тој пат, од почеток до крај, и така настанал „планот“ на настаните во животот и дејствувањето на Божјиот Син на земјата. Сето тоа Бог однапред го објавил преку пророците, и таа објава се нарекува пророштво. Тоа има надземно потекло. Бог однапред знаел, на пример, дека „Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби“ (Матеј 2,13). Веднаш предвидел и излез од таа ситуација: во прегратките на Марија, својот Син ќе го испрати во Египет. Затоа пророштвото можело да каже: „Од Египет го повикав како Мој син“ (Осија 11,1).

Бог однапред видел дека сатаната нема да мирува сè додека не го убие Божјиот Син. Сатаната не сакал да ја пропушти приликата што му се укажала. Го наговорил Јуда Искариотски да го предаде Исуса. Бог однапред го знаел тоа, и пророкот објавил:

„Дури и пријателот мој, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена ногата против мене“ (Псалм 41,9).

Сето тоа Бог однапред го видел и го објавил. Но, за некои и тоа не било доволно. Библијата вели: „Иако толку чудесни знаци беше направил пред нив, тие пак не веруваа во Него“ (Јован 12,37). Своите очи ги покриле со рацете за да не видат, и своите срца ги скамениле за да не чујат. Ако верувањето е чудна работа, тогаш неверувањето е уште почудно. Јуда Искариотски можел да верува и да знае исто како и ние денеска.

Затоа Библијата предупредува: „Зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран кого ветрот го издига и растура“ (Јаков 1,6). Јуда се сомневал во Божјата реч. За миг сатанскиот ветер го подигнал, а потоа со сета сила го удрил во карпата на неверството и засекогаш го уништил. И на него се однесувале библиските предупредувања, но напразно: „Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не на Христос“ (Колошаните 2,8).

Во Новиот завет Библијата ги опишува Христовите дела и ја изнесува неговата наука. Нејзините едноставни описи на возбудливите и величествени настани од животот на Божјиот Син на земјата наполно се согласуваат со пророштвата дадени во Стариот завет. Исус Христос е роден во Витлеем, распнат на Голгота и во одреденото време вознесен на небото. Биографијата на Исуса Христа, напишана со векови однапред, станала стварност во животот и делата на само еден Човек – Исус Христос, точно и дословно, чудно и прекрасно. Евангелијата се Христов живот и наука напишана за да „поверувате дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име“ (Јован 20,31).

Кратка содржина на лекцијата

  • Библиските пророштва се Христова биографија напишана однапред со цел луѓето да го препознаат Христа и да веруваат во неговото божество.                      
  • Сите пророштва за Христа се исполниле точно и на време.
  • Христос постојано укажувал на пророштвата што се исполниле во Него.
  • Луѓето не можат да го запрат исполнувањето на Божјите пророштва.
  • Христос како Бог е без почеток, а како богочовек е роден во Витлеем.
  • Отелотворувањето на Исуса Христа се нарекува „тајна на спасението“ или на побожноста, и како такво останува несфатливо.
  • Христовото отелотворение и целокупниот негов живот биле во полна согласност со волјата на неговиот Отец.
  • И Стариот и Новиот завет еднакво се важни „сведоци“ за Христовото божествено пратеништво.
  • Библиските пророштва го преткажале безгрешното Христово зачнување, местото каде што ќе се роди, бегството во Египет, злобата на фарисеите и свештениците, Јудиното предавство, начинот на неговата смрт и воскресението, како и многу други подробности од неговиот живот, што не се спомнати во оваа лекција.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.