5. Така почнало злото
1. Зло на небото?
Во почетокот на животот на нашата планета првите луѓе знаеле само за добро. Кога Бог го завршил создавањето на нашиот свет, го погледнал светот и, му дал највисока оценка. Библијата вели:
„И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (1. Мојсеева 1,31).
Многу подоцна поетот Давид забележал: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае“ (Псалм 139,14). Неговиот славен син, исто така книжевник, поет и цар, го изнел своето мислење: „Само, ете, тоа го открив дека Бог го создаде човекот едноставен и добар.“ Но веднаш тажно додава: „Но, тој самиот си создава проблеми“ (Проповедник 7,29).
Додека светот сè уште бил млад, Бог, набљудувајќи ги луѓето од небото – од центарот на вселената – изјавил дека „сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“ (1. Мојсеева 6,5). Од каде таа пресвртница во начинот на мислењето и однесувањето кога Бог човекот го создал според својот лик и му дал највисока оценка? Кога настанало тоа време братската средба да се претвори во судир, братството во ривалство, љубовта во омраза и делото во злодело? Од каде злото? Кога Бог е добар и предобар, тогаш зошто не ја спречува смртта, зошто не го отстранува страдањето, несреќите и болката? До кога зло, злосторства и злосторници? До кога злоба и злобници? До кога несреќи и несреќници? До кога болест и болни, старост и старци, смрт и смртници?
За да ги расветли своите божествени тајни, Библијата често небесното го споредува со земното, невидливото со видливото. Така настанале нејзините прочуени параболи или споредби. Старозаветните писатели често зборувале во параболи, а и во Новиот завет исто така многу делови од Христовата наука се искажани низ параболи. Кога еднаш неговите ученици го прашале: „Зошто им зборуваш во парабола?“, Исус одговорил: „Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видат; слушаат и не можат да чујат, ниту, пак, разбираат“ (Матеј 13,10.13). Со помош на Божјето откровение да се подготвиме и со отворено срце да го согледаме вистинскиот предизвикувач на злото. Никој не може „да го чуе и да го разбере“ проблемот на злото ако не ја прифати Библијата како надземно Божје откровение. Единствено таа дава точен одговор на прашањата што ги мачат нашите души. Пророкот Езекиел, праисконскиот измислител на злото го споредува со тирскиот цар. Во негово време, древниот град Тир цутел на источниот брег од Средоземното Море и важел за еден од најбогатите трговски градови на стариот свет. Во описот што ни е даден за тирскиот цар, веднаш можеме да препознаеме едно извонредно небесно суштество од повисок ред – од невидливиот свет на ангелите. Зар во Божјата вселена постои само човекот? Зар постои само она што го гледаат нашите голи очи? Она што го напишал пророк Езекиел за тирскиот цар се однесува на почетокот на злото на небесните височини, на Луцифер, бившиот првак на небесните ангели: „Затоа што го издигна срцето свое и велиш: ‘Јас сум бог, седам на божји престол, во срцето на морињата‘, иако си човек, а не бог, го изедначуваш твојот ум со умот на Бога“ (Езекиел 28,2).
Еден светол ангел посакал да биде бог! По својата должност тој бил мошне близу до Бога, бил посветен херувим засолнувач. Но, наместо да го засолнува Бога, тој посакал да го отстрани! Зло на небесните височини! Толку високо што одвај може да се согледа дури и со највидовити очи!
„А во своето срце си велеше: ‘Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди… ќе бидам рамен на Севишниот‘.“
2. Луцифер, ѕвезда Деница, најсличен ангел со Бога
Луцифер бил славен водач на ангелските легии и почестен шестокрилен засолнувач. Него Бог го создал најсличен со себеси. Тој седел на светол престол. Сам Господ во Библијата за него вели: „Ти беше печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината. Ти беше во Едем, во Божјата градина; твоите облеки беа украсени со секакви скапоцени камења: рубин, топаз, дијамант, берил, оникс, јаспис, сафир, тиркиз, смарагд и злато… Ти беше помазан херувим – заштитник и Јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења“ (Езекил 28,12-14).
Сјаен како ѕвездата Деница на утринското небо, во прекрасниот спектар на боите на виножитото и прекрасните прелевања на зраците на скапоценото камење, тој бил поставен над сите ангели на небесната војска за да ги води нивните хорови во химните во кои се воспева добрината, силата и славата Божја! Со својата чест тој ја засолнувал Божјата чест и со својата чистота неговата светост. Бил слободен и совршен! Слободен да му служи на Бога или да не му служи, да сака или да мрази, да слави или да куди. Со раката на пророкот, Библијата ја отстранила завесата и ние стоиме неми – без здив. Го гледаме Луцифера како оди среде огнени камења, прекрасен и славен, но само до еден миг, до еден кобен миг: „Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, сè додека не се најде во тебе беззаконие“ (Езекиел 28,15). Со своето око Бог во него пронашол беззаконие, наречено зло или грев. Бог ги видел неговите најскриени мисли и му рекол на пророк Исаија да ни ги објави: „А во своето срце си велеше: ‘Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди… ќе бидам рамен на Севишниот‘“ (Исаија 14,13.14). Наместо со својата чест да го засолнува Бога, тој почнал да го клевети; наместо да го слави, почнал подмолно да дејствува, омаловажувајќи го неговиот углед и презирајќи ги неговите закони.
Највисокото што можел Бог некому да му го подари, му го подарил на Луцифер. Тој немал причина да биде незадоволен. Имал сè што можел да посака. Му останало уште само да посака да биде Бог. Токму тоа и се случило! Желбата за божественото место го исполнила со незадоволство. Библијата вели: „Се исполни со неправда и ти згреши“ (Езекиел 28,16). Надворешно сè уште било сè во ред, но внатре вриело насилство! Лукаво им ласкал на ангелите дека ним, како свети суштества, Божјиот закон не им е потребен и дека вистински би биле слободни дури тогаш, кога на Бога би му ја откажале послушноста. Тој толку вешто им зборувал, што неговите заклучоци ги прифаќале како свои; им рекол дека Бог е тиран кој не сака од ништо да се откаже во полза на своите приврзаници. Сепак, Бог на Луцифер му понудил прилика да го измени својот став – да се покае. Но, кога тој одбил да се понизи, бил лишен од славата и отфрлен од својата положба. Паднал, паднал во неповрат: „Но ти си соборен во пеколот, во дното на јамата“ (Исаија 14,15). Пророк Исаија со чудење зборува за падот на Луцифер. На трагичен начин тој ни го опишува преобразувањето на некогашниот херувим во зачетник на злото и гревот. Пророкот изјавува: „Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите“ (Исаија 14,12). Каков пад! Од ангел – ѓавол, од небото – во дното на јамата! Бог го создал како светол ангел – Луцифер, а тој ангел од себеси си создал ѓавол! Бил оборен на земјата и од неа направил пекол и место каде што луѓето ќе ги копаат своите гробишта.
Пророкот видел како ненадејно небесната хармонија ја прекинува една нехармонична нота. Луцифер изјавил незадоволство. Наместо чистата радост, се појавил немир, наместо љубовта – омраза… Без никаков повод и причина, настапила промена. Никаква бесправна акција од Божја страна, никакво Божје несовршенство и никаква немилост не ја предизвикале таа пресвртница. Неочекувано, Законот на љубовта бил погазен, слободата злоупотребена, послушноста откажана. Така се родило беззаконието, така се појавил гревот и злото со сите свои трагични последици…
3. Зошто Бог не го уништил веднаш Луцифер?
Природно е да се постави такво прашање. Но, одговорот веќе се гледа. Сè до бунтот на Луцифер против Бога, не се знаело за измама. Мислата за лага и полувистина не им биле познати на ангелските умови. И, природно, кога еден врвен ангел почнал да измамува, неговите жртви биле наполно неподготвени. Бидејќи до тогаш ангелите не знаеле што е зло или грев, Бог не сакал да го уништи првиот грешник на небото додека не се покаже сета стравотија на гревот и неговите ужасни последици. Требало да измине време и на Луцифера да му се даде можност да го покаже своето вистинско лице. Библијата вели дека тој е „човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8,44). Оставен е да живее и, што покажал? – Дека е крадец, убиец и разбојник. Христос за него рекол: „Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби“ (Јован 10,10). Уште од почеток Бог го знаел неговиот вистински карактер, но било потребно на сите вселенски жители да им се покаже дека сатаната би го убил и самиот свој Творец, кога за тоа би му се укажала прилика. И навистина, еден ден – пред големата еврејска пасхална сабота – тој ја искористил приликата што му се укажала и го убил Исуса Христа. Го убил со постепена смрт на римски крст.
Времето поминало. Денеска и земјата и небото упатуваат кон Бога сесрдни молитви да го отстрани злото и гревот од вселената. Бог решил да го уништи злото кога тоа наполно ќе биде разобличено и кога сите разумни суштества ќе сфатат дека гревот е причина за секое зло. Кога сатаната и сите негови дела ќе бидат уништени, злото никогаш веќе нема да ја подигне својата змиска глава. Бог ветил дека „Тој ќе стави крај на сè, ниеден противник нема повторно да се крене“ (Наум 1,9). Нема причина гревот да постои. Гревот нема оправдување. Негово вистинско име е пропаст. Насекаде сеел зло и смрт, но и самиот ќе биде уништен заедно со својот извор. А тогаш, кога ќе дојде часот за уништување на сатаната, на неговиот стравичен изум – на гревот и злото – и на неговите демони, на тие скитнички бандитски духови во вселената – тогаш, и праведните и неправедните, и светите и грешниците, и самиот сатана и сите демони, ќе ја признаат Божјата правда со зборовите: „Големи и чудни се делата Твои, Господе Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите! Кој нема да се бои од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Зашто само ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи се појавија Твоите праведни судови!“ (Откровение 15,3.4)
Од тој миг, па низ сета вечност, „нема повеќе да се слуша за насилство во земјата твоја, ниту опустошување и разурнување – во пределите твои“ (Исаија 60,18). Засекогаш вселената ќе биде слободна од гревот и злото.
„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика, и бара некого да проголта.“
4. Сатанското дејствување меѓу луѓето
Сатаната и неговите зли ангели се во состојба да прават натприродни дела, а потоа пред луѓето да ги поткрепат своите тврдења против Бога и неговиот Закон. Тие ги наведуваат луѓето да не веруваат дури и во самото постоење на лошите духови – на паднатите ангели. Но, не верувајќи во сатанското присуство на земјата, ние нема да го отераме од неа! Тој е тука! Во десеттата глава од својата книга, пророк Даниел опишува еден огорчен судир меѓу овој невидлив насилник и ангелот Гаврил: „Но кнезот на персиското царство ми се противеше дваесет и еден ден; но Михаил, еден од првите кнезови, дојде да ми помогне…“ (Даниел 10,13).
Овој свет станал сцена на драма што ја набљудува целата вселена. Побунета планета! Загубената овца од Христовата споредба! Секој што ѝ верува на Библијата, ќе верува дека постои сатана. Исус Христос рекол: „Го видов сатаната како падна од небото како молња“ (Лука 10,18). Пред тоа сведоштво на човекот му застанува здивот! Христос го видел падот на сатаната од небото на земјата. Тој го соборил од небото. Злосторникот е фрлен на земјата. Очигледно е дека тој не е суштество со два јарешки рога, туку создание со најблескотна небесна интелигенција. Апостол Јован во Библијата дава повеќе подробности за настанот што го наведува Исус. Тој вели: „И настана војна на небото. Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото“ (Откровение 12,7.8).
Отпаднатите ангели, на чело со сатаната, со измама ја зазеле оваа земја и на неа основале свое владеење. Со своето лукавство сатаната успеал да ги наведе Адам и Ева на грев и затоа Библијата нè предупредува да се пазиме од неговите измами: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5,8).
Сатаната не е во состојба да му наштети на Бога, ниту пак на Христа. Затоа тој се устремил против човекот кој е создаден според Божјиот лик, да го измами и во него да создаде свој сопствен лик – демонски. Ако човекот не внимава, тој може да го заслепи и да го стави под своја контрола. Тој се обидел да ги подјарми дури и Христовите ученици. Во таа прилика Христос рекол: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица“ (Лука 22,31). Христос се молел за нив и тие останале на негова страна. Сепак, еден од нив отпаднал. Тој бил Јуда Искариотски. Бил заслепен и го предал својот Господ за триесет метални сребреници. Иако до последен миг бил со Исуса, тој не се пазел од сатаната. Библијата вели: „И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него“ (Јован 13,27). Тој примил сатански дух. Така сатаната го навел да го предаде Исуса, а потоа да се обеси на дрво. Премногу доцна тој признал: „Згрешив, зашто предадов невина крв!“ (Матеј 27,4).
5. Можеме да се ослободиме од наклоноста кон злото?
Сатаната сите нас нè смета за свои робови; се смее на нашата мудрост, им се подбива на нашите одлуки да правиме добро, но се тресе и од најслабото дете кое коленичи на молитва. Молитвата нè приближува до Бога: „Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас… Покорете му се на Бога, а противете се на ѓаволот и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4,8.7). Ние не мораме да се согласиме да сториме зло. Библијата ни упатува трогателен повик кога вели: „Синко, ако те мамат грешниците, не попуштај“ (Мудри изреки Соломонови 1,10). Ако се определиме за вистината што е откриена во Библијата, тогаш силата на вистината ќе нè избави од робувањето на сопствената наклоност кон гревот. Христос рекол: „Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси… Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10,9.10). Ние се пазиме тогаш кога го слушаме Христа. Единствен добар пат е патот на Библијата, патот што е поплочен со Божјите заповеди.
Можеби и за вас ова е миг да се определите за ветувањата на Библијата. Силата на доброто е во Христовото име. Треба да го повикаме кога сме во искушение. Исус Христос е гаранција дека ќе победиме и дека ќе добиеме вечен живот.
Сега ни е познат изворот на судирот во животот. Борбата меѓу доброто и злото продолжува. На која страна ќе се определите вие? Ние се придружуваме кон Исусовата молитва за вас:
„Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме Ние… Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото“ (Јован 17,11.15).
Кратка содржина на лекцијата
- Бог не го создал ѓаволот. Најславниот ангел – Луцифер – со својата горделивост станал зачетник на гревот и така станал ѓавол.
- Луцифер, сега наречен сатана, во бунтот против Бога повел по себе една третина од ангелите. Тие се поразени и исфрлени од небото.
- Кога човекот згрешил во Едем, ѓаволот и неговите ангели веќе биле на оваа земја.
- Иде час кога сите луѓе и сите ангели, и добрите и злите, ќе се поклонат пред Бога и ќе признаат дека Бог е праведен и праведно постапува со гревот и грешниците.
- Ѓаволот е човеков непријател и со голема омраза тој се обидува да го уништи.
- Сатаната мрази сè што е добро и ја продолжува војната против Бога на оваа земја.
- Кога еднаш Бог ќе ја исчисти земјата од злото, гревот никогаш нема веќе да се појави.
- Единствено Исус Христос може да ни помогне да го победиме гревот во нашиот живот.
- Исус дошол да ни даде живот, а сатаната доаѓа да украде, да убие и да уништи.