24. Радосна вест за светот
1. Библијата – химна на вистината
За создавањето на нашата планета-земја, сонцето, месечината и ѕвездите Библијата кажува: „И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (1. Мојсеева 1,31). Бог „го создаде небото„ и „ѝ даде облик на земјата“, не за да биде пуста, туку „ја создаде за живеење“ (Исаија 45,18). Еднаш создадена за дом на човекот, таа требало тоа и да остане за сета вечност. Иако звуците на симфонијата на создавањето на светот ненадејно се прекинати со гревот, и земјата била покриена со проклетството поради човековиот престап, сепак Библијата зборува за нејзинo повторно враќање во нејзината првобитна слава и вечно постоење. Почетокот на светот почнал со песна, а Библијата е нејзин рецитал што открива дека повторно со песна, при новото создавање, ќе продолжи во вечноста.
Над новиот прекрасен свет на раскошен мир и живот без страв, силен хор од ангели, на даден знак, ја почнал вселенската химна „како во празничен ден“ (Софонија 3,18). Со разнежени срца и со восхитени погледи, сиот вселенски свет стоел простум додека „ликуваа утринските ѕвезди“ и додека „сите Божји синови извикуваа од радост“ (Книгата за Јов 38,7). Животот на човекот почнал со песна и музика. Прекинат е со гревот, но сепак, откако ќе заврши историјата на гревот и ќе биде исполнет планот на спасението, ќе биде радосно продолжен. Библијата ја пренесува радосната вест до светот, дека животот ќе продолжи, и дека сите што ќе го прифатат Христа за свој личен Спасител, по воскресението ќе го продолжат животот на новата земја на која нема да има никаква трага од проклетството и гревот. Уште од времето на апостолот Јован, па до ден денес Исус ни кажува: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол“. „И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 3,20.21; 21,4).
Гробната тишина поради првиот човеков грев станала неподнослива. Дали човекот ќе пропадне засекогаш? Отецот и Синот на божествениот Совет нашле решение. Пред сите небесни жители било објавено дека е пронајден пат за човекот да се ослободи од гревот, да биде спасен и повторно прославен. При првата вест дека човекот добил нова прилика да живее, небото затреперило од радост. Но, било објавено дека Божјиот Син ќе мора да умре за човекот кој решил да се побуни против Бога. Зар Божјиот Син да умре за човекот? Зар нема друг начин? Зар смртта на некој ангел не би била доволна? Восхитени од новите сознанија за Божјата љубов кон еден штотуку создаден свет што паднал, ангелите повторно ги зеле своите харфи и вселенските темели затрепериле од гласовите на распеаните ангелски војски кои од срце му благодареле на Бога. Човекот ќе биде спасен! Земјата вратена! Какви блескотни ноти за сјајните творци на небесната музика!
На сцената на вселенската трагедија на гревот, се појавил Божјиот Син, кој ќе го даде својот живот и ќе плати бесконечна цена за да го откупи човекот. Тој ќе ги земе на себе гревовите на луѓето, ќе го понесе крстот и ќе ја прими казната за човековиот грев, за да може на човекот да му ја даде чашата полна со Божји благослови и да му даде вечен живот. Невиниот ќе страда и ќе умре за на виновниците да им биде дадена нова можност, прифаќајќи го Христа за свој личен Спасител, да бидат ослободени од вината и да добијат вечен живот на новата земја. Тоа бил несфатлив чин на Божјето самооткажување:
„Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот, за да ги откупи оние што се под Закон, та да го примиме посинувањето“ (Галатјаните 4,4.5).
На небото се разлевала радосната вест за посинување на човекот! Бог ќе го даде својот Син за да го посини човекот! Законодавецот ќе се потчини на Законот! За да го ослободи човекот од осудата, самиот ќе биде осуден! Загледана во неизмерните длабини на Христовата љубов и понизност, Библијата извикнува од чудо: „О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта“ (Римјаните 11,33).
Радосната вест за Христовото доаѓање на нашиот свет била нов поттик да се збогатат небесните ризници со музика и поезија. Животот на небесата е исполнет со небесна песна, поезија, музика! Од небото, некои ноти на небесните песни се пренесени и во Библијата. Христовото раѓање е објавено со песна. Слегувајќи од небото на земјата, сјајните ангели сакале да видат дали благородниците и свештениците во Ерусалим го очекуваат раѓањето на Месија, Исус Христос. Но не нашле ниту двајца да поминуваат ноќ како пастирите кои „ноќеваа под ведро небо, бдеејќи над своето стадо“ (Лука 2,8). Надежта во раѓањето на ветениот Спасител на светот живеела само уште во верата на необразованите, но вистински пастири.
Чекателите на првото Христово доаѓање се пронајдени на пасиштата, надвор од Давидовото гратче Витлеем. Далеку од Ерусалим, тие не знаеле колку близу биле до небото. Затоа токму ним им се покажал „ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу“ (Лука 2,9). Тој ангел ги напуштил царските палати и свештеничките дворови и пристапил кон пастирите, смирувајќи ги: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лука 2,10.11).
Ѕвездата, која всушност била група небесни ангели, им се јавила на пастирите! Кога се прибрале и се привикнале на блескотниот сјај, нив ги чекало уште едно восхитувачко изненадување, зашто „одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: ’Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!‘“ (Лука 2,13.14).
Библијата е химна на вистината, а Христос нејзина наука, чест и достоинство, возвишеност и убавина, песна и музика! Со глас на невини деца и на восхитени луѓе, Библијата му пеела на Христа: „Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава во висините!“ (Лука 19,38). Исус е вистината која „нè прави поразумни од земниот добиток и помудри од птиците небески“ (Книгата за Јов 35,11). Библијата е Негов глас.
Песната и музиката на животот, прекинати со гревот, ќе продолжат кога ќе се реализираат зборовите на Христовиот завет со луѓето: „да бидат вашите денови и деновите на вашите деца… толку колку што небото ќе биде над земјата“ (5. Мојсеева 11,21).
2. Вест за небесните денови
Веста на Библијата е радосна вест за светот. Сите писатели на Библијата своите пера ги полнеле со поетското вдахновение од оваа „добра вест, од големата радост за сите народи“. Но нејзиниот последен писател, Јован, пророк и поет, самиот искусил дел од таа радост! Императорот Домицијан мислел да го замолкне пророкот и го заточил „заради словото Божјо и заради сведоштвото на Исус“ (Откровение 1,9). Но тој судија сигурно би се зачудил кога би можел да го види својот осуденик на свечениот прием кај Христа, кај Господарот над господарите и Царот над царевите!
Сам Господ Исус на својот, веќе стар ученик и апостол Јован, му се јавил како прославен Син Човечки и му дал небесна порака да ја пренесе на светот, пристапувајќи му со следните зборови: „Не плаши се! Јас сум Првиот и Последниот и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови и ги имам клучевите од адот и смртта. И така напиши што виде, што е и што има да стане по тоа“ (Откровение 1,17-19).
Јован не требало да се плаши од блескотот на огнените визии. Библијата на човечките души не им носи вести кои влеваат страв, туку вести на радост и мир. Апостол Јован почнал да ги чита тајните страници на иднината како да ја читал историјата. На обновената земја и новото небо, Христос ќе биде „како што сонцето сјае во полна сила“ (стих 16). Светлината што свети од Откровението е силен сјај на Библијата, срдечна средба на минливоста со вечноста.
Тој бил оној ист Исус од Јовановото Евангелие чиишто зборови Јован ги цитирал: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10,10). Својата книга Јован ја почнал и ја завршил со откровенијата што му ги дал Господ Исус Христос:
„И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе“ (Откровение 21,1).
Јован ја гледал стварноста што ние сè уште ја нарекуваме блажена надеж на светот. Тој видел како се исполнува молитвата која милиони луѓе сè уште ја праќаат кон Бога: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6,9.10).
Како на небото така и на земјата. Една волја и едно царство на еден Татко меѓу своите синови и ќерки, царство на граѓани, а не на вазали. Тогаш не само земјата што ќе биде на небото, туку и небото на земјата, зашто „светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него во векови“ (Даниел 7,18).
Човечките срца долго биле хранети со филозофски вести за мир и напојувани од празниот бунар на човечките декрети. Но тоа не може да ги задоволи копнежите на срцето, ниту да најде решение за неволјите и несреќите што го преплавувaле светот поради гревот. За сето тоа време Господ Исус Христос ни го упатува својот сочувствителен и сесрден повик: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши. Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11,28-30). Денес е време да ја земеме Библијата во своите раце и да одговориме на нејзиниот повик: „Сега да се стремиме да Го познаеме Господа; а Тој сигурно ќе дојде кај нас, како утрена зора, ќе ни дојде како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја натопи земјата“ (Осија 6,3).
Целата Библија е сигурна како што е сигурно осамнувањето на зората, и мугрите на Господовиот ден веќе се на повидок на земјата. Колку е сјајна ѕвездата Деница, ѕвездата на вистината! Полни се нејзините извори!
3. Добра вест, голема радост за сите народи!
Колку многу се разликува радосната вест на Библијата за среќна иднина на светот од предвидувањата на атомистите за можно самоуништување на човечката раса на планетата земја! Спротивно на тие предвидувања, Библијата зборува за планета на вечна правда, на вечен живот и мир: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда“ (2. Петрово 3,13).
Новото небо и новата земја „на кои ќе се всели правда“ значат таква коренита измена на нивните меѓусебни физички и духовни односи, што тоа со астрономскиот речник може да се спореди со неверојатна експлозија во вселената! Создавањето на тие нови односи Библијата ги опишува со сликата на вселенско создавање на Супер-Нови – ново небо и нова земја: „Тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори“ (2. Петрово 3,10).
Библијата е небесен звучник на земјата. Авторот на Библијата седи на небесниот престол и заповеда: „И Седнатиот на престолот рече: ’Ете, сѐ ново создавам‘“ (Откровение 21,5). Библијата потврдува:
„Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Тој, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Тој ја зацврсти, не ја создаде пуста, Тој ја создаде за живеење“ (Исаија 45,18).
Гревот донел проклетство на нашата земја и таа потполно се променила. Носејќи го низ вековите товарот на гревот, таа остарела и изветвила како необична стара облека. На нејзината некогашна зелена површина се познаваат оголени пустини и провалии на длабоки амбиси. Но претстои радосна измена не само на материјата, туку и на нејзиниот крој според небесните примери. За тоа Библијата зборува со нескриена радост: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал Земјата, а и небесата се дело на Твоите раце; тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветвеат како облека; ќе ги свиткаш како наметка, како облекло, и тие ќе бидат променети; но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да се свршат“ (Евреите 1,10-12). Од човекот Бог очекува да избере ново раѓање, а земјата повторно ќе ја создаде. И едното и другото е делo на Неговиот Дух. Тој плачењето го претвора во песна, „ќе ги направи пустините негови како рај и степите негови – како градина Господова; радост и веселба ќе има во него, славопои и пеење на песни“ (Исаија 51,3).
Пренаселените градови на светот, нивната загаденост и отровните испарувања, насилството и бедата, ќе бидат заменети со небесен град. Јован пишува: „Го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста променета за својот маж“ (Откровение 21,2). Тоа ќе биде таков град на младост и здравје, на полет и свежина, што „ниеден од жителите нема да каже: ’Болен сум‘; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите“ (Исаија 33,24).
Во вселенскиот оган, во кој „земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори“, ќе биде уништен и ѓаволот, зачетникот на гревот, кој „светот во пустина го претвори и ги разрушуваше градовите негови, робовите не ги пушташе по домовите нивни“ (Исаија 14,17). Со неговото исчезнување „ќе исчезне угнетувачот, ќе го снема пустошникот, ќе се истреби насилникот од земјата“ и „нема да прават зло и штета по целата Моја света гора“ (Исаија 16,4; 11,9).
На новата земја, каде ќе биде небесниот град Ерусалим и Божјиот престол, ќе има она „што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло“ (1. Коринќаните 2,9). Радосна небесна вест за луѓето: На земјата „ќе цути прекрасно цвеќе и таа сета ќе блика од радост“, зашто „ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее“ (Исаија 35,2.5.6).
На новата земја во вселената „смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21,4). Смртта ќе биде уништена, стравот засекогаш ќе биде закопан, жителите на обновената земја слободно ќе живеат „Волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол“ (Исаија 65,25).
За да можат жителите на новото небо и на новата земја навистина да се радуваат, „поранешните жалости ќе бидат заборавени… а поранешните нема повеќе да се спомнуваат“ (Исаија 65,16.17). На спасените ќе им биде дозволено да го пречекорат прагот на вратата на небото и да почнат да развиваат нови активности – „ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг“ (стихови 21. 22).
Тогаш мнозина ќе речат како што му рекла и царицата Савска на Соломона: „Но јас не верував на нивните зборови сѐ додека не дојдов и не видов со очите свои. И еве, ни половината не ми е кажано…“ (2. Летописи 9,6).
Ни половина не ни е кажано! Меѓу „сега“ и „тогаш“ постои вселенска разлика: „Сега гледаме како низ огледало, нејасно, а тогаш – лице в лице; сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознаам совршено како што и сум спознаен“ (1. Коринќаните 13,12). Стварноста ќе биде поубава од сонот! Зар верата не е составен дел на љубовта?
4. „Нема веќе да има проклетство!?“
Океаните не се за живеење! Радосна вест за морнарите – ветување дека „морето го немаше веќе“ – мориња на разделби, мориња на осаменост, на тага, очај… Морето нема веќе да ги разделува од нивните мили и драги. Низ новите мориња на новата земја „нема да влезе ниедна лаѓа со весла, ниту ќе премине голем кораб“ (Исаија 33,21). Превозните средства ќе бидат поинакви; тие со својата несфатлива брзина ќе надминат сè што за нив досега се чуло и мечтаело!
Робувањето поврзано со лаѓите со весла било едно од најтешките проклетства на стариот свет. Сите што биле протерани заради „Божјото слово“ како Јован преку море, или врзани за клупа под палубите на бродовите за пловидба во смрт, ќе се вратат „од непријателската земја…, твоите синови ќе се вратат во пределите свои“ (Еремија 31,16.17). Библијата има радосна вест: „И нема веќе да има никакво проклетство“ (Откровение 22,3).
Од своите темници, Христовите заточеници ќе излетаат „како птици… и од Асирија – како гулаби“, и Бог ќе ги насели во „домовите нивни“ (Осија 11,11). Морето ќе биде прво што по Господова наредба ќе ги врати неговите синови и ќерки потонати во морските длабини: „Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и гробот ги повратија мртвите свои, што беа во нив“ (Откровение 20,13).
Водата во новите езера ќе биде како „чиста река со вода на животот, бистра како кристал“, зашто излегува од „престолот на Бога и на Јагнето“ (Откровение 22,1). Блажените жители на новите реки, на езерата и полињата „со радост ќе црпите вода од изворите на спасението“ (Исаија 12,3). Христос и тогаш ќе биде Оној единствен како и денес, „како пастир ќе го пасе Тој стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Тој во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доилките“ (Исаија 40,11).
Христос е Радосна вест за светот – Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Свршетокот.
„Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите“ (Откровение 22,13.14). Христос лично го гарантира и „го сведочи ова“. Неговите последни зборови во Библијата се исто како и првите: „Да, ќе дојдам скоро!“ Зар да не му одговориме и да му појдеме в пресрет: „Да, дојди, Господи Исусе!“ (Откровение 22,20).
Кратка содржина на лекцијата
- Првобитниот Божји план за совршен свет што Бог го „создаде за живеење“ (Исаија 45,18) наскоро ќе биде исполнет.
- Христовото учење е „радосна вест“ за обнова на нашиот свет и за негово вечно постоење „колку што небото ќе биде над земјата“ (5. Мојсеева 11,21).
- Новото небо и новата земја ќе бидат дом на праведните и место на праведноста, дом во кој никогаш веќе нема да се појави грев.
- Ние не можеме да ја знаеме, ниту, пак, да ја замислиме сета слава и сите чудеса на светот и на животот што доаѓаат!
- На новата земја секој ќе се препознае во своето ново, небесно и преобразено тело. Секој ќе се препознае и себеси и своите мили.
- За безделници нема да има место во вселената! Библијата кажува дека спасените ќе градат куќи и ќе имаат свои градини, ќе живеат вистински живот, ќе јадат небесна храна и ќе се занимаваат со најразновидни работи и науки.
- Новиот свет ќе биде единствено, непрегледно царство без грев, без болест, несреќа, оскудица и без војни, зашто „поранешните жалости ќе бидат заборавени“ (Исаија 65,16.17).
- Со промената на сегашниот однос на копното и океаните во полза на копното, земјата повторно ќе стане рајска населба во вселената. На неа, на бреговите на прекрасните реки и на плодните полиња, во овоштарниците и во цветните градини, ќе цути живот.
- Оние што сакаат да станат граѓани на Христовото царство ги исполнуваат заповедите Негови „за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите“ (Откровение 22,14).